БИЛЈАНА ЃОРЕВСКА, ПОЕТЕСА: Песните што ги пишувам за мојот сакан, го обиколија светот!

338
Пишаниот поетски збор е актуелна определба на Билјана Ѓоревска, таа со своите поетски дека во кратко време освои бројни награди од интернационални и меѓународни литературни поетски групи, основани низ цел свет.
 *Се движите по една интересна сајбер патека, која е прилично афирмативна за Вас и за македонската поезија. Во последно време освоите многу признанија во светот на Интернетот, распрснувајќи ја својата поезија на разни меридијани.  Како почна Вашата поетска активност, и воедно, како се вклучивте во светската поетска интернет мрежа? 
– Ви благодарам, што ме почестивте да зборувам за мојата најголема љубов- Поезијата. Точно така, многу интересна патека и возбудлива.  Од самиот почеток, откако решив да ги испраќам моите стихови надвор од границите на Македонија, јас секојдневно добивам многу награди од мои колеги од цел свет. Мојата поезија се чита на сите континенти во светот. Секој кој е член во поетските групи има можност да ме следи, ме следат и мои колеги од Македонија и морам да признам, сите заедно се радуваме на моите успеси како и на успесите од останатите учесници. Моите почетоци во делот на поезијата почнаа многу спонтано. Пишував и ги објавува како статуси. Покојната поетеса Виолета Сековска го препозна мојот талент и ми даде храброст да продолжам да пишувам. Јас едноставно пишувам реална поезија, без ниту еден грам додадено зборче. Така се стекнав со многу обожаватели кои ме следеа. Пишувам за човекот на мојот живот, мојот сакан. Но, секогаш има нешто што ќе ве сруши, така за кратко време ми беа украдени четири песни од моја колешка поетеса од Македонија. Бев страшно разочарана, во песните е нашиот живот, љубов, тоа сме ние и претрпев неизмерна болка. Тука изгубив волја и направив мала пауза. Пишував, но не објавував ништо. Потоа отворив нов профил, овој кој сега го користам и е исклучиво за поезија и културни настани. Сите пријатели ми се од мојата област, така што една пријателка која исто така учествува но од самиот почеток во групите, ми понуди како да си ја вреднувам мојата поезија и на еден начин заштитам. Така почнав да ги редам моите стихови и моите успеси.
*Виртуелните настани најмногу се проширија за време на пандемијата, кога сите бевме дома и зад компјутерот. За време на изолацијата поетите се дружеа на ваков начин, за да не замре поезијата. Кога се приклучите Вие кон ова големо меѓународно друштво?
-Точно така! Јас активно се вклучив во светските поетски групи на 24 декември 2021 година. Моја колешка поетеса ми испрати две-три групи за да започнам, потоа како успешен поет ти предлагаат колегите од сите држави кои учествуваат групи за да се приклучиме. Сега, во овие меѓународни групи покрај што се стекнувам со признанија имам голем број на обожаватели кои ја читаат мојата поезија, исто така и голем број на пријателства. Во групите се дружиме виртуелно и сите учесници се поети, писатели или љубители на пишаниот збор.
*Велите дека пишувате стихови за својот сакан. Љубовта е движечка и недопирлива сила, колку нему му импонира ваквата Ваша мотивација?
– Ви благодарам за прекрасното прашање. Од првиот, до последниот стих сѐ е посветено само на една личност, мојот сакан. Тој е мој непресушен извор за творење. Секојдневно сум посипана со љубов, внимание, почитување… Истата љубов е секогаш заедничка, обострана.
Токму тој е причината што јас и 24 часа останував на интернет за да ги постигнам овие резултати. Секоја моја диплома, сертификат, пофалница и останати признанија, прво ги добива тој па потоа ги споделувам. Заедно се радуваме на сите мои успеси. Секоја моја песна/ поема е прочитана од него и обожавам да го слушам кога тој ги рецитира моите песни. Момент кој е врежан во моето срце. Додека ги чита стиховите, јас го слушам. Тогаш ја гледам моќта на љубовта, неговите реакции, движења додека чита, се нешто кое може само да се доживее. Се гордее и презадоволен од досега постигнатото во делот на поезијата.
* За Вас, според ова што нѝ го кажувате, најважно е таа поезија е да ја разнежни Вашата љубов. Наградена за љубов, хаа, тоа е одлична квалификација. Но, кој всушност одлучува за тие награди, постои ли тело кое ги разгледува и оценува делата? 
– Во ниту еден случај не помислив на награди, само сакав мојата љубов која е реткост да ја прикажам низ светот, да разнежни тажни срца, да знаат дека постои љубов, но треба да се пронајде вистинскиот партнер. Околу наградите ќе потенцирам- за моите песни добивам награди од администраторите во групите и членови, се разбира сите се поети и поетеси. Овие награди се благодарност за моето учество и збогатување на групата со мои стихови. Без разлика на сѐ, за мене е едно големо внимание, дали е диплома, сертификат, трофеј, благодарница кој како оценил така и наградува.  Тука во тој дел, редовна поезија и нема голема разлика, секој учесник добива некое признание за својот труд. Со оглед на тоа дека се светски групи и учествуваат поети од цел свет има и доста квалитетна поезија. Оние кои немаат квалитетна поезија, многу брзо и ги напуштаат групите. Во овој дел е реткост, да биде признание со испишано ваше име и презиме. Може да има признанија за поет на месецот, песна на денот, динамика од членови и ако си успешен добиваш плус признание. Во вториот дел, односно конкретно на прашањето- дали некој ги разгледува и оценува? Секоја група се состои од 3, 5 или во интернационалните групи има и по 10 членови во администрација и тоа од исто толку земји низ светот. На мојот профил пишува “Специјални награди”. Тоа се сите награди за организирани виртуелни настани на различни теми од областа на поезијата, литературата, науката, културата. Се објавува настан и доколку мислиш дека си подготвен за темата, се вклучуваш и учествуваш.  По одреден рок завршува настанот и секој го добива она што го заслужил или ништо. За пет месеци учествував на 500 настани и добив исто толку признанија. Сега додека одговарам, срцето ми игра од радост. Имаше денови кога учествував и на десет настани на различни теми. Тоа е време, часови, стрес како пред приемен испит, па резултати и таканатаму. Сега се гордеам со себе, љубовта беше таа што ме движеше и даваше сила. И сѐ уште учествувам но многу ретко, со оглед на тоа што сакав малку да бидам присутна и на дел од настаните во Македонија,  бидеќи оваа година заврши и пандемијата. Ми недостасува дружењето во живо. Но од октомври повторно се вклучувам на овие настани, прекрасно е дружењето, се запознаваш со поети од цел свет. Мене веќе ми недостасуваат дружењата.  После толку настани, ние веќе сме истакнати со нашите квалитети и способности. Секојдневно добивам покани по меил за учество. Живее натпреварувачки дух во нас.
*Вашата стихозбирка, парцијално, односно песна по песна ја праќате во 40 групи низ светот и секоја добива награди според нивните оценки на вредност. Тоа значи дека веќе сте препознатлива и позната поетеса, во тие кругови. Постојано Ве читаат?
– Да, на почетокот учествував во 40 групи, сега се 30 бидејќи руските групи исчезнаа поради конфликтите. Тешко е да кажам за себе дали и колку сум препознатлива, но и да премолчам тоа е јавно и се гледа. Се чита на коментари како сум декларирана и колку сум препознатлива низ светот. Ако речам не, ќе ве излажам. Ако кажам да ќе биде како фалба. Но ќе бидам реална и ќе признаам “ДА!”, во сите групи сум пласирана меѓу врвни поети, тоа може и секој да го провери бидеќи е јавно. Дали ме читаат постојано ? Имам 30 групи во кој моментално учествувам, јас неодамна напишав исто како да имам 30 фејсбук профили. Тоа значи дека под секоја моја песна има коментари како на мојот профил, а замислете 30 такви групи. Се плашам од помислата, затоа и не успевам воопшто да ѝм возвратам и едно благодарам на мојот профил. И не само што ме читаат, туку познати поети и ми посветуваат песни. Еве ќе го спомнам францускиот писател Мишел Андре Битот, кој до сега ми има посветено три песни. Ќе спомнам дел од групите и наградите. 16 февруари 2021 година – диплома за севкупно творештво. 12 поети избрани во групата ,,Ѕид на честа”. Оваа награда ја освоив 5 пати од кои останатите се во потесен избор 5 од 5. На 22 февруари 2021 година- ,,Светска академија за литература, светска асоцијација на поети” Меѓународна диплома за севкупно творештво. Застапени се 10 мои песни во Светската Антологија. На 3 март 2022 година се здобив со сертификат полагаме на тема: ,,Животни карактеристики на човекот”.  4 Март 2022 година ,,Меѓународна унија на арапски институции”. Се здобив со сертификат за севкупно творештво. Наградата ја врачи неговото височество Шеик Навел Ал-Хамуд Ал-Сабах и Генералниот Секретар Д-р Басам Шведска. На 5 март 2020 година- ,,Интернационална институција во Колумбија за поезија и култура”. Доделени се вкупно до сега 40 специјални признанија за севкупно творештво, дипломи, сертификати, посебни изработени плакети. Мојата благодарност до академик доктор Кристијан Камило Серана Валкана.
На 5 март 2022 година-,,Универзитетска академија  цги најголеми поети во светот огранок СЛП Мексико”, диплома  за севкупно творештво. На 13 Март 2022 година- ,,Интернационален форум за хуманист и култура “. Доделена златна рамка со мој портрет за севкупно творештво. На 15 Март 2022 година- ,,Социјална културна куќа за поезија и хуманост”. Диплома за темата: ,,Не сакаме војни”. На 12 април 2022 година- ,,Меѓународен институт за акредитација и литература  (CMLPLC)”. Меѓународна книжевна акредитација член на светската книжевна федерација. Се здобив со Лиценца за член и Меѓународен поет. Вака да набројувам, ги имам околу 500 награди. Златни плакети, сребро, бронза, дипломи, сертификати, трофеи, благодарници, плакети, вип награди, ора и многу друг.
*Пред три месеци се здобивте и со меѓународна легитимација со која сте призната за Меѓународен поет. Како дојдовте во тој статус? 
– Да, точно така. Прво добив акредитивна значка, која се добива со учество во група и испраќање на поезија континуирано. Со таа значка се здобив со право за да конкурирам на отворениот конкурс во групата Меѓународната група (CMLPLC)  со седиште во Колумбија. Од Република Македонија имавме аплицирано пет поети, но само јас се здобив со оваа лиценца за меѓународен поет. Покрај поезијата се испраќа и кратка биографија како и фотографија. На крајот се правеше избор и имаше околу 500 учесници од 106 земји во светот. Лиценцата ја добивме околу 120 поети или по еден и ретко двајца поети од една држава. Таа ми е втора лична карта, има свој код и призната е ширум цел свет. Истата е внесена во компјутерска мрежа на Меѓународни поети. Можам да кажам дека тоа ми е и според мене највредното и најголемото достигнување, иако ги имам и уште многу други.
*Имате и околу 500 награди од секаков вид. Тоа е доволно за една изложба со нив, и сосема релевантно за да го посведочат сиот Ваш вложен книжевен труд. Но, ако тие се во сајбер сферата, конкретно во реалноста кај нас, на кој начин се претставувате пред јавноста  како поетеса? 
– Колку убаво прашање, ви благодарам.  Сите 500 и плус ќе бидат книжевни и ќе бидат изложени на денот кога ќе биде промоцијата на мојата стихозбирка. Покрај моите уметнички дела, ракотворби, декорации и да не откривам сѐ засега, ќе бидат изложени и сите мои со еден збор признанија. Така сите ќе имаат можност да ги погледнат. Се ова бара многу труд и финансии, но здравје да имаме и сѐ ќе се реализира. Конкретно во Македонија и не се претставувам тоа што сум во реалноста, туку обично како нормална личност без сите тие постигнати титули, ете кратко Билјана Ѓоревска  и тоа е сѐ. Воспитана да бидам умерена и скромна. Но кога успева човек на светски патеки, не е проблем ниту во сопствената држава. Па ќе кажам дека учествувам и на поетски настани во Република Македонија со мои творби за кои исто така имам постигнато одлични резултати. Ќе имате можност да видите некои од нив. И ако сум толку кратко во поезијата исто сум успешна како и надвор од границите. Прифатена кај поголем дел од колегите поети и поетеси, потврда се подарените нивни лични трудови. Преку презентации на книги се дружиме и стекнувам нови познанства од различни сфери. Учествувам и со поетски читања како поканет гостин поет. За почеток сум задоволна од постигнатото и во Македонија.  Во исчекување на резултати од конкурси во Македонија,  моментално имам мои творби испратено на пет конкурси. Така, полека умерено сакам да се вклучам повеќе и во настаните во живо, бидеќи пандемијата заврши.
* Вашата стихозбирка е на пат да се пресели од сајбер е просторот и да стане реалност и во рацете на читателите. Некои од стиховите во неа  веќе се преведени на неколку јазици. Шпански, француски, руски, арапски, корејски и таканаму. Кога планирате да ја издадете? 
– Па пред да ја довршам самата стихозбирка веќе имав план кога ќе ја издадам. Повторно ќе напоменам, здрави и живи тоа ќе се случи после мојот 45 роденден, односно во месец март 2023, за неколку месеци. Преведувачите се мои колеги кој избираат мои стихови и ги преведуваат на нивни мајчин јазик. Така се рашири многу брзо веста за мојата поезија.  Но и јас самата уште на почеток нагласив дека оваа стихозбирка ќе има пет преводи, бидеќи е тоа запишано на почеток, моите колеги само ми исполнуваат желба за да погледнам како ќе изгледа, но и како звучи на нивни јазик.
*Вашите песни, велите, се слушаат на две радио станици, секое второ утро во поетскиот дел на радиото и звучат прекрасно, и ако се со превод. На кои радио станици можеме и ние да ги слушнеме?
– Реков две, но се повеќе. Додека листава да ги запишам имињата сретнав повеќе. Еве ќе запишам две. Rao radio Alfa Omega Моја поезија чита Ivan Cosme. Исто и радио на арапските земји. Моја поезија преведува и чита Д-р Надир Муханед. Останатите ќе бидат спомнати во денот на мојата презентација, која ќе трае невообичаено. Всушност ништо нема да биде од она што досега го знаеме, класика презентација. Почнувајќи од самите песни/поеми кој не се стандардни, продолжувам со книгата која нема да биде стандарден формат и сѐ до крајот ќе биде многу поразлично. Стихозбирка ми е мојот сон кој со нетрпение чекам да го остварам во целост. Секоја буква има моќ и огромна љубов. Затоа сакам сѐ да биде многу прецизно и ќе помине време до реализација.
*Оставам на Вас дали ќе ја спомените својата Љубов, или не, но би било интересно еве сосема за крај да ни кажете нешто за себе и за својата основна професија и досегашни остварувања.
– ,,Толку многу сум љубоморна, што те чувам длабоко скриен во моето срце” Само ќе спомнам дека е високообразована личност, интелектуалец, моја движечка сила. Тој е смислата на мојот живот. Стихозбирка токму поради неговите заслуги за мене во нашиот живот го носи и тоа име  ,,Ти си моето воскресение, Ти си моето сѐ”. Мислам дека самиот наслов зборува многу повеќе. Билјана Ѓоревска по професија е машински техничар која никогаш не се занимавала според струката. Ќерка на Радојко и Цвета Ѓоревски кој сега се веќе покојни. Минатото го погребав во минатото, пред да ме погреба тоа мене. Билјана Ѓоревска на 44 годишна возраст е поетеса која твори за љубовта и живее од и за љубовта. Успешна жена во делот кој го работи, среќна, вљубена, возвратена љубов, позитивна, секогаш ведра и насмеана… Жена борец со голема визија и планови за во иднина. Жена со многу титули на кои токму сега на самиот крај се гордеам со мојот почеток. Жена која се препороди и има два датуми кои ги слави. Првиот 12 март 1978 година, кога од љубов помеѓу моите родители сум се родила јас. Вториот 18 октомври 2020 година, кога од љубов помеѓу мене и мојот сакан се препородив. Првиот датум го славам еднаш во годината, а вториот секој месец во годината, а на 18-ти  октомври ја славиме нашата годишнина. Мојата биографија ќе се зголемува заедно со моите успеси. Ви благодарам вам Валентина Ѓорѓиевска Парго и на вашите читатели за вниманието.

Валентина Ѓоргиевска Парго 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.