LICENTIA POETICA со Стефан Вишекруна – Не чекај ги вечно своите пет минути, зграпчи ги за вратот со сета своја сила

1293

LICENTIA POETICA со Стефан Вишекруна од Република Српска  – Не чекај ги вечно своите пет минути, зграпчи ги за вратот со сета своја сила

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

 Стефан Вишекруна е роден на 9 декември 1991 година во Требиње, каде и пораснал. Во моментов живее и работи во Бања Лука. Неговите песни се препеани на македонски, италијански, унгарски, словенечки, руски и англиски јазик и објавувани во книжевни списанија во Србија и Австрија како и во многубројни литературни списанија и портали во регионов.

Член е на клубот на поети од Краљево. Неговата песна „Животен подвиг“ се наоѓа во антологијата на современата лирика. Неговите песни „Сродна душа“ и „Затвореници“ препеани се и објавени на унгарски јазик.

Песните му се објавени во еминентните списанија Библиопис во Неготин, Србија и Современост во Македонија. Бил најмлад учесник на меѓународниот литературен фестивал „Перо Живодраг Живковиќ“ во Зеница каде е избран меѓу дваесетте најдобри поети од вкупно 103 од четиринаесет земји од Европа и Азија.

 ДОЖДОВНИ ГЛИСТИ И ДОЖДОВНИ ЛУЃЕ

Безброј дождовни глисти

По секој додж

Стресено умираат

Во страшни болки

На ладниот бетон.

 

Милијарди дождовни луѓе

Умираат со болен крик

На неоствареност во градите

По секој поминат живот

Не зачекорувајќи доволно длабоко

Во своето себство.

 

Милиони луѓе

Никогаш не умираат

Оти не се дождовни глисти

Нити дождовни луѓе.

 

КАРАНФИЛ

Залепен за плочникот

Лежи згазен и заборавен

Црвениот каранфил,

Воден и испрскан со кал

Трепери во раната пролет

Како бездомник страден за леб

И на човекот тогаш

Му кликнува мисла

Зачната некаде во

Бескрајот на срцето

Да така изгледа

Разблудна душа што пати

И љуби, страда

И за прошка моли!

 

НЕ ЧЕКАЈ!

Мораш да изедеш доста трње

За најпосле да почнеш

Да им се насладуваш на ружите.

 

Верувај и кога сите можни

Причини и околности те разоружуваат

И те распнуваат со неверување,

 

Само оној што ќе протрча низ оган

И ќе ги преживее сите умирања

Ќе биде вечно жив и ќе и се насмее

На смртта в лице.

 

Од страдањето најдобро ќе научиш

Дека секоја партија во животот

Има своја цена

Не чекај вечно на своите пет минути

Зграпчи ги за вратот со сета своја сила.

 

Превод од српски на македонски јазик: Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.