Промовирана книгата “Јанко Узунов- ТОЈ!…сиот беше музика!”

117

Скопје, 16 февруари 2024

Вчера, на денот кога е роден, 15 февруари, во ресторанот “Малешевски мерак” беше промовирана книгата “Јанко Узунов- ТОЈ!…сиот беше музика!”, од авторката Валентина Ѓоргиевска Парго.

Содржината на оваа парче слово посветено на легендарниот македонски композитор, музичар, пејач, педагог беше претставено пред претставници од десеттина медиуми од Скопје и од Прилеп, соработници на Узунов, меѓу кои Благоја Маротов, уметничкиот директор на „Гоце Фест“ Пеце Здравковски, музичарот и соработник Бранко Коловски, светски познатиот хармоникаш Александар Коловски со семејството и сопругата музичарка Ања, поетот Јован Магзански, кој овојпат беше задолжен за техничка и компјутерска обработка на книгата…

Добредојде ѝм посака сопругата Жаклина, а на промоцијата присуствуваше и синот Кирил со сопругата Милена и ќеркичката Јанка, која името го добила по својот славен дедо.

Авторката Парго, преку еден времеплов најпрво се потсети на првите индиректни средби легендарниот Јанко Узунов преку песните ги знаела уште како дете, бидејќи бил еден од нејзините омилени пејачи. Со неговите плочи првпат се сретнала во Радио Ресен, чиј уредник бил нејзиниот татко, новинарот Ѓорѓи Ѓоргиевски- Ѓе.Ѓе, по чии професионални патеки подоцна и самата тргнала.

Професионална средба со уметникот во 2010 година, дружби и приватни посети, резултирала со со посветен концерт од музичкото училиште “Узун” на концертот “Узун за Вале”, на 19 декември 2013 година.

-Средбите со големиот Маестро беа нешто благородно, честито и величествено, како него. Од него можеше многу, многу да се научи, раскажувајќи случки од времето кога неговиот дедо соработувал со Гоце Делчев, сѐ до времето на големите фестивалски сцени… Со песна и муабет, во нивниот топол и срдечен дом, поминав пријатни дружења. За жал набрзо потоа замина во вечноста, а остана неоткриен феноменот Јанко Узунов за пошироката јавност. Се надевам дека оваа книга ќе биде мал чекор во таа насока и ќе иницира една голема богата сеопфатна монографија за големиот музички творец, полн со музика и љубов, вели Валентина, која книгата ја напишала за неверојатни четири дена, според изјави од неговото семејство и најблиските пријатели и ученици.

Јанко Узунов (15.02. 1951 Валандово- 24.08.2014 година, Берово), остави преку 500 песни и големи хитови, како “Момчето со мандолина” (како изведувач), “Те сакам песно македонска”, “Македонче соколе” , “Очите ми плачат за сакање”…

Пркосен со песна, со многу широк репертоар, многу фестивалски победи и награди, турнеи низ светот, ученици кои ја продолжуваат неговата музичка мисија…

-Секогаш кога стоев до Јанко на сцената се чувствував гордо и привилегирано, дека имам можност да настапувам со голем човек и музичар како него, изјави неговата сопруга, која во книгата раскажува за нејзиниот среќен и исполнет живот со легендата.

Книгата засега е отпечатена во скромен промотивен тираж, додека ја преземе издавач и допре до поширока публика.

За дизајнот на корицата се погрижи Ристо Прентоски, фотографијата е на Зоран Чарли, делото го испечати печатницата „Ирис принт“.

Фото: Јованка Грозданоска 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.