ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО ДИНКО НЕНОВ, УМЕТНИК ОД СОФИЈА: Во керамиката како и во џезот, има слобода, креација и љубов!

80

Разговараме со многу познат, признат, плоден и продуктивен бугарски уметник, кој деновиве го посети и Македонскиот центар во Софија.

Ние се запознаваме на поетското читање во Нишвил, ова лето, на Нишвил jazz & book’s session, каде уметникот имаше многу убава симпатична изложба од само неколку впечатливи колоритни, но мошне интересни апстрактни слики, кои веднаш го привлекоа вниманието на присутните поетеси и поети од цел Балкан.

*Господине Ненов, да Ве претставиме најпрво, Вие доаѓате од Пловдив Бугарија, поточно од Софија каде живеете и работите. Во Вашата држава сте член на Друштво на ликовни уметници на Бугарија, исто така членувате во повеќе други еснафски друштва, но и во Друштвото на ликовни уметници на Битола и на ликовни уметници во Охрид. Широка лепеза на членство.

– Јас сум член на Бугарската академија на науките и уметностите, новинар сум и членувам и во Здружението во Софија и имам искуство со водење емисии за музика на Националната бугарска телевизија. Во таа емисија имаше теми за култура, образование и музика. Во рамките на таа програма јас водев во студио 40 минути музички теми.

*Што сте по образование?

-Студирав уметност во Пловдив, потоа работев во театарот и во операта, во кино центар и потоа завршив ликовна академија во Софија. Работам најчесто со керамика, стакло, пластика и порцелан. Често патувам во странство со моите дела и примам и награди. Имам и награда добиено во градот Паенца во Италија, имам добиено награда и во Јапонија. Имам над 60 самостојни изложба низ цела Европа и пошироко. Минатата година имав изложба и во Англија.

(Со посетители на изложба)

*Сликарството е традиција кај семејството Ненов?

– Едниот син ме наследи, но ќе се зачудите, тој свири џез но пред сѐ прави музички инструменти од стакло како уметнички изработки, и има препораки од многу џезери кои можат да свират на тие инструменти. И тој и јас сме многу поврзани со џезот, џезот е мојот стил на живот и се движам на такви места, сакам во живо да го доживеам џезот.

*Каде се инспирирате за Вашата уметност?

-Се инспирирам од самото место од овие мои движења натаму наваму, а и од џезот исто така – тоа е музика за разни светови. Многу сакам модерен џез тоа ме прави инспиративен. Во умерноста керамиката ми е пред сѐ, а и стаклото е живописен материјал. Јас не го замислувам моделот предвреме, почнувам да работам и во моментов сам си доаѓа.

*Околу Вашата уметност, забележав дека различни тематики пренесувате во Вашите слики.

-Правам доста и портрети и карикатури. Ја сакам и карикатурата како облик и имам и награди и за тоа.

*Што и кого најчесто исмејувате со Вашите карикатури? Имате проблеми поради тие карикатури во смисла на саботирање, во смисла на директни напади и опструкции?

-Да, имав многу. Но нештата ги претставувам на таков начин сите да бидат задоволни, тоа е малку како хумор. Ја обожавам смислата на постоењето на хуморот. Правам хумор со карактери на луѓе, со погрешни работи и постапки. И самиот сакам да бидам таков карактер, кој засмејува. На Нишвил на тврдината во Ниш имаше врзано едно магаренце кое го повикував кај мене. Тоа магаре не ми се даваше, инает, во еден момент и тоа дојде да ме подушка, кога осети дека и јас сум инает и не се давам тоа самото дојде. И направив штос, се фотографирав со него, магаренцето веднаш се промени. Многу пати луѓето се караат, но нештото штом дојде до хумор тие стануваат пријатели. Хуморот ги омекнува нештата. Хуморот е нешто убаво. Човекот живее на тој начин.

*Ние на балканскиот полуостров често знаеме хуморот да го сфатиме навредливо, тенденциозно и да направиме проблем дури и од обична шега.

– Тоа е веќе интелектуално право на секој човек. Хуморот секој човек да го разбере на различен начин. Знаете, се занимавав и со проценување човек/ личности и тоа ми дава можност да направам успешен хумор.

*Апропо хуморот, ја слушнавте песната “Не сум Бугар” изведена на Нишвил од “Грбаве Танге” кои ја објаснија и приказната како се создала?

– Јас го поздравив тоа. Им реков- вие направивте уникатен анерграунд, ми ја наполнивте душата.

* Но текстот може да се сфати и како националистичка провокација.

-Може. Но јас го сфатив како хумористична песна. Имаше вистина. Кога има вистина која оди во некоја критичност, треба во себе да се замислиш зошто е така и ако е погрешно, да го подобриш.

(Во македонскиот КИЦ во Софија )

*Рековме дека имате одлична соработка со Македонија и македонските уметници. Вие сте биле и добар пријател со господинот Љубиша Георгиевски, еминентно режисерско име кај нас, меѓутоа и како дипломат оствари добра кариера.

– Ме покани на неговиот фестивал во Прилеп кој беше интернационален, “Војдан Чернодрински” и имавме соработки. Тој беше амбасадор во Софија и фактички така се запознав со него. Мојата керамика беше изложена во самиот конзулат каде ја оставив, а потоа и му ја оставив нему. Не знам дали сѐ уште е таму, веројатно тогаш и си ја понел. Тој беше врзан со театарот, а јас имав работено во театарот во мојот град Пловдив други театри, пред тоа се имав едуцирано за театар, потоа почнав да работам во музичкиот театар во Софија и во Центарот и некако тоа нас нѐ зближи многу. Ние посакавме и така направивме, еден мост на пријателство за мене и за него, и преку мост тој ме запозна со луѓето од Културниот центар на Македонија. Потоа ме поканија на колонија во Струмица и на други места, а во еден момент и ме нарекоа и македонски уметник. Интересно беше со тој човек, беше советник со добри совети. Сега сум веќе сум член на Друштвото на ликовни уметници на Битола каде има многу добри уметници и многу добри луѓе. Во Битола ми се допаѓаат архитектурните градби и мозаиците, а и во Бугарија има мозаици. И таму направив една врска меѓу Родопите и Пловдив, преку моја изложба. Имам многу пријатели во Битола, Скопје, Охрид… Потоа да споменам дека сум учествувал и на многу други колонии во Македонија. И во Белчишта бев на колонија каде за нас се грижеше еден прекрасен човек. Сум бил и во Куманово. Сум бил и во Домот на културата во Ресен каде има изложба на мојата драга Кераца Висулчева која беше моја прва и драга професорка.

(Со Зоран Бајиќ Бајо во Нови Сад)

*Како дојдовте во Нишвил?

– На Нишвил сум по покана на еден фантастичен организатор и докажан во тоа што го работи, господинот Зоран Бајиќ Баја, со кого формиравме Српско- бугарско друштво на соработка, а фестивалот е на едно навистина светско ниво.

*Верувам не сте по прв пат јас барем така Ве доживеав. Дали како фестивал Ви ги даде потребните услови и онаа посакувана шанса да се претставите вистински колку што заслужувате?

– Јас бев во месец април во Културниот центар во Ниш и ѝ ја покажав на нашата амбасадорка мојата изложба. Од таму дојде и поканата за Нишвил, каде годинава имаше многу изложби по повод 30 годишнината од фестивалот. Се сретнав и со главниот директор на фестивалот, господинот Иван Благојевиќ и ми кажа нешто многу интересно како легенда за Ниш, за борбите со Турците и уметничките изработки на уметници во врска со таа тематика кои ќе останат на Нишвил. Јас го поздравив тоа. Мој графит ќе стои и во Галеријата за модерна уметност во Ниш, да споменам дека се сретнав и со градоначалникот на градот. А за моите слики, пет дена бев таму, ги изложив и покрај големиот интерес решив да не ги продавам. Но дојде еден многу интересен човек колекционер кој ме замоли да остане тајна, тој е Србин но не од Ниш, и сака да ги има моите слики.

*Веќе ги виде сликите?

– Да, ги виде.

(Со Иван Благојевиќ, директорот на Нишвил)

*Вие сте џез вљубеник претпоставувам.

– I love jazz. Така е.

*Ја следите џез музиката?

– Да и многу ми се допаѓа затоа што за мене џезот е слобода. Прво таму има нешто што се вели импровизација, а од друга страна е спојка на слобода и креативност, а особено ми се допаѓаат џем сешн каде има музичари кои не се познаваат и веднаш ги земаат инструментите в раце и прават брејнсторминг на музички идеи, и свират секој на свој начин, но сите заедно даваат некоја инструментална хармонија.

*Вие свирите на нешто?

-Јас свирам хармоника, но ги сакам модерните инструменти.

(Со градоначалникот на Ниш)

*Имате фестивали во Пловдив со џез музика?

-Има два.

*Според Вас кој е најубавиот џез фестивал на Балканот?

– Е, па еве бидејќи сме на Нишвил, да кажам дека е Нишвил.

*И ние во Скопје имаме многу добар џез фестивал. И Реј Чарлс има дојдено и оркестарот на Каунт Бејзи, многумина, многумина…

-Скопје? Епа ќе ме поканите.

*Се разбира, со задоволство. Повелете сега во октомври… Задоволен ли сте вие од статусот на уметник во Бугарија, бидејќи иако имате европска и поголема кариера се случува уметниците да имаат чувство дека сопствената земја не ги почитува и вреднува доволно колку што заслужуваат.

-Дури и да го имам тоа чувство кој може да ми помогне? Јас гледам поинаку, гледам пошироко на нештата. Да се твори со љубов. Ако љубовта не е пресудна, ако тоа се парите, тоа не е љубов. Како рекол Апостол Павле до Коринтјаните: Љубовта е над сѐ!

*Вашите слики се продаваат по високи цени?

– Различно. Во галерија имам изработки со разни цени. Човек кој се разбира ќе даде повеќе пари. Тој што не разбира и така да му ја дадеш, за него тоа нема некоја цена. Држам едно ниво, но обожавам цртање на улица карикатури за три минути. Некои се поевтини, но може да биде изработка и до 1500 евра на пример.

*А сликите ги продавате по толку?

-Ги продавам, да. Има едно ниво кое човек си го определува сам. Керамиката е моја специјалност и јас за неа определувам повисока цена.

*Имате евиденција колку всушност уметнички дела имате продадено?

-Уште како студент имав продадено над 10.000 изработки. Потоа некако го намалив интензитетот. Купив куќи на морето, во Златни песоци, во Созопол и во Несебар и таму сликам на улица и продавам.

*Ух, ги броите вашите изработки со илјадници и илјадници парчиња. Тешко ви е кога се одвојувате од своето дело? Секој автор по малку го чувствува тоа.

– Јас можам да говорам за керамиката. Керамиката за мене е божествен материјал. Таа е прва. Тоа е вода е кал која се пече на оган со ламба и од тоа се раѓа уметност. И, керамиката не се променува со текот на времето. Таа станува уште поубава. Ќе се реставрира. Таа е уникатна. Имав многу “борбени” дискусии со луѓе кои се занимаваат со уметност и кога ќе им го кажам ова нема што понатаму да ми одговорат. Сѐ што е изработено од друг материјал може да се запали, а керамиката кога ја палиш дури станува многу убава. Дури ни пожар не може да ја изгори. Затоа е и поскапа, и треба да биде.

*Ќе ве прашам едно општо прашање. Велат дека уметниците најмногу ги сакаат неутралните бои- бела и црна, а Вие бидејќи сте керамичар претпоставувам колоритот малку повеќе Ве влече. Може ли да одвоите една боја што навистина многу Ви се допаѓа?

-Сино и жолто.

*Што претставува таа комбинација?

– За мене жолтото е светлина, синото е море и небеса. А всушност морето е огледало на небесата. Водата е безбојна а небото прави морето да е сино.

* Вие сте, некако, со еден вид уникатен опис речено џез- керамичар. Но, да привршуваме со разговорот во музички контекст. Која е ваша омилена џез тема?

– Различно. Кажав дека џез импровизацијата за мене е многу важна, таа што ја има во џем сешн, затоа што во моментот всушност се раѓа новата композиција. А бидејќи керамиката ја знам многу добро има сличности со џез импровизацијата, во моментов се создава нешто само по себе – и тоа е нешто како исчекување раѓање на дете. Некојпат чекаш дете- се раѓа и умира, а некогаш се раѓа и проодува…

*Што дава поголема слобода џезот или ликовната уметност?

– И едното и другото. Слични се. А бидејќи и во керамиката има импровизацијата ќе ја употребам мислата на мојот драг учител Георги Бојилов, кој велеше – Во опитот е вистината!

*Во џезот има ли љубов или само слобода?

– Во џезот има и слобода, и љубов, има сѐ, човек само треба да ги почувствува…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.