Извонредните FAME’S нѐ прошетаа со музичка временска машина до немиот филм

11

17.09.2024

Понекогаш чувствуваш дека си на крилјата на светската сценска уметност кога тоа чувството беспрекорно ќе ти го произведат пред твои очи и уши, тие кои се создадени за тоа- сценските уметници.

Таква ноќ беше синоќа во Скопје, 16 декември 2024 година, ноќ која ќе биде запаметена по прелет со “временската машина”, ни помалку ни повеќе туку од речиси сто години, кога 27 млади уметници од интернационалниот состав на сѐ попозантиот Fame’ s Институт нѐ однесоа и внесоа во филмот “Уцена”, во ерата на немиот филм.

Извонреден настан, во Кино Милениум, закажан за 20.00 часот, а отпочнат во 20.03 минути, преку кој ѕирнавме и зад тие дамнешни завеси.

Тие ја изведоа познатата 74-минутна музичка композиција на Нил Бранд за немиот филм на генијалниот трилер режисер Алфред Хичкок „Уцена“ (1929), прикажувајќи ја уникатната моќ на живата оркестрална придружба за неми филмови, додека во заднина си течеше филмот. Две во едно- и филм и концерт.

Музиката се лепеше и ги (до)оживуваше сликите, сликите ја вивнуваа музиката уште повисоко.

Изведбата беше водена од маестро Мириан Хухунаишвили, кој за прв пат во нашава земја успеа да предводи една ваква комбинација, на подвижни слики и долга музичка мелодија, и да го претвори овој безвременски трилер во незаборавно кино и музичко искуство.

Хухунаишвили е ко-основач и музички директор на Младинскиот оркестар од Тбилиси и има диригирано водечки интернационални оркестри, вклучувајќи го и Кралскиот оркестар Концертгебау и Филхармонијата од Осло.

А, концертот беше во рамките на “Фестивалот на нем и класичен филм” на Кинотека на Македонија, во соработка со Кино Балкан.

Патем, “Уцена”е еден од раните неми филмови на Хичкок и ја следи приказната на жена која е вовлечена во заговор за уцена, откако таа ќе убие човек во своја самоодбрана. Филмот означи и пресвртница во кариерата на Хичкок и е признат како брилијантна истрага за криминалот, вината и човечката психологија.

Саундтракот ја зголемува емоционалната тензија и напнатост, додавајќи нови слоеви на комплексност на приказната. И, како да го раскажува филмот низ сета негова динамика.

Уникатен спој на визуелно и аудитивно раскажување.

Бесценето!

Иако беше подарено (влезот беше слободен) поголем број Скопјани, најверојатно уценети од својата безволност одлучија да останат дома, наместо да го врежат овој спомен во споменарот на “незаборавното”, сосема повеќе од вреден за потсетување и прераскажување и во староста.

Зашто, токму таков и беше…

Вреден!

Валентина Ѓоргиевска Парго 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.