Почетна ИНТЕРВЈУ ТАШКО КАРАНФИЛОВСКИ: “Неста ресенска” ќе остане вечно како еден голем музички белег...

ТАШКО КАРАНФИЛОВСКИ: “Неста ресенска” ќе остане вечно како еден голем музички белег за Преспа!

Златното музичко момче на Ресен. Каде и да се појави веднаш почнуваат да го обожаваат.

Млад пејач со грст хитови, чија насмевка, се разбира покрај песната и харизмата, се неодоливи за еден поширок круг на публика.

*Ќе почнеме од “Неста ресенска” нова бум песна која што концертно беше изведена пред ресенчани на градскиот плоштад за “Јаболкоберот”, на 28 септември. 

-Навистина чувството да се испее “Неста ресенска” беше преголемо, затоа што пред сѐ е напишано од една личност која што навистина ја сакам и ја почитувам и личност која што ме воздигна во мојата кариера. А музиката е на Цане Петров, аранжманот на Славко Ристески од Прилеп.

 

*Неста ресенска” и нејзината блескава иднина се виде и на самата премиерна фестивалска изведба во Куманово на “Тумба фест 2024” (29 август), каде и покрај тоа што годинава имаше преубави песни на различен дијалект, се одвои како голем хит кој што младите потоа го прифатија. Поминаа два месеци оттогаш, а често се наоѓа и на првото место на топ листата на гласање. Како заживеа песната во Преспанскиот крај?

– Токму тоа сакав да кажам, беше изведена на “Преспанскиот јаболкобер” каде што публиката си го кажа своето, исто како што тоа се случи во Куманово на “Тумба фест”. Буквално со еуфорија. Песната почна веќе да се бара по свадби, што навистина за нас е голем успех, веќе наголемо се пее на момински вечери и ми праќаат линкови насекаде каде што се пее, низ Преспа и низ дијаспората каде што има преспани.

*Прифатена е максимално.

– Премногу.

* Невестата е и еден така да речам феномен за ресенчани, многу ја почитуваат невестата кога ќе пристигне во нивната фамилија и многу сакаат да им е лична, дотерана, меѓутоа многу се горди и на своите јаболка и на својот имот, така што е една успешна комбинација на ресенските и преспанските карактеристики кои се споија во една песна, која е релаксирачка и пред сѐ носи ведрина и целосна слика за Преспа. Сѐ што е главно е опишано. Е сега, два пати ја изведувате на “Јаболкоберот” на почеток и на крај. На нивно барање?

– Точно така на нивно барање, а ние, јас како Ташко и “Астра бенд”, сметаме дека таа е песната која што е следната химна за Преспа и се надевам дека и ќе живее, бидејќи ми беше најголема чест што публиката ја знаеше да ја пее..Ја пееја и преголем аплауз добивме за тоа. Преголем успех е тоа за нас.

*За Преспа успешна песна може да испее само некој што е роден тука, за да ја почувствува целосно. Многу е поважно еден пејач да има хит на своја територија и домашен терен отколку некаде на друго место. Но, имате и други песни со тематика за Преспа, па ја имате “Убајни преспански” со која победивте на “Гоце фест 2025”. Драги ли ви се песните што се врзани со таа тематика?

– Па видете, да Ви кажам искрено, убаво кажавте, кога човек потекнува од некаде најубаво е да си испее за својот роден крај, каде што си ја доживеал таа убавина, а уште поубаво се почувствував кога го прочитав текстот напишан од вас, бидејќи вие сте дел голем дел од Преспа и навистина тоа беше еден добар спој еден помеѓу нас и вас… Тешко е да се работи со луѓе, нормално бидејќи секогаш имаме и доста критичари. Некои позитивни, некои негативни, некои сакаат да наметнат, некои сакаат да ненаметнат, некои да прифатат, некои да не прифатат, но тоа е нормално во склоп со целата кариера, и на целата успешност. Но има ресенски песни кои се пеат масовно, како што беше на пример “Дано Дано Данице” со Кенан Таировски, најголем мега хит и веќе беше време да се направи нешто ново кое што покрај “Дано Данице” се надевам дека ќе остане голем белег за Преспа.

*Е сега тука интересно е вметнат еден феномен за кој што во Македонија не се знаеше многу, но преспани го знаат- Иванка тоа е, куклата која што се прави на Иванден и која што е многу накитена, и тоа е една многу добра традиција и се поврза и со самата песна и донесе во очите на Преспани уште поголем успех и поголема препознатливост. Кажете ми дали како дете сте оделе на тие изработки на Иванки?

-Па да и како мал во моето маало неколку пати направивме Иванка со моите другари, и со неколку поискусни постари жени, кои што не се повеќе меѓу нас и тие таа традиција ни ја наметнаа. Сум бил дел од изработувањето на Иванките и она раскитување кое што навистина е многу интересно и со давање на ручек во чест на тоа, па понатаму баш паметам мојата блиска сосетка во тоа време нѐ “натера” да одиме да ја растуриме Иванката на вода, каде што тече вода. Сигурно означувало некаква традиција. Ја правевме на ѓумче па ја цртавме, па потоа одевме по куќи да им ја покажуваме и нѐ даруваа- кој со пари, шеќерчиња, алва и токму.

*Како за Коледе каде што традицијата е во прилог на момчињата, сега ова со Иванката е за девојки и се вклопува и со култот на невестата.

– Интересни се тие обичаи, навистина.

*Тоа е автентичен градски обичај кој го нема на ниедно друго место во Македонија. Имавме среќа и со Цане како избор на композитор, бидејќи тој поминал еден дел од својата младост свирејќи во Претор, па така знаеше која е мелодиската линија одговара за Преспани, која е мошне специфична .

-Музиката на Цане навистина е прекрасна и кога ми ја прати на вибер и ја слушнав велам “Цане ова е хит, ова е следен хит”. “Така е, вели, тоа е од срце и од душа изработено заедно со Вале, се надевам дека ќе имате многу успех со оваа песна!”

*И аранжерот придонесе многу. 

– Славко Ристески од Прилеп е еден од моите соработници со кој соработувам. Кај него ја снимивме. Неколку песни ми има изработено каде што се постигнало добар квалитет, добар аранжман и добро студио. А Цане вели “За да не доаѓаш во Скопје можеш да си ја снимиш во тоа студио, па јас во соработка со него ќе ја средиме песната на поинакво ниво”. Така и бидна.

*А дали ќе снимате спот?

– Да, во план сме заедно со “Астра бенд” да направиме спот што може поскоро, ќе бидат опфатени неколку периоди од годината и од убавините на Преспа.

* Иванката секако мора да биде застапена па макар и како импровизација.

– Мора да биде опфатена, затоа реков во неколку периоди ќе се сними за да се опфатат сите убавини на Преспа. Соработувам со неколку продукции и една од тие продукции ќе ја работи “Неста ресенска”.

*Го има и Јаболкоберот во текстот, очекувам дека ќе биде застапен во спотот. 

-Точно и дури размислував и за голем видео запис како филмски запис затоа што досега немаме за нашата Преспа.Треба да се направи нешто на повисоко ниво.

* Дали песната ќе ја издадете како сингл цд?

-По успехот на песната тоа го размислував. Многу од мојата публика вели “Дај те молам пушти ми ја “Неста ресенска” сакам да ја слушам. Дури се случи сега и за време на бербата, колегата ми кажува: Берачите што работат кај мене по 6-7 пати ја пуштаат, се пее “Неста ресенска”.

*Во Македонија веќе имате победи на фестивали, настапи на телевизии, ве знаат. Станува тесно. А во Србија ви изгледаат ли како интересна шанса шоуата на кои што одат помлади и повозрасни пејачи?

– Имав прилика, моите другари од друштвото да ме пријават, и баш бев голем негатор на тоа, не сакав да учествувам. Јас кога разбрав им реков- ве замолувам не сакам. Затоа што многу е подобро да си градиш сам од себе кариера отколку со…

*Туѓи песни?

– Не со туѓи. Пееме, нормално и туѓи песни. Но видете што се случува. Кога би отишол таму сакам пред сѐ да испеам македонска песна, не туѓа. Стара македонска песна. Тие реагираат “Не ја знаеме песната”. А имаме доста квалитетни пејачи кои отидоа и си го покажаа своето, имавме и големи победници со победа, но многу ме нервира кога таму ќе им речат- не ја знам оваа песна освен “Македонско девојче” и “Јовано Јованке” и ткн.

*Која е другата Ваша предност? Порано пеевте сам, сега веќе неколку години имате бенд, ги имате “Астра бенд” кои се исто многу паметни, искусни, искалени музичари.

– Навистина ми беше потребно еден таков бенд, бидејќи доста свирки пеев сам и еден период почувствував тешкотија. Кога ќе работиш повремено со повеќе различни луѓе знае да биде и потешко и помислив дека ми треба бенд со мене, па се покажа дека е подобро.”Астра бенд” ја сочинуваат ресенчаните Никола Наумчевски, Гоце Герасовски, Златко Петревски, Томче Блажевски и Никола Симоновски.

*Како се најдовте?

-Свирејќи на една крштевка во Ресен. Домаќините сакаа тие да им свират, а јас да им пеам и рој спој нѐ спои. Тие си постоеја како бенд и се доста искусни музичари, а големи свадбари пред сѐ. Беше голем бум на крштевката. И си велам “дај ќе пробаме никогаш не може да згрешиш, можеш да добиеш”. Нормално и се греши, но во овој случај јас добив и како што јас имам придонес за нив, исто и тој бенд има голем придонес за мене.

*Полесно Ви е со групата?

– Искрено да кажам- да.

* А за турнеи сам си патувате?

– Сам патувам, бидејќи знаете, тешко е за повеќе членови, се плаќаат големи пари, но исто така одам за некои свадби каде што ќе бидам поканет како соло пејач. Нема лутење, таков ни беше договорот.

*Вие по природа сте момче кое што пленува во жив контакт, а на фестивалот во Куманово се покажавте и како сценска личност што мене ме изненади, со многу големо боемство, веселост, опуштеност, разиграност. И сега, со оглед на енергијата која што Ташко ја носи и многу се разликува од голем дел од естрадата по својата природна ведрина, позитивност, како сакате да ве запамтат- како свадбарски или како фестивалски пејач? 

-Па се надевам дека за тоа заслужно е моето долгогодишно искуство. Почнав од 13 и пол години да работам по кафеани, сум сретнал сѐ и сешто, сум претрпел што се вели сѐ и сешто, така што сфатив многу работи. Музиката, особено нашата народна музика, бара голема блискост со народот. Енергија која што треба да му ја пренесеме на народот, дали на свадба дали на фестивал е исто, јас сфатив дека е така и не се каам што ете луѓето ме знаат како енергичен пејач. Се трудам уште тоа да го усовршувам уште подобро, но пак ќе се надоврзам, таа енергија нѐ спои и ме направи да бидам ова што сум денес. Нормално има многу добри пејачи, многу искусни пејачи на естрадата но она што мене ме воздигна е, како велиме- треба да имаш пиле од срце. Јас сум професор во ресенската гимназија, често луѓето мислат дека предавам по музичко, но јас сум правник по професија, магистер по право. Предавам вовед во правото и социологија. Често пати луѓето помислуваат дека предавам музичко, но јас немам музичка академија и не се каам што немам но веќе реков- имам пиле од срце за да ја сакам музиката.

*Од 13 и пол години. Како почна таа приказна?

– Започав со едни момчиња со кои заедно го оформивме првиот бенд “Андромеди”, поточно го наследивме од нашиот професор Андруш, со негова дозвола. Малечки бевме, учевме прва година на гимназија, се собравме направивме неколку проби и тој бенд стана многу интересен. Тука започнаа големите другарства, па првите љубови. Бевме доста актуелни, доста прифатени од публиката, да бидам искрен не знаевме многу голем репертоар, но она што ќе го отсвиревме беше прифатено. И не се каам дека започнав во оваа професија иако е многу тешка, барем вие знаете… И вие сте дел од оние кои што ми помогнаа да сум ова денес. Скала по скала, тоа е макотрпна работа со многу сопки од многу… да речам, уф, не можам да ги речам зли луѓе, затоа што јас не познавам зли луѓе, но ќе го наречам луѓе со различни карактери… Започна сѐ, понатаму почнаа да нѐ бараат по крштевки, почнаа да нѐ бараат по кафеани, бевме интересни бидејќи бевме млади и оттука се јави таа голема љубов па полека полека некој од колегите од дечките се откажаа, некои продолжија со паузи, едниот ни замина во Австралија, а јас продолжив.

*Можеби ни самиот не очекувавте дека ќе дојдете до фаза да бидете омилен пејач.Чекор по чекор отиде приказнава непланирано, сѐ попопуларен станувате со тој преспански белег што е многу добро еден човек да биде препознаен од каде потекнува од каде доаѓа. Колку албуми имате снимено досега?

-Имам два албуми и имам песни за два албуми кои што не се објавени.

*Кои се автори на новите албуми?

-Морам веднаш да го спомнам покојниот маестро Милан Завков кој што веруваше во мене дека ќе бидам нешто што тој сака да бидам. Ми подари една песна која што ме воздигна “Сине мој”. Автор е текстот е Гоце Ристевски од Австралија. Кога отидов во Мелбурн на мојата турнеја, тоа беше за мене едно преголемо доживување бидејќи Гоце дојде на свирка со неговата сопруга, многу фини луѓе. Не знаев ни кој е, и кога заврши свирката дојде да ми претстави. “Вели јас сум Гоце Ристовски музичар кој соработувал со доста македонски музичари од кои најомилен ми е Милан Завков. Дали си слободен да излеземе на еден ручек заедно?”. Му кажав ќе ми биде мило и дека сакам да ширам нови познанства, ме покани на ручек и на ручекот ми вели: “Сакам една една песна да ти понудам. Имам доста пријатели на кои што можам да им ја понудам и ми ја побарале, но јас синоќа кога видов која енергија ја принесуваш ти во музиката имам мерак да ја запееш ти таа песна. И да ти остане еден белег од мене и од Милан. Се надевам дека Милан ќе се согласи”. Му се јави на Милан, а Милан вели “За тоа дете немам збор бидејќи навистина го почитувам од срце”. Тоа беа зборовите. Не да се фалам јас, но тоа беше чиста вистина. Гоце песната ја направил за синот за неговата свадба самиот ми кажа дека не можем да одржи говор како што правата на свадбите нашите во странство, туку сакал да ги поздрави со една песна. Ја снимивме песната кај Бубе во Скопје и Милан кога дојде на снимање ми пружи рака. “Тоа што го барав, ми вели, го направи!”. Отсвире тој на хармоника, јас го прашав колку чини сето тоа, но тој рече “Слушај јас нема ни денар од тебе да земам, оти чувствувам дека нешто ќе биде од тебе и јас сум тој што и на спот ќе излезе со тебе без никаков надомест”. Тоа беше пред три и пол. И така се создаде многу убава песна и видео запис за “Сине мој” која беше и е доста слушана.

*За новиот албум какви песни подготвувате?

– Со новиот албум малку стагнирав. Бидејќи велат човек учи додека е жив, јас со одење во странство и тука со новите автомобил кои немаат цедиња научив дека треба моите нови албуми да ги објавам на усб и ткн. Требаше да ми излезат два нови албуми, а и третиот да е објавен, имаме доста песни. Имам соработка и со Златко Миладиновски, тој ми ја направи “Како куршум заскитан” и една многу убава песна “Молитва” напишана од Анита Даева, која ми го подари текстот. Имам соработка и со Борче Нечовски и Дејан Момироски, имам еден текст од Огнен Неделковски “Само едно ми е важно”, многу добра песна, автор на музика е Славко Ристески. Тие се изведени песни само треба да бидат ставени на новиот албум. И Ливрински е дел од моите соработници.

*Забавно ве влече?

-Искрено да ви кажам кога почнавме со “Астра бенд” (фото) по свадбите пеев еден блок забавно, не дека не, но во срцето ми е народната музика. Ја сакам секоја добра песна, но некако ме влече народната.

*Вие пеете меѓутоа не се менаџирате, самиот талент ве менаџира, што на некој начин е спротивно од она што генетски го носите. Вашиот дедо Ташко, Ташули, беше еден од главните менаџери за фудбалери во поранешна Југославија. Човек од Преспа кој се пробил дури и во Белград и успешно менаџирал со фудбалери. 

– Тој беше многу по фудбалот. Не ме бидува мене за фудбал. Но не сум на тој таков ген, бидејќи тој бил многу познат и многу влијателен во тоа време, работел со доста ѕвезди, доста фудбалери ги направил актуелни и големи. Беше познат менаџер на фудбалери на “Хајдук” и баш во тоа време фудбалерот Иван Гудељ ме има земено дома кај него и ме има изведено на ручек во Трогир. И чест ми е и задоволство што го носам неговото име, но не го носам неговото презиме, тој беше Ристевски ние Каранфиловски. Го сменал презимето, нормално во тоа време менаџирањето било поинаку, па направил нешто според кое морал да го смени презимето. И доста луѓе не ме знаат дека сум негов внук. Често одам во Црна гора и кога ќе кажам дека сум од Преспа се случува да ми речат “Е имав еден пријател во Преспа, ти си мал нема да го знаеш”. Велам: “Преспа е мала може го имам слушнато”. “Тој е Ташко Ристевски, еден менаџер, многу постар”. И јас се насмевнувам и велам: “Тој е мојот дедо на татко ми татко”. Дури, на еден човек на кој што му кажавме во Црна Гора кои сме не сакаше да ни земе пари со мојата сопруга за престој, ни вели “Вие сте секоја година добредојдени во мојата вила”. Тоа беше една голема случајност, се погоди голем пријател на дедо ми, кој му помогнал во тоа време. За мене едно многу убаво искуство. А веќе во Скопје кога ќе одам на емисија речиси сите го знаат.

* Следни планови имате?

– Следни планови, да, имаме. На врата се некои од фестивалите каде што ќе учествувам.”Роса фест” е фестивал за кој сега имам покана и се надевам дека песната пак ќе биде од маестро Цане Петров. А на “Тумба фест” верувајте секогаш штом ќе бидеме поканети со најголемо задоволство ќе пееме, зашто фестивалот и директорот Драган Јаким ги имаат сите пофалби од мене и од бендот.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт 

 

 

metropolis-big