Романот „Змејови од хартија“ од Мира Оташевиќ преведен на македонски јазик

588

Романот „Змејови од хартија“ од современата српска авторка  Мира Оташевиќ (1944 – 2019) е објавен по иницијатива и во превод на Алида Муча, која на македонски јазик го преве на романот „Сестрата на Ниче“ од истата авторка, што наскоро треба да излезе од печат, финансиски поддржан од годинашната програма на Министарството за култура во издание на „Арс Ламина“.

Авторката на „Змејови од хартија“ Мира Оташевиќ е истакната писателка, чии книги, среде бујната белетристичка издавачка дејност во Србија, се издвојуваат според литературните квалитети и како финалисти во поголем број релвантни книжевни натпревари. Оташевиќ е комплексна авторска личност. Таа е прозаистка, драматург и теоретичарка на книжевноста и театарот. Ги објавила книгите „Споени садови“ (1980), романот „Магамал“ (1994), „Сестрата на Ниче“ (1999), „Бекет и јастогот“ (2005), „Змејови од хартија“ (2008), „Зоја“ (2012) и „Горгони“ (2018). Авторка е и ковторка на бележити драмски, документарни и други уметнички телевизиски творби.

Романот „Змејови од хартија“ ја следи возбудливата биографија на архитектот Селман Селманагиќ кого животната матица од родната Сребреница го однела во престижната уметничка школа „Баухаус“ во Германија, во која се образуваа повеќе генерации авангардни творци, создадоа сопствен, препознатлив и примерен стил и влијателно движење во модерната и постмодерната уметност, особено во архитектурата, сликарството, дизајнот, фотографијата и во други домени на современата уметност. „Баухаус“ го водеше елита од авангардни уметници и професори, како Валтер Гропиус, Василиј Кандински, Паул Кле, Лудвиг Мис ван дер Рое, Ласно Мохољи Наѓи и други водечки модернисти кои, заедно со нацистичката документаристка Лени Рифенштал и филозофката Хана Арент и теоретичарот Ото Биџаљи-Мерин, кои се дел од бројните автентични ликови во овој роман чиј протагонист е архитектот Селман Селманагиќ.

По затворањето на авангардната школа од страна на нацистите, Селманагиќ успева да ја преживее војната опстојувајќи среде нацистички Берлин. Во еден момент го доживува својот судбински слом со апсењето, со неколку судбински игри на случајот успевајќи да преживее во суровите времиња до конечниот пад на нацизмот. И по војната тој останува во Берлин каде што успева да изгради меѓународна кариера на архитект со интернационален углед, живеејќи и работејќи во источниот дел од поделениот германски град и поделената држава.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.