LICENTIA POETICA со Филип Димкоски- ..Дарувај вода, извору за мене за родот мој…

1195

Филип Димкоски (1995) е поет, преведувач и новинар од Македонија. Роден е во Прилел каде завршил основно и средно образование. Дипломирал на Факултетот за земјоделски науки и храна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на насоката-градинарство и цвеќарство (хортикултура). Десет години е постојан соработник-новинар во настариот дневен весник во Македонија, „Нова Македонија“. Уредник е на рубриката Licentia poetica на порталот КулАрт.мк.

Досега ги објавил книгите: „Најхранливи зборови од детска душа дарови (поезија и кратка проза за деца, 2010), „Божилак на исконот“ (поезија за возрасни, 2014), „Заедно да растеме“ (поезија за деца, 2018), „Во градината има само љубов“(поезија за возрасни, 2018). Книгата „Божилак на исконот“ објавена е на српски и на бугарски јазик (2016), книгата „Заедно да растеме“ објавена е на српски (2019),  а книгата „Во градината има само љубов“, на бугарски јазик (2019).

За својата поезија добитник е на неколку награди меѓу кои: „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво, за најдобра книга за деца во регионот во бившите југословенски держави за книгата „Заедно да растеме“ (Риека, 2018), Плакета „Сима Цуциќ“ на Банатскиот културен центар за српското издание на книгата „Заедно да растеме“ (Ново Милошево, 2019), награда „Млада Струга“ на Струшките вечери на поезијата (Струга, 2010), награда „Си било еднаш едно дрво“ за расказ (Битола-Израле, 2015/16), награди на фестивалите „Мелничките вечери на поезијата“ (Мелник, Бугарија, 2012 и 2016), Белоцветните вишни (Казанлак, Бугарија 2016 и 2017) и „Есенски штурци“ (Извор, Бугарија, 2018).

За афирмација на македонскиот јазик и образованието Советот на Град Прилеп на Филип Димкоски му го додели највисокото градско признание, плакетата „3 Ноември“ (Прилеп, Македонија, 2019).

Поезијата му е преведена на петнаесетина јазици и застапена во списанија, зборници и антологии. Се занимава и со водителство и рецитирање. Преведува од српски, од бугарски и од хрватски на македонски јазик. Особено ја сака руската книжевност и тоа е причина во моментов да го изучува рускиот јазик. Живее, твори и ја одгледува својата градина во Прилеп.

 

 

ТАА ПАМЕТИ

Почнува со неа  новото патување,

овоземното  наше битисување

не крштеваат во металното коритце

попрскани со капките нејзини

и со гранчињата босилек.

 

Со неа ни баат од уроци,

ни ја матат со шеќер од уплави

болните заздравуваат

слепите прогледуваа

од чешмите

со вода лековита…

 

Ја гасне жедта од уморот,

блажината ја пресекува

солта ја разблажува

во неа го гледаш својот одраз

таа лицето го мие

ама не и валканиот образ…

 

Плиска во заливите

трепери и ѕвони,

ги дроби карпите

тивка вода брег рони.

 

Грка од врутоците

Пее од потоците…

Слегува во реките

Мирува во океаните…

 

Доаѓа од небото

а извира од земјата…

 

Знае да шушти и

на сон да доаѓа

сонот да го краде

да одзема животи

во вртлози и  поплави…

 

И по мигот неодминлив

додека догорува темјанот

со киска босилок не попрскуваат

и не испраќаат…

 

Нас не нема…а таа памти.

Знае се….

Крај е…

И почеток е…

На една смрт

На едно живеење…

 

ДАРУВАЈ ИЗВОРУ!

 

Мајка ми додека ме доела

од тебе вода пиела.

Од тебе ја испив

првата голтка вода

првата капка живототворна.

Со твојата вода

ми ги миеја

издрасканите колена

и секогаш те имав

да ги полевам цвеќињата,

да ја прскам улицата…

да разладувам во квечерината

да ги освежувам зеленилата.

 

Кога земјата измрзна,

кога ти секна,

кога се желнееше

за твојата снежница,

тогаш учевме

тогаш моќта ти ја узнававме…

Разбрав тогаш кој си.

 

Во мигов

пред тебе стојам

клекнувам на колена

те бакнувам на површината

тебе сину на Бистра.

Пени,

плени,

издржи ги сушите

напој ги душите,

не престанувај…

помоќен станувај,

лековити ти се капките,

лековит е шумот твој,

дарувај вода, извору

за мене

за родот мој…

 

ОСТАНИ

Доволно ли си чист
за да газиш по водениве ливади?
Разликуваат ли замаеност од свежина
твоите машки гради?
Лесен ли ти е чекорот
за да се искачиш
до врвот на спокојот?

Ако си дошол да го брзаш времево
да го сечеш костенот, да го корнеш папратот
да го вознемируваш мирот
да пресоздаваш и твој ред да клаваш
тогаш птиците пеат: оди си, оди си.

Ако си дошол да го бакнеш изворот
да ги чувствуваш сласта и заморот
небесна музика да слушаш
да ја успокоиш твојата душа,
тогаш дабовите од сите страни
пеат: остани, остани.

Знаеш ли како мириса маточината?
Знаеш ли како жули копривата?
Умееш ли на тревите да им се смееш,
да трчаш и танцуваш на дожд и да пееш?
Умееш. Знаеш. Сети се.

Убавината постои заради неа самата
доволна си е на себе си
во тишината, во осамата
но кога љубов човечка природата ја бранува
нејзината убавина, поубава станува.

Ако со љубов ја гледаш
со поглед ја галиш
таа уште пораскошна е
затоа дојди, радувај и се
потоа остави се како што е.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.