САЊА ШУПЛЕВСКА: Мојот избор да живеам во различни земји, ми овозможи ширење на македонската култура и националните творечки хоризонти!

227

Референците на виолинистката Сања Шуплевска целосно ја отсликуваат и оправдуваат нејзината положба на глобалната сцена, нејзиниот трудољубив пат и богата музичка биографија е нешто за кое сонува секој уметник. Светска а наша, едуцирана и маестрална.
Нејзиниот нов албум, нов провод за силен аплауз!
Маестра Сања, неодамна излезе Вашето цеде во издание на “Полифонија” , кое публиката на концертот на хорот “Света Злата Мегленска” неодамна во НУ Опера и Балет, на кој настапивте и Вие, имаше чест да го добие како подарок. Опишете ни го ова остварување, кое израдува многумина.
-Идејата за овој проект започна одамна, уште на магистерските студии во Калгари, но поради ангажманите околу секојдневните концерти и предавања, во изминативе 25 години (како и остварување на семејство), идејата за овој албум остана долго нереализирана. Генерацијата на која припаѓам, поточно оние со кои студирав во Австрија и Канада, се одликува со музички уметници типично мошне посветени на интерпретацијата – до најситните стилски детали, на делото кое што го работат во моментот. Стремежот да се оствари автентична, суптилна но истовремено и сосема оригинална интерпретација целосно ме обземаше. Секоја музичка задача – некогаш тоа беа и по десеттина високо комплексни композиции кои требаше да се отсвират во една седмица, без разлика дали таа (задача) претставуваше соло настап или во рамки на било каков музички состав, изискуваше комплетност. Под комплетност се подразбира дека е потребно индивидуално истражување за околностите под кои е напишано музичкото дело, како и анализа на околностите на самиот концерт (како на пример карактерот на перформанс на составот, оркестарот или групата) и концептот на водачот на проектот кој концепт пак е во контекст на уметничка комуникација меѓу изведувачот и авторот на музиката. Поради овој стил на живот низ музика или live-перформанси, за кој во ниеден случај не жалам туку спротивно на тоа, изненадена сум и се радувам што успеав да најдам време да ја остварам идејата за ова ЦД. Секако неизмерно сум благодарна за иницијативата и безрезервната поддршка на мојот тим од Уметничкиот Центар “ПОЛИФОНИЈА”, особено Орце Ицковски и Давор Јордановски како и на Министерството за култура.

Вие творите во Канада, но повремено Ве имаме и кај нас. Добро е што многу познати македонски имиња како Давор, Васил Гарванлиев и други, кои живеат и творат во странство ова лето се вратија кај својата матична публика, кај македонската.
-Секоја личност се наоѓа во различен склоп на околности, но несомнено е дека она што не поврзува е менталитетот на овие простори односно темпераментот на оние израснати тука, кој е мошне различен истовремено и од Западниот и од Источниот свет. Ние сме во таканаречен tug-of-war речиси со сите соседи околу нас и тоа не по наша вина. Затоа само меѓу нас можеме да се разбереме и се почувствуваме смирено, уморни од долгите објаснувања по светот за тоа кои сме и зошто сме такви какви сме и како сме станале она што сме итн. Сепак, движењето од една во друга држава мора да е поткрепено со храброст, искреност кон себеси и самодоверба, но и поддршка и взаемна почит од новите колеги. Не е тајна дека во музичката индустрија во нашата држава има огромен (често необработен но вистински) талент за музика, кој со адекватна едукација од типот пошироко гледање односно глобален дијапазон на восприемање на музичките дела, може да произведе кадри конкурентни со оние од Западните држави од каде потекнува класичната музика. Сосема е природна желбата сето насобрано искуство на крајот на кариерата да придонесе кон – макар и мало – збогатување на родното место и сметам сите ние тоа и го должиме на оваа држава. Преточувањето на искуството не го остварувам на мејнстрим начин, туку преку пракса, односно заеднички настап кој сметам е најбрзиот и најефикасен правец за да се пренесат нештата конкретно во овој случај во музиката. Така, со Уметничкиот Центар ПОЛИФОНИЈА во изминатиот период остваривме многу проекти и настани, чиј фокус не е само висок уметнички дострел при понуда на нов репертоар за публиката, туку и едукативен контекст за учесниците во проектот и публиката.
Музичкиот регистер ме потсети дека во 1980 пеевте на “Златно славејче” песна со наслов “Тито”, а во 2021 година учествувате во песната “Судбина” на Васил Гарванлиев. Да го сфатиме ли ова како најава дека ќе имате поактивна соработка со македонските поп музичари?
-Благодарам што ме потсетивте на тој прекрасен производ на нашата држава – “Златно Славејче”, меѓу најубавите моменти од детството кога на рана возраст по неколку искуства со јавни испити по виолина сватив колку е полесно и пофамозно пеењето. На Вашето прашање не би го знаела одговорот. Се трудам да се прилагодам на модерните трендови и публика (имено и моето ново ЦД има таква мала тенденција). Сепак класичната музика за мене е многу полесна бидејќи влегувам во улогата или времето во кое музичкото дело е напишано и тоа е начинот да се справам со мојата природна срамежливост, поради која сè уште чувствувам блага некомотност на сцената, без посебна желба за експонирање под рефлекторите. Секако ја сакам музиката, љубопитна сум и можам да бидам заведена речиси од секоја музика. Музиката на песната “Судбина” е многу интересно напишана за виолина од водачот на групата “Монистра” – Александар Јовевски. Тој проект беше мошне занимлив и посакував да слушнам како мојата виолина со многу наснимувања – во кои требаше да се приспособам кон претходните свои изведби самата на себе би си звучела како цел оркестар.

Реномирана виолинистка која долги години твори во странство. По тригодишната специјализација во Салцбург, Австрија во 1997 заминавте во Канада каде се стекнавте со титулата Мастер по музика, и оттогаш сте професор по виолина и камерна музика на универзитетот “Амброз” во Калгари, конзерваториумот “Маунт Ројал”. Исто така редовно настапувате и со Филхармонијата на Калгари, и други оркестри во Западна Канада како оркестарски виолинист, солист, камерен музичар и менаџер. Големи успеси се тоа. Од Ваша позиција може да сфатите колку се големи сите овие успеси? Ве мотивираат ли истите за уште поголеми?
-Мојот професионален пат започна со Македонската Филхармонија како најмлад член на оркестарот, а подоцна се здобив со уште поважни позиции како што се: заменик- концертмајстор во Македонската опера и балет; концерт мајстор- менаџер и меѓу основачите на оркестарот FAME’S, виолинист во камерниот оркестар Леополд Моцарт во Салцбург, Австрија; долгогодишен член на меѓународно еминентни оркестри во Канада како што се Филхармонијата на Калгари и симфонискиот оркестар Оканаган; професор по виолина на престижниот конзерваториум за исклучително талентирани млади музичари на Универзитетот Маунт Ројал; професор по виолина и камерна музика на Универзитетот Амброз во Калгари; како и сопственик на училиште за виолина во мојот сакан и живописен град Кенмор во националниот парк Банф на Кандските Rocky Mountains. Како концертмајстор и уметнички раководител исто така сум активна и меѓу основоположниците на неколку ансамбли за камерна музика во Маедонија и Канада како што се: Симфонија Алберта, Tres Belles Piano Trio, Skopje Ladies Orchestra, фестивалот “Крушевско лето” , ансамблот “ИН МЕДИАС РЕС”, Канадскиот музички центар во Скопје, Асоцијацијата Детски Свет, Уметничкиот Центар ПОЛИФОНИЈА и друго. Како солист и во рамки на ансамблите во соработка со Орце Ицковски, се стремам кон автентична изведба на музичките дела, земајќи активна улога во реализација на иновативни проекти (барокни, експериментални и едукативни) поддржани од Министерството за култура. По мојот тригодишен престој и студии на Моцартеум во Салзбург, Австрија ме поканија на магистерски студии во Канада во далечната 1997 година каде се здобив и со титулата Мастер. По 20-тина години творештво таму, се почувствував премногу удобно, при што сватив дека е време за нешто ново а токму таа смелост наспроти неактивност, ја разбирам како успех.


Во Скопје настапивте и во 2018 година, во НОБ, тогаш сè уште МОБ, во колаборативен проект помеѓу ”Cowtown Opera” од Калгари во организација на Канадскиот музички центар во Скопје и асоцијацијата “Полифонија”. Што следуваше потоа за македонската публика, потсетете нè накусо…
-Тимот на уметничкиот центар “Полифонија” се одликува со префинети способности за креирање на успешни мултимедијални и мултикултурни програми и проекти во согласност со маркетинг- стратегии кои привлекуваат неколку типови публика. Така, концертите и проектите на ПОЛИФОНИЈА се стремат кон музичка разновидност, посветеност, интензивирање и проширувње на културната врска со различните стилови и жанрови. Верувам дека афирмацијата на разновидноста го продлабочува професионализмот, а искуството ја интензивира врската со музичките дела и нивните автори. Во истиот контекст ќе набројам неколку проекти во последните две години во продукција на Полифонија: Концерт трио бр. 2 од Шостакович посветено на жртвите од Втората светска војна, во изведба на домашни и еминентни солисти-соработици од Советскиот Сојуз и Германија (2021), Концерт Моцарт и кларинетот со гости солисти од Германија, Канада, Палестина, Србија и Македонија (2021), гостување со музичка претстава со деца “Приказна за Моцарт” во Софија (2021), копродукција на Мјузиклот Оперскиот фантом со фестивалот НИШВИЛ и Нишката Академија (2021), концерт на ансамблот IN MEDIAS RES во Рим, Италија (2021), приклучување кон светската Божиќната традиција со Ханделовата Месија со познати домашни вокални и инструментални солисти (2020), Концерти на ансамблот IN MEDIAS RES во Њујорк и Торонто (2019-2020), концерти и предавања под наслов “Брилијантноста на семејството Бах” (2020), две едукативни видео драми за деца во соработка со детското драмско студио, “Приказната за Моцарт” (2019-2020- 2021), и “Приказната за Бетовен” (2020), барокната опера “Дидо и Енеј” со гости предавачи од Германија и солисти од Австрија, Грција и Канада (2019), концерт на современа Канадска музика со Junо-наградениот Квартет Мулинари, од Монтреал (2019)…

Грст активности и настани, секоја чест. Воедно, би прашала што ќе следува, ќе Ве имаме ли Вас почесто на нашите подиуми?
-Мојот избор да живеам и да творам во различни земји и средини, овозможи дијалог кој секако резултира во ширење на македонската култура и национални творечки хоризонти како и носење на новитети и соработка со странци во нашата држава. Во тоа ми помогна владеењето на неколку светски јазици, вклучувајќи англиски, германски и француски, како и јазиците од Балканските земји. Она на што би се фокусирала во иднина е програма која неколку години успешно ја предавав во Канада, и ме интересира дали би можела да функцонира овде. Имено создадов курикулум за настава по камерна музика, модерен и креативен концепт со цел интензивирано поврзувањето на децата и студентите по музика со класичната музика, со што и Европската историја, традиција и културно наследство. Како надополнување на тоа се обидувам како автор да ја докомплетирам мојата серија на детски музички претстави во која глумат и свират учениците на детското драмско студио при “Полифонија” .
Што има запишано на Вашата агенда и програма за во Канада, барем за во блиска иднина?
-Оваа година повторно се вработив во НУ Опера и Балет во Скопје – тоа е еден оркестар составен од уметници во школката под сцената кои на така чуден и убав начин при виртуозните партитури понекогаш долги и до 100-тина страници во една вечер, умеат да ја прилагодат својата изведба еден кон друг и заедно кон балетските и оперските солисти на сцената. Со ова последно вработување на некој начин ги намалив односно оневозможив честите патувања. Во Канада сè уште би можела да настапувам, има понуди не поради тоа што таму толку успешно умеат да ги поддржуваат своите уметници туку поради фактот што Канадските институции вложиле во своите студенти и очекуваат подоцна да заработат врз основа на нивниот талент. Во моментов се чувствувам доволно инспирирано во Скопје и ангажманите во Канада ги сведов на само неколку онлајн предавања. Секако овде оформив Канадски музички центар во соработка со “Полифонија” , уметници од Торонто, Монтрал и Калгари, и Канадската Амбасада во Белград. Канадската култура и естетика во класичната музика во многу нешта се разликува од нашата, контактот со нивната публика е сосема контрасен на контактот со нашата публика, така што здобиеното искуство при претставување на Канадски уметници овде и обратно нашите уметници таму, е значајна придобивка за сите инволвирани; гостите уметници, публиката и домашните професионалци. Канадскиот центар си постави задача да помага на оние кои од тој континент сакаат да настапат овде како и на нашите музички уметници кои би сакале да се упатат кон Канада на студиски престој или слично. Овој центар работи на неколку поголеми проекти во моментов за кои би можеле да зборуваме во некоја следна прилика, поточно откако ке бидат реализирани.

Најновото цеде кое е со теми од класична музика, предвидено е да го дистрибуирате и надвор од Македонија? Патем, продолжува ли Вашата соработка со Полифонија?
-Секако, во текот на годините снимив многу сонати и live-концерти со посериозна содржина од ова ЦД, за кои понатаму би ми било драго ако повторно “Полифонија” и Давор Јордановски се јават како продуцент и издавач. Но токму овој албум Airs, Dances and the Lost Tango, го отсликува мојот живот онака како што го опишав погоре. Започнав да работам на овој албум уште во далечната 1999 година кога само што излезе печатен нотен материјал на музиката на Пијацола, која подоцна се прошири со огромна популарнст низ светот. Во тоа време со моето трио кое го сочинуваа кубанската пијанистка Ариана Родригез, рускиот челист Кирил Калмиков и јас, како странски Мастер студенти премиерно ги изведовме Четирите годишни времиња на Пиајцола, во новоотворената сала воедно и најсовремено студио за снимање на класична музика “Роза Центар” при Универзитетот во Калгари. По настапот успеавме да снимиме три од овие композиции а потоа дојде лето и секој од нас замина во своите земји со идеја да го доснимиме последното танго на есен. Нормално таа есен Калгари не дочека со бројни други покани за концерти и снимањето остана за подоцна. Другите композиции на овој албум и воопшто идејата за Песни и Танци во насловот (Airs, Dances, and the Lost Tango) е мојата Чаирска приказна од каде почна се. Мојот татко Гане целата своја професионална кариера ја помина како истакнат виолинист во Филхармонијата и Операта во Скопје и по концертите и претставите на кои речиси секогаш присуствуваше мојата мајка Светлана Шуплевска (уредник на културната програма во Македонската Телевизија) во моментите на анкциозност која доаѓа по долг фокус и еуфорија при концертите, се враќаа дома слушајќи или свирејќи песни и танци најчесто во класична форма. Таа музика од детството се моите најрани сеќавања и сметам дека да не постоеше Сарасате и неговите Цигански Напеви немаше ни јас. Албумот е посветен на моите деца на кои се обидов да им пренесам дел од магијата на растење во слични околности. На албумот се наоѓа и новата творба на Давор Јордановски за соло виолина насловена “Анѓа” , која е спој на носталгична македонска мелодија и американски тенденции.

Еден од најнежните инструменти е виолината. Нејзината убавина е во класиката, но во последно време се експонираат ѕвезди на електрични виолини. Вие за што навивате повеќе-виолина во класична варијанта или во некоја модерна?
-Класична виолина, таа звучи значително подлабоко и воедно има фантастично повеќе уметнички материјал напишан со точно познавање на интструментот. Исто така таа на некој начин претставува времеплов, поврзување со минатото, комуникација со автори кои живееле стотици години пред мене во чија музика може да се почувствуваат заборавени вредности, сосема различни од оние денес. Овие вредности пак ги продлабочуваат каналите на имагинацијата наспроти денешната фрагментација и вознемирувачки недостаток на интерес.
Виолината се јавува како тема во делата од уметноста и популарната култура, како „Виолина и малку нервоза“ — песна на рускиот поет Владимир Мајаковски, „Виолина“ — песна на српскиот поет Владислав Петковиќ – Дис, „Виолина“ — песна на српскиот поет Васко Попа, „Виолина“ — песна на македонскиот поет Наум Целакоски, „Виолината на Ротшилд“ — расказ на рускиот писател Антон Чехов, можеби има и некои други. Имате нешто прочитано од овие дела?
-Неизмерно Ви благодарам за потсетувањето на овие дела, некои од нив лично многу ми значат. Тука би наброjaла уште неколку поврзани со виолина и воопшто животот на музичарите како што се книгите: An equal music, (Vicram Seth), Canone inverso (Fabio Chianchetti), The Kreutzer Sonata (Leo Tolstoy), како и филмови: Канадскиот филм Црвената Виолина, Immortal Beloved (за Бетовен), Amadeus, Sid and Nancy (за Sex-Pistols), Inside Llewyn Davis, се што е поврзано со David Bowie и секако најомилените за познати гудачи од историјата Hilary and Jackie (од животот на Jacqueline du Pre) и францускиот филм Tous le Matins du Monde.

На тема засега неисполнети желби, во однос на тоа што би сакале да отсвирите на виолина концертно? Имаме многу стари етно песни, а можеби и нешто од светската класика.
-Кога сме кај музиката базирана врз нашиот богат фолклор би сакала да го споменам Капричото бр. 1 на Шуплевски на тема “Не си го продавај Кољо чифликот” кое дело за мене претставува еден вид аманет односно потсетување на неуморната енергија на моите претци во развивањето на музичката култура во нашата држава. Потоа Давор Јордановски има неколку мошне умешни обработки за виолина на кои со задоволство би се навратила. Секако во план е изведба на музиката од големите Томислав Зографски и Властимир Николовски. Што се однесува до светската литература, би сакала да научам повеќе музика (било која ) од J.B. Lullie, како и неколку фантазии на теми од Бизетовата Carmen и еден ден да ги отсвирам оние Моцартови опери кои ми избегале од репертоарот низ годините. Желбите се многубројни, но за сите мои постапки во сè што правам неопходно е да се воспостави рамнотежа помеѓу активностите за да се достигне убав тон и автентичност. Ништо друго (техника или виртуозност) не е важно без перцепција за убавина, текстура и автентичност. Не им сугерирам на студентите да се ограничат на еден професор, суперментор, еден естетски водач. Во локалната естетика, може да има контрола и предрасуди кои на музиката не и се потребни. Сакам концерти со суптилен карактер и љубопитни студенти и публика, зголемувањето на нивниот број е уште една цел на која сум посветена.
Имаме уште многу теми за разговор, сепак за крај на ова интервју, нешто интимно – што сакате да постигнете Вие со својата виолина како крајна цел. Сигурно тоа сте го имале на ум и на сам почеток кога сте го фатиле во рака овој убав елегантен инструмент.
-Она што отсекогаш ме интересираше е заеднички настапи, комуникација преку музика и размена на животна енергија со голем број посветени музички уметници од повеќе делови на светот кои меѓусебно се разликуваат по нивниот менталитет и образовно потекло, како и интерпретациска филозофија. Мојата професионална кариера покажува очигледен избор да го искусам виолинизмот во класичната музика на сите инстанци, вработувајќи се во повеќето формални поставки – солистички, камерни, симфониски, оперски, балетски, филмски, едукативни, експериментални и други позиции на класичниот виолинист на денешницата и тоа во неколку држави. Се плашам од преголема комоција и комфор кои ја уништуваат креативноста а се стремам кон постојана реинвенција за публиката. Иако ја многу ја почитувам публиката во секоја земја, едноставно немам потреба други да ја квалификуваат мојата работа – јас работам за себе а публиката е слободна тоа да и се допадне или не. Во тој контекст и виолината е осамен глас или една мелодија самодоволна – соло, наспроти клавирот на кого му е потребен поголем увид во хармонијата или повеќеслојност. Тоа е она кое уште на самиот почеток го разбрав за виолината и за себе.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.