Приказната за „Том Соер“, нова претстава за најмладите

1125

Во режија на Деан Дамјановски по адаптација на текст од  Горјан Милошевски на сцената на Театарот за деца и младинци на 15 мај се одигра премиерно новата претстава Том Соер и со тоа децата добија уште една театарска изведба специјално наменета за нив.

„Том Соер“ ве носи во еден необичен свет полн со палави игри, неизвесност, детска љубов, хумани подвизи и многу, многу шеги и смеа. Ова се авантурите на Том Соер и неговиот неразделен другар, Хаклбери Фин. Тие живеат во малото, брливо гратче Сејнт Питерсбург каде топло се преплетуваат животните приказни на сите луѓе. Том е палаво момче кое многу сака да игра, да се надигрува, да се надмудрува со сите. Тој е роден да биде водач и во него има толку смелост која само Хаклбери Фин и Беки Тачер знаат како да ја поттикнат. Тетка Поли цело време го брка и го опоменува зашто Том ја користи секоја прилика да „летне“ од дома право кај другарите. Тој никогаш не ја слуша ама ја сака и на тетка Поли тој и’ е многу мил. Сид е неговиот полубрат кој само го поткажува на Поли. Беки Тачер е девојката за која Том Соер мечтае дека некогаш, барем еднаш, ќе ја бакне. Таа е префинета, примерна ќерка на судијата Тачер, а Том Соер за неа е само еден лажлив мангуп, но се разбира, само на почетокот. Јасно е, тие двајца поцрвенуваат до уши еден за друг. Судијата Тачер е сериозен, мудар човек со многу манири и целата мешаница, што ја прави Том за Беки, не му е јасна. Бен Роџерс е другар на Том и Хак кој каде и да се појави свири и бучи како голема парна машина, како голем брод на пареа.

Дали децата или поточно кој од нив ќе се дрзне да ја каже вистината? Дали Том ќе ја бакне Беки? Дали Хаклбери Фин конечно ќе добие шанса и тој да си ја покаже храброста? Остануваат многу прашања на кои има одговор во Том Соер.

Ова е приказна за хуманоста и храброста на Том и Хак. Ова е приказна за детската љубов што ги извлекува сите добри особини и гестови од нашиот херој, Том Соер. Во исто време „Том Соер“ зборува за славата, за таа „круна“ што сите во гратчето сакаат да ја носат, сите сакаат да бидат славни барем поради едно нешто. Во оваа драма и претстава има многу сплетки, комични ситуации, опасности, брканици и игри. Кога се гледа тоа е како брзо и весело возење полно со изненадувања во еден голем „лунапарк“ што лежи на гратчето Сејнт Питерсбург, градските гробишта, островот на Мисисипи, судницата, куќата на духови и во чудната, мистична и убава пештера.

Следната изведба во месец мај е на 23-ти (четврток)!

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.