СТОЈАН СИНАДИНОВ, АВТОР НА КНИГАТА ЗА ПОЗНАТИОТ РЕЖИСЕР: Баба Васка е ликот кој е исконски, во книгата за Антонио Митрикески!

265
Ако сакате да го запознаете режисерот Антонио Митрикески треба да го запознаете филмскиот критичар и историчар на филмот  Стојан Синадинов. Односно, заедно двајцата во оваа комбинација, која е и повеќе од добитна и вистинска, што се покажува во мошне убавата биографска книга за Митрикески, што ја напишал Синадинов.
Не станува збор за луда трка по црвениот тепих и замелушувачките рефлектори, како што логично би се помислило кога пред себе ги имате овие врвни мајстори на својот занает од оваа сфера. Станува збор за едно спонтано книжевно ремек- дело, во чии што редови ќе најдете буквално сѐ, и со мерка- приказ на реалноста, приказ на минатото кое е пренесено преку кажувања од “прва рака”, приказ на сонот кој те води низ некои свои патеки, приказ на филмот како уметност, како психологија, како медиум, како стил на живеење и како двигател на емоции, приказ на семејството на режисерот низ шармантни раскажувања, па дури и здравици од времето на Крале Марко…
Ќе најдете комплетна есенција на еден вистински Македонец – космополит, ќе најдете најмалку од она безначајно “Јас, па јас”, а најмногу од она непретенциозно, плодотворно и умно “Јас, Антонио Митрикески! “. Треба да се прочита! Барем два пати. Добивка плус: забавна е!

 

 ***
„Хроника на еден филмски сон” е книга што ја напишавте за творештвото на познатиот македонски режисер Антонио Митрикески, а ја промовиравте неодамна во Кинотека. Најпрво да Ви честитам, сте напишале многу убава книга, интересна и возбудлива, остава еден убав “мирис” по себе.  Мора да сте биле упатен и долго да го познавате Антонио за така пластично да ни ги пренесете случувањата од неговиот живот, како на филмска лента, а верувам и мазно течеше подготовката, и самиот тој е одличен раскажувач, и тоа помогнало. 
-Благодарам за убавите зборови! За тоа и се пишуваат книги: збор за збор… Во книгата ја објаснувам „историјата“ на нашето познанство, уште од 1984 година, кога случајно го запознав Антонио во една дискотека во Пореч, Хрватска, тогаш како студент на академијата во Лоѓ, Полска. Подоцна постапно се запознававме, тој како филмски режисер, јас како новинар и филмски критичар. На почетокот на 2017 година предложи да ја направиме оваа книга, и ете ја пред Вас. Секако дека Антонио е одличен раскажувач, мене ми остана да бидам достоен хроничар на неговиот живот и приклученија.
 Книгата е “питка” и те влече да ја прочиташ, како мене- маратонски за три часа, всушност многу е убаво структурирана, со раскази и со по некои стихови. Расказите се сликовито пренесени, а поезијата содржината ја прави дополнително жива, динамична, нема ни грам монотонија, ни драматичност. А, допадливо се вклопени и филмските критики, тоа  чинам се совпаѓа и со општата стратегија на Антонио, што пократко, а посуштински.
-Мојата основна интенција беше книга што се чита не нужно од самиот почеток, може и од крајот или средината, мозаично составена. Сакав стилот да реферира на таа некоја „средноевропска“ атмосфера, како во романите и филмовите на чешките и полските автори од минатиот век, тој „златен период“.  „Amaro, ma non troppo“ („Горчливо, но не премногу“) гласи една сентенца, но се обидов да ја пренесам во друг контект, можеби „Dolce, ma non troppo“ („Слатко, но не премногу“). Колку сум успеал, Вие ќе кажете.
Да, одлична е!  Патем, одличен е и нејзиниот формат, многу нежна “мрсна” хартија, прекрасно техничко решение, едноставно книгата “дише”. Колку време Ви требаше за неа, колку време ја подготвувавте? 
-Првиот „турнус“ на интензивно пишување и собирање материјали траеше една година, потоа баравме издавач, па откако Кинотеката на Македонија застана зад книгата, уште неколку месеци за финализација.
Можеби навидум е лесно да се напише книга за човек богат со доживувања, сѐ  додека не се седне пред компјутерот и не се сфати дека се соочуваш со куп материјали, кои треба да се средат и направат да бидат прегледни, правилно распределени, стегнати, и на крај преточени во читлива книга.  На каков начин ги собиравте неговите сеќавања, се среќававте, пред диктафон, Ви раскажуваше телефонски, преку подготвени белешки, преку интернет…? 
-Модерните технологии ми беа од голема помош. Со Антонио, всушност, уште во 2017 година го практициравме тоа што претставува поголемиот дел од информацискиот „сообраќај“ денес, сè уште во пандемиски услови. Му поставував прашања испратени преку имејл, одговорите ги добивав на ист начин, па ги средував, ја конципирав структурата, и така цела година…
Интересно е што во неговата орбита може да се сретнат од уметници, до славни писатели, режисери, актери, како Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Петар Ренџов, Столе Попов, Горан Стефановски, Никола Ристановски, Џумерко, урбани скопски легенди како Леткум, Бруно, Бране “Пелистер” , сѐ до светски најславни личности како извиканиот Роман Полански, Франко Неро и Орнела Мути. Од сите тие негови животни периоди мене најмногу ми се допадна неговото отворено пренесување на спомените кои се однесуваат на тоа како порано, пред само една генерација, функционирал сиот тој уметнички свет во Скопје, сите тие анегдоти кои сме ги слушале, а се раѓале во ателјето на неговиот татко, академикот и сликар Боро Митрикески. Вас, како автор кој дел најмногу Ви се допадна?
-Всушност, мене најголема радост во пишувањето на книгата ми беше таа димензија кај Антонио која можам да ја наречам „автобиографија за другите“. И мислам дека тоа е најголемата доблест. А, искрено, уште кога ги пишував случките од неговата младост, како и случките на неговото семејство и роднини, често пати се смеев. Тоа беше добар знак.
Благ хумор преовладува во целата книга. А два искрени коментари, кои развлекуваат насмевка, опишуваат како се гледа на оваа професија кај нас, загрижениот татко кога му рекол “земи учи нешто, ќе останеш на улица”, сметајќи дека режијата не е занает кој обезбедува егзистенција и професорот од факултет во Лоѓ, Полска, кој му рекол “што бараш назад во Македонија, сиромашна земја е за филмови”
-Ќе се повторам: „Dolce, ma non troppo“. Мислам дека Антонио ја живеел таа средноевропска „атмосфера“, погоре спомената, и дека е битна во неговото форматирање како личност и автор. Има слатки моменти во животот, секако дека има и горчливи, но тоа е животот, треба да се живее. Антонио го живее на негов начин, како што и филмовите му се специфични, негови, посебни…
Во раскажувањата се чувствува топлина, како онаа на дедо што покрај камин му раскажува на својот внук, топло, срдечно, искрено, а во нарацијата се испреплетува писателски, сценаристички и новинарски стил, тоа дава дополнителен  шарм. 
-Баба Васка е ликот кој е исконски, а во оваа семејна историја иконичен. А што се однесува до стилот, уште едно благодарам!
Познатата Ева Рас ќе искоментира “Антонио е мајстор за атмосфера, ликови и емоции” , чинам најточниот опис за овој наш режисер. Би се согласила и со Искра Ветерова која го опишува како “едноставен”, а би му го препишала нему она што тој го напишал за најдобриот свој другар и соработник Дејан Дуковски, дека во неговата работа доминира смеа и психологија.
-Веројатно сега доаѓаме до вистинската дефиниција за творештвото на Антонио, „Dolceet amaro“, „Горчливо-слатко“. Се надевам дека е точна. Не би додавал ништо повеќе на квалификациите на Рас, Ветерова и Дуковски. Антонио во неговите филмови секогаш ја бара убавината, дури и во грдото, лошото, озлобеното… И ја наоѓа.
Антонио, сосема растоварен од товарот на дете од славен татко, академик Боро Митрикески, и помал брат на надежен уметник- Игор, без задршка зборува за сѐ што се случувало во неговото семејство, и добри страни и слабости, како и за својата мајка, која била столбот на стабилност, толку потребен во семејството на уметници. Тоа е во прилог на писателот, таа отвореност, во случајов во Ваш прилог. Сепак, остана ли нешто за кое се колебавте дали да влезе во книгата или не? 
-Ако останало нешто, можеби една од омилените песни на Анонио може да го даде одговорот. Таа песна е „Во тишина“ на Ацо Шопов:
-Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече…
Во нежни нијанси има и одговори на политички реалности, ситуации,  раскажано во прво лице еднина, толку непосредно како да си вклучен во дејството.  Главниот лик преку свои кажувања најмалку зборува за себе, а најмногу за другите. А како професор на Факултетот за драмски уметности, не пропуштил самоиницијативно да ни даде основни лекции за филм, што мене многу ми се виде симпатично. 
-Се обидов да употребам т.н. филмска монтажа во раскажувањето (барем јас така си ја нарекувам таа постапка), и таа постапка да биде доминантна во „автобиграфијата за другите“ како структура. И секако дека Антонио е и педагог кој секогаш и секаде – на ФДУ, во стручните книги- учебници што ги има издадено, секако и во оваа книга – сака да сподели знаење и искуство.
Раскажувачот, дури и своите падови ги опишува со благост, не се наелектризирани и се пријатни за читање. По сопствено признавање дознаваме за неговиот карактер, падови, подеми но и за неговите омилени работи, интересот за психологијата, поглед на религијата, хоби, до снимањата со Роберт  Енгланд, Мики Манојловиќ. Буквално, сѐ ни раскажавте…
-Почнавме со желбата и намерата да раскажеме сè. Кога ќе ја затворите задната корица, ќе ни кажете дали сме успеале.
Доста работи нам ни се нови, дека одел на предавања на Роман Полански, дека негови улоги прифатиле Франко Неро и Орнела Мури, кај кого бил и на гости во Рим, но дека тоа пропаднало кога од филмот, без објаснување, се повлекла продукцијата од Германија. .. Тука, читајќи, ми се наметна едно прашање за кое верувам сте добро упатен и имате свој одговор-што е со Агенцијата за филм на Македонија? Зошто ги пропушта своите златни шанси да финансира филмови кои би одекнале? Кај тие кинематографски структури како со години нешто да шкрипи и дава лош звук во нивната работа. 
-Одговорот ќе треба да го побарате на таа адреса.
Недоречено остана и кои се неговите непријатели кои му ставиле сопки? Знае малку да гребне, и да те насочи сам да претпоставиш, но не наведува имиња. Имавте ли дискусии околу тоа дали треба нешто да биде објавено директно, покажано со прст, или не? 
-Мислам дека Антонио не е злопамтило. А и нема потреба да ги „рекламира“ тие што му ставале сопки. Имало и ќе има сопки…
“Животот е краток уметноста е вечна” , ја апострофирал Антонио и оваа одамна кажана мисла. Акцент става на многу македонски обележја, од животот во минатото прикажан преку сеќавањата на неговите баби и дедовци, на убавините на Охрид и Преспанско езеро, на Прилеп од каде потекнува неговото семејство, нѐ потсетува на македонски мудрости дури не заборавил да раскаже и легенда за Крале Марко. Вљубеник е во  документарната форма. Вљубеник е во Македонија, јас очекувам во иднина одличен документарец од него на таа тема.  Имате ли и Вие таков впечаток? 
-Секако дека го делам тој впечаток. Антонио и до сега ги има тие убавини во неговите играни филмови, во кои страдаат нивните ликови. Dolceet amaro. Слатко (убаво) и горчливо. Дали ќе нѐ  почести со некој документарец со таква содржина? Се надевам, искрено се надевам. Инаку, играниот проект на кој работи во моментов – а кој е во парадоксален продукциски лавиринт токму како во вашата констатација околу „кинематографските структури во кои со години нешто шкрипи“ две прашања погоре – е насловен „Горчливо езеро“.
Антонио како лик е добро момче, но кое го следат малери, и навивам да има и втора книга во која би ни соопштил за целосно остварен сон, и сам вели не се дели од филмот до крај. На последните страници пишувате дека книгата за Антонио е отворена, и се надевам ќе имаме прилика за некоја година да го прочитаме нејзиното продолжение. Дотогаш, што да очекуваме од Вас како автор, во догледно време? Би било добро повторно нешто слично, што ќе нѐ информира, расположи, а на моменти и слатко ќе нѐ  насмее, на умесен начин… 
-Dum spiro – spero. Додека дишеме се надеваме. И додека „штракаме“ по тастатурата за да одговориме на Вашите прашања, се надеваме дека барем не сме здодевни. Понекогаш и толку е доволно.
Валентина Ѓоргиевска Парго
*********

Митрикески е роден во Скопје во 1961 година. Филмска режија завршува на Високата државна школа за филм и телевизија во Лоѓ, Полска. На филм започнува да работи во 1985 година. Вработен е како професор по предметот филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. За својата работа добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: Специјална награда на градот Лоѓ за филмовите ДВОБОЈ и ДЕН (1985), Златен медал за дебитантски филм на 38-миот фестивал на југословенскиот документарен и кусометражен филм во Белград за филмот ЉУБОВТА НА КОЧО ТОПЕНЧАРОВ (1991), Награда на публиката на меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ (1997). Според ист мотив, развиен од сценаристот Ташко Георгиевски, Митрикески го создава поетичниот игран филм ПРЕКУ ЕЗЕРОТО.

Докторира со темата „Теорија и практика на документарниот филм (Казимиеж Карабаш, Столе Попов, Мајкл Мур)“.

***

2014 Деца на сонцето (режија)
1991 Љубовта на Кочо Топенчаров (режија, сценарио)
1997 Преку езерото (режија, сценарио)
2003 Како лош сон (продуцент, режија, сценарио)
1985 Двобој (сценарио, режија, краток игран, Висока државна школа за филм и ТВ – Лоѓ, Полска)
1987 Ехо (сценарио, режија, краток игран, Висока државна школа за филм и ТВ – Лоѓ, Полска)
1985 Ден (сценарио, режија, документарен, Висока државна школа за филм и ТВ – Лоѓ, Полска
1986 Време, сценарио, режија, документарен, Висока државна школа за филм и ТВ – Лоѓ, Полска)

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.