Licentia poetica- Емељ Туна ……Како турист во градот во кој се пронаѓам………

1831

Licentia poetica-Уредник Филип Димкоски

Емељ Туна е родена на 14.12.1977 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ)- Скопје, а магистрирала и докторирала на Шведскиот Земјоделски Универзитет (СЛУ) од Упсала. Вработена е како Доцент на Институтот за агроекономика, на ФЗНХ при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје.

Поезијата и е начин да го канализира и проектира секојдневниот живот и емоции а и претставува  обновена пасија во последниве години во кои активно пишува. Автор е на две збирки на поезија (Хоризонти и Паралелни светови).

 

ПОЕТ

Понекогаш посакувам да си поет,

и да не ме познаваш,

и неприметно од далеку да ме посакуваш,

посакувам и да умееш да ме видиш

како што јас ја гледам светлината што

ја врамува твојата душа,

и да ми ја распознаваш песната

како што чудно ама јас ја слушам твојата,

и да ми ги посветуваш стиховите

како за мене да се наредени во нив зборовите,

понекогаш, понекогаш посакувам

зборовите туѓи што се

пораки за мене да ти се,

поздрав преќутен за запознавање

меѓу два далечни света,

и љубовта што ја опејуваат

за мене да ти се тајна посвета,

а понекогаш  само посакувам

мала низа со понекој убав збор,

еве, може да е стих и без некој особен ред,

понекогаш, само понекогаш….не мора да си поет.

 

СКУТ            

Во скутот со врвот на усните

очите да ми ги затвораш,

во ритамот на песните

што заедно нема да ги слушнеме,

и сите светови, еден по еден да ми ги отвораш,

за сите улици во кои нема да се гушнеме,

во скутот сакам да ти се изгубам,

како турист во градот во кој се пронаѓам,

а ти со рацете да ме придржуваш

во скутот дур ти умирам

и во секој нов налет

нова дур во рацете ти се раѓам,

и да ти раѓам,

да ти раѓам задржани песни од воздишки

што само ти и на далечина ќе ги слушаш,

зошто ти, ти ја распејуваш мојата душа.

Од скутот да не ти излезам,

во скутот да ти се уморам

и како мачка улична домот да го најдам,

да се склупчам и да ти заспијам, во скутот.

 

КАБАЕТОТ            

Поголем кабает кој има?

Јас? Ти?

Времето што така се погоди?

Моментот што лесно се пропушти?

К’сметот што ни задоцни?

Севдава што така црна се роди?

Кабаетот од кај тргна, каде киниса?

Пред чии порти ли се задржа?

Никогаш меракот од врата да не влезе,

кара севда – затворена со катанец и тешко резе.

Голем кабает имаме сите,

и к’сметот и јас и ти

и моментот што се пропушти

и времето што не се погоди

и во црнила љубов што се зароди,

и меракот што да влезе не се осмели,

кабаетлии сме сите,

кабаетот рамномерно нека се подели.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.