МЕГАИНТЕРВЈУ СО ПОЕТЕСАТА АНИТА БОШКОВА: Да се биде кавадарчанка значи- да се има душа блага како шира и срце кое чука во ритамот на добрината!

138

Кавадарци, 7.09.2024

АНИТА БОШКОВА е изградено имено во светот на поезијата кај нас, силна жена која во животот граби напред со моќта на женската сила и мудрост, Жена со големо Ж, која ништо не може да ја скрши, ништо освен силниот збор.

Затоа, кога таа го употребува во своите дела, тој збор е силен само преку мекоста, која му да (до)дава како главен зачин.

Успешна, наградувана, призната и препознатлива кавадарчанка.

По вокација правник, по титула магистер, по препознатливост поезија и песна.

* “Денот даден е од Бога сиот Тиквеш е на нога сегде ечи песна весела и со вино се наздравува. Живи здрави да бидеме и од Бога благословени, бериќет да имаме, родот да е богат, на гроздобер да се видиме”, е Ваша песна, една автентична химна за Кавадарци, со која нѐ поканувате во Вашето родно место. Денес, 7 Септември сум денот на градот. Честитки по тој повод. Честитки и за денешниот ден на Кавадарци и за годинешниот гроздобер. Раскажете ни нешто за Вашата традиција…

– Ви благодарам за честитките за манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ која има своја историја и претставува продолжување на една долга и богата традиција која на овие простори се одржувала уште во времето на античка Македонија, во чест на богот на виното Дионис и виновата лоза. Овие свечености траеле неколку дена и на нив присуствувало целото население. Лозарството во средниот век продолжило да се негува на овие простори, а главни негови центри биле црковните и манастирските имоти, каде што се приготвувало и најубавото вино. Со доаѓањето на Турците стагнира неговото производство, бидејќи со Куранот била забранета употребата на алкохолни пијалоци. Општинското раководство во Кавадарци во 1964 година го организира првиот „Тиквешки гроздобер“ , манифестација која има стопански, културен и туристички карактер. Првиот одбор на оваа манифестација брои 60 членови, кој број понатаму се зголемува. По извесно стагнирање во 2001 година, локалната самоуправа на Општина Кавадарци започнува со сериозни подготовки за организирање на Тиквешкиот гроздобер. Секоја година се избираат претставници на гроздоберот: крал, кралица и нивни придружници. Учесници во карневалската поворка се најчесто ученици од кавадаречките училишта. Дефилето секоја година го збогатуваат гости- ансамбли и уметнички друштва од нашата Република, од бившите југословенски простори, соседните држави, Романија, Бразил… Во вечерните часови се одржуваат голем број на концерти на кои гостуваат познати групи и изведувачи од Македонија и Балканот. Кавадарци денес е најпознат и најголем производител на грозје и вино во државава и еден од поголемите на Балканскиот Полуостров. Токму „Тиквешкиот гроздобер“ и долгогодишната традиција, како закројувањето на виновата лоза, затоа што сѐ започнува од закројувањето, па одгледувањето на лозјето, па до финалниот производ, виното, ракијата, ширата, маџунот, е инспирација да ја напишам и испеам песната „На гроздобер да се видиме“. Нека ни е честито одбележувањето на долгогодишната традиција „Тиквешки гроздобер“.

 

*Кавадарци е местото каде почнува Вашата плодна кариера во секој поглед, но кога станува збор за поезијата почнавте токму од таму. И тоа уште во младоста, кога доаѓаат првите награди и признанија во рана возраст, токму на ниво на град, кога и почнува Вашата поетска приказна, уште на сам почеток овенчана со награда.

– Му благодарам на Бога за дарбата која ми ја подари, да можам да се изразам на овој начин, преку стихови. Уметникот слика со четката и боите, а поетот со зборовите. Првите песни настанаа во детските денови уште во осново училиште, па така станав член на литературната секција. Пишував песни понекогаш по повод разни настани, а и такви кои беа напишани на слободна тема, кои доаѓаа сами, песни кои даваа одговор на многу прашања кои уште тогаш си ги поставував. Поетската активност продолжи и во средното училиште кога ја напишав и песната „Што е тоа“ која ми овозможи влез и во Клубот на писатели на Кавадарци. Оваа песна е застапена како прва песна во мојата прва стихозбирка „Клучот за моето срце“. Во 1987 година Клубот на писатели објави конкурс за избор на најдобар млад поет за Кавадарци на кој учествував и јас и таа година со песната „Нема веќе враќање“ станав најдобрар млад поет за Општина Кавадарци.

 

 

*Како поетеса ретко која, можеби и нема друга, која може да се пофали дека нејзината прва промоција на книга е антологиска, со оглед на гостите и говорниците на истата. Раде Силјан, Гане Тодоровски, Паскал Гилевски… Какво е чувството на тој спомен? Велат тоа може да создаде и обврска за цел живот, големата чест што сте ја доживеале своевремено.

-Чест и задоволство е да се прави промоција на која гости се великани, брендови на литературата и убавиот пишан збор и кои со своето присуство и одржаната реч оддават признание за нечие дело и пишан збор. Токму такви великани беа гости на промоцијата на мојата прва стихозбирка „Клучот за моето срце“ која беше во Скопје на 26.07.2000 година. Некои од нив не се веќе живи, како што е великанот Гане Тодоровски кој сѐ уште живее, преку свој лик, дело, преку своите потомци кои во негова чест ги организираат Ганевите денови на кој секоја година земам учество и јас. Во тие денови, поетите, преку пригодна програма, го опејуваме великанот, кој со секој свој пишан збор, секој испеан стих, ставил печат на времето во кое творел и живеел. На великаните местото им е во вечноста. Останатите големи автори и големи луѓе, како што се Раде Силјан, Паскал Гилевски и други се мои современици со кои соработувам и од кои учам. Секој средба со нив е ново доживување, нова инспирација.

*Следната етапа од Вашиот творечки живот е мала пауза и собирање сили за поинтензивно творештво. Ја објавувате книгата “Цветен аманет” која веќе го означува и вашиот поофицијален влез во светот на поезијата, од кога веќе станувате поактивна. Кому му е упатен тој аманет?

– “Цветниот аманет” е аманет од едни прекрасни битија кои ме донесоа на свет и поради кои јас денес сум тоа што сум. Силна, храбра, нежна, истрајна. Аманетот е од родителите, а цветот сум јас, кој поради силната љубов од родителите, ќе цвета уште долго. Благодарна сум им за сѐ на моите родители кои иако физички не се меѓу нас, тие вечно ќе живеат во моето срце. Стиховите за саканите лесно извираат од душата, се редат како бисерен ѓердан неброен.

*Од тогаш досега, поточно сѐ на сѐ, се собраа шест книги поезија и една монографија. Во тој период, по “Цветна книга”, вие се определување за посветеноста кон местото кое Ве освојува во душа, Дојран и неговата питомост. Не само што го опишавте во книга поезија, потоа напишавте и монографија, напишавте и испеавте и песна химна “Моја Дојрана”. Раскажете ни ја Вашата дојранска приказна.

– Постојат убавини кои Бог ги подарил. Најголема е онаа убавина која се чувствува со шестото сетило- срцето. Таква убавина доживеав во градот на добредојдето во кој владее човечка топлина, мир и спокојство. Рајот е на небото, но рајот е и на земјата во Божјата убавина на Дојран. Уште со првиот чекор во овој град го почувствував оној импулс кој вели- Кој еднаш дошол овде во ова прекрасно место, ќе дојде повторно и повторно. Дојран е моја инспирација и мотивација. Сѐ започна со промоцијата на мојата стихозбирка „Цветен аманет“ во рамките на Дојранско културно лето. Оттогаш почнаа да се раѓаат стиховите за наредната стихозбирка „Дојран град со срце“, чија промоција беше на 5-ти ноември 2015 година во рамките на одбележувањето на денот на ослободувањето на Дојран. Наредната 2016 година се роди Монографијата за Дојран- 20 години локална самоуправа, а промоцијата беше величествена- се одржа во црквата Св.Илија. Задоволство беше и сѐ уште е задоволство да се пишува за овој град каде вечно живее легендата за Лабин и Дојрана. Од таа легенда е инспирирана и мојата песна „Моја Дојрана“ чиј автор на текстот сум јас, а на музиката и аранжманот е Коста Мичевски. Песната ја изведов на Фестивалот „Гоце фест“ 2017 година и песната се закити со трета награда од публиката. Песната вели:„Девојко моја Дојрано, ти си ми лек за срцето“, како што за мене е и уживање овој град со својата прекрасна клима и гостопримство и луѓето со голема душа.

*Последниве десет години кај Вас се испреплетуваат поезијата и музиката. Некои ќе го наречат тоа кариера, јас ќе го наречам силна љубов и хоби. Запеавте по неколку фестивали, откако “случајно” почнавте на ” Гоце фест”. Интересни доживувања имате, нешто Ве вовлекува сѐ посилно на сцената …

– Моето првично пријавување на фестивал беше на Валандовскиот фестивал 2005 година, како коавтор на текстот на песната „Таа не знае“, чиј автор на музиката и аранжманот е Љупчо Трајковски Фис. Втор пат се појавив како автор на текстот на песната „Ајде сите сложни да сме“ на “Гоце фест” 2015 година, за да 2016 година пред да почне да се подготвува “Гоце фест”, советот на фестивалот да побара од мене локал патриотска песна и тогаш се роди песната „На гроздобер да се видиме“, чиј автор на музика и аранжман е Коста Мичевски. Кога стана збор кој ќе ја изведува песната, Ванчо Тарабунов само рече: “Па како кој ќе ја пее, па се знае, ти си кавадарчанка, од музичка фамилија, си пеела до сега, ти ќе пееш”. Јас се одлучив и го прифатив овој предизвик да се појавам на фестивалската сцена. Вториот пат беше исто на “Гоце фест 2017” со песната „Моја Дојрана“, чиј автор на текст и интерпретатор сум јас, автор на музиката и аранжманот е повторно Коста Мичевски. Во 2018 година ја напишав и исполнив автобиографската песна „Сега брате тука сме сами“. Автор на музиката и аранжманот беше Зоранчо Здравески Зрпе. Потоа и 2019 година е обележана со мое фестивалско учество со песната „Нема љубов во парите“. Повторно автор на текст сум јас, а на музиката и аранжманот е Зоранчо Здравески Зрпе. Е во 2020 година беше мојот прв настап на друг фестивал кој традиционално се одржува на охридското Кале- Долни Сарај, Охрид фест со песната „Моја ти си судбина“, автор на текстот и интерпретатор сум јас, автор на музиката е Григор Копров, а на аранжманот е Цане Петров. На фестивалската сцена сум присутна и со песни на кои сум автор на текстот, а кои ги исполнуваат мои колеги од естрадата, Горан Симевски „Жена за довека“, Анета Арсовска- „Зароси љубов“, Ани Малинкова- “Тивешко востание“ и други.

 

* Ако ги споменеме сите Ваши песни, барем по име од фестивалите, ќе ги потсетиме Вашите обожувачи на нив. Но ако ја споменеме песната со која “сестрата го кани братот” верувам дека ќе внесеме возбуда кај многу од слушателите кои ја слушнале. Може ли да се рече дека таа песна е биографска и Ве опишува?

– Песната „Сестра кани брата на вечера“ е песна изнедрена од мојата болка на прераното заминување на моите родители. Со брат ми останавме сами да се грижиме еден за друг и да се сакаме неизмерно, затоа што крвта не е вода и таа секогаш врзува со најсилната нитка- љубовта. Песната е автобиографска, но во неа можат да се пронајдат многумина. Таа има порака, а пораката е: да ги сакаме и почитуваме нашите родители што повеќе додека се живи, за да не ни биде тешко тогаш кога веќе нема да се со нас и да ги љубиме нашите ближни, братот и сестрата, затоа што немаме полиски од нив. Песната се закити со втора награда од жирито. Драга ми е ова награда, но уште подрага ми е реакцијата на публиката за време на фестивалот, но и потоа. Секогаш кога ќе ја слушнат песната реакцијата е слична, воздишка солзи на очите, затоа што секој на одреден начин се препознава во песната.

* Всушност, дали Вашата поезија и песни се биографски или имаат по некој момент од она што Вам ви се случило во животот?

– Секако дека моите песни имаат автобиографски предзнак, а некои се резултат од случки во животот. Песните се резултат на инспирација од некои моменти, некои животни настани, можеби некогаш се инспирација од некоја детска насмевка, нечиј збор кој ми оставил впечаток. Значи инспирацијата за поезијата е насекаде, во нас и околу нас. Јас мислам дека автобиографските песни се најсилни, затоа што се изнедрени дирекно од душата и срцето на авторот, преточени се од неговата крв, со перото на најголемата вистина.

* Силна жена, која гордо умее да им испркоси на сите животни ситуации и премрежја и од нив да создаде ново дело, нова креација, нова трага. Од каде таа сила и таа енергија?

– Животот нѐ става понекогаш пред разни искушенија, некогаш мали, но некогаш и поголеми. Јас секогаш во такви ситуации застанувам и си велам. И што сега, сега нема назад, сега само главата горе и борба за излез од таквите ситуации. Затоа што само ако се бориме може да победиме, а ако се предадеме, загубата е неминовна. Јас го надминав и „големото“ искушение кое ми се случи минатата година и со кое се справував речиси цела година. Од него излегов посилна, и со една голема лекција- дека треба уште повеќе да се сакам и да променам некои работи во животот и да ги правам на подруг начин. Затоа што здравјето е најголемото богатство на човекот кое не се купува со пари, понекогаш и сите пари да ги дадеме, не ќе можеме да го спасиме. Затоа се вели дека здравиот човек има многу желби, а болниот само една- да оздрави. Мојата верба во Бог и вербата дека ќе изелезам посилна од оваа ситуација ми помогнаа да го надминам и ова премрежје. Моето перо не застана ни тогаш, пишував, и тоа дури со поголем интензитет. Во тој период се роди една песна со наслов „Време за живот“ во која се вели:

„Животот е токму сега,

сега кога времето вртоглаво бега,

а сега е време да се живее,

не вчера, затоа што минато е,

не утре, затоа што можеби доцна ќе е“

 

*Да се вратиме повторно на Вашето творештво. Посебен белег им даваат и неколкуте свечени поеми кои ги имате напишано, како на пример за Мирот, за која освоивте и Цветинова Награда за Мир, за што сакам да ни раскажете детално…но и свечената поетска ода за шаховските прваци Димитар и Борче Илиевски, за Гане Тодоровски… Кој “кредит” треба да го има кај вас една личност за да ја опеете?

– Да се пишува за големи луѓе воопшто не е тешко, особено за луѓе со кои лично се познаваш и соработуавш долги години. Мојата соработка со Живко Поповски Цветин е долгогодишна, децениска. Сѐ започна со „Цветен аманет“, стихозбирката на која тој беше илустратор на корицата. Оттогаш, па до денес се редат настани, по разни поводи, било да е тоа закројувањето на лозјето, одбележувањето од годишнината на упокојувањето на Мајка Тереза, настани по повод одбележувањето на годишнината од фрлањето на бомба врз Хирошима и Нагасаки, со упатување на порака за мир во светот. Еден од тие последни настани кој се одржа на 08.08.2024 година по повод одбележувањето на годишнината од нуклеарното бомбардирање на Хирошима и Нагасаки на кој ја добив „Цветиновата награда за мир“. Чест и задоволство е да се биде дел од мисијата за ширење на мир, наместо војни, страдања и немири. Друг човек кој е великан на својот терен е велемајсторот во шах Димче Илиевски и неговиот брат Борче Илиевски од Битола, за кои ја напишав песната „Животот е шаховска игра“. Исто така и со Димче Илиевски нѐ врзуваат долгогодишни одбележувања на настани по разни поводи. Тука е и великанот Гане Тодоровски за кого имам посветено песна и уште некои други големи луѓе по лик, по дело, по душа.

* Како посебно прашање ги оставив поемите за Даница Ручигај и за Мајка Тереза. Жена за жени. Што значат тие за Вас?

– Даница Ручигај, поетеса, жена, која ме инспирираше со својот живот, силните стихови, животната судбина. Лесно се движи перото и стиховите течат како река кога се пишува од душа за луѓе кои имаат душа и сјај во очите, оној животен сјај кој блеска и грее, од кој се точи убавина, топлина, понекогаш иако не ги познаваш лично, имаш чувство како некогаш и некаде да си ги видел, дури и како да си живеел со нив. Ликот и делото на Светицата Мајка Тереза е посебна инспирација за мене, за јас да ѝ посветам и неколку песни. Жената е често инспирација во моите песни, жената како мајка, жената како борец, жената како нешто свето, од чиј живот се раѓа нов живот. И уште многу може да се кажува на тема жена, но најважно е дека да се биде вистинска жена е привилегија. И јас се чувствувам привелигирана што сум токму во ова тело, со ова срце и душа кои ги носам. Во контекст на тоа дека кога се сака сѐ се може, дури и планини да се поместат, а жената е таа која е силна, храбра, и која за своите најблиски ќе ги направи дури и невозможни работи, како што е примерот со една мајка, за да го спаси своето дете од незгода, подигна сама со свои сопствени раце и автомобил. Во тој контекст ќе кажам неколку стихови од мојата песна „Кога се сака сѐ се може“, напишана по повод свеченоста од основањето на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри ЗМСТАМ.

“Кога се сака сѐ се може

за тоа ти благодарам Боже,

за падот и за успехот

за искушението и трпението,

патот кој си ми го одредил

за дарбата која си ми ја подарил

да љубам силно и од душа,

ти благодарам што може

зборот мој секој да го слушне”

* Рековме дека имате седум книги од кои последната ја промовиравте во вонредни услови, или подобро речено сѐ уште не ја промовирате, затоа што се случи за време на короната. Треба ли да очекуваме официјална промоција или поетско читање преку кое ќе нѐ запознаете со нејзината содржина?

– Последна моја издадена стихозбирка е „Домот на љубовта“ и тоа во 2020 година која во себе содржи 50 песни. Поделена е во три циклуси и тоа: „Домот на љубовта“, „Ние и љубовта“ и „Вам со љубов“. Поради вонредните услови кои беа во 2020 година поради кои не се одржуваа јавни настани, стихозбирката не доживеа јавна промоција, но истата најде свое место во повеќе домови и повеќе срца, иако немаше јавна промоција. Би сакала да ја промовирам затоа што пораките кои им ги упатувам на читателите се силни и се излеани дирекно од моето срце. Јас ги љубам сите луѓе во светов, такви какви што се и како што велам во самото мото од стихозбиракат:„Имам дом за сите срца кои чукаат во ритамот на добрина и срце за сите домови кои сакаат да ја вдомат љубовта“.

* Изградено име и призната поетеса, жена со своја кариера и цврст чекор во животот. Жена за која нема пречка, и покрај толку многу пречки. Што ве прави горда на себе?

– Животот не е секогаш послан со рози и свила. Понекогаш има и трње, колку да не потсетат дека сме живи. Животот не ме галеше секогаш, но јас секогаш го сакав, затоа што убаво е да се живее и секоја пупка заслужува да зацути. И покрај предизвиците моето мото е: Не свртувај се никогаш назад, затоа што таму те нема, не се грижи премногу за иднината, затоа што е неизвесна и сѐ уште не е дојдена. Живеј овде и сега, вдиши го животот со полни гради и биди свесен за секој момент. Јас паѓав, подзастанував, но секогаш станував и продолжував, уште посилна, уште посвесна од претходно. Понекогаш сама, но никогаш осамена во сите тие животни предизвици. Ете затоа сум горда, горда сум што сум своја, горда сум што љубам и љубена сум, горда сум на сите свои успеси, победи, па дури и на своите грешки кои ме направија подобра верзија на себе си.

*Самата ќе речете поезијата е во мене уште од мајчината утроба. Музиката е нејзина придружничка. Со едната рака го држите едново со другата другото. Вие ги водите нив или тие Ве водат да не заталкате?

– Поезијата и музиката се мелем за душава, еликсир на животот, мои музи и мои водилки. Кога пишувам среќна сум, кога пеам живеам и дишам со полни гради. Чинам целиот Универзум е во мене и јас сум дел од Универзумот. Ме водат секако тие и јас одам со нив, животот со поезијата и музиката ми е поисполнет, обоен е со виножитото на разновидноста и бескрајот на убавината.

*Нѐ поканивте и денес ќе ви дојдеме во Кавадарци на Гроздобер. Да кренеме чаши за здравје и среќа и да го прославиме Денот на Кавадарци. За крај само би ве прашала како некогаш, а како сега се слави овој ден и на што ненаметливите и питоми Кавадарчани и Тиквешани се посебно горди?

– „Тиквешкиот гроздобер“ се слави традиционално. Јас сум присуствувала на повеќе манифестации, но поради моето преселување во Скопје, секогаш не сум можела да присуствувам. Но она што ми оставило впечаток и порано и сега е дека манифестацијата е масовно посетена од секогаш со гости од земјава и од странство. Манифестацијата има богата програма, од промоции на вина, на книги за лозјето и виното, музички настапи на домашни и странски музичари, едноставно градот во деновите кога се одржува оваа манифестација како да е еден дом, една душа и едно тело. Јас сум кавадарчанка, тоа секогаш така ќе остане, ме влече коренот, ме влече крајот мој роден кој има народ благороден, душа блага како шира и срце кое чука во ритамот на добрина. Посебно сум горда на својот роден крај, на кавадаречкото гостопимство, широката и искрена насмевка на секој кавадарчанец, на нектарот на висината и Боговите, виното кавадаречко, на нашиот Никола Бадев и на уште многу познати и не познати имиња, на моите другарки од детството со кои до денес контактирам, на семејството кое го имам- мојот брат, снаа и внук на кој посебно сум горда.

„Одев овде, одев онде,

за да најдам во животов азно.

Но таму, зад овие ридови

и оваа рајска долина,

секогаш несто недостига.

Недостига мојата дедовина,

таму ја нема мојата татковина“…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во

КулАрт 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.