Славните графити на славниот Манчевски!

60

18.09.2024

По повод 30 години од култниот филм “Пред дождот” (1994) на својата фејсбук страница, славниот режисер Милчо Манчевски објави реплики од овој светски славен филм, кои станаа дел од популарната култура.

– Во Македонија, реплики од „Пред дождот“ станаа дел од популарната култура. На крајот на 1990-те на зградата на Македонската опера и балет стоеше графит со дијалогот: „Нема тука да пукне, мирен е народот. – Така и за Босна викаа, сега Запад сеир гледа, чека да се испоколат“.

Репликата „Пукај бе, братучед“, веќе 25 години се испишува на разни објекти во Скопје, беше мото и на транспарентите на сега веќе легендарните студентски протести во 2014-2015, исто како и „Кругот не е тркалезен“. По повод 25-годишнината од Златниот лав, кафулето Котур во Скопје креираше коктел „пред дождот“ што редовно е на менито.

А 14 години по светската премиера, Македонија го доби својот прв светски признат класик: на 24 јуни 2008, легендарниот американски издавач „Крајтирион колекшн“ го издаде „Пред дождот“ на ДВД. Ова е прво комерцијално ДВД издание во светот на нашиот најуспешен филм.

Професорката на универзитетот „Колумбија“ Анет Инсдорф, во коментарот што е дел од ДВД-то вели дека „Пред дождот“ е „едно од најдобрите дебија во историјата на филмот“ , a професорката Ен Киби во книгата „Теорија на сликата“ вели дека е „еден од најзначајните филмови на деценијата“ .

А дома, пак, за „Пред дождот“, но и за сите негови дела, има и такви на кои им пречи како Манчевски „нè претставува во светот“, а тоа најдобро се сублимира во забелешката „па, кај го најде тој скапан автобус?“.

Одговорот на Манчевски веќе 30 години е скоро ист: „Моите филмови не се пропагандни пораки. Тие се уметнички дела. И сепак тие ја отсликуваат Македонија како земја во која живеат луѓе со комплексни судбини, со динамичен внатрешен свет и богатство на морално размислување. Тоа – и фактот дека од Македонија доаѓа вредно уметничко дело – е вистинската промоција на оваа култура. Не се слагам со вашата потреба земјата и културата да се пропагираат со санитетски кич или со вашето срамење од материјална сиромаштија. Важно е духовното богатство, и обидете се да го видите во себе. Во моите филмови тоа е повеќе од евидентно“.

А автобусот од „Пред дождот“ ене го, уште вози секој ден по Илинденска, во центарот на главниот град Скопје, запиша славниот Манчевски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.