Сеќавање на херојот од Преспа Мите Богоевски и на Стив Наумов

39

Димитар Богоевски- Мите (Болно, Ресенско, 31 октомври 1919 – Болно, 12 септември 1942) југословенски македонски комунист и поет, народен херој на Југославија. Уште на млади години се вклучил во прогресивните движења, а неговата политичка активност била следена од полицијата и затоа бил прогонуван, апсен и затворан во Битола и во Белград.

Димитар Богоевски- Мите

Болно, Царство Бугарија

Животопис

Родната куќа на Мите Богоевски која е прогласена за Споменик на културата.

Богоевски е роден во ресенското село Болно на 31 октомври 1919 година во печалбарско семејство. Основно образование завршил во родното село и во Ресен, а во Битола завршил Трговска гимназија. 1939 година се запишал на Економскиот факултет во Белград, но поради финансиски причини го напуштил и се вратил во родното место.

Во 1937 година станал член на СКОЈ во штотуку формираната скоевска група во училиштето. Во 1939 година станува член на Комунистичката партија на Југославија, а подоцна е секретар на регионалниот комитет на КПЈ за Ресен. Поради својата револуционерна активност во 1940 година е уапсен од српската полиција и затворен во Белград на Ада Циганлија. Поради недостиг на докази е пуштен. Во 1942 година е уапсен од бугарска полиција во Ресен. По суровото мачење е ослободен.

Во текот на своето образование, Димитар Богоевски се истакнувал со својот талент за цртање, резбарство, како и со својата поезија. Како поет, тој за првпат се пројавил во 1935 година во прогимназијата во Ресен. Додека се школувал во Битола, Мите Богоевски бил доста активен. Станал член на управата на Литературната дружина „Иван Гундулиќ“, бил еден од раководителите на младинското раководство во Академијата и доста активен во работата на „Црвената помош“. Во 1936 година, во Трговската академија во Битола, основал кружок за запознавање на прогресивната литература, а во 1937 година станал член на СКОЈ. Во овој период тој го напишал рефератот „За праведните и неправедните војни“, сатиричната песна „Имела“ во која ја исмејува богатата класа и конечно се ориентирал кон пишување на Македонски јазик. Во 1938 година, Богоевски веќе имал напишани педесетина песни, меѓу кои и познатата „Спроти Илинден“. За време на студиите на Високата комерцијална школа на Белградскиот универзитет 1939/1940 година, тој станал член на КПЈ. Тогаш го пишувал својот незавршен и необјавен роман „Аристиди Бријана“. Во 1940 година Богоевски се вратил во родното село и станал член на МК на КП на Ресен. По провалата на српската полиција, Богоевски бил уапсен на 16 април 1940 година во Битола. Најпрво бил спроведен во затворот во Главњача, а поради револуционерна активност во Белград бил осуден на робија во затворот Ада Циганлија. Во затворот, Богоевски бил подложен на сурова затворска тортура, но поради недостаток на докази бил ослободен кон крајот на 1940 година. Во ноември 1940 година, по два месеци поминати во затворот на Ада Циганлија, тој бил ослободен и се вратил во Ресен.

По фашистичката окупација на Југославија и поделбата на Вардарскиот дел на Македонија на бугарска и италијанска окупациона зона во 1941 година, Богоевски извесно време работел во Општината во селото Јанковец и бил еден од организаторите на оруженото востание во преспанскиот крај. Заедно со Илија Спировски изработувале фалцификувани лични карти за илегалците и организирал илегални пунктови за поминување на границата.

На почетокот на 1942 година, Богоевски како секретар на Околискиот комитет на КПЈ, најчесто соработувал со Стив Наумов од битолскиот крај. Во Битола одржал состанок со борците на Прилепскиот партизански одред, по што им овозможил да преминат во Преспа. Следен од окупаторските власти, тој бил уапсен на 31 март 1942 година, но во недостаток на докази за неговата активност, тој бил ослободен по десетина дена. По излегувањето од затвор, Богоевски преминал во илегала и продолжил да работи на формирање на нов одред. Богоевски учествувал во формирањето на партизанскиот одред „Даме Груев“ на 6 јули 1942 година, а кога одредот ја растурил планираната илинденска прослава на окупаторската власт во селото Смилево, Битолско, ја напишал песната „Триесет и девет минаја“, посветена на борците од овој одред.

На 12 септември 1942 година заедно со Стив Наумов, во неговото родно село бил опколен од бугарската окупаторска војска и полиција, а тие за да не паднат во нивни раце извршиле самоубиство. Бугарската полиција прво ги погребала во два гроба, потоа ги откопале и ги пренела кај селската црква, а од тука потајно ги однеле кај Ѓавато (под Пелистер) и ги запалила со бензин. До ден денес не се знае нивното гробно место. За народен херој е прогласен на Илинден, 2 август 1949 година.

Творештво

Богоевски напишал повеќе песни, но најголем дел од неговото творештво е изгубен. Во 1935 година додека учел во Ресен за првпат се претставил како поет и тоа со песните „Осамотен патник“, „Несреќен Илија“, „Покрај река“, „Мало коњче“ и „Два врапци“. Познат како „Момчето од Болно“, со изразити македонски национални чувства, пред малата матура ја рецитирал својата незачувана песна „Легенда за Македонските Славјани“, а слична била и незачуваната песна „Богомили“.

Постои сомнеж, дека по неговото самоубиство, околу педесеттина Македонски патриотски необјавени песни и роман се однесени во Бугарија. До денес во Македонија се зачувани неговите песни: „Сат“, „Ученичка тетратка“, „Покрај река“, „Висибаба“, „Спроти Илинден“ (1938), „Стојанка млада партизанка“, „Триесет и девет минаја“ (напишана по повод влегувањето на одредот „Даме Груев“ во с. Смилево на Илинден 1942 година), „Разделвачка“ (објавена во весникот „Наша реч“ во 1940 година) и др. Во 1940 година тој испратил голем број стихотворби во весникот „Наша реч“ во Скопје, но била објавена само песната „Разделвачка“. Редакцијата имала намера да му издаде збирка со неговите песни, но во меѓувреме весникот престанал да излегува. Тогаш се изгубила целата архива на весникот, а со тоа и трагата на неговите песни. Во пролетта 1942 година, Богоевски ја напишал песната „Партизанка“, која и заедно со песната „Спроти Илинден“ ги размножил на машина. Подоцна „Партизанка“ станала една од најпопуларните народни песни во Преспанско.

Поради големото општо дело што го направил, во негова чест се именувани многу училишта, установи и улици. Исто така, многу негови бисти се направени во повеќе краеви во Македонија. Детското одморалиште во Претор го носи неговото име.Тој постхумно е прогласен за народен херој и неговата родна куќа во Болно е прогласена за културно наследство.

Училишта кои го носат неговото име се:

ОУ „Мите Богоевски“ – Ресен

ПОУ „Мите Богоевски“ – Болно

ПОУ „Мите Богоевски“ – Горна Бела Црква

ПОУ „Мите Богоевски“ – Горно Дупени

ПОУ „Мите Богоевски“ – Дрмени

ПОУ „Мите Богоевски“ – Златари

ПОУ „Мите Богоевски“ – Јанковец

ПОУ „Мите Богоевски“ – Козјак

ПОУ „Мите Богоевски“ – Кривени

ПОУ „Мите Богоевски“ – Лавци

ПОУ „Мите Богоевски“ – Царев Двор

Улици кои го носат неговото име се:

ул. „Мите Богоевски“, Велес

ул. „Мите Богоевски“, Охрид

ул. „Мите Богоевски“, Ресен

ул. „Мите Богоевски“, Скопје

***
“Триесет и девет минаја” е песна на Мите Богоевски посветена на партизанскиот одред “Даме Груев” кој на 39 годишнината од Илинденското востание влегол во Смилево каде што окупаторот планирал прослава. Четата ги избркала од селото окупаторите и заедно со народот го прославиле Илинден.
Триесет и девет минаја
Триесет и девет минаја
Минаја триесет и девет,
И четириесета навлезе,
Од ко се дигна на нозе,
Целата Македонија,
Од кога народ поробен,
Стана да кршат окови.
Триесетидевет години,
Години како векови,
Нито се крвта исуше,
Турена по планините,
Нито секнаја солзите,
Солзите на робините.
Триесетидевет години,
Триесетидевет камења,
Секои од кого потежок,
Секои од кого постуден.
Триесетидевет темници,
Која од која погрозна.
Триесетидевет години,
Обеле коса на глава.
На стари еден војвода,
На Илинденски комита,
Лоша го старост наведе,
Црни го мисли испиле.
Лута го тага изела,
За таа пуста слобода.
Но, што му очи светнаја,
Што му се лице разведри?
Кога си виде внуците,
Во нова рува комитска,
Со танка пушка на рака,
Со срце машко во гради,
Силна го надеж утеши.
Радост го в старост окрепи,
Срце на младост затупка.
Осуна славен Илинден,
Во светла, бела промена,
Над славно село Смилево.
Во горда Бигла планина,
Триесетидевет години,
минаа како векови.
Деветстотретата остана,
Само во света промена.
Ропство се тешко надвило,
Не дават душман слобода,
Не можит глава да кренит,
Народ потеглил окови,
Султанот сојде нов дојде.
Излегоа нови спахии,
Стегнаа нови синџири,
Ко пелин стана нов живот,
Силно се Бигла затресе,
Запееја горје, планини.
В земја се кријат кодоши,
Ново ни сонце огреа.
Храбро се чета зададе,
Од славна Бигла планина,
И слезе славно Смилево,
Народ да крева во борба.
Се млади како фидани,
Се силни како арслани,
Срце за страв им незнаји,
Една ји мисла поведе,
Слегоја, в село влегоја.
Се собра цело Смилево,
Да слуша думи пламени,
За нови светли славни дни,
Радост им срце исполни,
Душа им пламна за борба.
Дамјан се исправи пред ними.
В очи им искрит слобода.
На денешен ден, пред 82 години, кај селото Болно, ресенско, животот за слобода го жртвува Стефан Наумов- Стив, антифашист, партизан. Се убива за да не падне жив во рацете на бугарските окупатори. Фашистите го откопуваат неговото погребано тело и го палат за да не може народот да му оддава почит.
***

На 12 септември 1942 година во месноста Долец Мите и Стив станаа симбол на Преспанскиот непокор против фашизмот.

***
Стефан Наумов- Стив (Битола, 27 октомври 1920 – 12 септември 1942)- македонски комунист, учесник во НОВ. Бил прогласен за Народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Мирче Ацев, Орце Николов, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски-Карпош и Кузман Јосифовски- Питу).
***
Родната куќа на Стив Наумов
Стив Наумов потекнува од печалбарско семејство. Татко му Васил потекнувал од село Битуша. Тој уште кога имал 19-20 години заминал во Романија каде работел на сечење шуми, односно изградба на железнички пруги. По петгодишна работа се вратил во Битуша во 1903 година, кога се оженил со мајката на Стив, Јана Темелкова. По раѓањето на синот Сотир, Васил повторно заминал на печалба, овој пат во САД. По враќањето од САД, во 1913 година целото семејство се преселило во Битола. Потоа Васил повторно заминал во САД, каде останал до крајот на Првата светска војна. Стив Наумов се родил на 27 октомври 1920 година, како трето машко дете.
По завршувањето на гимназијата во Битола, во 1938 година се запишал на Техничкиот факултет во Белград, каде што веднаш му пристапил на напредното работничко движење, поради што често бил затворан. Во 1939 година станал член на КПЈ, а по враќањето во Битола, во септември 1940 година бил избран за секретар на Месниот комитет на КПЈ за Битола.
Мртвото тело на Стефан Наумов- Стив, пред да биде осквернавено од бугарските окупатори.
Во април 1942 година, Стив Наумов учествувал во формирањето на Битолскиот партизански одред „Пелистер“. На 6 мај 1942 година во Битола го убил бугарскиот областен полициски началник. Во јуни 1942 година станал член на Оперативниот штаб на Главниот штаб на партизанските одреди во Македонија.
Есента истата година, Стив Наумов заминал на партиска задача во Преспа каде, на 12 септември 1942 година, кај селото Болно, Ресенско, во борба против бугарската војска и полиција се самоубил, заедно со неговиот соборец, народниот херој Мите Богоевски. За неговата глава се барале 200 илјади лева, жив или мртов. Потоа, бугарската војска ги изложила нивните тела во селото Болно за да ги распознаат роднините на Мите, при што, двете тела биле фотографирани од страна на бугарската војска. Потоа, двајцата биле закопани во близина на местото каде што загинале, но бидејќи месното население започнало да ги посетува гробиштата, бугарските војници ги откопале телата, ги оставиле покрај реката за да се распаднат, а потоа ги однеле во непозната насока.
По Втората светска војна, на партизанските гробишта во Битола бил подигнат гроб на Стив Наумов, но тој останал празен. Во алејата на партизаните се наоѓа и гробот на неговиот брат Ѓорги Наумов (1914- 1942), кој бил обесен во скопскиот затвор.
Почести
Статуа на Стефан Наумов – Стив во Битола
Една година по неговата смрт, Битолскиот баталјон, формиран на 11 ноември 1943 година во леринското село Винени, бил наречен по него.
Во негова чест, денес три основни училишта го носат неговото име, во Битола, Скопје и Пласница. Во Битола има и спомен-куќа посветена на неговиот живот и дело.
Зафир Хаџиманов и Сенка Валетанлиќ испеаја песна за него насловена

Н Е П О К О Р

 

Таму кај биста.

На херој што стој

На Мите Богоевски

Народе мој

Да одиме ние

Со гордост и почит

За верноста наша

Му дадеме отчит

 

Болно му е браќа

Родното село

На тоа храбро момче

Јуначки смело

Од сиромашно и гладно

За наука жедно

Израсна момче

Горостасно вредно

 

…Проклет тој тиранин

Од оската тројна

Што не фрли среде

Крвавата војна

Распарчи земја

Делба тој прави

Па слугите свои

За господари ни ги стави

 

Не слуша Мите

Фашистички слуги

Во родната земја

Да му служи на други.

Против душманите клети

На народот свој

Храбро тој влезе

Во нерамен бој

 

Таму во Долец

Во мамурна зора

Вклештени во обрач

Јунаците се Борат

Последен куршум

Му рече на Стив

…В гради го впери

Па испушти здив

…Стеван го гледа

Со очи што плачат

Не се даваме живи

Душманите да нѐ мачат

Последната бомба

Од камен ја Ѕвекна

Животот на Стив

За Македонија секна

…Беше пладне

Септемвриско влажно

Аберот ни стигна

Од Болно, но тажно

Не давајќи се живи

На душманот див

Се самоубија храбро

Мите и Стив.

(Со почит кон борците за Македонија).

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.