Вечерва во 19 часот, во Музејот на македонската борба, а во рамки на фестивалот „Златна лира – Фестивал на музичките уметници на Македонија“, ќе се одржи традиционалниот концерт на добитниците на наградата на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) од меѓународниот натпревар „Охридски бисери“.
Во првиот дел од програмата ќе настапат Ѓорѓи Димовски – саксофон и Маја Божиновска – пијано, со дела од Роберт Муцински, Роже Бутри, Томислав Зографски, Александар Глазунов и Алфред Дезанкло. Во вториот дел ќе следува рецитал на Андреј Шаклев – пијано, со дела од Ј. С. Бах – Ф. Бузони, Фредерик Шопен и Сергеј Рахмањинов.
Како што се наведува во најавата за концертот, тој претставува дел од годишната програма на „Златна лира“ и има цел да го истакне уметничкиот потенцијал на младите македонски музичари и да обезбеди континуитет меѓу музичкото образование и професионалната сцена.


































