Интервјуто за www.kulart.mk, го водеше М-р Татјана Гогоска
-Со сето она што го имате сработена и создадено, навистина не знам од каде да го почнам нашиов разговор, креативен, уметнички и малку приватен. Па решив да почнеме од оваа 2025 та година , која покрај другите активности, сепак ја обележа Наградата за животно дело на најшиот најреномиран театарски фестивал “Војдан Чернодрински“. Како ја прими информацијата и што од сета таа “гужва“ тој период ти е најзначајно ?
СНЕШКА – Признавам бев изненадена, да не речам шокирана од добиената вест на моб. Прва мисла ми беше кој, некој од моиве колеги прави шега, некој штос.?!..Обично, актерите често си прават шеги, досетки…тоа порано многу често се случувало меѓу старите актери, но во сегашно време, кога и дружбите скоро и да ги нема, ни шегите на било чија сметка ги нема. Сепак исчекав писмена информација од ТИ В.Чернодрински… дури тогаш поверував… Награда за животно дело? – што ми падна прво на памет – значи остарена сум ?!, Колегите ми упатуваа честитки со еден збор – заслужено!!! – јас си помислив – зaрем оваа награда дојде и во моите раце?! И сега што натаму? Логично – читање, учење, пишување, раскажување,драматизирање, режирање, помнење нови и нови страници, создавање нови проекти…ништо не ме запира…
-Сега, би сакала да поразговараме за она што го обележи твојот професионален опус, а тоа е актерството. Никогаш не сум прашала, која е твојата прва професионална улога, која ти е најдрага и со која си имала најголем успех. Во матичниот театар МНТ, секако.
СНЕШКА– Прва понуда за соработка во МНТ(73г) беше улогата на Грубе во претставата „Скуп“(од Марин Држиќ), по повод пензионирањето на П.Прличко, во режија на Ќостаров и Б.Ставрев. Во тогашниот период, МНТ веќе официјално делуваше 30 години и имаше потреба од млади нови дипломирани актери. Но, во пракса ваквите ангажмани беа блокирани од самите вработени актери, кои се потрудија и оваа моја соработка да не биде реализирана..
Веќе во претставите режирани од нашиот професор Владе Милчин, ние, неговите студенти, најдовме свое место и во редовниот репертоар на МНТ.
Па така е забележан мојот прв ангажман во претставата „Хелдерлин“(од Петар Вајс, реж В.Милчин) во улоги на две момчиња и на две девојки…
Овој проект и различните улоги што ги играв ми обезбедија редовно учество во тековниот репертоар на МНТ. Имав чест да играм на сцена со ветераните на МНТ ( Шишков, Џундева, М. Бошкова, Ќортошев, Вера Вучкова,Веска Вртева , Анче Џамбазова, Кате Крстева, Душко Костовски, Чедо Христов, Амфи, и др.) Бев нивно дете, момче, девојче, девојка, се грижеа за мене…ме почитуваа…ме сакаа…како нивно чедо.
А која ми е најдрага? Тоа е исто како да прашувате, мајка – кое дете повеќе го сака..Секоја улога има свое место во нашето срце, ја пополнува нашата биографија, двојно па и тројно ги зголемува годините на нашиот живот…Секоја улога ни открива ново „јас“ .
Ќе ги спомнам претставите „Димна Јуда град градила“ и монодрамата „Ана Франк“ во режија на Виолета Џолева, на малата сцена на МНТ. Можеби тие се првите значајни, но и драги улоги на Снешка. За нив ја добивам и првата награда од весникот Млад Борец – за најдобар млад актер…Ќе спомнам и други улоги – Слепата девојка во претставата „Крчма под зеленото дрво“ (реж. Стрниско од Чехословачка) за која сум наградена на В.Чернодрински за епизода… Улогата на Кралица Маргрита во „Ричард трети“ (Шекспир, реж. Р.Бурхан) ми донесе награда на ТИ В.Чернодрински – за најдобра женска улога…па и награда 13 ноември на град Скопје за 20 годишен јубилеј и за севкупните културни активности во градот. Како да не бидам горда…и среќна…секој труд забележан во критиките и верифициран со наградите…задоволен актер храбро плови напред…
-Снешка низ децении, ја поврзуваат со децата. Долги години играше и во претстави на Театарот за деца и младинци. Нешто повеќе за твоите улоги во претстави за деца. Како децата го доживуваат театарот низ вашата призма, од онаа страна на сцената?
СНЕШКА – Интересен момент за мене – кога веќе добивав сериозни драмски улоги, и кога веќе бев прифатена како зрел актер и кога помислив и јас дека сум порасната, добивам понуда да ја играм улогата на Иванка во претставата „Црвенкапа“, во режија на Д.Христов, со кој веќе имав соработувано во многу едукативни емисии и серии за деца на МТВ. Интересен, забавен период на подготовка и изведба. Се радував како најмало дете, играв со Дади како ловец, со Чоре како волк , достојно парирав со импровизации и со интеракција со публиката. Децата врескаа, посакуваа да ме допрат, навиваа, аплаудираа. Чувствував како да сум на свој терен, правев што сакам, играв, се смеев, скокав и така – оп- отиде ногата. Ни гипсот не ми пречеше да играм и натаму…Следуваше соработка и со други режисери Душан Наумовски, Рули Османли ….. Ги слушав внимателно, но често правев по свое… И затоа не чудно што инсистирав и МНТ да направи проекти за деца…Играв најразлични улоги – принцеза, девојче, гусар, мајка, кралица…и дојде време и самата да создадам и режирам претстава за деца насловена како „Самовилско јајце“ со која и официјално беше отворена детската сцена во МНТ.
Детето живее во мене…и ден денес…треперат зборовите на поетот Конески – сочувај го детството во себе!
-Патувавте многу со театарот, претставите улогите, кое гостување ви остана како највпечатливо и би сакала да го повториш?
СНЕШКА – Најразлични гостувања – некои интересни, некои мачни, проблематични, . Секое гостување имаше свој белег – ќе го спомнам гостувањето на фестивал во Москва, Русија. Актерската екипа веќе стасана, го усвојува сценскиот простор, а транспортот со сценографијата, задржан во Украина – со државнички интервенции успеваме да ја добиеме сценографијата. Малку нервозни, но и среќни – добиваме дополнителни денови престој во Москва. Неочекувана уживанција…
Гостување во Солун – светска годишна манифестација на Унија на жени – музичките настапи од МОБ регуларно минуваат, а актерските настапи од МНТ (Снешка, Џундева) – се стопираат, односно следи забрана за говорење на македонски јазик….Пак интервенции, со македонскиот амбасадор, наша истрајност, доследност и следниот ден – настапот ни е одобрен и реализиран. Горчливо чувство…
Гостување на фестивал во Благоевград, Бугарија со претставата „Театар љубов моја“. И тука проблеми, напади, од самиот директор на фестивалот, на старите теми – не сте македонци, вие сте бугари…стоички издржуваме…Малку каење за прифатеното учество на фестивалот и опомена – да не се повтори!
Збор два и за убавите гостувања – во Сараево „Фестивал на мали и експериментални сцени“ – нашата екипа со претставата „Димна јуда град градила“ во режија на Џолева, добива прва награда – Златен ловоров венец. Стануваме важни, главни…
Гостување во Нови Сад – „Стериино позорје“ со претставата „Ѕидот водата“, од Ж.Чинго,во режија на Б.Ставрев. Освоената награда за драматизација и за сценографија, ни овозможи непречено гостување на приморскиот брег, игра на отворена сцена и во сите театри низ Југославија. МНТ – главен адут на македонското глумиште…
Најбурно, највпечатливо гостување – во Нови Сад – Стериино позорје со претставата „Среќна нова 49“ од Михиќ, во режија на Унковски. Дочекани како важни гости, добри пријатели, изведбата проследена со овации, френетични аплаузи, многу разговори, интервјуа. Финале – освоени 4 награди (за двајца актери, режија, сценографија). Неверојатно ?! Тешко и ретко се случуваат вакви претстави и гостувања – посакуваш и сонуваш да се повторат…
-Покрај театарот, твоја најголема “љубов„ барем мислам дека е така е Телевизијата, иако почетоците ти се врзани со Детската радио драма. Ај малку за тој период на рана младост и Радио драмата?
СНЕШКА – Детството ми го обележи Детската радио драма, раководена од Славица Тодорова. Радиото во тој период ( од 1964г) беше главен извор на информации, важен едукатор на децата и возрасните. Во многуте радио емисии, утрински, пладневни, драми, репортажи, покрај возрасните членови Таска Балабанова, Цветанка Трпкова, Зорица Георгиева, Божо Софрониевски, Мајсторов, активно учествувавме и ние децата – Џолева, Зафир Хаџиманов, Коле Ангеловски, Наум Пановски, З.Јордановски, З.Крстевски, Кире Печијарев и др. Ги запознавме и режисерите Спасе Нелов, Миодраг Шаурек……Шаурек ми ја отвори вратата на македонската телевизија – и следеа ТВ емисии за деца – Пссст, Добра ноќ деца, Приказни од лулето, Шумски приказни, Крстословка, па комбинирани емисии – куклени со живи ликови (Снешка и Амфи) , водителства ( првото Златно славејче во Драмскиот театар) водителство на средбите на југословенските радија во Јајце…многу новогодишни програми и др. тип радио и сценски настапи….Необично беше секое мое снимање во студиото на Радио Скопје. Морав да бидам качена на едни скалила, за да стасам до статичниот микрофон (такви беа првите микрофони, мислам донација од Италија, како и комбето што не превезуваше од Арапска куќа до Нерези, исто така донирано од Италија.. Заразата со актерство, игра пред микрофон, камера, сцена, ете од каде дошла…
-Со Телевизијата, посбно Македонската си поврзана пред се со серијата “Дајте музика“. Како сето тоа почна и убаво би било ако имаш некоја случка од тие две сезони, што ја помните, да ја споделите. Јас со сигурност знам дека децата не ја сакаа Снешка, туку ја обожаваа.
СНЕШКА– Снимањето на серијата „Дајте музика“ веројатно е најинтересниот период од мојот живот…тука си бев своја.- големо студио за играње, лумпување, простор за дружење со деца на различна возраст, простор за танцување, за пеење…се на едно место…Дружбата пак со авторите, возрасните сценаристот Татјана Гогоска (Тања), автортот на насловната песна Васил Пујовски (Пујо)..понекогаш ќе ме вратеше во реалноста….но гледачите, публиката, знаеше да го крене моето самочувство, моето важно постоење…
И ден денес ја помнам турнејата низ градовите во Македонија, настапите на стадиони, публиката што навива и бодри, ужива и пее…автобусот со која се превезувавме, а секако и полицијата, која не чуваше .од различните допири, прегратки и кратки запознавања, пред секој влез и излез…Но ја паметам и реакцијата на својата ќерка Јана- кога дотрчуваа деца до мене, барајќи автограм, или сакаа да се сликаат, да се гушнат со мене, да ме бакнат, таа се лутеше и бегаше. Чудни реакции и зборови – ти нив ги сакаш, а мене, ме сакаш ли? Помнам и како се претставував – Снешка – Смешка, Снешка – грешка!.
Дури и намерно правев грешки во разговор со децата-актери, ги закачав, ги кубев ( Сара) – главно дружба, игра, музика, веселба – најмалку мислевме на самото снимање.
Мора да признаам – станавме славни..интервјуа, гостувања, разни настани, создадено Детско драмско студио (Град Скопје), патување во Шведска – презентирање на снимениот материјал, авторката Татјана Гогоска, го подготви и продолжението на серијата…Со години живеев на стара слава (така си велиме ние актерите)..А денес комуницирам и раскажувам за таа серија со тогашните деца- денес и самите родители. Од тоа поубаво здравје – а некои режисери од МНТ не пропуштаа да ми кажат – кога веќе еднаш ќе пораснеш Снешка?. Одговарам брзо и јасно – не, не сакам да пораснам!
-Кога сме кај децата, мајка си на ќерка Јана и баба на Павел и Саша. Знам дека не сакаш да зборуваш за приватниот живот, но еве нешто малку од тој дел да ни откриеш, би те замолила.
СНЕШКА– И како мајка бев учителка…на Јана…во гимназиските денови, сега и на моите внуци ја имам истата улога, можеби …досадна баба, насекаде наоѓа грешки – содржински, граматички, во пишувана и говорна форма – ги критикувам за нечитање, неучење, но главно научија дека чевлите не се облекуваат, туку обуваат, научија што е подмет што е прирок, и каков е редоследот на зборови во една реченица…за акцентот и за акцентските целости да не говорам…а говорењето бројки ми е главна тема, па така сега Павел и Саша забележуваат, кој греши на ТВ изговарајќи 200-стотини, 300..стотини…Не можам да премолчам и да не корегирам дури и секојдневни грешки..во умот секогаш ми е нашиот најдобар лектор во МРТВ – Стефан Зиглин
-Дипломираше/магистрираше, искрено не знам која година, режија на Катедрата во Софија. Под твое режисерско перо се реализирани бројни, претстави, настани,концерти….. Што се не. Нешто повеќе за тоа?
СНЕШКА – Едно време се прашував – што ме натера да магистрирам на отсек режија и тоа во Бугарија? Увидов дека секој текст што го работиме во МНТ го знам напамет комплетно, имам слика на целата сценографија, на секое движење на актерите и веќе ми стана здодевно да им забележувам и да ги потсетувам на зададените задачи и насоки. Чувствував голем потенцијал во себе, доволна возраст и уметничко искуство и логично беше за мене да ја заокружам својата дејност – актер режисер. А зошто Софија?
Нивниот образовен систем е целодневен, сеопфатен, комплетен, научен, базиран и на руската школа, па од таму и моите пофалби за нивниот образовен систем. Ми беше дозволено полагање на теоретскиот дел на македонски јазик, а проектите, завршни, дипломски претстави, како и музиката – немаат јазички граници Или се добри или не.
Дипломирав режија на НАТФИЗ во Софија, Бугарија 2001/02 со највисока оценка, со перформансот „Волшамба“, кој потоа, со помош на Тања, продолжи со своето прикажување во театрите во Скопје и во други градови на Македонија…
-Да заокружиме со едно прашање, кое можеби ќе ти е чудно, но еве ми дојде како мисла. Дали мислиш дека треба да седнеш и напишеш една книга низ ликот на едно големо дете Снешка, со сите делови од твоите улоги, врзани со една нитка-Љубвта кон работата и креативноста?
СНЕШКА – За Снешка е тешко да „седне“, таа постојано скока, игра- крши нога, па рака…повторно нога…ни тогаш не седнува – игра на сцена како Иванка, како Берта, како Хана зависи која претстава е на репертоар, или кој настап е, и каде, во кој град – тоа не е причина да се одложи настапот или претставата. Снешка скоро секогаш е изведувач, на своја драматизација, на друг посакуван ил познат автор. За мене авторот е на прво место, авторот ме создаде, авторот ме оформи, тој ме образува…Има многу чекори да се изодат, за да дојдеш до првата буква, А – автор
– На самиот крај од ова интервју , би ти оставила простор сама нешто да ни кажеш, што јас не успеав да те прашам.
Мои посоки – Не седи, работи…или Just do it! Или – Прави го она што го сакаш!
М-р Татјана Гогоска
