„Дедо Мраз дојде со воз“ е мултимедијален новогодишен настан, што деновиве се одржува на Железничката станица во Скопје.
Во морето на настани за деца во предновогодишниот период, што оваа година ги има навистина многу, од театарски претстави, безброј работилници, музички настани, разни настани со Дедо Мраз и неговите помошници, овој настан е малку т.е. многу поинаков.
Авторите на проектот: автор и продуцент- Миодраг Костиќ, текст и режија – Игор Ивковиќ, осмислиле и реализирале една поинаква содржина, на радост на сите што деновиве, вечерните часови ќе ги поминат на Железничката станица.
Проектот ја издига како Феникс нашата некогаш најпосетена железничка станица, која со години стана само бетон и почетна или крајна дестинација на малкуте патници, во уште помалку возови и возни линии во државава. Меѓународните се одамна укинати.
Организатор е училиштето за театар „Од игра до претстава“ кое во соработка со „Македонски железници“, направиле убав камбек на овој простор, заедно со актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Мила Трајковски, Ведра Димова и Александар Спироски, во која се вклучени и учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“, кои навистина со својата енергија и актерска игра прават одличен перформанс за присутните, во кои уживаат сите.
За потребите на претставата, двете претпријатија покрај сценскиот и музејскиот простор (за кој малкумина знаат дека постои, каде е собрана целата архивска документација за 151 година постоење на Македонски железници), заедно со организаторите успеале за кратко време да реставрираат локомотива создадена во далечната 1942 година, серија 33, и вагон што е изработен 1950-тите години и бил во употреба до крајот на 1970-тите години. Од неодамна од страна на Ванчо Милошевски, Владимир Петков и Сашо Цветановски вагонот е реставриран по урнекот на „Ориент експрес“ што сообраќал од Лондон до Истанбул. Има ли поубави вести во овие предновогодишни денови? Да го сочуваме старото и да го ставиме во нова употребна дејност.
Перформансот е од три дела. Се почнува токму во Музејскиот дел, каде доаѓаат помошниците на Дедо Мраз и Снешко, за да го најават доаѓањето на Дедо Мраз на Перонот 1 на Железничката станица. Тие ги повикуваат во контролната соба- тоа е театарот “Од игра до претстава“, кое е прекрасно театарско детско катче и со веселиот перформанс трите елени, Снешкото и главниот железничар, репортерката која се вклучува од самото место на перонот и видео линиите со Дедо Мраз, кој веќе е тргнат од Лапонија, комплетно ја донесоа возбудата на пречекот на Дедо Мраз. До контролната соба и качувањето кон перонот број 1,како во оние “Дизнилендски паркови “ со убава новогодишна музика, на секој агол имаше по некое изненадување.
И сѐ заврши величествено за децата, кои ги голтаа содржините од сцена и качувањето на Перонот број 1, каде во возот ги пречекаа вредните елфови и Дедо Мраз, кој им посака се најубаво и им подели на сите деца пакетчиња.
Колку оригинално, убаво и бајковито!
Јас посакувам во следната 2025-та на пероните да имаме што повеќе возови, и што повеќе среќни луѓе, кои ќе заминуваат или ќе се враќаат. Железницата да се врати во полн сјај, а на авторите и членовите на оваа актерска група им посакувам “Среќна Нова 2025-та година“ .
Татјана Гогоска
Галерија од неколку моменти: