МИТКО Ц. КОЛЈУШЕВСКИ, ОХРИДСКА ЛЕГЕНДА: Мојата патека ме донесе и завршува овде, во ова свето место- Охрид!

Август, 2024

Од личен аспект, одговорност е да се интервјуира личност за кој сте имале прилика да сфатите колку беспрекорно е почитуван во околината во која е роден, пораснал, живее, го гради и го заокружува сиот свој творечки и животен циклус.
Одговорност е, затоа што секој искажан збор за него ќе се однесува на сите оние кои го почитуваат, го доживеале одблиску, биле сраснати и се идентификувале со целокупното негово создание. А не се малкумина.
Интервју, кое треба да се пишува нежно како со пердув во мастило.
Пејач, гитарист, музичар, автор, композитор, поет, афористичар…
Митко Ц. Колјушевски е една ретка охридска личност, пред кого охриѓани, познавајќи го, симнуваат шешир.
Градска легенда, урбана легенда и музичка легенда.
Човек кој посветено и со голем ентузијазам внимателно со децении ја плете својата приказна.
Од оние кој во своето место е најтивок, а воедно и најмоќен, затоа што е Човек со реноме.
И за чие име се врзуваат антологиски песни, а најново една носталгична балада…
*Балада со наслов “Огниште” е најновата песна со Ваш потпис, која е објавена неодамна. Слушајќи ја, прво што може да се помисли дека испраќате јасна порака тие што го напуштиле родното огниште да се вратат. Од каде ваква тема и толку емоција во истата? Испративте ли некој близок од родното огниште или инспирирана е од она што се случува околу нас?
-Да, “Огниште” може да се доживее на неколку начини: како порака, како поука, како внатрешно лично чувство. Оставам на слушателот, секој да ја доживее на свој начин.

*Колку време Ве чекавме за нова песна? Ми се чини го последно време како да бевте сѐ повеќе свртен кон поезијата, музиката малку беше во втор план, привремено.
-Бидејќи ова ми е повеќе хоби и мал животен предизвик, затоа “работите си течат лека-полека”. Да ве потсетам пред две години (2022) излезе на видело баладата “Животот е лото” и мислам дека не е многу одамна, а поезијата си “спиеше” додека не ѝ дојде нејзиното време.

*Многу песни се од Вас, напишани со многу посветеност и длабока инспирација, но новокомпонираната песна во староградски манир “Стариот фенер”, останува вечен знак на препознатливост, едно музичко ремек-дело изведено од Захаринка Милосављевиќ и групата “Цар Самуил”. Како е создадена истата?
-Најнапред Ви благодарам на заклучокот и оценката за она што го имам оставено зад себе. Како што кажав тоа го работам од хоби, ме исполнува но и ме обврзува, длабоко, искрено и одговорно да се посветам на сето тоа. На дел од прашањето за песната “Стариот фенер” морам да дадам малку пошироко образложение бидејќи истата си има своја приказна. Се “роди” во почетокот на осумдесеттите години (на XX век) како плод од повеќегодишното настапување во еден прекрасен угостителски објект во стариот дел на Охрид заедно со моите колеги од ансамблот за староградска музика “Самуил” подоцна “Цар Самуил”. Покрај внатрешниот амбиент во староградски стил и цветните тераси исполнети со домашни гости и туристи од повеќе краишта на светот, амбиентот го надополнуваше и една прекрасна млада девојка облечена во раскошна облека со светли шарени бои со шапка на главата, со широка насмевка и кошничка полна каранфили и рози, која што секоја вечер доаѓаше тука и ги продаваше на присутните гости. Ќе повторам- од тој таков амбиент и мојата авторска инспирација (со мојата гитара и придружба на малечкото хармониче од страна на син ми Никола) се роди првата верзија на “Стариот фенер”. Подоцна (речиси по десетина години) со ансамблот направивме демо- снимка, ја испратив на распишаниот конкурс од страна на МРТ за фестивалот на новосоздадена македонска песна “Цветници 1993” каде што во конкуренција од неколку стотини пристигнати песни беше примена. Аранжманот го напиша маестро Драги Митев, а со раскошниот глас на доаенот на македонската народна песна Захаринка Вртаноска Милосавлевиќ придружувана од ансамбл “Цар Самуил” од Охрид и фестивалскиот оркестар составен од најеминентни музички имиња од Македонија, под раководство на маестро Благоја Дескоски, во прекрасниот амбиент на преполната Универзална сала во Скопје, заживеа “Стариот фенер” и сѐ уште живее и го осветлува патот до срцата на слушателите ширум Македонија и пошироко низ светот.

*Тука ќе се надоврзам со прашање како е создадена и заедничката песна, но овој пат дуетска, изведена од Вас и Захаринка “Мајсторот песнопоецот”? Уште една би рекла еснафска песна, истата посветена на мајсторот Абас Цаноски, инаку и самиот автор на текстот за песната “Кога тргнав Цвето”…
-И оваа песна си има своја приказна, како во својата содржина така и во нејзиното создавање. Во еден февруарски ден, Абас ми донесе текст со многу интересна содржина (поврзан со неговиот еснафски живот) напишан според сите параметри за една песна. Подоцна ми беше кажано дека истиот е напишан од господинот Ѓорги Ѓоргиевски Ѓе.Ѓе.од Ресен, автор на многу текстови за новосоздадени македонски песни испеани од еминентни пејачи (со кого за жал, никогаш не се видовме). Бев воодушевен од мајсторскиот пристап и со големо задоволство ја сработив, а ја “темпирав” за волшебниот глас од Захаринка, која што ми предложи да ја испееме во дует. Ете така, три души кои пулсираа како “едно тело” ја извадија на видело песната “Мајсторот песнопоецот” која што и сега со задоволство се пее и се слуша. И Ѓорги и Абас се упокоени, нека почиваат во мир а на овој начин преку нивните дела повторно ги оживуваме.

*За Вас кога се зборува, меѓу оние кои имале привилегија да Ве знаат подолго време и да уживаат во вашите изведби низ Охрид, се добива асоцијација на музичар со гитара и никогаш не ни стана сосема јасно дали повеќе сакате да пеете или да свирите. Ја имате ли вие самиот определено мерката?
-Да. Без разлика на впечатокот што сум го оставил кај моите сограѓани и други слушатели на многуте настапи, за што сум им многу благодарен, сепак себе си се доживувам како пејач. Уште како малечок сум ги мумлал некои тогаш познати песни и тој период од животот го сметам за почеток на моето пеење (ха, ха…), а подоцна на куќните веселби и други собири кои биле зачинети со песни сум бил главна атракција. Гитарата ми е мојот верен придружник, иако многу солидно свирев и на тапани и други ударни инструменти во целиот период од моето активно занимавање со музика…

*Гитарата, која е Ваш најчест придружник, е и Вашето помагало за да се создаде и испее некоја убава песна. А вие имате создадено многу. Што велат бројките? Се ближат ли над стотина?
-Како што напоменав, гитарата е мојот верен придружник и помагало при создавање на нови песни. Започнав да ја свирам уште во осмолетка и за прв пат во тие тинејџерски години искомпонирав една авторска песна, во забавен стил, со наслов ,,Просјаци” а на текст од две-три стихотворби на македонски јазик и две на француски јазик им додадов музика, исто така во забавен стил, и со блок од шест- седум нумери настапував на повеќе приредби. Подоцна како член на Културно уметничко друштво продолжив со своите настапи низ Македонија и повеќе европски држави. Не сум поборник и поддржувач на квантитет ниту во музиката ниту во другите сфери на творење, та затоа не ги бележам бројките на создадени реализирани и нереализирани текстови и песни, веројатно се повеќе десетици.

*Ако земеме да погледнеме кон хронолошките осврти, за Охриѓани а верувам и пошироко, првата асоцијација за Вас е познатиот охридски ансамбл „Цар Самуил“, какви што ансамбли денес и речиси нема. Сигурно нема. Многу може да се зборува за тоа, но кога би требало накусо да се резимира за овој ансамбл, од неговото создавање па натаму, што би било тоа? Што би се кажало?
-Секако, со своето неколкудецениско постоење и неговата музичка активност, ансамблот “Цар Самуил” има оставено длабоки траги во меморијата на моите сограѓани- охриѓани од повеќе генерации и речиси сите нѐ идентификуваат со името на ансамблот.

*”Цар Самуил” е бренд за музичката антологија на градот, би рекла можеби една современа форма на Садило, и уште подобро- продолжение на “Распеани Охриѓани”. Која ви беше првичната цел и идеја кога се создадовте?
-Почетоците за формирање на ансамблот за староградска музика датираат уште од 1971/72 година составен од членови на оркестарот при “КУД Застава” од Охрид, а подоцна (1979/80) се востановува групата “Самуил”со која што во далечната 1986 година издаваат касета за
“Југотон”- Загреб. Подоцна, со мали персонални измени во 1992 година се преименува во Ансамбл- “Цар Самуил” кој што опстојува подолг период. Издадовме неколку албуми (касети и ЦД), а учествувaвме на сите тогашни фестивали на новосоздадени песни во духот на македонската музичка традиција: Цветници, “Серенада фест”, “Гоце фест”, “Тетовски филиграни”, “Охридски трубадури”… Треба да се напомене дека на повеќето од посочените фестивали настапуваме со авторски композиции од самите членови на ансамблот: Митко Колјушевски, Трајче Крстаноски и Мухамед Бајрам. Следуваа многу настапи во музички емисии на Македонската Радио Телевизија и други телевизиски куќи и настапи низ Македонија и Балканот.

*Вие сте основач и на групата „Конак“ со која издадовте албум, а исто така ги основавте групите „Езерски вез“ и „Романса“ каде настапувавте и како вокалист и гитарист. Постојат ли сѐ уште, или остана како запис само тоа што се создаде своевремено со овие групи?
-Морам да напоменам дека во текот на својот поактивен ангажман во изминатиот период, челенував во ансамблот “1762 лето” со кој што настапивме на фестивалот Охрид фест 2001 година, а потоа со некои од своите колеги од охридскиот музички еснаф ги формиравме ансамблот “Езерски вез” со кој што настапивме на фестивалот за староградска музика “Охридски староградски средби 2008” и други настапи низ Охрид и пошироко. Подоцна и со групата “Конак”, со која што издадовме албум со македонски песни во староградски стил на кој што се најде и легендарната- “Песна за Патрикот 1762 лето” со целата нејзина содржина од 18 строфи и настапи во музички приредби и емисии на Македонското Радио радио Скопје, Македонската Радио Телевизија и други радио и ТВ куќи и локалните радија Радио Охрид и други. Едно големо задоволство ми претставува членувањето и активноста на групата “Романса” каде што настапував како пејач на македонски и странски забавни мелодии- евергрини. Тоа е сѐ што своевремено сме оставиле како запис за своето постоење.

*Поезија и афоризми се Вашата паралелна и во последно време поинтензивна определба. Што е најважно на тој план? Колку книги имате објавено?
-Како што напоменав погоре, поезијата и афоризмите си го чекаа и го дочекаа својот ред. Пишувам уште од своите млади училишни години, каде што мои стихотворби и раскази редовно беа објавувани во училишните алманаси. Од тогаш до овие возрасни години помина подолг период, но “тие” останаа како верен чувар на паметењето. Најважно е да не ве поклопи и да ве зароби во своите канџи-самобендисаноста, оттуѓеноста од реалниот свет во кој што живеете. Од 2018 година Членувам во литературниот клуб “Григор Прличев” од Охрид. Пишувам поезија при што ја издадов збирката- Стихописани слики- 2022 година. Во подготовка за издавање е нова збирка поезија, а расказите и песните за деца остануваат за подоцна. Со свои творби сум застапен во алманаси и збирки поезија- Група автори: Охридските поети; Охридски поетски бисер; Песнопојност; Денови на поезијата; нашите празници; Хероите на Македонија- 2; Преспански треперења; Поетско Маркукуле; Пауна и др. Учествувам на повеќе литературни манифестации ширум Македонија и пошироко, каде што имам добиено дипломи, благодарници и други признанија за зачувување и негување на македонскиот мајчин јазик. Воедно пишувам и афоризми а ја издадов збирката- “Од стариот зимбил на дедо Бимбил”- 2023 година. Добитник сум на специјална награда за етноафоризам во 2023. Со свои афоризми сум застапен во книгата- Групен афористички портрет-група автори од Македонија и Балканот, свои афоризми редовно објавувам во Афористичка репрезентација на Македонија и списанието Балканиум, а втората збирка Афоризми полека но сигурно чекори кон своето издавање.


*Последната алка која се надоврзува на Вашиот опус се песничките за деца и ангажманот во фестивалот “Распеано рибарче”. Што радува повеќе, кога возрасни пеат Ваши песни со кренати чаши со вино во некој добар охридски ресторан, или кога на некое детенце му светат очите од некоја убава весела детска песна што сте ја напишале?
-Подеднакво радува и едното и другото и секое си има свое место во животот, задоволство кое што не се опишува со зборови, но најмногу радува тоа што речиси сите тие дечиња (некогашни прво и второодделенци) денеска се возрасни личности со успешна кариера во своите професии, при што им посакувам многу здравје и понатамошни успеси.

*Почнавме со “Огниште” и некако да го заокружиме овој разговор со истата тема но во друга насока. И покрај даровитоста што ја носите во Вас, како и талентите, никогаш не го напуштивте Охрид во потрага за “подобар живот”. Вдахновеноста на градот ве опи за навек, глетката од која не може да се тргнат очите, инспирацијата што ја дава, неговата вечност, или најпресудно беше- близината и љубовта кон најмилите?
-Поголем дел од Вашето прашање, дава и одговор на сите потпрашања што провејуваат низ него. Секој си има своја судбина и предодреденост за трасирање на патеката кон “Подобар живот”. Мојата патека ме донесе и завршува овде, каде што сум се родил, каде што сум го испратил првиот глас на новороденче, кон височините и широчините на ова свето место- Охрид! Овде каде што сум го свил своето гнездо во кругот на моето семејство, роднини и пријатели, секогаш исполнето со неизмерна љубов, хуманост, човекољубие и неизмерна љубов кон Нашата татковина Македонија.
*Што остана несработено и нереализирано досега? Остана ли некое мало делче од сонот и мечтите за доостварување?
-Човек ако нема сон како да нема желба за понатамошен живот. Секако дека во мене е присутен сонот за доостварување на тоа што сум го зацртал, а со Божја помош, низ времето што доаѓа, дека сето тоа ќе биде реализирано. Ви благодарам и истото и Вам Ви го посакувам. А ова интервју го посветувам на моите покојни родители: мајка ми ТРАЈАНКА и татко ми ЦВЕТКО.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.