„Мајка“ на Теона Митевска награден на филмски фестивал во Токио

Филмот „Мајка“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска, инспириран од животот на Мајка Тереза, ја освои наградата за уметнички придонес на 38. Меѓународен филмски фестивал во Токио. Сценариото е изработено од Митевска , Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ.

Инаку, филмот „Мајка“ својата премиера ја имаше на Венецискиот филмски фестивал, на отворањето на програмата Хоризонти и следи седум дена од животот на Мајка Тереза во 1948 во Индија, со сите душевни премрежиња што ги имала додека чекала одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Во него е прикажана и битката на жената помеѓу слободниот и животот посветен на Бога.
Мајка Тереза ја игра шведската актерка Номи Рапас, Никола Ристановски го игра отец Фредерик, а Силвија Хокс сестра Агнешка.

Директорка на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија, сценографијата е на Вук Митевски, а прв асистент на режија е Јане Ќортошев.

„Мајка“ е на пошироката листа од која ќе се бираат номинации за Европските филмски награди. Академијата соопшти дека 67 долгометражни филмови конкурираат за можна номинација за Европските филмски награди, за кои гласаат членовите на Европската филмска академија. Во тој избор се 44 играни, 15 документарни и осум анимирани филмови. Триесет и осмото доделување на наградите, познати како европски Оскари, ќе се одржи на 17 јануари 2026 во Берлин. Номинациите ќе бидат објавени на 18 ноември.

На Филмскиот фестивал во Хаифа, Израел „Мајка“ доби специјално признание во интернационална конкуренција.

фото – sdk.mk

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.