Почетна МУЗИКА Народна КРАТОВСКИТЕ ТАМБУРАШИ: Ансамблот постои 111 години и идејата за филм за нас...

КРАТОВСКИТЕ ТАМБУРАШИ: Ансамблот постои 111 години и идејата за филм за нас е благородна!

637

111 години постојат Кратовските тамбураши. Бројка која верувам секој ќе ја прочита по два пати, за да се увери дали добро прочита. Тоа е повеќе од секоја златна или дијамантска бројка на јубилеј, зошто јас лично не познавам друга таква музичка континуираност кај нас. Секоја чест. Господин Методи Мишевски, на оваа за мене исклучителна професионална средба, прво би Ве прашала, ја знаете ли точната историја на создавањето на овој музички состав? Како е формиран, од кого?
-Првата тамбурашка тајфа (музичко друштво) е забележана уште на самиот почеток на Дваесеттиот век, но како тамбурашки оркестар се споменува во 1911 година. Составот го сочинувале музичари на виолини и Првата тамбурашка тајфа (музичко друштво) во Кратово е забележана тамбури (прим, басприм и контра – Бугарија), а капелник бил Ѓорги Иванов – Дрнев. Се случува војната и престанува со активност, а подоцна била забранета од тогашната власт. Во 1920 година се формира ново тамбурашки оркестар од Димче Бидиков – Шилка, кој свирел на виолина. Со тамбурашкиот оркестар настапувале и членови на машка пеачка група (хор), а причина за формирањето била отварањето на неговата меана (кафеана на Димче Бидиков – Шилка). Во 1927 година се формира тамбурашки оркестар од Јаше Апостолов, учител во Кратово, кој учел во Солун. Тој формирал и градски и црковен хор. Тамбурашкиот оркестар се состоел од две виолини два прима два басприма, една контра (бугарија) и тапан (во тоа време немало тамбурашки бас (берда).

На позадината на фотографијата е напишано Огнена партија. Тамбурашкиот оркестар и хоровите после неколку биле години укинати од тогашната српска власт. Карактеристично за овој тамбурашки оркестар е што во поголем број го сочинувале кондураџии (чевлари) и по некој трговец или службеник, а капелник скоро секогаш бил учител. Во 1929 година се формира уште еден помал тамбураки оркестар од шивачи а капелник им бил учителот Јаше Апостолов.

При истражувањето на составите на тамбурашките оркестри дојдов до сознание дека истите се формирале по еснафи (занаети), како и тоа дека биле во тесна врска со отпорот.
Дали сегашните членови се директни потомци на основачите, имате ли некој кој ви раскажувал од “прва рака” што се случувало некогаш во овој музички состав?
-Сегашните членови на тамбурашкиот оркестар не се потомци на најстарите тамбураши, но има директни потомци на тамбурашите од членовите на оркестрите кои постоеле веднаш по ослободувањето. Така да постојат три генерации на тамбураши во семејството Младенови, најстариот Димитар Младенов (Диме Чал’к) кој свирел на контра, а подоцна бас (се до 1976 година), неговиот син Трајко Младенов – Моцарт, наставник по музичко, басприм и прим и капелник во тамбурашкиот оркестар и неговиот син Игор Младеновски кој свири басприм и гитара. Мојот предок (чичко ма мојата мајка) Мијалче Топуков, како и неговите синови Спирко и Блаже свиреле на прим и тие го имаат најстариот прим со специфична кружна форма се смета дека потекнува од Босна, поточно од Краишинците – Бараби, кои работеле како рудари во рудникот Злетово.Исто така внукот на наставникот Иван Китанов, примаш, Златко Китанов свири прим и басприм во тамбурашкиот оркестар.
Имате ли сознанија колку песни како автентични и препознатливи исклучиво за овој состав, се изведувале од самиот почеток до сега?
-Кратовските тамбураши најчесто исполнувале и исполнуваат околу триесеттина кратовски песни, кои во поголем број се создадени токму од членовите на тамбурашките оркестри. Но тие исполнуваат огромен број на мелодии и песни од поранешните југословенски републики (словенски, хрватски, српски босански, црногорски и секако македонски песни и мелодии, како и војводински и далматински) јужно-амерички, мексикански, руски, италијански, грчки, бугарски и други. Карактеристично за кратовските тамбураши, при настапи на фестивали или други настани е тоа што другите учесници настапуваат со 3 – 4 програмски песни и толку, додека тамбурашите на заедничкото дружење имаат целовечерен настап со музика од сите жанрови и се главни забавувачи со својот богат репертоар. Сметам за потребно да се нагласи дека повеќе автохтони кратовски песни кои ги исполнуваат кратовските тамбураши често пати се позајмени. Така на пример Наско Џорлев има присвоено три песни. меѓу кои најубавите: “Не кажувај либе добра ноќ” и “Еден прекрасен мајски ден”. Инаку Наско Џорлев настапуваше во Хотел – ресторан Кратис во Кратово цели две години и од тука ги има преземено. Една мошне популарна песна за Радин мост “Мост ми ѕидаа девет мајстори”, на која автор е баспримашот од Кратово Стефан Маџев, кој во 1949 година ја испеја во една емисија на Радио Скопје, а Васка Илиева која тогаш работи во Радио Скопје ја позајмува од фонотеката на РТС и прикажува како нејзина песна. Подоцна, во 1972 година, Јонче Христовски, во Кратово ја сними за Телевизија Скопје (МТВ) најстарата кратовска песна “Девојче Кратовче”. Во поново време “Љубојна” ја има позајмено кратовската песна “Каква мома видов, мамо”, од заедничкиот настап со Кратовските тамбураши на Златни денови 2016 во Кратово.

Традицијата успешно продолжена, и повеќе од успешно, иако многумина можеби по прв пат ќе го прочитаат името на вашата музичка тајфа. Кои музичари денеска се ликот и звукот на “Кратовските тамбураши”? Што се по професија, каде тие живеат и работаат?
-Во денешно време членството на тамбурашкиот оркестар драстично се намали, од порано кога броеше 15, па 12, а подпцна 9 члена, сега столбот на оркестарот го сочинуваат воглавно пензионерите, јас Методи Мишевски – бас – берда, Гоце Димитров – прим, Милош Димитровски – гитара, (тројцата живеат во Кратово), Трајче Ефремов – басприм (кој живее во Скопје, а повремено во Кратово) и Димитар Атанасов – Цревар прим и хармоника (кој живее во Пробиштип а преку лето во Кратово). Повремено, по потреба се приклучуваат Дејан Илиевски – хармоника кој работи како професор по музичко воспитување во ООУ “Кочо Рацин” Кратово, Борис Милевски – басприм, лекар од Пробиштип (со кратовско потекло и работи во Здравствен дом Кратово), Златко Китанов – прим и басприм кој работи повремено во Германија како возач, Игор Младеновски – басприм и гитара кој работи како економист во Штип и Саше Мирев – тамбурашко чело и гитара, професор во гимназијата во Кратово.
Каков репертоар имате? Што најчесто свирите вие сега,и каде најчесто? Неодамна на манифестацијата “Лесновските ѕвона” слушнав дека изведовте и оригинална песна од Вашиот крај?
-Репертоарот на тамбурашкиот оркестар Кратово зависи од намената на самиот настап, главно кратовски и македонски песни и мелодии, а во поширокиот репертоар се опфатени староградски, народни песни и мелодии од поранешниот југословенски простор, руски, италијански, мексикански, грчки, бугарски јужно-амерички и други.

Имате снимено плоча, касета, цеде со Ваша изведба?
-Во 1974 година во студиото на Радио Скопје беше снимен материјал за издавање на плоча, а во тоа време уредник на музичката програма беше Мате Грујовски (татко на пејачот Благоја Груевски), кој немаше симпатии кон тамбурашката староградска песна, по извесно време кога требаше да се издаде плочата, беше кажано дека снимениот материјал е изгубен, односно избришан. Тамбурашкиот оркестар настапува на повеќе телевизии како на снимени во амбиент на градот Кратово така и во студијата на самите ТВ куки. За РТС (МТВ) во 1971 година се снима емисијата Распеани Кратовчани, 1974 година Свети Трифун, 1978 година Музичката традиција во Кратово, 1982 година Свети Трифун во Кратово, 1988 и 1996 уште две музички емисии, а во директна забавно – музичка емисија на Радио Скопје се пренесуваше едночасовна програма. Во директни настапи во програмата на ТВ Сител тамбурашите учествуваа во 2012 година во емисијата “Тркало на среќата”, во 2017 на утринската програма “Ја сакам Македонија” , по повод освојување на И то место за оркестри и Гранпри (Големата награда) на Меѓународниот фестивал на шлагери и староградски песни “Пеј срце” во Ќустендил, Бугарија и во 2018 година во емисијата Мерак меана. А снимени емисии се учество на Златни денови 2014, 2015 и 2016, како во уште три емисии, музичичка емисија за Кратовските тамбураши и во “Кули, мостови, сокаци мераци. За телевизија Алфа учествувавме во две емисии. За ТВ Сонце во ДИОН-Исусови слави со едночасовен настап и за ТВ Белград во емисијата Караван.
Финансиски како опстојување? Дали градот Ве помага, кратовските бизнисмени? Како гордост на градот. Исто така, дали Градот ве има наградено со својата највисока награда?
-Од градот (општината) Кратово немаме поддршка, единствено кога настапуваме на Меѓународни фестивали и по некои други настани градоначалниците ни го плаќаат превозот, додека трошоците за сместувањето и храната сами си ги помирување. И ако имаме освоено повеќе награди на меѓународни тамбурашки фестивали, каде ја преставуваме Републиката и општината, сепак немаме добиено ниту едно признание од општината и Републиката.
За разлика од кај нас, каде имате настапувано на “Кумановски тамбураши фестивал”, многу сте попознати и почитувани низ Балканот, каде имате настапувано на многу манифестации?
-Кратовските тамбураши учествуваат на многу фестивали, како на Гоцеви денови (три пати), на Илинденски денови Битола (1975,1982,2009 кога освојуваат Плакета за најуспешна презентација на староградски фолклор и 2010 година). На Охридски староградски средби се учествува во 1975 (кога го освојува првото место), 1976, 1988, 1994, 2015 и 2016 година, а на Штип фест 2007 година. Во Струмица на Фестивалот на серенади Под кулите на Струмица во 2014 година. На меѓународни тамбурашки фестивали ТО Кратово учествува во Дероња , Србија (2009 година), на Кумановски фестивал на тамбурашки оркестри 2008 и 2017 година. Во Бјело Поље, Црна Гора во 2010 и 2012 година (кога ја освојуваат Плакетата за најдобар настап). Во Старчево во 2011 година и освојуваат Плакета за одличен настап (на фотографиите).

На Петтиот светски Тамбурица фест Петроварадин 2012 во Нови Сад ТО Кратово настапува и ја освојува Специјалната награда за најдобар солист. (на следните фотографии)

Други освоени награди се на Илинденски денови 1975 прво место за староградска музика како и 2009 година и на Охридски староградски средби 1975 (за жал многу диплома пехари и други награди ги нема поради реновирање на Киното во чии простории беа сместени).Подоцна во 2017 година на Меѓународниот фестивал “Пеј срце” во Ќустендил ТО Кратово ја освојува првата награда за оркестри и Големата награда (Гран при) за најдобар настап, како и во 2018 и 2019 година Големата награда (Гран при).


Кратовските тамбураши настапуваат на разни хуманитарни настани, издавање на книги, монографии, разни прослави како на Св. Горги Кратовски патрон на градот Кратово, четиринаесет години на Лесновските ѕвона во чест на македонскиот поет Чедо Јакимовски, како и на Портрет на Чедо Јакимовски во Друштвото на писатели на Македонија, а на крајот на истата година (2018) на промоција на Зборникот “Поетите за Чедо”. Во 2016 година со едночасовна музичка програма тамбурашите (овој пат само пензионери) настапија пред делегација од збратимениот двомилионски град Џингченг од Кина. По повод Година на културата на ЕУ се организираше Караван на поезија и песни во Старо Нагоричане, во манастирот Св. Јаким Осоговски – Кр. Паланка, во Кратово пред Домот на култура и во месноста Камени кукли с, Куклица, на кои со богата и разновидна музичка програма ТО Кратово настапи пред Европратеникот Самуел Жбогар и Роберт Алаѓозовски министер за култура, како И пред градоначалници и други присутни. (на следните фотографи). Кратовските тамбураши настапуваат и во повеќе ресторани кафеани на организирани настани и прослави, така во ресторанот Форца во Скопје две години настапуваа на Војвоѓански вечери и на Скадарлиски (две) вечери.

 Балканот, особено на Север, е полн со тамбурашки оркестри, Војводина, Славонија, Хрватска, но има и кај нас. Ако за нив поим за тамбураши некогаш значеле легендарниот Јаника Балаж, сега е репер Ѕвонко Богдан, може ли да се рече дека за нас тоа би бил основачот на Кратовските тамбураши?
-Повеќемина се заслужни за појавата развојот и одржување на тамбурашките оркестри во Кратово. Најнапред Ѓорги Иванов – Дрнев, па Димче Бидиков – Шилка и Стефан Маџев. Додека по ослободувањето Ѓорги Димишков – Џоџо, капелник, примаш, виртуоз и апсолутен слухист, а покасно Трајко Младенов – Моцарт, капелник, примаш и баспримаш, наставник по музичко воспитување.
Минато, остануваат во спомени многу членови кои поминале во изминатото столетие, се незаборавни за кратовчани. Раскажете ни некоја интересна случка која се пренесува. Сигурно знаете многу, Вие пишувате и монографија за нив. Патем, дали тоа е првата книга која ќе излезе или има и некои други документи за Кратовските тамбураши?
-По настапот на Меѓународниот фестивал на шлагери и староградски песни “Пеј срце” во Ќустендил, Бугарија, како последни на првата фестивалска вечер, седумчлената жири комисија стана на нозе и со аплауз го поздрави настапот на ТО Кратово. Кога слеговме од бината и се упативме кон холот каде не пречека нашиот подржувач Драган Георгиевски тогаш директор на Музејот на град Кратово, кој ни рече: “Дали сте свесни колку вредите, на никој жири комисијата нема станато да аплаудира само на вас…” А вечерта на покана на Претседателот на Читалиште “Братство 1869” (директор на Дом на култура по наше), Кратовските тамбураши ги забавуваа колегите музичари и жири комисијата со четиричасовна разновидна, богата музичка програма. Во еден момент ни пријде претседателот на жири комисијата Панајот Панајотов, декан на музичката академија во Софија кој рече: “Вие сте шлагот на фестивалот” Монографијата 111 години Кратовски тамбураши е прва и единствена книга која е напишана за музичката традиција и тамбурашите во Кратово. Во 2000 година Бранка Бугариска (ќерка на Мите Бугариски кратовец, басист и контрабасист во Народниот оркестар на РТВ – МТВ) напиша семинарска работа по етномузикологија на тема: “Музичката традиција на Кратово”, како во пишана така во снимена телевизиска реализација од ТВ Сител, за кое огромен удел имам лично како презентер на многу податоци, како организатор на тамбурашкиот оркестар и тогашен претседател на КУД Вера Пазаванска Кратово.
Велат дека тамбурашите може да ја изведат во тамбурашки аранжмани секоја музика. Што ја прави флексибилноста и можноста на овој инструмент толку голема? Дали само сета таа мекост во изведбата или нешто друго?
-Тамбурите можат да предизвикат многу емоции. Малку е познато дека најголемиот великан примашот Јаника Балаш најпрво научел да свири на виолин, а покасно преминува на прим, бидејќи сите членови на неговата фамилија биле тамбураши.
Во 2012 година на прославата на Св. Горги Кратовски, меѓу гостите беше и оперската примадона Весна Илкова која настапи со арија од една опера и со уште една народна песна (Жали горо, жали сестро), а членовите на ТО Кратово без проба успеаа да ја придружуваат, за што добија честитки од Илкова. Исто така на Лесновските ѕвона настапи оперската дива Серафина Фантаузо придружувана од членовите на ТО Кратово.
Тамбурашите умеат да те развеселат и да те допрат в срце, но умеат и да те натажат. Неодамна прочитав дека и Ѓорѓе Балашевиќ кон вечниот дом го испратиле тамбураши свирејќи ја неговата песна “Оливера” која ја имаше напишано за својата сопруга?
-Кратовските тамбураши најчесто настапуваат и на разни веселби и забави, свадби (обично за време на ручек или вечера). Но, тие често ги испраќаат своите починати колеги со Лениновиот марш и со исполнување на нивната омилена песна.
Во југословенската кинематографија има еден филм насловен “Тамбураши” , од 1984 година, за која музиката ја има напишано Арсен Дедиќ. И “Кратовските тамбураши” сосема заслужуваат филм, би било ли тоа добра, благородна  идеја?
-Кратовските тамбураши имаат снимено многу емисии (Распеани кратовчани 1971, Св. Трифун 1974, Музичката традиција 1978, Св. Трифун во Кратово 1978 и, Музичка емисија 1982 година) за РТС (МТВ). Во 2014 година за ТВ Сител е снимена емисијата Кули, мостови, сокаци мераци и др. Но идејата е одлична, бидејќи членовите на ТО Кратово се “последните мохиканци”.
 Ако “Ко те има тај те нема” некако луѓето ја прифатија како неофицијална химна на денешницата, која песна би можела да се смета за химна на Кратовските тамбураши, но на сите времиња?
-За химна на сите времиња е кратовската песната “Девојче Кратовче” за која се вели дека потекнува од 18ти век, а е во византиски стил (потсетува на црковно пеење), а во поново време исто така кратовската песна: “Отако ме остави”.
Која е Вашата најголема желба што се однесува до Вашата група “Кратовски тамбураши”?
-Најголема желба е да створиме подмладок – наследници, преку тамбурашка школа, а за тоа се потребни нови инструменти, бидејќи сегашните се стари. од 40 до 60 години (а овој прим е постар од 100 години).

Исто така сакаме да ни се даде целосна поддршка, како морална така и материјална за настапи на ТО Кратово.
Валентина Ѓоргиевска Парго

metropolis-big