Сите картотеки кои постојат во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, се дигитализирани и сочувани за наредните генерации

51

Сите картотеки кои постојат во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“,  се дигитализирани и сочувани за наредните генерации.

„Срцето на македонскиот идентитет – дијалектите, во дигитална форма стигнаа во 14 водоотпорни и огноотпорни куфери од Архивскиот дата-центар „Инбокс“ (Inbox) до Институтот за македонски јазик. Тие се зачувани и се на безбедно место во наредните 500 години“ а  “дигитализацијата на сите картотеки е целосно завршена – до последно ливче“.

„ Од областа на историјата на македонскиот јазик картотеките се битни затоа што тука имаме дигитализација на стари документи од кои имаме и некои што потекнуваат од 14, но и од 16 век. Потоа дијалектолошките картотеки ни се битни бидејќи имаме материјал од сите дијалектни македонски подрачја. Значи и од егејските и од пиринските говори, но и од централните. Битни се затоа што се случува, на некој начин, изумирање на народните говори. Стандардниот јазик е тој што полека преовладува кај младите генерации. На овој начин, тие стануваат зачувано народно богатство. Картотеките од лексиколошкото одделение, пак, се битни затоа што тие ни се основата за Толковниот речник на македонскиот јазик и за електронското издание на речникот од минатата година. Потоа речникот на народната поезија, од кој што се произлезени веќе четири тома и очекуваме да излезат и останатите, потоа речникот на народната проза… Во картотеката на толковниот речник се сите македонски автори од почетокот на 20 век, па наваму, па дури и од доцните години на 19 век, бидејќи и тоа се води како современ македонски јазик. И таа можеби е и најбогатата картотека од сите што ги имаме. Ова е истовремено и зачувување на македонскиот јазик и историја. Сега имаме и еден проект од народната проза на којшто се работи. Ономастичките картотеки се за нас исто така исклучително битни затоа што тука е целото богатство на сите населени места, на сите месности, на лични имиња, презимиња. Тоа е всушност историјата на целиот македонски народ и на целиот македонски јазик“- се зборовите на директорката на Институтот Елена Јованова-Грујовска.

Според информациите дигитализацијата траела една година а резулттите се долготрјни. Благодарение на проектот за дигитализација на картотеките на Институтот, документите веќе нема да се чуваат во кутии и во плакари. Вработените и научниците нема да имаат потреба рачно да ги листаат картотеките, туку ќе си ги симнуваат од компјутерски фолдери.

„Проектот опфаќа дигитализација на повеќе од пет милиони оригинални записи“ а е спроведен  од Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за култура, со цел адекватна заштита и унапредување на македонското културно наследство, а за него се издвоени пет милиони и сто илјади денари. Од страна на фирмата „Инбокс“, пак, е работено на скенирање и архивирање на ракописите на македонскиот јазик собиран со децении на терен.

Картотеката располага со стотици илјади зборови од стари ракописи пишувани со векови во македонските цркви и манастири, неколку милиони ливчиња со зборови што се користат во секојдневното зборување на македонскиот народ, односно дијалекти карактеристични за над 400 населени места. Во документите се и стотици илјади ливчиња со запишани имиња, презимиња и прекари на Македонците, како и имиња  на населени или ненаселени места – топоними. Преку проектот се дигитализирани и милиони ливчиња со македонски зборови од стандардниот и од народниот јазик, кои имаат едно или повеќе значења.

„Дигитализирани се 12 збирки, од кои излегле околу 4,5 милиони страни. Збирките се дигитализирани на микрофилмови, сместени во куфери, кои штитат од вода, прашина и од пожар, и кои ќе овозможат заштита без разлика на просторот каде се чуваат“, стои во информацијата.

Трајно и вредно за почит наследтство.

(Т.Г)

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.