„ТЕЛО НА ВИСТИНАТА“ – документарен филм во најава на 11. Филозофски филмски фестивал

83

Филмскиот дел од 11. Филозофски филмски фестивал неофицијално ќе започне вечерва со проекцијата на документарниот филм ТЕЛО НА ВИСТИНАТА (Body of Truth) на Евелин Шелс (Evelyn Schels). Ова е прв настан „под ѕвезди“ како најава на претстојното 11-то издание на Фестивалот коешто ќе се одржи од 27-ми мај до 3-ти јуни во Кинотеката на Македонија.

Проекцијата на ТЕЛО НА ВИСТИНАТА (2019) е прва соработка на Музејот на современа уметност (МСУ) и Филозофскиот филмски фестивал. Филмот е во рамките на Придружната програма на Фестивалот и е еден од ФФФ Doc. филмовите во Програмата оваа година.

ТЕЛО НА ВИСТИНАТА ве води на емотивно патување низ биографиите на четири уметници: Марина Абрамовиќ (Marina Abramović), Сигалит Ландау (Sigalit Landau), Катерина Зивердинг (Katharina Sieverding) и Ширин Нешат (Shirin Neshat), кои трансформирајќи ги личните животни искуства на војни, насилство и опресија во земјите од коишто доаѓаат, создаваат провокативни и радикални уметнички дела, коишто покренуваат низа прашања од политичко и општествено значење. Во нивната уметност, главен и најинтимен медиум со којшто се изразуваат се токму нивните тела.

Тие заедно ги претставуваат најголемите конфликти на нашето време. Ширин Нешат од Иран, во егзил, ги истражува разликите во рамките на исламското општество. Марина Абрамовиќ, ќерка на партизани од Црна Гора, повторно ги поставува прашањата за насилството, болката и тагата, како што ги искусува индиректно преку југословенските војни. Германката Катарина Зивердинг го испитува проблемот со фашистичките структури, од ерата на нацизмот па сѐ до Пегида. Израелската уметница Сигалит Ландау создава мотивирана од секојдневниот страв од терор во нејзината непосредна животна околина.

ТЕЛО НА ВИСТИНАТА е документарен филм којшто, преку уметноста на овие четири исклучителни жени уметници, нè предизвикува да развиеме нови перспективи и свесност, продлабочувајќи го нашето разбирање за проблемите на времето во коешто живееме. Дали историјата се повторува? Дали насилството и алчноста за моќ се во основата на човечката природа? Дали можеме подобро да го разбереме нашиот комплексен свет преку уметноста?

Проекцијата е бесплатна (резервации преку Фестивалот) и ќе се одржи под тремот на МСУ, на отворено, следејќи ги сите безбедносни мерки и протоколи, на 18 мај (вторник), со почеток во 20:00 часот. Пред филмот мало воведно излагање ќе даде д-р Вангел Ноневски (вонреден професор на Филозофскиот факултет).

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.