LICENTIA POEICA со Аника Илијевска-Ѓорѓиева-..Сонцето врз тебе по мирисот не познава и под рака зраци ни подава…

1087

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Аника Илијевска Ѓорѓиева е родена е на 3.3. 1972 година. Живее во Оризари, Кочани, а работи во администрацијата на Општина Кочани.
Дипломирала на Филолошки факултет на катедрата за Јужнословенски
книжевности, а магистрирала на Институтот за македонска литература во Скопје на
групата за културолошки студии. Има издадено три збирки поезија: „Време во рамка“ – 1997 г. „Гледачи на земја“ – 2001 и „Љубовна сиромаштија“ – 2014 г. која во 2016 година добива реиздание на хрватски јазик и е промовиранма пред хрватсаката публика во Пореч.

Аника И. Ѓорѓиева има објавувано свои песни во списанието „Лоза“, „Стожер“
„Наш свет“, Наше писмо“, а критика за нејзината последна книга е објавена во
списанието „Бранувања“. Често е присутна во јавноста како рецензент и промотор на книжевни дела, пред се на дела на роднокрајни автори.

Нејзина главна определба е борбата за зачувување на моралните човечки
вредности, семејните вредности и традиционалното семејство, а ја реалзиара преку
активности во невладиниот сектор.

ДА БЕВМЕ ДРВЈА ЗЕМЈО

Колку и битисувањата врз ТЕБЕ искушителни да се
колку и вишок камења да донел ветрот
и длабини за препнувања да издлабил дождот
колку и грмушки самоници да нараснале
и диви депонии мишки да ти загадиле,
твоите патишта Земјо СВЕТИ се,
твоите грутки од светители и учители просветлени,
твоите камења, со крв јуначка натопени.
Врз ТЕБЕ корени од исконска радост останале
само што ќе заврне, прортува и до срца ни допира.
Сонцето врз тебе по мирисот не познава
и под рака зраци ни подава,
небото по тебе преку ред ширини ни дели,
ветрот ни намигнува кога ветки во воздух превива,
а облакот во градината се сокрива
потајно на пиперките заврз да им даде.
Јаболкниците уште по благослов на Наума заврзуваат,
оревите, костените, џанките,
ниедни не заборавиле кој ги калемел
и кој за небо ги врзувал
кој љубов исконска ѝм дарувал.
Да бевме и ние дрвја можеби ќе умеевме
благолов да сочуваме……..аманет свет да додржиме…
тогаш можеби погани мисла ќе немавме за да те валкаме,
желби суетни ќе немавме за да те сквернавиме,

ќе немавме погани јазици светињите по тебе да ги изобличуваме,
да бевме дрвја ….. ние чедата твои …..ЗЕМЈО
не ќе те распневме толку.

СТАРИЦИ

Двене на клупата крај оградата седат
и за ноќта минати раскажуваат,
едната вели пилавот сношти и загорел
и покоен газда Столе на сон ѝ се јавил,
другата се жали на болката во коленото,
на несонот, перницата, сијалицата,
си дошепнуваа за кобите, спомените,
за дните во осумдесетите …
Тие поинакви грижи си имаат и поинаку низ свет кинисаат,
Откако деца ко пилци од седла им излетнале
сами врати заклучуваат и клучеви под пазуви стискаат
сами гравот го јадат и чиниите молкум ги мијат
сами битисувањето… од петна го перат,
го постилаат, сушат и пак облекуваат, ко руба судна
чиниш никогаш пред порти нивни не се играло брканица
и не се плачело…од караници, од скц‘аници,
чиниш никогаш име бабино не се повикувало….
Но убаво е што двене една со друга се имаат
и во староста утеха си даваат
на клупата крај оградата тивко самотијата ја крепат
ја потпираат и со лав муабет ја разбиваат.
Напати се поттурнуваат, потшепнуваат,
за туѓо бреме раскажуваат….
Телефоните во престилките ги допираат
и кришум погледнуваат, за чедата си спомнуваат
нема ли за миг
ними да се сетат, збор мелем за душа да кажат….
Ден по ден така низ свет современ кинисаат
во свет суетен старост крепат.
Од агол наш гледано на гранки стари со глуждови
двене наликуваат,
со убавина старечка пленуваат.
Незнам зашто на законот божји ме потсетуваат
две души, две гулабици, две мисли на пат за излетнување.
Навидум само самотијата ја крепат
А впрочем стравот од патот далечен го делат

од денот СУДЕН.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.