Што е креативно пишување и зошто е важно?

Пишува М-р Татјана Гогоска, новинар, автор и комуниколог

Креативното пишување е нешто што писателите на романи, новели, раскази, есеи, драми го прават и го даваат на читателската публика. Но, креативното пишување може да биде и создавање на учебници, стручна литература, академски трудови, говори за политичари, квалитетни и инспиративни новинарски написи, рекламни текстови, интернет блогови или ефективни предлози за филмски сценарија.

За да го доближиме објаснувањето на креативното пишување на децата и младите наједноставно ќе биде да кажеме дека, креативното пишување е секој креативен напор на писателот (оној што пишува) , што ги надминува  професионалните стандарди.

Како да препознаете дека пишувате креативно е прашање што го мачи секој, кој се обидува и сака да пишува креативно, посебно почетник.  .

  • Да објасниме сликовито. На пример, на тема “Есен“, ако седнете да напишете нешто за есента, тоа би било вака:
  • -Есента е годишно време кое доаѓа после летото а го најавува доаѓањето на  зимата.
  • Ако сакате креативно да го напишете  истиот текст би било вака:
  • Златната есен е годишно време препознатливо по разноликоста на боите во природата , а ни доаѓа после сончевото и топло лето, за да ја навести снежната возбудлива зима.

Овдека јасно се гледа разликата, која е заеднички именител на секое креативно пишување кое е поинакво пишување од стандардното техничко пишување , кое се заснова исклучиво на факти.

Креативното пишување  е, пишување оригинален пишан состав,  на секаков вид пишување, во секое време, со цел да се сподели некое искуство или чувства  со другите луѓе  за да се изразиме слободно и лично, што е во  функција со  пишаниот текст.

Ваквото објаснување на креативното пишување (и изразувањето во најширока смисла) се заснова на согледувањата дека креативното пишување го поттикнува креативното изразување на учениците, на кој начин јасно и целосно да ги изразат своите  мисли, ставови и чувства во возбудлив креативен процес. Дополнително, имајќи предвид дека вештините на јазично изразување и создавање пишани состави (стил, жанр, драматургија) се изучуваат како дел од изучувањето на креативното пишување, се верува дека овие вештини во голема мера придонесуваат за развој и подобрување на личните стилови на изразување, на учениците,  студентите и на писателите кои се занимаваат со оваа вештина аматерски или професионално.

Зошто е важно уште од основното образование да се развива креативното пишување кај децата?

Причините се бројни а ефектите од ова се позитивни и далекусежни во понатамошниот развој и образование на децата. Со креативното пишување децата ја развиваат имагинацијата, креативноста, комуникацијата со себе си и со околината и им дава потреба од развој токму на  креативно читање, за разлика од она бегло и површно и ги поттикнува на размислување и креативен однос, кон она што го читаат и она што го пишуваат. На тој начин од  рана возраст стануваат со развиена медиумска култура , која пак ќе им служи во  проширување на хоризонтите на креативното изразување , кои подоцна можат успешно да се применат во обликувањето на креативноста  во бројни други домени (новинарство, маркетинг, комуникации, академија, филм и театар итн.).

Совет

И кога ќе напишете нешто а не сте задоволни од тоа, не се откажувајте. Напишете следно, па следно, па следно… и бидете критични кон напишаното. Само така ќе дојдете до позиција на самокреативен развој, во кој големо влијание имаат и вашите наставници, професори, ментори на  разни работилници и слично. Креатвното пишување ќе ви служи и доколку не станете писател, новинар, публицист… во секоја област ќе ви биде од полза. И за крај , за да го развивате креативното пишување покрај дарбата, желбата и трудот, најважен фактор е читањето.

Затоа, драги деца, читајте! И пишувајте!

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.