МЕГАИНТЕРВЈУ НА ВОЈЧЕ КИТАНОСКИ: Југославија умре два пати, со смртта на Тито и со смртта на Тома Здравковиќ

161

Филмот “Тома” за славниот балканскиот боем и кантавтор предизвика големо внимание, а неговиот пријател и соработник, хумористот и модератор, Војче Китаноски го доживеа како чудо. Денес, 19 октомври се слави и празник Свети Тома, вистински ден да поразговараме, во еден опуштен муабет, за се, со нашиот естраден уметник кој долги години беше неразделен со иконата на кафанскиот музички боемштилок,Тома Здравковиќ.
Го изгледавте филмот деновиве, за човекот кој беше дел од Вашата професионална приказна, а и вие од неговата, во еден блескав период кога уметниците беа на врвот во едно општество и во една држава каква што беше СФРЈ. Со какво чувство излеговте од кино салата?
-Одушевен, значи, јас имам гледано некоја голема бројка филмови во сите овие педесет години, но би го ставил во десет филмови кои што сум ги изгледал со такво чувство. Фантастично, одушевен и што се вели филмот го изгледав во еден здив и сакав уште да трае, иако два и пол часа трае, значи, така што и се чувствував дел од филмот, бидејќи шест години со Тома бев многу близок пријател од 1985 до 1991 година. За жал, последен пат се видовме на втори август 1991, пееше во Силекс, ама веќе ми изгледаше дека е при крај со неговата животна приказна и почина набргу потоа, така што мој коментар е дека Југославија умре два пати- еднаш со смртта на Тито на 4 мај 1980 година, втор пат со смртта на Тома, на 30 септември 1991 година. И, човекот, мојот колега и пријател Тома Здравковиќ, искористи, во наводници, или подобро да речам употреби или ги одживеа триесетте по мене најубави години во Југославија, од 1960 до 1990. И, секое време си носи свои јунаци, како што историјата така го донесе Тито тоа време, и нема повеќе да се повтори бидејќи нема такви историски моменти и услови, така и Тома Здравковиќ го донесе тоа време. Понатаму не може да има друг Тома, а и Војче Китановски го донесе тоа време и не може да има друг Војче Китановски.
*Многу емотивно го кажавте ова, Ве почувствував не само што Ве ислушав. Хах. Го видовте ли во филмот оној Тома кој вие го знаевте?
-Јас би ја користел ова можност да им честитам на Драган Бјелогрлиќ и на Жељко Јоксимовиќ и на главните протагонисти. Јас ќе гледам за брзо време да се сретнам со нив и лично да им честитам. Дечкото Милан Мариќ го одигра Тома фантастично. Тамара Драгичевиќ (почнува да плаче)…
*Добро, солзите се нешто очекувано од Вас во оваа пригода.
-… ја одигра Силвана фантастично. Ова се ретки животни приказни, како се случиле тогаш, и како сега после 30 години ние треба да го видиме тоа. Е сега јас забележав дека во салата имаше многу млади на кои многу работи не им се јасни, тие беа присутни благодарение на еуфоријата што се создаде дека филмот е чудо. Филмот се гледа со однапред некоја подготовка, да се знае барем 30 отсто од биографијата на Тома, а јас ја знам 100 отсто, и може затоа реагирав неприродно во салата.
*Се расплакавте?
-Плачење цело време (плаче и сега н.з.), ама знаејќи ја целата приказна,што се случувало, знаев дека е фантастично одиграно. Од сите глумци. И за докторот знаев што го очекуваше и за сопругата на докторот што беше вљубена во Тома. Значи, чудо од животна приказна, и така ќе остане. Е сега само тука да напоменам дека овие години изгубивме многу уметници од југословенските простори и некој кажа дека двајца се уметници Арсен Дедиќ и Ѓорѓе Балашевиќ што ги пееја своите лични творби и своите доживувања што ги преточија во песни и третиот во кој е преточени осумдесет посто во песните е Тома …(замолкнува, н.з) како вака тивко зборувам сега …
*Баш тоа и ме зачудивте, можеби нема ни добро да снимиме, затоа што јас сум навикната на еден поинаков тон од вас. Вие го доживеавте филмот под кожа.
-Страшно, Страшно. Генијално и ќе одам да го гледам многу пати оти исто и за мојот идол Моцарт кога беше пред 30 години го гледав филмот “Амадеус” на Милош Форман 33 пати. И овој ќе го гледам.
*33 пати?
– Е сега, исто тоа го кажуваат филмските работници дека секое гледање имаш нови сцени што не си ги видел пред тоа, така и книга кога ја читаш повторно си велиш “чекај бре ова не го прочитав тогаш”, така и ова. Така што, по мое разбирање на филмот е ремек дело на Драган Бјелогрлиќ. Е сега некој, можеби Кустурица ќе речи дека ова е новогодишна програма на Пинк. Сите оние песни, кои ќе грмнат во филмот…

*И за тие песни да речам основата ја знаевте од прва рака, Вие бевте негов пријател и за настапи и за на маса.
-Вака, и тука да кажам дека неколку песни ги напиша додека бевме заедно од 1985 до 1990-кога патувавме во автомобилот, бидејќи музичката група патуваше посебно, ние двајца посебно, и тој ми велеше “Китановсми, узми оловку и пиши”, кога ќе му дојдеа стихови и така запишав едно 5-6.
*Кои на пример песни?
-Па време поминало,е но јас мислам дека три години пред да почини ја испеа песната за Тито, “еј стари, стари устани стари, да видиш стари како се брача мрзе и деле”. Таа е за Југославија и тој…(пак молк).
*Ахам. Неговите песни се многу полни со патетика, тажни, пробудуваат нешто во нас што најдлабоко го чуваме. Секој ќе се пронајде.
-Секој ќе се најде, значи тој успех е што секој слушател на песната ќе се најде во некоја од овие песни, а можеби и во повеќето. Вљубен, разочаран, оставен. И така излегува, како тој да напишал песни за сите слушатели, за да секој се најде и за среќа во уметноста и младиве се пронаоѓаат, тие што разбираат што следат, има некои што не следат ништо, да не генерализираме. Значи дека и песните остануваат за сите времиња, како и песните од Балашевиќ и од Арсен Дедиќ, јас сум седнал да ги анализирам, сите песни нивни тие се сите врвни поетски остварувања, преточени во музика.
*Таков беше и во живо, по сентимент?
-Постојано. Тоа дружење, тоа заљубување со било кого од пејачките, со нас, од публиката што дошле, значи таков беше човекот, затоа така заврши.

*Многу жени сакаше?
-Вака сега, и за Мики (Јевремовиќ н. з.) истата формула и за него значи заклучок што е страшно “Умро је од жена и због жена”. Тоа е генијално, и брат му на Мики го кажа, а и јас го констатирав сам. Е сега од гледна точка на животот жените и заслужуваат така да биде со нив. Е сега зависи која како ќе реагира која како ќе го разбере, оти случајот со Данка Нововиќ мене ми е многу јасен уште од тоа време, а таа потоа во животот објасни дека “јас стварно и сум испаднала глупа. Тој да ми посвети песна цела Југославија да ја пее а јас воопшто да не го зарезувам”… тоа е дури и некултурно во смисла, да му укажела внимание ќе бил презадоволен. Така што и она со Силвана е исто така генијално. Замисли тој да се доближи како анонимен и непознат до Силвана која била ѕвезда…
-Арменулиќ?
-Да де, да де, да, е сега исто и нејзината судбина е чудо како и неговата, од сиромашни фамилии стигнале до ѕвезди и како таа заврши лошо, во смисла со сообраќајката, но и со мажењето за тенисерот Радмило Арменулиќ, тој бил од богата белградска аристократска фамилија, ја зел ама дома не му ја сакале бидејќи “што ќе ни е кафанска пејачка дома?”. А таа не е само пејачка, таа е женска чудо. Некој кажа дека и ќерка дури последниве години сфатила кога била мајка и, таа од почеток не сакала да ја сака мајка си. Тие се имиња оставиле големи траги во музиката на југословенските простори, од тие некаде поубавите години, 60-70 кога веќе тргнале по патот на естрадата.1956-1958 година, знаеш кога е тоа, и да се пробивааа од најдолните кафани да стигнат до мегаѕвезди, е сосе сите тие пречки тогашни, како и сега и секогаш, сопки од колеги, од продуценти од сниматели од режисери. Значи јас сум одушевен од двете биографии. Е сега, веројатно тој бил заљубен во нејзе, можда љубовта не им се остварила, така што останала загонетно “он је само једну волео” сите ние што следиме мислиле дека е само Силвана.
*Не сакам да Ве прекинувам одлично зборувате меѓутоа морам да Ве прашам, велите сакал многу жени, тоа е во ред, но знаете ли колку разочарал со тоа?
-Се ми е јасно, но тоа е живот, нема тука “колку?”. Јас кога го прашав еднаш, “извини му реков да не ми се налутиш прочитав некаде дека имаш серија промашени во бракови” . Реков, ако сакаш да ми кажиш, ако не, му реков ќе излезам од автомобилов. Тој рече- “вистина е , ти не ме прашуваш мене за нешто нестварно. Шест пати бев женет” . Разбираш? По мое тој во тие триесет години живееше деведесет години. А, во деведесет години можеш и шест пати да се жениш. А во триесет можеш еднаш или два пати, ако така гледаме. Така што тоа беше, тие години го донесоа тој живот. Јас еднаш во Белград, пет дена… и ми е жал, уште од тогаш се спремам да појдам во хотел Метропол да видам еден од апартманите каде што јас требаше да спијам… Велам, пет дена седевме со него во ресторанот тој ноќе плаќаше келнер и шанкер да не служат, јас пет дена не појдов во соба.
*Седевте долу?
-Да. И сите доаѓаа тогаш од Белград глумци, пејачи, спортисти и сите пиеја некој француски коњак мислам дека една чаша беше 30 евра денешни.

*Кога беше Вашата прва средба, како се случи?
-Нема прва средба. Јас пред тоа одев со Мики Јевремовиќ и менаџерот што работеше со Мики потоа почна со Тома и групата “Мрак” од Сараево и јас само се префрливме и теравме четири години. Тука нема нешто јако. Појако е како почнав со Мики, но за тоа друг пат, во овој случај со Тома само не презеде менаџерот Виктор Радимировиќ од Ниш. Мој успех е што Тома ми велеше- “Ајде премини во Белград, цел Белград зборува за тебе”. После почнаа војните. Инаку, постојано ми викаше “ти си опасен, не си глумец, не си популарен, не си си од Белград, како можеш да излезеш во Сава центар и да направиш шоу?” Така што многу ме сакаше и почитуваше и јас се радував што како дете сум го слушал на радио в село, а сега сме пријатели.

*Пет години заедно. Имавте турнеи?

-Цела Југославија. На Јадран два месеци, Босна два месеци, секаде, освен во Словенија. И случката со Студентскиот дом, јас бев таму кога Тома ме барал на телефон, а тогаш само еден телефон беше во цел студентскиот дом и портирот трча вика “Војче барајте го Тома Здравковиќ го бара од Белград”. Сега ова време никому не му е гајле кој да те бара и претседателот ќе речеш- ми е гајле, значи други времиња.
*Студент бевте или седевте и после дипломирањето?
-Јас од кога завршив, тоа ќе го кажувам во емисија наскоро (“Балканском улицом” во Белград) уште 4 години седев со цел да одам на тие средби на студентските домови, медицинијади, правдијади, економијади, сумаријади, така што други времиња и настани, и од тие средби ги издвојувам Љублјана во 1980 година, месец дена пред да умри Тито, од сите универзитетски центри и сите од тука од Македонија мислам прв пат патувавме со авион, а јас носев лизгалки и на рамо и сите мислеа дека сум некој светски шампион во лизгање. И во Нови Сад 1983 година во студентскиот центар (плаче пак н.з.). Сите студенти во студентските домови, каде се беше приказна за себе, пееја ”Ако родиш сина дај му име Тома и сети се љубави из студентског дома. Ако родиш ќерку дај јој име Стана и сети се љубави студентски дана”. И како можеше тогаш на сите акции со толку учесници да нема ниеден инцидент, после 1991 Југославија се распадна со милиони инциденти?

 

*Не би сакала да ве дорастревожам, но навистина не смеам да го прескокнам ова прашање, многу лично ми е битно, верувам дека нема да ме почувствувате како некоја што сака да повреди, но би прашала навистина ме интересира бидејќи Тома беше голем љубител на чашката како не успеа таа љубов да ја пренесе на вас а нон стоп бевте заедно?
-Значи прашањето ти е генијално. Јас ако продолжев како што живееше Тома, ќе завршев којзнае од кога. Јас реков не смеам вака, ова е чудо, она е неиздржливо, јас не сум по тоа и од денешна гледна точка, тогаш си беше болен во некој процент, но таков живот организмот не може да издржи повеќе. На 53 години почина чоекот, ама 30 години од 23 до 53 тоа беше темпо и на некој нацин па издржа организмот. Тоа беа три животи и во филмот тоа го кажувам, тоа што мене ми е многу драго е што во филмот има десеттина мои заклучоци што режисерот сценаристот ги забележале и ги ставиле во филмот на што сум горд. Сега не можам да запаметам се што кажал, но генијално е она: не е толку битна должината на живот си имал туку колку си имал живот во тој живот. Генијално, генијално, на Бјелогрлиќ му честитам.
*Би сакала да Ве прашам следново прашање во контекст на тоа значи иако Вие бевте соработникот и пријателот на најголемите југословенски ѕвезди не посегнавте по комерцијално нити да напишете книга ниту да снимите нешто што е многу чудно, сега би бил прилично богат или ситуиран човек доколку тоа го “продадевте” во таква форма, но вие се решивте тивко да жалите и да го уважувате вашето пријателство од една тишина, дури луѓево не ни знаат дека бевте толку блиски. Тука Вашиот респект кон тие ѕвезди дава свој придонес.
-Па добро, поминато време значи едно, второ значи се смени сисемот, животот, така што мене ми е многу жал што тогаш се радував што живеев во систем каде се уважуваа културата, спортот и песната за сега да сега живееме во систем каде што тие работи не ги уважува.
Зошто не напишавте книга од Вашите доживувања? Вие и Тома!
-Тоа се ќе следува да сме здрави и живи јас покрај овие четири книги што ги објавив, уште две се подготвени, а многу материјал имам за барем десеттина книги, не само за Тома. Уште настани и глумци имам. Ако не беше пандемијава јас ќе ја најдев екипата во овие година и пол наназад и мислам дека од 5-6 работи од овие што ни се случија барем две ќе влезеа во филмот, настаните во хотел Југо Гевгелија и хотел Нарцис на Брезовица во Косовска Митровица, за мене се чудо на естрадата и уметноста. Тома отпеа само 6 песни во Гевгелија публиката беше дојдена од 20 часот до 2 ноќта да го слуша Тома да му пее цела вечер, ама тој бидејќи кај што ќе слушне дека има коцкарница оди во коцкарница и од таму не можеш да го извлечеш, свиреше оркестарот па јас, па јас го најавив, дојде отпеа три песни и вели “а сега пак Војче Китаноски” , па уште еднаш па пак јас и сега? Публикава дојде за Тома не за Војче и никој не му се лутеше зошто отпеа само 6 песни. Тоа требаше да влезе во филмот. Никој не му се лутеше, инаку пејачиве пејат по 2-3 часа, за тоа се платени. А ова со Брезовица тука е малце и национализам, хотел Нарцис салата дојде народ, се сместивме, Тома во соба во 23 часот се симна, публикава дојде рано, го најавив јас како што го највив. Во филмот кога го најавуваат се осеќам како јас кога го најавував бомбастично… Значи дојде и веднаш на микрофон и стана цела сала (пак плаче н.з.) и тој им рече “Добро вечер драги потомци на цар Лазар Хребељановиќ”. Уште 10 минути му аплаудираа и му рекоа не мора да пее, тоа беше врвот на концертот уште на почеток. Другиве пејачи сите гостувале но никој не рекол така.
*Носеше ли нешто националистичко во себе?
-Не, не, не, не, Југославија ја носеше во себе. Имаше и песни за Тито. Сите пејачи имаа песни за Тито, Звонко Богдан тој за Тито што има две три песни да плаче човек. Сите имаа песни, и за Тито и за Југославија, Дорис, Брена, и тоа беше заслужено кој ги терал со сила. Зар им рекле мора да пеете за Тито, те молам? Ама се испревртија работите така што тие години нема да се повторат. Јас чувствував од 1960 до 1990 како одиме напред, И јас и во Македонија и во Југославија. Сега не чувствувам ни Македонија ни поранешна Југославија, ни Босна, ни Србија, катастрофа.
*Јас се извинувам што морам искрено да Ви кажам дека не можам да ги слушам песните на Тома од причина што многу ме растажуваат. Ги доживувам неговите болки и јадови.
-Така е. Јас знаејќи го неговиот живот велам така е дека се тажни песни, но рековме десет отсто од тагата на Тома сме ја почувствувале во разни моменти, разбираш? Да тој за сите таги пеел- останато сам сам, киша је падала…
*На пример, Вие сте сосема поинаков човек, вие ширите смеа, каков спој, каков беше тој спој, малку ми е чуден.
-Не е чуден, Тома како ме почитуваше јас летав од радост, ме претстави во Белград на сите, велеше ова е чудо. Како што исто има секвенца во филмот каде што вели- дека ќе има и за него филм. И еве и дојде. Така што човекот направи многу, добро што по 30 години некому му текна, е сега слушаме и за другиве пејачи ќе правеле ама не е тоа тоа. Оти па никој немал таков живот. Кој се женел мажел 6 пати.
*Елизабер Тејлор 7 пати, и Тома 6.
-Не Елизабет 9 пати и Заза Габор 9 пати, ќе те потсетам на Заза Габор и двете нејзини изјави. Сама таа ги кажала затоа што така живеела. А таа рече, внимавај колку е искрено и реално- “Ништо не знам за сексот бидејќи отсекогаш бев мажена” и втора за богатите мажи што ги имала “јас сум многу добра домаќинка секогаш после разводот станот го задржувам за себе”. Такви се тие големи личности што живееја таков живот и оставија трага. И светските и нашите. Со светските не сум бил, но сум им ги читам биографиите, а за Тома знам, еве ако се е судбина нему таква му била судбина, и еве после 30 години се сними филм толку добар, ремек дело од моја гледна точка. Критичарите може ќе речат не е ништо.

*Ама нас не не интересира стручната фела што ќе коментира зошто ова е емотивна приказна нас не интересира друг момент сега. Би сакала да Ве прашам, хах, вие по природа сте аналитичар и многу размислувате за се, особено за лицата што ви вредат..
-Да не ме прашаш за изборите деновиве хаха (конечно се насмеа).
*Нема да ве прашам за изборите, но би Ве прашала анализирајќи го Тома која порака тој најмногу ја прати кон својата публика и кон светот?
-Пораки му се сите, не една порака само.
*Не само говорна, воошто со своето дело?
-Да се одживее животот што почовечки, посуштински. Сега зборувавме за љубовта и за тие работи, е сега тука е малку тоа ќе остани нејасно до крај на светот за сакањето меѓу двајца, сега вака нему му беше криво за таа Данка. Е сега таа Данка низ Белград којзнае што праела и со кого била и што правела, а сега овој ја сака а не му е возвратена љубовта, а таа оди со којзнае кого каде што нема сакање таму. И не само неговиот пример, има милиони и од обични и од познати луге. Е ако тука љубовта се најди од двете страни тоа е веќе успех. Ама. Сега се изгуби редот во овие модерни времиња и тешко ќе биде да се одговори на тоа прашање. Важно убаво е ако се најде вистинска љубов, оти неговата шеста и последна сопруга, јас гледав 20 емисии за неа и го знам и тој дел, таа се охрабри да го придружува 20 години, сосе сите тие тешкотии. Таа живееше во Америка. Другиве сите по 3-5 години, ова 20, сосе сите маки и големи жртви, и одлучила да остане, а за Тома секоја друга би рекла- што ќе ми е таму пијаница, за што ми е коцкар?
*Ги имаше ли тој тие жени кои ги опеа во својот интимен живот?
-Сите, сите се ти тие вистински личности. И Данка и Бранка и Силвана. Ќе ја барам глумицата Паулина Манов да ја сретнам. Таа некни гостуваше во “Балканском улицом” и многу убави работи кажуваше, а во филмот глумеше генијално, жена на докторот што го лечеше Тома, а беше вљубена во него, а беше сопруга на докторот што го лекуваше… И знаеја и двајцата дека ќе умрат, гледај сега какви шеми, какви комбинации какви животни судбини. Таа тука дури жално беше кога во кафана беа сите и за време на песната “ти и ја два само света различита” и таа во докторот гледаше, умре потоа. Немаа хармоничен брак. Докторот беше јак доктор, потоа откако се откри дека и таа е болна,се знаеше дека ќе умре и таа и Тома. Умреа и двајцата, речиси истовремено.

*Се умира ли од љубовна болка?
-Е како не се умира, тоа е страшна работа. Ако е се е судбина нема бегање, но пак зависи дали човек во моменет кога е тешко има храброст да рече, чекај стоп. Оти отпосле за се викаме можело и поинаку. Ама во моментот од страна гледано ќе речиш- како така, овој се отепал, оној се отепал. Оти Далида мене ми е најомилена пејачка и јас некои работи не сум ги знаел за неа, но сега гледам таа што била со тројца во врска сите тројца се самоубиле.
*Аха, од љубов?
-Епа разбираш, на крај и таа се самоубила. И сега малку и други времиња беа тогаш во тој поглед, има и сега љубов фала богу , но пак не е тоа како што било некогаш.
*Кажете ми која е ваша најомилена песна од Тома.
-Сите, сите до една. Јас во чест на филмот завчера ислушав 30 негови песни, за 30- години.
*Доколку би бил жив еве тоа нека е последното прашање, разговоров ќе го продолжиме и во некоја друга прилика исклучиво за Тома, но доколку би бил жив што вие ќе му речевте, кажевте, можеби ќе заплачевте заедно…
-Тоа не може така, тоа не може така. Значи немаше да биде вака ако тој беше жив, ако не умреше во 1991 можеби ќе умреше во 2005, и пак немаше да биде вака. Тој неколку работи ги поврза меѓу кои дека тој умре заедно со Југославија. Тоа е една од поентите. И така да добро што некому му текна што сето ова се направи и ова е еден многу убав настан во хаосот во кој живееме на овие наши простори. За оние што следат браво за идејата на Бјелогрлиќ и Жељко Јоксимовиќ за сето ова што се направија, 700.000 гледачи во Белград го гледаа филмот и сега ќе има премиера во Чикаго на црвен тепих. Важно дека после 30 години е феномен да ни се случи ова сега, некој ќе рече “Тома, неки пјевач био”…
*Ама је био Тома…..

Валентина Ѓргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.