ЦАНЕ ТРАЈЧЕВСКИ: Мојата задача е секогаш да понудам добар, вистински, уникатен текст за песна!

111
smart

25.09.2024
Современата македонска забавна и фолк сцена во своите ризници чува грст песни од еден од нашите најплодни текстописци, господинот Цане Трајчевски.
Автор без кого не може да се замисли фестивал, а песни за кои напишал стихови победувале на “Канео фест”, “Филиграни”, на “Гоце фест”…
*Преку 350 напишани, а речиси 200 отпеани. Голема бројка, или тоа е само мој субјективен впечаток?
– Да, досега имам напишано повеќе од 350 текстови, од кои до моментов кога зборуваме за тоа, 183 веќе се преточени во студиски снимки на фолк и забавни песни, испеани главно на сите наши фестивали. Дали е ова голема или мала бројка на песни, нека процени секој објективен слушател на песни. Според сето кажано, може да се рече дека сум фестивалски текстописец. Околу две третини од досега снимените студиски снимки, се забавни мелодии, веројатно затоа што таква била побарувачката во тие моменти.

*200 текстови, тоа се 200 раскажани приказни. Ваши, измислени или нечии. Што е најчесто во Вашата инспирација, што ве мотивира?

– Сите текстови се моја замисла, мое авторство, а темите се различни, како на пример- љубовни, патриотски, родољубиви, старогратски и текстови од некои настани. Инспирацијата е од секојдневието, сегашноста, минатото и од погледите кон блиската иднина. Да напишеш толку многу текстови, а тие да бидат сепак различни во содржината, мислам дека е уметност. Со еден збор кажано, талентот за нешто е од раѓање, а потоа личноста се надоградува.

*Многупати сте ја земале наградата за најдобар текст на нашите фестивали. Да ни наброите некои од тие песни…
– Наградата за најдобар текст, досега сум ја добивал 20 пати, а еве за кои фолк песни или забавни мелодии “Запејте за мераците”- Серафина Фантаузо, фолк песна, “Чувствувам небески мир”- Благица Павловска, забавна мелодија, “Те сакам искрено”- Мартина Трајкоска, забавна мелодија, “Имај надеж”- Бани Мањани, забавна мелодија, “Ти не си тука”- Билјана Дамјановска, забавна мелодија, “Со поглед те крадам”- Марина Владимирова, забавна мелодија, “Дојди барем за час”- Натали Стефановска, забавна мелодија, “За тебе пеам”- Катерина Атанасова, забавна мелодија, “Убав сон”- Драган Мамучевски, забавна мелодија, “Чувствувам тага”, Елизабета Паневска, забавна мелодија, “Платонска љубов”- Магдалена Митроска, забавна мелодија, “Љубов делиме”- Љупчо Јошевски, фолк песна, “Сега е моја”- Давид Андонов, забавна мелодија, “Ода за мајка Тереза”- Зора Василевска, забавна мелодија, “Време не се враќа назад”- Валентина Ѓоргиевска Парго и Зоран Далчески, забавна мелодија, “Само песната е лекот”- Љупчо Јошевски, фолк песна, “Минатото е богатство”-Љупчо Јошевски, фолк песна, “Една згодна Кристина”- Љупчо Јошевски, забавна мелодија, “На срце ми остави потпис”- Љупчо Јошевски, забавна мелодија.

* Соработувате и со млади таленти но и со најпознатите изведувачи Нино Величковски, Дамјан Стојаноски, Благица Павловска,Ташко Каранфиловски, Билјана Дамјановска, Серафина Фантаузо,Петар Нечовски, Катерина Танева и “Нели ти реков”, Јасмина Мукаетова, Ани Малинкова, Блаж Маротов, Мартинијан Кириловски, Перо Христов, Анета Ефтимова, Јуле Николовска, Лени Партикова, Јулија, Бранка Соколовска, Благојче Стојановски Туше, Софија Кочевска, Жаклина Узунова, Викторија Лоба, Барбара, Игор Цветковски, Бани Мањани, Александра Котели, Катерина Атанасова, Марио Арангеловски, Ангелина Стојановска… Пишувате текстови и за и фолк и поп песни. Каде сте најкомотен во овие категории, кога пишувате за млади или докажани, кога пишувате фолк или поп, ако нешто ви причинува некаква разлика.
– Песни со мои текстови, отпеале многу познати и признати пејачи, средно познати, но секако и дебитанти кои подоцна станале препознатливи по своите песни. Инаку не правам разлика за кого пишувам, туку моја задача е секогаш да понудам добар, вистински, логичен, објективен и уникатен текст, затоа што текстот е најважно нешто во секоја песна, фолк или забавна сеедно. Текстовите ги пишувам најчесто ноќе кога не излегувам никаде, кога ми доаѓа идеја. Брзо пишување на еден текст сметам дека е за 30-тина минути, а некогаш и повеќе време, начинот за создавање на песни кај мене е најпрво текстот, а потоа музиката. Мислам дека така создадените песни се подобри, а поетски сум доискажан во така напишаниот текст.

*На десеттото издание на фестивалот „Канеофест“ добивте награда за животно дело. Со тоа е заокружен еден успешен циклус од Вашата досегашна работа. И добро е што ви ја дадоа навреме затоа што Вие иако сте сѐ уште млад и има време за нови докажувања, за жал фестивалот замре.
– Токму така, на 10. јубилејно издание на “Канео фест” во Охрид во 2011 година ми беше доделена престижната “Награда за животно дело”, за голем придонес во развојот на фолк и забавната песна во Македонија. Многу сум горд на таа награда, која ме обврзува и натаму да пишувам убави текстови, а тоа ќе го правам сѐ додека работам на полето на музиката.

*Кој фестивал или соработка остана Ваша засега неостварена желба?
– Неостварена желба ми остана Скопскиот фестивал, кој еве не се одржува, а на скоро сите други сум имал свои песни. Неостварена желба исто така ми е што некои пејачи не отпеале мои песни, меѓу кои Васка Илиева, Петранка Костадинова, Александар Сариевски, Тоше Проески, кој своевремено ја бендиса мелодијата и текстот што го напишав за “Кажи Господе”, но не се договориме. Истата подоцна ја испеа Јулија. Желба ми е, на пример, Драган Мијалковски и Лидија Кочовска да отпеат мои песни.
*Ќе ги објавите ли песните во една заедничка стихозбирка или песната. Неколку текстописци го имаат направено тоа.
– Јас си ги собирам песните со мои текстови,и правам албуми на цд изданија, кои се или ќе бидат објавени на јутуб. Многу песни поединечно во аудио или ДВД издание се објавени, а како албуми што се вели во мп3 формат се објавени- 90 забавни мелодии во еден албум, 33 во друг, 34 фолк песни во еден и 25 фолк песни во друг албум.
* Работите во детска градинка во Демир Хисар како книговодител, а пред тоа како дописник на “Вечер”. Како е да се биде меѓу деца? Ви даваат ли инспирација да напишете и некој текст за некоја детска песна?
– Точно така, работам во детска градинка како книговодител. Убаво е да се работи тука, си ја сакам работата и најодговорно ја извршувам. Нормално дека тука покрај работата, се добива и инспирација. Како доказ за тоа е и химната “Демир Хисар е нашиот крај”, посветена на оваа градинка, за кој текстот го напишав јас,а музиката и аранжманот се на Љупчо Јошевски, кој заедно со Ивона Талевска ја пеат оваа химна, со која започнуваат сите наши приредби.

*Имате песна “Музички гениј” за Тоше и “Ода за Мајка Тереза”. Кој ги има испеано?
– Да тоа се забавни мелодии. Мелодијата “Музички гениј”, посветена на Тоше Проески, испеана на “Евро фест” во 2007 година, по она што се случи тогаш Советот на овој фестивал побара песни со таква посвета. Оваа мелодија ја испеа Иле Спасев, кој е автор на музиката и аранжманот, текстот е веќе рековме, мој. Додека мелодијата “Ода за Мајка Тереза”, што на “Канео фест 2012” ја испеа Зора Василевска, е посветена на оваа светица, е со мој текст, музиката е на Аце Прпушовски, а аранжманот на Дарко Шерденков. Двете мелодии добија и специјални награди, исто како и фолк песната-“Сојот убав демирхисарски”, која на “Филиграни 2012” доби специјална награда. Ја испеа Зоран Марковски кој е автор на музиката и аранжманот, а текстот го напишав јас.
* Сте се обиделе ли да напишете книга, драма, роман, или вашето перо строго се држи само за песните?
– Во план ми е, да издадам книга, во која ќе бидат сместени до тој момент сите текстови на студиски снимените фолк и забавни песни. Книгата ќе биде наменета главно за подарување на поголемите библиотеки во Македонија, во најголемите градови, за подарување при гостување во радио и тв програми, за пејачи, пријатели. Целта за ова е да се соберат текстовите на едно место, луѓето да читаат и да се потврди дека Цане Трајчевски во едно време постоел и работел нешто корисно во полето на музиката, во случајов како успешен текстописец.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.