Велат, најсилна и најбистра е водата кога ќе се спојат два исти извори во една река. Оттука и најсилен е талентот кога во него ќе се спојат два исти “подталенти”, во една река, која зажуборува и го пронаоѓа своето корито, за да се влее во големите мориња, во големата уметност. Зборуваме за Билјана Камчева, млада флејтистка, а воедно и оперска пејачка, која сето свое лично богатство што го има го спојува во еден концепт и со сила, елан, ентузијазам, шарм и енергија, тргнува кон, “големата вода”.
Интервјуто со Билјана Камчева
го водеше Валентина Ѓорѓиевска -Парго

Валентина Ѓ.Парго- На дел од јавноста веќе и е познато Вашето име, на другиот дел допрва ќе се запознава со Вашитe таленти и амбиции. На почеток на оваа наша средба би сакала да Ве прашам како си ја поминувате оваа богата музичка есен, следите ли концерти, штo се случува на нашата сцена?
-На мое огромно задоволство имаме плодна музичка есен со настани кои содржат различни видови на програма и кои нудат истовремено квалитетни музички изведби. Имавме богата музичка програма на фестивалите Златна лира и Скопскиот џез фестивал со реномирани домашни и светски музички имиња кои ни понудија изведби за уживање.
Ва.Ѓ.Парго: Изминативе месеци за Вас беа исполнети со големи успеси, голем број на концерти и патувања. Преку една куса ретроспектива раскажете ни за дел од вашите најуспешни случувања.


На 12-ти септември во Рим, заедно со мојата драга колешка, пијанистката проф. д-р Ана Гацева бевме поканети да се претставиме со свој целовечерен концерт на Меѓународниот фестивал “Concerti del Tempieto”, во театарот Марчело, изведувајќи дела за флејта, пијано и глас. По враќањето од Италија, на 20-ти септември се одржа концертната изведба на барокната опера “Дидо и Енеј” во соработка со здружението “Полифонија” , во која дебитирав во улогата на втората вештерка и истовремено бев дел од хорскиот ансамбл. Концертната активност за есенскиот период ја заокруживме со рецитал во Културно-уметничкиот центар во Скопје на 9-ти октомври, со пијанистката проф. д-р Ана Гацева.
Ва.Ѓ.Парго:Настапот во Рим е еден престиж во секоја смисла на зборот, кој ќе ја украси Вашата уметничка лична карта со едно европско достигнување. Раскажете ни се за тој концерт, за сиот тој успешен проект.

Ва.Ѓ.Парго: Да се настапи пред Италијанци, кои се посебно пребирливи како рафиниран публика, во еден манир и на изведувачка на флејта и како оперска пејачка е мошне голем предизвик но и храброст. Што ве поттикна на таков репертоар?

Ва.Ѓ. Парго: Соработката со Ана Гацева и таа ви отвора некои нови патишта и нови порти. Што досега изведовте со Гацева, што планирате за во блиска иднина?
-Соработката со пијанистката Ана Гацева се случи многу спонтано. Интересно е како ни се споија енергиите кои кулминираа во изведбите и кои ќе останат како белег во нашето заедничко музицирање. Концертот во Рим беше наша прва соработка во која искуството, знаењето, младоста, љубовта кон музиката и нашиот сличен сензибилитет направија да уживаме во заедничкото креирање на уметност. По концертот во Италија, настапивме и пред нашата домашна публика во Скопје. Секако, не застануваме тука, во тек се подготовки за нови проекти и концерти на кои ќе бидете поканети.
Ва.Ѓ.Парго: Иако периодов бевте зафатена со настапи надвор од Македонија, не ја запоставувате ни домашната публика. Неа ја почестивте концерт во Салон 19.19.

-Пред домашната публика се претставивме на сцената на Културно-информативниот центар со концерт кој се одржа со поддршка од Град Скопје на 9-ти октомври. На програмата беа делата изведени во Италија и сме посебно среќни што со свое присуство не почестија многу љубители на класичната музика, како и истакнати музичари и студенти по музика. На концертот, од име на Фондацијата “Томислав Зографски” , г-ѓа Панда Зографска Беличанец ми додели признание за почесен и најмлад член на истата.
Ва.Ѓ.Парго:. Наскоро патувате во Софија на натпревар за руска романса. Имате ли посебно омилени песни, од руската ризница?
– Во периодот од 8-ми до 10-ти ноември ќе настапам на меѓународниот натпревар за руска романса, кој ќе се одржи во Софија, Р. Бугарија. Руските романси од Чајковски, Рахмањиноф, Шабордина преку своите текстови и музика не доближуваат до душата на Русија и емоцијата на рускиот народ и јас, со задоволство ги изведувам.
Ва.Ѓ.Парго: Не може и не смее да го прескокнеме и прашањето од домашната ризница што ви е на срце?
–
Можеби звучи како клише, но навистина ние сме талентирана нација. Оваа држава има многу креативни и докажани уметници кои имаат огромни багажи со знаења и искуства со кои таа треба да се гордее. Уметниците го носат бремето на ова време, преку нив и нивното делување треба да се случат најголемите промени. Ве молам, дозволете ми да ги споменам македонските композитори кои неуморно творат и кои преку својот уметнички јазик ја пишуваат приказната на нашето време, композитори од повозрасната и помладата генерација: С.Стојков, Љ. Бранѓолица, Б. Цанев, Т. Манчев, Д. Бужаровски, Ж. Глишиќ, Ј. Андреевска, Д. Андовска, С. Петровски, В. Велковска Трајановска, Г. Начевски, Б. Петровиќ, Н. Димушевски, Д. Темков, А. Пандевска, М. Јаневска, и уште многу други кои се достојни за почит.

Ва.Ѓ.Парго: Не знам дали имаме и друга уметница чиј уметнички пат спојува и оперско пеење и свирење на флејта, но знам дека е нешто многу уникатно и плодоносно. Како во иднина ќе ги спојувате овие две врвни уметнички вештини?
-Музиката е мојот живот, моја пасија и љубов. Преку моето делување и музицирање сакам да го направам светот поубаво место за живеење, сакам да ја вратам емпатијата помеѓу луѓето, да ги однесам во светот на имагинацијата каде целосно ќе бидат ослободени од стегите на денешницата и ќе им се радуваат на моментите. Сакам со секој тон срцето на слушателот да трепери и да ја почуствува пораката за љубов која сакам да ја пренесам. Да, преку мојата флејта и мојот глас најдобро се изразувам, преку нив сакам да ширам љубов и да го обојам сивилото и тоа ќе го правам се додека дишам и постојам.
Ва.Ѓ.Парго: Од Ваша страна кажано, што треба државата да направи за вас со цел да бидете максимално продуктивна и задоволна, а што треба да направи за младите воопшто?

Ва.Ѓ.Парго: Се гледате некаде далеку, или тука?
-За да расте и да се развива уметникот мора да има широки видици кои ќе го водат напред. Јас имам уште врвови кои треба да ги искачам. Една народна поговорка вели: “Добар родител е оној кој на своите деца ќе им подари и крила, но и корени”, па во тој контекст ќе кажам, сакам и мечтаам да творам дома, но и да блеснам и пред светот со својот потенцијал раскажувајќи ја својата, но и приказната на мојот народ.
Фотографии- Приватна галерија од Билјана Камчева
