27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавањето на жртвите на холокаустот

Со отворање на изложба од Јад Вашем од Израел, со наслов „Аушвиц – место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“, во присуство на многубројни гости, членови на еврејската заедница, дипломатскиот кор и претставници од научно-академската сфера, денеска во просториите на Македонското МНР, беа одбележани 80-те години од затворањето на ова место на смртта.

Фотографиите од Аушвиц, претставуваат единствена досега позната визуелна документација за процесот на собирање и селектирање на Евреите, кои биле депортирани во Биркенау. И по 80 години од ослободувањето на овој злосторнички камп во окупирана Полска, каде што, поради неразумните замисли на нацистите , било спроведувано  истребување  најмногу на Евреите но и на Ромите и на други етникуми и поединци и групи кои биле на злогласниот список на смртта на нацистите.

Почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи, кои во 1943 година биле присилно депортирани им беше одадена денеска. Македонија како полноправна земја членка на ИХРА и македонската Влада остануваат цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на холокаустот. Се нагласи и потребата од  доследна едукација на младите генерации за холокаустот како би можеле, како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.

Секогаш и во секоја форма средбата со т.н. “индустриски погон за убивање на луѓе“ е своевидно душевно и умствено потсетување на едно големо зло во Европа, кое не би требало никогаш, никаде и никому да се случи.

Деновиве ја прочитав книгата “Тетовирачот од Аушвиц“ од писателката Хедер Морис, која 20 години работела на создавање на ова дело. Импозантната историска приказна за една надчовечка храброст и верба за преживување, на главниот јунак Лале и неговата љубов Гита. Во годините по ослободувањето на Аушвиц, успеале да ги остварат своите соништа, далеку од родната земја Словачка, во прекуокенската Австралија.

Во Аушвиц, најголемиот концентрационен логор во нацистичка Германија, животот го изгубиле околу милион и 300 илијади европски Евреи.

Денеска во Аушвиц преживеаните од овој логор на смртта, 80 години подоцна со свеќи и положување венци им оддаваа почит на убиените.

 

Татјана Гогоска

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.