ОД МОЈ АГОЛ: Слава на украинскиот народ!

81

26 февруари, 2024

Временски, денеска се навршуваат две години од почетокот на војната во Украина, а во мојата душа многу подолго тлее болка и сочувство за тој добар, а вечно настрадан народ, во земја целата плодница во која природата и БОГ ги дале сите свои дарови за совршен живот, но , ете, тие никогаш не кренале глава од сиромаштии, неправди и војни.

Мојата болка кон овој народ започнаа откако лично ги запознав милите Украинки и Украинци, во почетокот на деведесеттите години, кога заедно со мојот брат решивме да одиме на тринеделно крстарење во Дњепар, со огромниот брод “Маршал Кошевој”.

Радост, љубопитство а понатаму и вечна траума.

Кога би го разгледале мојот фото албум од Украина од тоа време, на него ќе видите една млада и како препарирана девојка, вчудоневидена и затечена од сѐ таму, првенствено недоволно количински оброци, а и немањето продавници од каде и како да се купи храна, од речиси празните рафтови, на која навечер ѝ доаѓаше да си ги изгризе прстите од глад и чекаше што поскоро крстарењето да заврши и да ѝм се врати на своите сендвичи, хамбургери, чизбургери, пици, лазањи, нескафе, фрапе и сета таа модерна храна во изобилство, дома.

“Украина, веќе никогаш!”, баш така гласеше секој мој заклучок, сѐ додека една вечер од бродот со новостекнатото друштво не излеговме по дискотеките и клубовите во Киев, кои тогаш беа и опасни, по отцепувањето на земјата од Советскиот сојуз и беззаконието кое таму владееше, но налетавме на прекрасна млада брачна двојка уметници, кои се погрижија безбедно да се вратиме во своите бродски кабини, а следните денови дури и преку ден, во оние часови кога ни беше дозволено излегување, со нив шетавме низ најубавите места низ градот и во ботанички градини. Сѐ е чудесно.

Ах, не, чекај. Се предомислив. Да го задоволам мојот глад за пици и хамбургери и се враќам. Многу е убаво тука, а и луѓево имаат душа, зар не? Гледај колку е убаво од ден на ден мојот престој во Украина добива сѐ поубава содржина. А да напоменам има и смеење до солзи (со нас во групата беше и Војче Китаноски).

***

Втората моја посета се случи во 2005 година за време на Евровизијата. Украина победи претходната година во Истанбул, победничката Руслана постојано зборуваше за некои портокалови политички работи кои јас не ги разбирав, но тоа и не е важно во однос на музиката, си размислував јас.

Но!

Во тоа време, кога имаше само телефонски линии и по некоја меил адреса, а јас секогаш недоволно организирана за било кое патување во моја режија, сѐ во последен момент, и откако од агенцијата која се ангажираа не ми најдоа сместување, ноќ пред тргнување за Киев преку Белград, јас речиси во грч гостував во шоуто на Лила (Филиповска) Стојановска на ТВ Сител, и пред да почне ѝм испратив СМС пораки на моите пријатели кои се веќе таму и преку СМС ме “известуваат” како си поминуваат, ѝм пишав дека немам сместување и само што заврши шоуто добив СМС дека едвај ми нашле една еднокреветна соба во нивниот хотел најгоре, во тогаш најголемиот хотел “Украина” во центарот на градот, од некои 40- 50 долари од вечер. Каква победа! 12 поени!

И еве ме во собата, на 11 кат чинам беше, од таму се гледа големиот плоштад, високиот споменик, преку ден и навечер се одржуваат концерти со евровизискиот настапувачи и постојано има публика. Моите колеги се сместени на првите катови и се дружат, а мене ме мрзи сега да се облекувам и да одам во нивното фоаје, уморна сум и кулирам сама.

Едно попладне, гледајќи од прозорот кон импресивниот плоштад, каде имаше и преубава црквичка и евровизиската бина веќе реков, забележав голема маса на луѓе, чии свирежи се испреплетуваа со музиката од големата бина на која настапуваа музичарите. Зарем дошла толкава публика да ги гледа, си помислив, и се симнав и јас. Застанав на штандовите да купам оригинални украински сувенири и во еден момент се приклучив кон толпата.

Старата бабичка од која ги купив подароците почна да ме влече и да ме убедува дека не треба да сум таму тоа е протест, но не ја слушав, а војската и полицијата кои наеднаш се појавија околу нас ми укажа дека нешто се случува. Продолжив со толпата иако веќе беше ризично и стануваше сѐ пожестоко, и како стампедо се движеше и те повлекуваше де наваму де натаму, но неодолива е енергија на сплотеност, љубов, заедништво и болка на скромните луѓе што ја почувствував.

– Нема да мрднам, иако сум тука службено, а и не знам ни за што протестираат овие луѓе, но штом излегле на улица, со револт, мора да ѝм е направена некоја неправда, си помислив и целото попладне го поминав со нив.

Се вратив во соба, а колегите веќе во паника што ме нема, уште повеќе се загрижија кога ѝм кажав каде бев.

-Немој да си го сторила тоа уште еднаш, ми рекоа во еден глас, а јас секако дека нема да ги послушам и утре ако има протести повторно ќе отидам.

Последниот ден, откако Евровизија заврши, со останатите новинари од Финска како “последни евровизиски Мохиканци” решивме да прошетаме заедно низ убавиот Киев, низ прекрасните паркови, а она што најмногу ми остави впечаток е пејачката група од повозрасни бабички, над 70 години, облечени во импресивни народни носии како си пеат стари украински песни. Ѝм се приклучив и дознав дека тоа го прават со децении, секоја недела и за своја душа.

Боже каков дух во еден народ. Овде ќе се враќам секогаш. Секогаш!

А сега не само што нема глад, туку добивме и толку многу подароци, што не знам како ќе ги однесам по авионите. Рацете ми се полни со сѐ- торби, маички, цедиња, сѐ и сешто.

***

Е, третото мое патување во Киев (2017) можам да речам дека беше и најславно досега, еден ден ќе го опишам во книга.

Ќе раскажам за младата докторка која кога се симнавме од авион со своите две преслатки деца ќерката тинејџерка и помало синче, остана цела ноќ со мене во аеродромскиот ресторан, за да не сум била сама, така сметаа тие.

Ќе раскажам и за таксистот со кој имавме “драма”.

Погодувате ли, повторно имам “проблем” со сместувањето, мојот апартман е во центарот на градот и е резервиран само на збор (патував од конференција Сараево- Анкара и не бев сигурна дали воопшто ќе успеам да стигнам на Евровизијата) но сега, откако стигнав во Киев, од аеродром со такси отидов во прес центарот, и го поминав целиот ден. А таму се губи секаква мерка за време, средби со бројни колеги, пријатели, земање и давање изјави, следење проби и слично.

Пред полноќ решив да не одам во апартманот што го резервира си маил, туку да побарам некое сместување во близина на салата. Веднаш ми се насмевна среќата, преку интернет најдов број се јавив и најдов слободна соба во хотел “Парк”, повикав такси преку хостесите, според препорака на организаторите, таксито дојде и тргнавме. Но наместо кон хотелот “Парк”, барем според мапата што ја видов на интернет, тој ме однесе некаде во спротивен правец.

Поразговаравме додека се возевме, разговорлив е но не знае друг јазик, освен мајчиниот.

Ме однесе во центарот на градот, кој веќе го знам на мал прст, но ова време е празен и нема жива душа и тука ми покажува дека треба да се симнам и влезам во зградата пред нас. Се скаменав.

“Молам? Овде?! Зарем ова е хотел “Парк”?”

Тој почна да ми објаснува дека хотел “Парк” е многу далеку од салата и дека тој самиот ја сменил маршутата за мое добро и дека јас треба да се симнам тука и да се качам на втори кат.

Не доаѓа во предвид!

Е тука веќе се случи сцена од филм.

Сами на сред плоштад, таксистот седи наведнат зад воланот, со црна кожна јакна малку одрана на ракавите, со сомнителен поглед вперен во мене преку ретровизор, а јас зад него почнав да му се заканувам дека ќе го пријавам затоа што ме донел на погрешно место и барам да ме врати веднаш од каде што ме зел.

Тој беше упорен дека треба да му платам и да се симнам, јас почнав да викам на висок тон. Го изгасна автомобилот и седевме двајцата едно пет минути, немо. Ме гледаше во ретровизор многу несигурно и сѐ понервозно. Одвреме навреме само тивко ќе речеше, “ајде плати и оди”. Јас не мрдав. Ја заклучив вратата од автомобилот и седев и размислував што би можело да се случи. Страв не чувствувам бидејќи сум многу уморна од патувањето, но сега веќе и главата ми се вжешти и ми прелетаа куп слики што следува понатаму. Мислите ми отидоа до таму дека чека некого и дека сѐ е организирано и сега како што сум беспомошна ќе ме ограбат, а којзнае што сѐ не.

-И јас сум како тебе мафијашка, му реков одважно. Јас доаѓам од Македонија, знаеш тоа што значи? И ние сме мафијаши и ако се обидеш нешто и јас ќе се бранам, веќе не знаев што зборувам од збунетост.

Се чини се исплаши. По извесно убедување на висок тон и прелистување на моите евровизиски дневници, му дадов нова адреса каде да ме однесе, а тоа е од клубот каде заминаа моите колеги, а јас ги одбив за да одам да се одморам, и каде се одржуваа журки до рано изутрина. Ме однесе до таму и на излегување загрижено ми дофрли на украински јазик.

– Госпоѓо, внимавајте. Овде е многу скапо. Немојте да пиете ништо друго освен вода и евентуално сок.

– Ти ќе ми кажеш мене, му ја треснав вратата, откако платив, и заминав за нијанса поведра што, горе- долу сѐ е во ред, не настрадав како што очекував .

Влегов во клубот, сепак целата пребледена, наидов на моите колеги и пријатели од Атина, кои откако ѝм кажав што се случило, побрзаа да повикаат полиција, но бидејќи имаме поважна работа, прво да најдам сместување во близина, ги замолив да заборават на полиција а и немам сила за тоа. Тие веднаш се фатија за мобилните и за неколку минути ми пронајдоа нов хотел и тоа и поевтин, и многу блиску, повикаа такси со помош на официјалното обезбедување и за десеттина минути бев во својата хотелска соба, каде можев да здивнам.

Ох, колку сум среќна сите следни денови. Сместувањето е фантастично. Киев ми го исполни сонот секаде да оставам бакшиш исто колку и услугата. Еве на пример ако таксито од хотелот до салата на Евровизија е 40 рубљи, јас оставам 100. Таксистот трча по мене со курсот:  но ве молам тоа е бакшиш! Тој се заблагодарува неколку пати. Затоа што тоа за мене е премалку, едно или две евра…но на домашен терен не можам, да речеме ако таксито е 300 денари, јас да оставам 1000. Нема шанси.

Го шетам цел град, најубавите ресторани, сѐ е модерно, сѐ има во изобилство, сѐ е евтино и ветувам и правам план што побрзо да се вратам овде.

Киев, многу те сакам! Да знаеш…

Повремено се слушаат истрели кои доаѓаат од некаде, но ги сметам за параноични оние кои  велат дека тоа се слуша од границата со Русија. Како да не…

Следните денови повторно го среќавам таксистот пред салата и го предупредувам со прстот само ако ми се приближи.

Последната вечер повторно сум во стрес. Морам да бидам на аеродром во 6 часот изутрина, а немам резервирано такси, поточно мислев дека лесно ќе дојдам до такси.

Евровизијата само што заврши, а сите таксисти кои чекаат, се резервирани од новинари и фанови со време, а ги има богами неколку илјади. Пред очи гледам само врвулици од луѓе кои брзаат да влезат во таксито.

Почна и да роси, па да врне. Одам од таксист до таксист и ги замолувам дека и двојно и тројно повеќе ќе платам, но никој не сака да ме однесе. Нивната задача е да го испочитуваат тој што прв ги резервирал.

Во дождливата ноќ се појави и “мојот таксист” и почна да се распрашува по неговите колеги зошто сум избезумена и панично бегам од него, а меѓудругото ѝм рече и дека сум му пријателка и затоа е загрижен. Кога дозна што е проблемот ми се приближи и на украински јазик ми објасни да не се грижам, ќе го повика неговиот другар да ме однесе, бидејќи тој треба да носи друг новинар на спротивниот аеродром. Ама, како знаеше дека сме пријатели, а не сме!? Малку по малку се спријателивме и седнавме под едно дрво и почнавме да разговараме. Таксистот е скромно младо момче, загрижено за својата егзистенција, тој е женет, има и синче и тешко се снаоѓа. Неговата сакана сопруга се грижи за детето, а тој кога дознал дека за Евровизија се бараат таксисти се пријавил. И очекувал богат “лов”. Ама…

– Јас првата вечер многу сакав да ви помогнам. Ве однесов во поевтин апартман, зошто не го прифативте? И сопственичката ја познавам и сите се задоволни од неа. Вие ми кажавте дека сте од Македонија а јас сум слушнал дека и кај вас се живее тешко, како тука. Сакав да си ги зачувате вашите пари. Хотелот “Парк” е скап и многу подалеку и таму нема често автобуси ќе моравте со такси, а во центарот каде ве донесов апартманите се поевтини, има метро и автобус и ќе ви беше поекономично…а потоа со натажен глас ми кажа- речиси ништо посебно не заработив овие денови. А некои таксисти се фалеа добивале многу евра бакшиш од Французи, Англичани, јас не наидов на такви, ми рече…

Исто, ми го даде и неговиот чадор за да не ме врне.

Додека новинарите се качуваат во своите такси, ние муабетевме. На крај се сетив да се фотографираме за спомен и му подарив едно македонско чоколадо што го чував за колегите. Очите му светнаа од радост од честа.

-Сум слушнал дека Македонците се добри луѓе, ми рече, а јас не му кажав, но со свои очи видов дека Украинците се добри луѓе.

Во нивна чест денеска присуствував на настанот “Две години- хероизам” да дадам поддршка на сите тие прекрасни Украинци кои ги сретнав на моите тамошни патувања. А којзнае дали се сите живи и здрави. Безбедни не се. Ги мислам.

Еве денес во Скопје го запознавам и Игор Криволапов од Киев. Тој ми стави нешто на очите во некоја димензија, за да го гледам Киев денеска, шетав по улиците по кои некогаш шетав горда, како да сум нивна сопственичка.

-Еј оваа зграда ја препознав… По оваа улица шетав…Еве го мојот ресторан каде јадев вкусни италијански шпагети… (И се стегам за срце). Еве го саемот каде се одржуваше Евровизија. Еве го и паркингот каде ми се исткаја прекрасниот спомен со мојот пријател таксист. Тој е сега разрушен, саемот, еве го гледам на снимкава….

Изрегирав. Потскокнав. Солза ми потече.

-Препозна некои места?, ме прашува Игор.

-Препознав сѐ. Зарем е можно ова?

-За жал да… Ова не е Нетфликс. Ова е нашата реалност.

-Но нема трупови на снимките? Ха, уште тоа да видев и да се онесвестев…

-Токму затоа не ставаме такви снимки. Во Европа голем дел од луѓето и не веруваат дека ова се случува, тие живеат релаксиран живот, војната не ги допира. Но, ако ја изгубиме војната во Украина може лесно да се прошири и во Европа. А кога вие би виделе такви снимки со жртви, многу ќе се вознемирите, ми вели.

“Вратете ми го саемот! Тој ми припаѓа мене”, ми доаѓа да крикнам со солзи на очи, па продолжувам разочарано да разговарам “за жал ништо не можеме да направиме ние обичните луѓе. Лидерите се и тие кои одлучуваат и како да немаат милост кон нас обичните, а нас срцата ни пукаат од тага. Јас дури инсистирав кај организаторите Евровизија 2023 да ја правиме во бомбардираниот Киев, како поддршка “…

-Може како не, доволно е да се шири вистината наспроти пропагандата, барем едно делче од вистината. Затоа што ова не е само војна во Украина. Ова е глобална војна. Луѓето не ни веруваат дека кај нас се гаѓаат и убиваат и цивили. Тие мислат дека не кажуваме како што е, ми се жали Игор, кој е тука денес, а утре веќе се враќа назад и решен е никаде да не бега од Киев, зашто смета дека таму е потребен, на својот народ .

-Јас ја знам реалноста, се среќавам со украински новинари на меѓународни настани и тие ми кажуваат, продолжувам.

-Тогаш кажувај ѝм на своите пријатели сѐ што знаеш, ми повтори Игор ..

-Ќе кажам. Ама и мене не ми веруваат и муабетите за војни со нив се навивачки, ми зборуваат за заговори, а не за невини човечки жртви. А ако сум жива, еден ден ќе напишам книга за мојата Украина. За мојот украински народ. Дотогаш Господ, да го чува тој народ, а и нас. Ова е ужасно. Сакам веднаш да прекине. Слава на украинскиот народ, за тој народ секогаш зборувам со многу топли лични доживувања и со многу солзи… Нека ми остане прекрасен каков што го запознав, му порачав на Игор.

Ме освести неговиот муабет. Во право е. Секој од нас треба да го вложи своето делче против било која војна. Сѐ тоа е идеја. Како што и војната е идеја и никогаш не може да речеме дека за тоа е виновен еден човек или двајца или тројца… Виновен е спојот на исти идеи кои создале сила откако се здружиле, разорна сила. Војните не се заговори. Не!  Војните се реалност и загуба на човечки животи. Неповратни загуби. Во нив само тоа е вистина, сѐ друго е лага. Загубата е вистина За жал. Болна и тажна. Кога би престанала таа вистина, нашата вистина ќе биде преубава.

А во таа вистина се нашите пријатели и познаници, нашите драги луѓе.

А, јас ќе се вратам во Украина, зошто си ветив, но замолувам направете тоа да биде час поскоро! Сите вие и сите ние, секој со своето делче во таа вистина. Зашто војната, мора да запре! Не само таму, секаде во светот! И не после, сега и одма!

Не е наивно барање. Многу е конкретно. Мора! Ве молам! Секој миг, секој загубен живот значи и наша пасивност и несолидарност, а што ако сите наши идеи се спојат во една силна и истата успее?!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго,

Независен новинар и уредник во КулАрт

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.