Вечерва започнува 47. издание на Мајските оперски вечери

1390

На вчерашната Прес конференција во МОБ  официјално беше најавен почетокот и содржините на оваа најголема оперска манифестација кај нас. „  Свеченото отворање ќе биде вечер ( 9 мај) а фестивалот трае до 31 мај. За време на фестивалот се изведуваат некои од најубавите оперски претстави, како и една балетска претстава а учествуваат реномирани домашни и светски режисери, диригенти, кореографи, оперски и балетски солисти.

Оваа година, 47 Мајски оперски вечери свечено ке се отворат на 9 мај и ќе се затворат со премиера на Аида, магичното ремек дело на Џузепе Верди на 31 мај. Спојот на традицијата со визуелната иновација, футуристичката виртуелна сценографија ќе ја одведат публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта. Италијанскиот диригент Енрико Довико ја има честа да ги отвори Мајските оперски вечери со премиерната изведба на Аида во продукција на Театарот Карло Феличе од Џенова, Италија. Режијата ја пренесува и адаптира Дејан Прошев, кореографијата е на Луиза Балдинети додека асистент кореограф е Саша Евтимова. Во главните улоги ќе настапат Благица Поп Томова како Аида, Амади Лага (Франција/Тунис) како Радамес, Ирена Кавкалевска како Амнерис и Борис Трајанов како Амонсаро. Улогата на Рамфис ке ја толкува Владимир Саздовски, додека во улогата на фараонот ќе настапи Евгениј Станимиров од Бугарија.

Лебедово езеро на Петар Илич Чајковски, бисерот на балетската уметност, легендарниот и еден од најубавите балети во класичната уметност ќе биде изведен на 12 мај. Во улогата на Одета и Одилија, белиот и црн лебед  ќе настапи Маја Махатели од Грузија, додека во улогата на принцот Зигфрид ќе настапи Артур Шестериков од Русија, двајцата првенци на Холандскиот национален балет,   со голема балетска кариера. Во улогата на Ротбарт ќе настапи Давиде Буфоне од Италија. Диригент е Бисера Чадловска, кореографијата е на Виктор Јаременко од Украина, сценографијата на Андреј Злобин додека костимографијата е на Гана Ипатиева. Националната првенка на Хрватска Ирена Пасариќ, како главен репетитор и педагог, задолжена е за подготовките и пробите на балетскиот ансамбл.

На 15 мај  ќе биде изведена операта Лучија од Ламермур на Гаетано Доницети. Диригент е Најден Тодоров од Бугарија, режијата е на Лев Пулиезе од Италија, костимограф е  Марија Пупучевска. Во главната улога како Лучија ќе настапи првенката Ана Дурловски која што бележи успешна светска кариера. Италијанскиот баритон Франческо Вултаџо, добитник на многубројни интернационални награди ќе настапи во улогата на Енрико, додека во улогата на Едгардо ќе настапи Ифрим Космин од Романија, кој со својот полн и обоен тенорски глас бележи настапи на многубројни престижни оперски сцени и театри низ светот. Во улогата на Рајмондо ќе настапи гостинот од Србија Иван Томашев, солист на Националната опера во Белград,  а во улогата на Артуро Марјан Николовски. Марика Поповиќ и Јане Дунимаглоски ќе ги видиме во улогите на Ализа и Нормано.

На 15 мај , па се до 31 мај, во делот најавен како офф програма, од 19 часот , ќе биде поставена изложба во чест на примадоната и еден од основоположниците  на оперската уметност  во Македонија, мецосопранот Ана Липша Тофовиќ. Проектот се реализира на иницијатива и со финансиска поддршка од Матицата на иселениците од Загреб, Советот на македонското национално малцинство на Град Загреб и Заедницата на Хрвати во Република Македонија кој се однесува на афирмација на истакнатата музичка уметница Ана Липша Тофовиќ од Република Хрватска која со своето дејствување заедно со еминентни театарски уметници од Загреб придонесе до втемелувањето на културната соработка помеѓу двете земји. Проектот има за цел да ги презентира на јавноста животните стории и фрагментите од дејствувањето на Ана Липша Тофовиќ во овие простори преку изложба на нејзините предмети, фотографии, костими, плакати и се што е зачувано.

До крај на програмата ќе биде изведена операта Риголето на 18 мај, 20.мај ќе биде офф програмат , 22 мај вечер со Боеми а на 28 мај со Травијата.

Како и секоја година Фестивалот ќе заврши со Аида но во друга поставка на 31.мај.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.