Мамо, најди ми раскажана лектира! Спаси ме да не читам !

73

Често пати како човек од перото, кој пишува и работи со деца, држи часови по креативно пишување, сум се сретнувала со барања од родители од типот: Пишувате ли за пари есеи ? Може ли да му раскажете три книги на син ми? Колку треба ќе платам.

Деновиве ја прочитав конструктивната реакција на наставникот од Прилеп и потполно го подржувам. Праксата да се најде раскажана книга/лектира, станува секојдевие а родителите ја прифаќаат улогата на “спасители“ на своите деца од читање, а не знаат дека им прават најголема штета.

Кога сум им велела, ајде ќе им одржам час-два и ќе пишуваме заедно или пак ќе ја читаме заедно и ќе  разговараме, одговорот на “грижливите“ родители било :“Нема време толку, сега во вторник му треба, ај раскажете ја или напишете есеј па ќе ви платиме“. И тука од моја страна завршува разговорот.

Не сакајќи да им судам за нивниот негативен однос што го наметнуваат со тоа што ги поттикнуваат децата на “нечитање и самостојно изразување“, коментарите од моја страна изостанувале. Денеска кај мене се појави и револт и тага. Зарем нема вие “грижливи“ родители да ги поттикнете вашите деца да прочитаат книга/лектира. Зарем не сакате да осознаат нешто ново, да запознаат некој нов писател/ка, да се соочат со некои непознати доживувања? За сметка на тоа поминатото време покрај лап топ или на мобилен телефон е многу поважно?

Е сега, тука има многу општествени и социјални моменти кои се испреплетени. Од она, што дека ќе знае кога тука не се цени а за надвор само ИТ треба да знае. Од тоа дека: што треба да губи време за нешто што нема да му користи. И се натака…во оние од дното дојдени ставови кои целокупниот општествен, образовен и културен систем, каде се цени површноста и незнаењето ги наметнува, па читањето книги стана непотребна активност наместо да е првична, најважна и основна во развојот на децата и младите.

Колку читањето е корисно не треба да пишувам, едноставно се знае, но колку вредностите се изместени, едноставно е поразително и сеприсутно.

M-р Татјана Гогоска

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.