Грандиозниот проект „Големиот Чајковски“ ќе го отвори годинешното 61-во „Охридско лето“

407

Националната опера и Балет на Република Македонија свечено  ќе го отвори 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид со проектот „Големиот Чајковски“.

Спектакуларниот проект ќе ја донесе балетската  трилогија  со најубавите дела на рускиот композитор Петар Илич Чајковски,   „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“.

На сцената на Античкиот театар ќе излезат над 90 уметници, балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од  диригентската палка на маестра Бисера Чадловска.

Најавувајќи ја годинешната фестивалска програма, директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ,  рече дека годинава, и покрај тоа што сѐ уште трае здравствената криза, фестивалот ќе се одржува во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август.

-Ќе настапат околу 500 уметници од 18 земји, Србија, Холандија, Словенија, Русија, Бугарија Косово, Германија, Хрватска, Турција, Франција, Италија, Чешка, Романија, Грција, Црна Гора, Белгија и САД како и уметници од Република Северна Македонија. Што се однесува до уметничката програма, можам да најавам врвни концерти со познати светски имиња но приоритет им дадовме на нашите македонски уметници кои имаат светска слава, нашите национални оркестри и театарски куќи. Врвни домашни изведувачи ќе настапат со светски познати имиња во прекрасната Света Софија. Нивниот спој уште еднаш ќе го потврди Фестивалот „Охридско лето“ како е еден од најголемите промотори и афирматори на врвната уметност. И љубителите на театарот годинава ќе имаат прилика да уживаат во квалитетни театарски креации од земјава и надвор од неа, истакна Поповиќ.

-Во време кога сите обединети се справуваме со пандемијата, во време кога здравствените работници се нашите херои, одлучивме  концертот „Танец и Ладо под ѕвездите“ на Н.У. Ансамбл за народни игри и песни „Танец“, Македонија и Ансамбл на народни хрватски  игри и песни ЛАДО, Хрватска кој е на програмата на 28 јули на Античкиот театар,  да биде од хуманитарен карактер. Средствата од влезниците ќе бидат донирани во здравството. Со тоа ќе покажеме дека сите сме заедно, сплотени, во борбата со коронавирусот но и ќе оддадеме благодарност за сѐ она што го прават медицинските лица, соопшти Поповиќ.

Селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ , Даница Стојанова,  најави дека  музичката програма годинава ќе донесе 34 концерти  со врвни уметници од кои два ќе се одржат во рамките на офф-програмата. Таа  нагласи дека  Програмата за 61-то издание е подготвена и предадена во Министерството за култура уште во септември минатата година, и како што појасни,  речиси немало никакви измени.

Драмската програма на фестивалот, годинава ќе донесе над сто театарски работници кои ќе понудат квалитетна и атрактивна програма, најави селекторот на драмската програма на „Охридско лето“, Александар Поповски.

-Оваа година програмата е составена од она што домашната продукција успеа да го создаде во овие специфични услови во кои мораа да работат тетарите  како и од двете најголеми театарски куќи од Србија,  Српско народно позориште од Нови Сад и Југословенско Драмско Позориште од Белград. Сосема сум свесен за ситуацијата во која се наоѓаме и за разликата помеѓу желбите и она што е реалност. Сметам дека треба да го славиме секој изговорен збор од сцените, секој гест, ској аплауз. Мислам дека ако нешто можеме да научиме од оваа ситуација е тоа колку многу е важно она кое го работиме и колку силно мораме да го чуваме она што го нарекуваме театар, изјави Поповски.

-Започнуваме со домаќинот,  Охридскиот театар, кој со својата претстава „Крик за љубов“ од Жозиен Баласко во режија на Љупчо Ѓоргиевски, ќе се претстави пред публиката во нивната матична куќа.

Во рамките на офф-драмската програма, на трети август е предвидено да настапи познатиот српски актер Иван Босиљчиќ кој ќе рецитира  одбрани дела, а ќе долови и стихови од великанот на македонската култура Блаже Конески токму во годината која е прогласена за „Година на Конески“.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.