На 8 ноември, во салата „Јане Сандански“ во Скопје, концерт ќе одржи познатиот гостиварски бенд „Ареа“. Тие публиката ќе ја забавуваат со песните од нивниот албум „Врати на имагинација“.
„Кога се обидувавме македонската музика да ја дигнеме на највисоко можно ниво, тука „Ареа“ и уште неколку музичари имаат голема улога. Ако направиме некој пресек, мислам дека без никаква дилема „Сите мои слики“ е најголемиот македонски хит во независна Македонија“, рече Милошески, сопственикот на „Авалон“.
На концертот ќе се промовира реизданието на албумот „Врати на имагинација“ на плоча, а сите кои ќе ја купат, ја добиваат потпишана од членовите на „Ареа“.
Ивица Брчиоски, сопругот на вокалистката во бендот Ружица Брчиоска, кој заедно со неа ги напишал хитовите на бендот, рече дека имаат млади членови во групата.
„Во денешно време е многу потешко да добиеш публика и ако создаваш квалитет, зашто тој се мери според прегледи на дигиталните музички платформи или социјалните мрежи“, рече Брчиоски.
„Денешните млади не го знаат концертот како форма. Оделе на забави и мислат дека тоа е концерт. Затоа ми е драго што учат дека постои свирење во живо, учат како звучат бас, гитара, тапани, клавијатури и пеење во живо“, додаде пејачката на „Ареа“.
Таа рече дека тие како бенд имаат околу 20-30 настапи годишно, за што Милошески кажа дека е одлична бројка.
Гостин ќе биде младиот пејач Јанг Дади, кој гостува во новата верзија на хитот „Очи ангелски“. Билетите за концертот се продават онлајн преку мрежата на „Авалон букинг“.


































