Во Галеријата на Школата за архитектура при Аристотеловиот универзитет во Солун, беше отворена архитектонската изложба „Иднината како проект: Доксијадис во Скопје“ (The Future as a Project: Doxiadis in Skopje), проект од национален интерес во културата за 2025 година.
Изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ има за цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за обновата на Скопје. Во нејзиниот фокус е улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер – Константинос А. Доксијадис.
Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од страна на Обединетите нации, кои го водат процесот за обнова на Скопје. Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија, нивните извештаи, деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, размислувањата…, сето тоа придонело во изработката на Основниот план за обнова на Скопје.
Седум години од првото претставување во музејот Бенаки во Атина преку голема изложба, конференција и публикација, и две години по одржувањето изложбата во Музејот на современата уметност во Скопје, истражувањето „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ беше претставено во Солун.
Авторскиот тим на проектот го сочинуваат Владимир Десков Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос, заедно со соработниците Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Кристос Георгиос Критикос.
Изложбената поставка ќе биде отворена за јавноста до 23 декември, 2025 година.
фото: еМагазин



