ИЛКО ДИМИТРИЕВСКИ ШАРПЛАНИНЕЦ: Маџирмалските поетски средби, ќе прераснат во уште поголеми! 

21
smart
Грст поетски дела, песни, стихови, поеми, посветени за Маџир маало, неодамна беа објавени во нов билтен, кој е од некомерцијален карактер, но е популарен во кругот на македонските поети и поетеси.
*Господине Илко, Ваше дело е овој билтен,  Вие сте почесен Претседател на манифестацијата, и идеен творец на нови концепти, кои придонесуваат за поголема фирмација на ова познато скопско маало.
-Да. Излезе најновиот билтен четврти по ред. Овој билтен излегува еднаш годишно, а наградувањето се одржува на 25 декември. Како што се работи, се раѓаат и нови идеи, како на пример да се излезе крај Вардар со поетско читање. Радува фактот што на конкурсите досега се јавија преку 150 разни поети од цела Македонија. Нашите очекувања на почетокот беа скромни, ете да се јават неколку души, но веќе сме позитивно изненадени. Минатата година конкурираа 40 писатели и тоа од разни делови од Македонија, Струмица, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, традиционално и маџирмаалџи и Скопјани. Тоа ни даде за право, сила и ветер во грбот да продолжиме и главната награда од 300  да порасне на 500 евра. Бидејќи сум јас организатор и главен и одговорен уредник се обидувам наградата да дојде и до 1000- 1500 евра, да биде на ниво на сите големи конкурси што ги има во Републиката. 
*Ова е Ваша идеја која успеа, навистина е добра сумата што им ја давате на поетите, јас не сум слушнала барем во Македонија, за толкава поетска награда …
-Неодамна, пријателке моја, оф се ежам, разговарав со сите што конкурирале. Цел ден, 10 часа вртев на телефон, известувајќи ги дека се објавени во билтен и дека им ја нудам целата моја човечка, поетска и шарпланинска благодарност за тоа што го направиле. Да ги немаше нив 35, 40 поети зар ќе успеев јас да отпечатам нешто? Ме прашуваат – “Колку да платиме?”. Не плаќате… си го платил, со тоа што си го подарил стихот. Билтенот е во 300 примероци и тоа е сосема солидно. Обврзани сме по прописот да дадеме 5 во Народна библиотека, а на 25 библиотеки низ градовите ќе им пратиме  по еден примерок за архива. Наредната година кога ќе биде 40 годишница сакаме овде да бидат сите лауреати и со тоа манифестацијата да добие нова димензија.
*Како може да се конкурира?
-Конкурост го објавуваме во ноември на фејсбук, а потоа се состанува жирито и откако ќе се одлучи за наградите, имаме поетско читање со наградените и ако некој плус дојде. Ирена Спировска ни води на еден умешен начин. Маџирмаалските средби имаат традиција, која ни дава сила која ни дава за право да можеме да правиме нови чекори на ваков план.
*Вие сте тетовец, но, еве сега сте натурализиран маџирмаалец.
-Некои маџирмаалци прашувале “А, што бара еден шарпланинец таму?” , но тие прашања ги сфаќам како ниски страсти и подли удари. Идеи за  манифестацијата дозволувам да даде секој кој сака, независно од каде потекнува. Вие сте една која ме храни со идеи. Е сега кога ќе размислувам како почна сѐ… За почесен претседател мене ме прогласи  еден од постарите членови, инжењерот Иван Станковски Гуската, со кого се спријателив по деловна линија, па направивме неколку средби кај Претседателот во неговата вила. Тогаш сѐ уште бев на работа во фирма за минерална вода и ги стимулирав со наши производи, тие за возврат на паноа го ставија нашиот знак , и тој на некоја средба  ме предложил мене и тие прифатиле. Јас размислував и еве успеав да направам нешто што е во контекст на моите размислувања за взаемен однос. Ако сум јас почестен со таа нивна одлука, нешто треба да сработам.  Кога некој ви дал нешто, ве почестил, вие гледате да возвратите, така е кај мене адет, во мое Тетово, се надевам и кај цел народ во Македонија. Се мислев со што да возвратам. За среќа го имав за пријател Миле Бошевски поранешниот директор на Универзитетска библиотека, учесник во многу разни изданија на книги, тој заедно со претседателот на жирито Јовица Тасевски Етернијан, афирмирани како писатели, преведувани на десеттина јазици, и ние во трио успеваме некако да ја изведеме нашата замисла.  Се изнајде начин ова да бидат Маџирмаалски поетски бранувања во рамките на традиционалните Маџирмаалски средби.  Нормално во Маџар маало постоеше некоја теза конкурсот да биде само за маџирмаалџи. Можеби во првобитното размислување е така , но ние размислувавме пошироко. Наградата е за тој кој ќе понуди најдобра песна, најдобра творба и така првата година ја доби еден инжењер, ете среќа родум од Маџир маало. Тоа е Томислав Лазаревски. Втората година една гимназијалка Ведрана, што предизвика реакции, приговори и коментари од типот  “е сега јас да бидам афирмиран, некое дете да ме победи”. И  Кочо Рацин од кога почнал да пишува бил гимназијалец, тоа не е граница. На конкурсот сѐ е анонимно,  значи во посебен коверт се става име, презиме и назив на песна, сите генералиите, за да не дојде до тоа да има сомневање. Тоа е добра работа која е адет во конкурсите. Третата година доби Љубиша Николиќ, човек кој е афирмира, инаку го знаеме сите, тој е маџирмалец. Четвртата доби една поетеса од Прилеп. И се надевам дека ќе го задржиме овој правец, овој курс на работа.
*Имате нови идеи? Уште сега ги почнувате активностите за јубилејот?
-Уште претходната година почнавме да размислуваме што е тоа добро што би можело да се прошири. Повторно со Миле Бошевски дојдовме до идеја дека  е убаво да се направи ликовна колонија. Во услови на пандемија не беше изводливо да правиме колонија, да ги извадиме уметниците надвор… И, јас, пробивајќи се да ја промовирам оваа идеја, ме упатија да отидам кај нашиот афирмиран уметник и писател Ацо Станковски, некој не случајно му го дал името Рембрант,  и од прво човекот рече “Имаш две мои слики”, но на нашата средба одржа ода за Маџар маало која цел живот ќе тлее во мојата душа. Тоа ми даде сила, почетниот импулс да одам од уметник на уметник и потоа сѐ тргна, така собрав околу 30 слики на разни начини, некого го помогнав, некого го стимулирав, некого го замолив… Им ветив дека тоа ќе излезе во еден каталог, доколку подарат или дадат без надоместок. И така се ширеше кругот, тетовецот- уметник Павле Кузмановски ми ја подари сликата “Кобилица”, една пријателка  Македонка во Холандија која беше на одмор овде го нацрта Зафир Хаџиманов, една гимназијалка од Куманово ја нацрта Есма, добивме слики од Живко А. Поповски Цветин и така се ширеше. Знаете како, тоа нема цена, нема пари со кои може да се плати.  Чувствувате како нешто се создава, се раѓа, расте од идеја до манифестација. Еден ден Миле рече: И јас имам  дваесеттина слики на тематика Маџар маало, Вардар, природа, од разни уметници..  (зашто  порано имал галерија) . Се собраа 50-тина. Година дена имавме малку тешка и деликатна работа.  Миле сега почнував да ги подготвува сликите и ќе формираме галерија со сликите. Прво ќе бидат сместени во канцеларијата на Маџир маало а потоа ќе ги прикажеме пошироко.  Еве една идеја Маџар маало припаѓа во две општини, во општина Центар и во Аеродром, постои идеја да направиме изложба на една улица во Маџар маало, една во Центар, и една во Аеродром. Манифестација на која ќе ги истакнеме сликите, билтените, некое читање на поезија и тоа и да предизвика внимание на народот. 
*50 слики рековте дека имате, тоа е одлична бројка не една туку две изложби, да речам.
– Имаме богатство од слики кои се квалитетни, и, како што Маџирмаалци  постојано слават заеднички средби во “Континентал” , и по други хотели, и таму ќе ги истакнеме. А може на некоја средба да биде јавно наддавање, затоа што се полни салата, со луѓе од тука од Македонија, но и од странство. Има луѓе кои доаѓаат од Париз, од Холандија од каде не, специјално за таа средба да ја видат својата генерација, со своите пријатели, со своите роднини … Ете, добри слики можеме да им понудиме на купувачите,  да собираме средства преку тие аукции. Ние сме куќа за продажба на слики, сепак, Здружение од граѓани сме, а претседател е Зоран Панчевски еден познат инжњер, маџирмаалец, фудбалер.
*Годинава ќе правите колонија?
-Јас ја отфрлам идејата, затоа што колонијата е висока форма на организирање, огромен број на луѓе. Замислете, на секој уметник, на секој сликар ние треба да му обезбедиме маса, штафелај, да му обезбедиме сместување, јадење, пиење, хонорар, тоа е многу тешка обврска ние немате таква екипа. Едно е да сакаш друго е да стасаш до каде си наумил и така. Така што, имаше секакви размислувања па и приговори зашто сум отстапил од почетното, но јас се држам до ова.
*Од Маџир маало се и славните Зафир и Есма и “Пралипе” .
-Доживувањето кога Есма доаѓала во родното маало може да се спореди само со Тито, па дури потоа на ранг листата  доаѓаат Брена, Цеца Ражњатовиќ. Нејзиниот сопруг Стево, уф сега се ежам, е на тој на моторот на фотографијата кадешто се демонстрациите во Март во Нови Сад, во 1941 година. На 27 Март се турна владата Цветковиќ – Мачек а пред тоа беа демонстрации, а  Стево Теодосиевски, кој тогаш со семејството се нашле на тие простори, е на фотографијата на моторот со транспарентот “Боље гроб, него род”. Човекот потоа се срамел од таа снимка “абе оставете ме, јас сум уметник, тогаш сум бил пролетер, сега сум уметник” , но колку и да негирал тоа останува во историја.
*Ќе направите нешто во чест на овие легенди? Остана уште нешто како идеја за реализација во скоро време?
-Останува како отворена опција, и ќе работиме на тоа. Но сигурно ќе се најдат во монографијата. Исто така сакаме да издадеме една монографија за Маџирмаало на повисоко ниво, со квалитет, со дебели кориции,  во боја,  со мрсна хартија, е сега дали ќе успееме да обезбедиме, ќе се бориме. Значи идејата е таа.
*Дали Вие имате напишано песна за Дебар маало?
-Секако секако, на сите досегашни изданија, имам пишувано по две, а некогаш и три песни, за да бидам присутен и да го збогатам изданието. Но бидејќи сум почесен претседател , има судир на интереси. Вон конкуренција сум. Од оваа година се зголеми бројот во жирито, тука е и Љубиша Николиќ, оти добил три награди. Мораме да ја шириме и етиката  и довербата. Еве што ми се случи во Оровник минатата година.  “Охридски бисер” од Охрид организира средба на поетските клубови од Македонија и собира многу луѓе 200, 300 во манастирот горе, Света Петка. Ме поканија и мене и така, се претставив, и еден човек вели ”  сѐ е со мучки, местенки”… Кај народот е општа недоверба за сѐ. Лесно да упропастиме, но ајде цветот кој сме го зададиле да даде плод, да даде цвет, да расне да се развива. Јас сум го создавал ова со помош на моите другари и нема да дозволам да се уништат за ситни интереси. Не доаѓа во обзир. Имам право да конкурирам,  не  може да ми се одземе писателското.  Но, јас не се натпреварувам за награда, учествувам волонтерски, ревијално. е можеш да дадеш на жири. Еве сега сум пред завршување на книгата со војнички приказни која има преку 500 страници, и тоа ми е голема лична писателска обврска.

Валентина Ѓоргиевска Парго

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.