РАНКО РАНГЕЛОВ: Кога ја раскажувам случката со Јонче Христовски, Васка Илиева и кокошката, луѓето мислат е скеч!

Синоним за смеа, мајстор за забава со над четири децениска кариера. Неостварен хемиски инжењер, според својата диплома, но остварен хуморист и легендарен естраден уметник со најголем број турнеи во далечната Австралија, Тв ѕвезда, а денес пензионер (повторно со полно работно време) и вели над сѐ најсреќен дедо на мала внука од својата ќерка.
*Господине Ранко Рангелов. Веднаш ќе Ве прашам кога почнавте да се занимавате со прикажување на хумор?
-Што се донесува до мојата голема кариера, некои велат преголема бидејќи доста време сум се задржал на естрадата, и со секое мое појавување сум требало да се докажам одново и одново, таа почна многу одамна. Од мал сум почувствувал дека имам талент за имитација, уште во прво одделение наставниците ме викаа во канцеларијата да им свирам, да им пеам, да им кажувам како предаваат самите тие. Тој талент го надоградував во средно училиште, а веќе кога се запишав на факултет тогаш веќе уште на првата бруцошка вечер на Кале, нѐ повикаа нас талентите, да видиме кој студент каков талент има. И јас ги слушав сите што се беа пријавиле, а се претставија со по нешто, но излегувам јас и кога дрмнав, кога почна салата да ми аплаудира како да сум веќе професионалец. Водител беше Бошко Трпески. Тогаш ми рече “Отсега те имаме во план за сите емисии”. Па почнаа за мене да пишуваат весници, почнаа да се организираат избори за најубав маж, најзгодна женска, избор на убавици во Маврово. Цело Маврово доаѓаше, луѓето беа присутни за да гледаат затоа што беше многу популарна забавата што ја имавме. А јас бев и водител тогаш. Настапуваа од “Леб и сол” до Виолета Томовска, Кочо Петровски и кој не. Тогаш за мене се заинтересира КУД “Кочо Рацин”, КУД “Мирче Ацев”, КУД “Орце Николов”, КУД “Коста Абрашевиќ” и почнаа да ме носат на турнеи уште како студент. Ме земаа од факултет, доаѓаа, ме наоѓааа. Тогаш немаше телефони. Се распрашуваа “Дали го видовте Ранко ?”. Тогаш престојував во Домот “Стив Наумов”, а таму ја водев и разгласната станица и сите знаеја каде да ме најдат- ќе дојдат, ќе договориме и патуваме. Сме оделе на турнеја со автобус до Шведска, со автобус до Германија… Потоа почнавме со авиони, меѓутоа културно уметничко друштво брои 60 членови и не може тоа секогаш со авион, некогаш мора и со автобус. А со автобусите имам такви работи доживеано што може да се напише голем роман.
*Раскажете ни нешто и сега!
-Еве еден пример, кога се растураше Југославија ние веќе имавме договорено со Културно уметничко друштво “Орце Николов” да патуваме за Германија и тоа дури горе до северна Германија. Ама лако да патуваме кога пасошите, тие југословенски не важат, а инсистираат турнејата да се одржи. Беа Блага Петреска, Ферус Мустафов, Ванчо Гоце и јас за хумор. Се чудат како да извадат пасоши, кога нашиве сѐ уште не даваа пасоши. И земаа еден огромен блок за цртање и налепија фотографии од сите нас како табло, и одиме. На граници се чудат што да ни прават, на чешка граница, на полска граница. Се смеат цариниците па нѐ пуштаат, велат “ајде, ајде”… И тогаш се сеќавам Ѓокица Лукаревски се шегуваше: “Абе кога е ваква ситуација, абе земи еден коњски вагон, абе со восок запечати нѐ додека да стигнеме, а не вака на сите граници мора да се излезе, да се помине пешки, па автобусот, па го чекаме” и ткн.
*Вака изгледа мачно ви било, да не се добие погрешен впечаток сепак…
-Ама не, ништо не ми било тешко, зашто публиката ме “носела на раце”, каде и да се појавам публиката ме сака, ме среќава народ на улица, ме виделе на телевизија ми честитаат “алал да ти е за ова што го кажа”. Народ и ден денес исто реагира како тогаш, на колку манифестации ми честитаат, а последниве години посебно за штафетата и затоа што сум го глумел Јосип Броз заедно со мојата Јованка. Тоа беше незапаметено нешто- тргнува “делегација” од старата железничка, доаѓаа до нас и ни ја носат штафетата, јас и Јованка ги чекаме, дури некои жени почнаа да плачат од возбуда, да ми даваат торти…Почнаа да плачат затоа што просто се присетија на сѐ што некогаш било. А јас убав говор бев спремил. Тогаш се градеше на сите страни низ Скопје, тешко се поминуваше и јас велам “Мислев заради мене биле овие празни улици, ова било заради копање, не ко порано кога ме чекаа, ај пак да си заминам” …  А тие велат- никако, нема пак заминување, не те даваме Тито, нема, ја ха ха.
*Што најчесто имитиравте?
– Најмногу сум ги имитирал репортерите. Едно време во бивша Југославија се “слушаше” фудбалот, луѓето слушаа преноси, а беше многу интересен секој репортер, почнувајќи од Радовое Марковиќ, со Марко Марковиќ, Камењашевиќ од Сараево, Делиќ од Загреб, Владан Стојаковиќ, да не ги набројувам многу се. Па потоа почнав со мешавина- спорт, политика и земјоделие. Потоа почнав да ги имитирам артистите, Миодраг Петровиќ Чкаља, Бурдуш, Миа Алексиќ, со него имав и турнеја низ Македонија… Петре Прличко сум го имитирал, нашиве актери сум ги имитирал. Се сеќавам многу ја гледав претставата “Чорбачи Теодос”, толку бев заљубен кога играше Петре Прличко и до ден денеска го гледам сето тоа на Јутјуб. И тогаш актерот Кирил ме однесе во театарот да ги имитирам нив како сите тие изгледаат на сцената, особено кога Петре Прличко вели (го имитира): “Леле, леле сега ќе ја сториме леле, леле ќе го видиш сега чорбаџијата цигански кум леле, леле, леле”. Умираа од смеење тогаш. Па по репортерите и актерите на ред дојдоа и пејачите. Со кого и да сум бил заедно на турнеја, јас веднаш сум го имитирал, дали тоа биле постарите пејачи Васка Илиева, Анка Гиева, Сариевски, Бадев, Кирил Манчевски, и немало лутење само смеа.
*Ве паметиме кога ги имитиравте и политичарите.
-Е, дури потоа почнав политичарите. Кога се формира парламентот во Универзална сала и кога директно се пренесуваше на телевизијата јас полека, полека почнав да го имитирам целиот парламент почнувајќи од Стојан Андов кога ќе викне (имитира): “Че ве молам не, не, не, не, не може ти. Ајде кому да дадеме збор? Ајде Ештреф Алиу”. (Сега него го имитира) “Видете една работа да ви кажам. Ние не можеме да рачунаме на некои си пари, кога парите ги нема. Јас сум министер нели за забава и култура без пари. Парите отидоа за Охридско лето”. (Андов) “Добро, добро, добро, да продолжиме понатаму, ајде Митко Анастасовски”. (Митко) “Вие се смеете, ама ќе плачете, абе ние сме со гајда да нѐ плачи човек. Еве да ви кажам дека сите викате ВМРО, ВМРО, абе врапчињата ќе се претворат во ВМРО, ВМРО, ќе летаат и ќе викаат ВМРО ДПМНЕ! Фрчко не се смеј не, не се смеј бе ти, ти си учел ама не си научил. Ако е жив дедо ти бог да го прости, ако не е жив прашај го ќе ти каже каква е работава”…и ете така.
*Кој ви беше сценарист на Вашите шеги? Сам си ги пишувавте?
-Сам, сам, сам. Значи како ги доживувам јас, така ги пуштам кај публиката, штом видам дека публиката ги прима јас веќе продолжувам со тој хумор. Дали се во прашање политичари, дали се во прашање обични луѓе , старци, баби сум имитирал.
* Не ви беше шубе кога почнувавте дали ќе може да егзистирате, бидејќи за хуморист кај нас ниту има школа ниту има фела, што би се рекло сам свој шизик, на свој ризик. Тука и професионални актери не се нафаќаат тоа да им биде професија. Ги знаеме само по две три кажани реплики на тв и толку.
– Па ми беше шубе, јас кога завршив факултет односно веќе кога бев веќе при крај со хемискиот факултет, тогаш најмногу доаѓаа луѓе и се чудам дали сега како хемичар да се вработам, или да сум слободен уметник. Тогаш имав понуда во Рафинерија и тоа не да ги работам хемиските работи, туку тогаш во секое претпријатие имаше човек за култура и забава и на пример кога претпријатието ќе организираа забави во Охрид јас да им водам. Меѓутоа јас не прифатив, бидејќи имав многу понуди и од телевизија, и да одам во Австралија и Канада… Потоа дури 18 пати бев во Австралија, најмногу од сите што биле. Првата турнеја ми беше со Јанко Узунов и со Благоја Десковски и комплет оркестарот на Радио Скопје Македонска радио, па затоа тука беа и Цветанка Ласкова, Диме Поповски, Фана Шомова, Добри Ставревски. И со војската сум настапувал. Па потоа почнав со Виолета Томовска, а Кочо Петровски немаше турнеја да направи а да не сум и јас. Така по ред дојдов до последните наши пејачи, Наум Петрески и други. Тогаш естрадата вака функционираше- задолжително на настап мораше да има двајца, тројца пејачи и еден хуморист. Тоа беше како правилото.
*Која година беше Вашата прва турнеја?
-Првата турнеја беше во осумдестетата година. Таа прва турнеја беше низ сите градови во Австралија, ги организираше попот Кацарски кој сега живее во Берово. И не како што се турнеите сега- само петок, сабота и недела. Тој организираше и преку неделата. Одевме од авион на авион. Сиднеј, Аделаида, па со авион се префрламе во Перт, од Перт во Мелбурн… И тоа многу јаки концерти, за кои пред да тргнеме тука тренираме речиси две недели со Благоја Дескоски и оркестарот од Македонското радио.
* Значи посериозно се работело од сега.
– Многу посериозно. Ако немаш добра програма не можеш ни да настапуваш. Сега е доволно само да земеш двајца саксофонисти и една пејачка, качи ја на маса, џингарлака, џингарлака и најважно е бакшиш да се собере. Нема програма сега, а на пример 50 осто доаѓаат постари луѓе кои не играат и сакаат да видат нешто. А што да видат кога на масата таму само се собираат по 20 долари, по сто долари, како ѝ фрлаат на пејачката некои, а другите седат. И затоа прекинаа веќе да доаѓаат на концерти. Значи, прво се дава концерт, па по час, час и половина следува пауза, па пак програма и на крај оро, може и пеење. И оркестарот и пејачите пеат и така се создава една поинаква атмосфера. Ние тогаш сме давале претстави во професионални австралиски театри, сега се оди таму по црквите. Ама имаме по 3-4 пејачи и тоа професионалци како што е Виолета Томовска, Јанко Узунов, па Сариевски па Васка Илиева, сите тие заедно и кога ќе настапат и кога ќе дојде време за хуморот да ги размрда присутните, лудо било. Еех колку добри концерти сме давале. Сега нема такво нешто.
*Сега да Ве викнат ќе одите?
– Не би отишол ако нема добра екипа. Сега скоро се договаравме со еден голем бизнисмен кој нѐ носел и порано и му велам- ти знаеш австралискиот долар колку е сега колку бил порано? За исти пари нема да дојде никој. Треба многу поголеми пари. А така, дали ќе се исплати?
*Зошто во Австралија ве викале во Америка помалку кога Америка е поголема и има многу Македонци?
– Америка беше добра во почетокот. Во Америка сега не стојат толку добро, нема толку вработување, некои останаа без работа, некои напуштија. Детроит беше главен тогаш и во Детроит се чекаше и Нова година. Детроит е сега речиси празен град. Тие што работеа таму во индустријата за производство на автомобили ги нема веќе, не доаѓаат ни од Виндзор. И таму се испразни македонскиот народ, така што во Канада и во Америка слабо се поминува. А во Австралија ако имаш добра екипа, ако народот е загреан за тој и тој пејач или пејачка и ако гледа дека има хумор, е тогаш доаѓа. Австралија е многу појака што се однесува до парите, што се однесува до публиката која ги посетува овие работи. Ете, тоа е разликата.
*Добро да речеме , Вие сте имале една привилегирана позиција, бидејќи немаме многу хумористи, па уште веднаш сте се издвоиле како ѕвезда. Но каде лежи силата на еден човек да може 30- 40 години постојано сам себе си да се докажува и постојано одново да ја освојува публиката?
– Јас ја гледам состојбата каква е во државата, за што се расположени луѓето да слушнат. На пример во Австралија покрај политичарите тие ги гледаат нашиве телевизии и се смеат многу. Меѓутоа тие се познати по тоа што имаат и таканаречен “таен швалерај” и сега треба да направиш нешто такво, тој хумор, нормално, пали. И почнуваш на таа тема. Ама секоја година нешто ново. На пример ако сте биле на некое место веќе, а доаѓате повторно, мора да смислите нешто друго. Освен ако публиката по желба побара да имитирате нешто што им останало во сеќавање, тогаш го повторувам старото. Ако минатиот пат сум им кажал некоја шега или песна сега гледам да е друга. “Боже боже како боли, по куќи да ти шетаат голи”. Или “Станав насабајле, кај да одам берам гајле, земав жена многу млада, па душичка ми страда” . Или на пример “Жената ми роди уште едно синче, црно, црно, право палестинче. Ту се смее, а ту па квичи вртам, сукам на Арапот ми личи. Човек да се ѕвери, да се чуди, од каде и тој замешал прсти”. Одиме на друга “Саатот беше околу девет, хармоникашот беше под кревет”. И директно ги врзуваш работи, или некоја постоечка песна ја извитоперуваш, и ја правиш соодветна за ситуацијата. Неодамна на еден фестивал во Мелбурн направив едно десеттина песни кои одговараат за мене како естраден уметник, дека ме нема дома, па кажувам што ќе пеам кога ќе се вратам кај сопругата, а што кога ќе излегувам од дома, и народот на тоа се одушевува. Но, многу, многу важни на крајот на секој виц е тоа што го кажуваш да е многу силно. И тогаш грмнуваат аплаузи.
*Имаме ли ние во последно време хумор и дали имаме одличен хумор? Никнаа многу стендап комичари и велиме дека тоа е нова професија. Апсолутно не, Вие сте го работеле тоа 40 години наназад и повеќе…
-Па мислам дека нема и мислам дека во последно време и малку се бара хумор. А зошто? Затоа што ако само кажувате обични работи, не може тоа постојано да пали, мора малку на политика да удриш, а на политичарите не им одговара хуморот и сѐ одат на тоа да го замолчат хумористот. А и плус на тезга сега еден пејач ќе земе 1.500 денари или некој 50 евра на вечер, или сто евра,  и сега да плати тој и хуморист од тие пари, што ќе му остане? На кафанџијата најдобро му е плати еден двајца пејачи и толку. Така што, хуморот веќе го нема ни на естрадата.
*Сте имале ли проблем со некој политичар?
-Не сум има проблем!
*Сте немале, а тие толку не го сакаат хуморот. Каде е Вашата магија?
-Затоа што јас не сум одел на тоа да ги искарикирам нешто политички, или да ги измалтретирам што се вели, туку го кажувам оригиналот и гласот оригинален и репликата што ја кажал тој. Може некој збор да си додадам, ама тој да мисли дека го кажал, затоа што се вклопува во тој хумор, како на пример еве еден политичар вака велеше (имитира): “Мислите малку шо праите со главите. Што е? На што личи ова да ви кажам. Како со ова сега? Сите сме виновни што е вака. Не може сега козата виновна а прчот, не е виновен”. Тој не кажал тоа јас сум го додал, ама мисли дека го кажал затоа што се вклопува во тоа неговото. И така.
*Господин Рангелов, заработивте ли многу, бидејќи сте нонстоп активен. Ве викаат на свадби, крштевки, свирки, турнеи…
– Па не би рекол баш. Толку сум бил популарен, на врвот, меѓутоа секогаш пејачите дополнувале со бакшиш, а јас колку сум платен толку е. Меѓутоа сум купил стан, сум купувал автомобили и сум живеел еден добар, смирен живот, сме шетале со семејството, сме оделе и на Јадран и во Охрид секаде сме патувале, така што сум имал за нормална живеачка и до ден денес е така.
*Застапен сте на телевизиите како гостин. Зошто не се обидовте да имате константно свое шоу како “Седморица млади” во Југославија да речеме или како К-15? Вие немате проблем со публика, ја имате цела публика, а никогаш не сте се обиделе да го направите тоа како еден вид телевизиска слава.
-Јас сум се обидел меѓутоа многумина ми рекле ако се истрошиш многу на телевизија нема да бидеш интересен на концертите. А на концертите ти нема рамен. Каде и да одиш публиката ја врзуваш веднаш… И навистина е така каде и да одам ја врзувам публиката, копнее да ме види повторно. И Драган Вучиќ и сите ми велеа- може да ти направиме Тв слава ама подобро ти е телевизијата да ти биде само реклама.
*Значи Вие повеќе сакате да сте во жива комуникација?
– Сакам да сум во жива комуникација. Сакам естрада, не сакам на телевизија може да речат дека и нешто е наместено. Ме викале и К-15, сум учествувал во некои емисии каде што требало да им имитирам нешто, меѓутоа не сум се врзал. Затоа што кога и да си на телевизија ќе тераш ајде нека е половина година нека е и една година, ќе се испукаш, може и нови работи да кажуваш меѓутоа постојано си приситен и здосадуваш.
*Но преку Тв екран на пример К-15 со временски помала кариера добија медал за заслуги од Претседателот. Требаше да бидете повикан со нив, нели? 
-Па требаше можеби, меѓутоа тие работи кај нас така и одат, еден преку друг, друг преку трет и така таму. Така што истите што ги доделуваат наградите многу пати ме викале и сум бил во Влада на почетокот, мислам во втората постава, со СДСМ и Бранко Црвенковски. Ме викна еден пријател со кого водев на разгласната станица во “Стив Наумов” тој ја уредуваше емисијата за студентите. Отидов на некое ѓезме во Влада кога ми вели- Може ли Ранко тука да дрмнеш малку до хумор на говорница? И јас исто како на концерти почнав да ги имитирам некои од нив, и тие самите зедоа да аплаудираат и беа многу задоволни.
*Сте добиле некогаш награда за Вашата работа?
– Сум добил признание како најславен балкански имитатор на историски личности. И тоа во Темишвар. Бев на натпревар. Им го имитирав Тито, Хитлер, Тодор Живков… И Јелцин им го имитирав како пијан оди- не може спокојније ја љубљу хаха и народ пука од смеење.
*За Тито снимивте и еден вид филм.
– Го снимив во моја продукција Тито како држи говори, го однесов во телевизија Пинк ми дадоа добра пара  и го пуштаат на една од нивните 20- тина канали. А снимката со штафетата пред гимназија “Јосип Броз Тито” во Скопје влезе и во една докторка дисертација во Словенија. За Тито снимивме снимка и во едно кафуле со Александар и Дац. Тие често си прават забави, и ме поканија и мене за еден 29 ноември, да дојдам како Тито да сме се потсетеле како било во едно поранешно време кога сме славеле Ден на Републиката. Влегов облечен како Тито, ја пуштија химната, јас поминав меѓу народот и настана хистерија.
* Како ги памтите сите работи што треба да се кажат, некогаш не се збунувате?
 -Чудна работа, не. Природна интелегенција. Но кога правам нов хумор го врзувам за некое место кое веднаш ќе ме потсети. На пример еве вака – имам еден црномурен сосед, и кога го кажувам вицот се посетувам на него, а оди вака: “Една жена вели- леле каква е работата црно ни се пишува. А другата вели, ајде мори црно ти се пишува. Комшивката зеде црнец сите имаме среќа од него. Ајде немој црно ни се пишува”. Хаха
*Кажавте виц со “Црнец”. Навремето сме се смееле бидејќи тоа асоцирало на човек кој што има поголеми машки атрибути, меѓутоа бидејќи сега сѐ се сфаќа ксенофобично, расистички и националистички можете да бидете и осуден заради тоа.
-Може, но тој виц што го кажувам како да ги величам, а не да ги потценувам. Е сега сите негативно сфаќаат, затоа што сега направија сите националности да не ги чепкаш. Сега да се Унџел и екипата не би можеле да ги имитираат Албанците. Унџел беше Турчин и ајде му одбиваа на тоа. Ама Гоце и Ванчо кога беа сѐ зборуваа ромски или џигански. Сега да земе некој тоа, веднаш Ромите ќе го тужат. А тогаш сите се смееја. Сега бидејќи не можеш тоа единствено ти останува наш македонскиот хумор. Да е општо. На пример еве: Жената му се жали на мажот, вели- мажу да ги кажам овој народ до овде ми е дојден, абе каде и да поминам ор*спија ме викаат. А мажот- па зошто поминуваш таму кај што те знаат? Оди поминувај таму кај што не те знаат, ха ха.
* Години наназад имате константен ангажман за македонското радио во Сиднеј каде покрај што  ссериозно ги соопштувате најглавните вести од Македонија, на крај на јавувањето правите пародија и скеч на еден интересен начин и тоа е смешно. Како го најдовте тој модел, од некаде го прекопиравте или сам го измисливте?
– Сам ми текна. Бидејќи јас сум хуморист им велам на друго место не сум видел и слушнал досега покрај вестите да има и хумор. Тоа го немало. Сега таа програма ја води Симе, а пред тоа ја водеше еден Миле, кој ми рече дека во Америка еден репортер што известува за настаните, на крај дава и хумор. И јас така направив, така што до ден денеска многумина ги слушаат вестите заради тоа што на крај има смешки. Еве како: Почитувани слушатели големи промени настанаа со новата власт, еве дојде ВМРО ДПМНЕ и има многу промени, и на крај го карикираш тоа, “На пример што се смени? Се сменија луѓето, некои си отидоа за Германија некои за Австралија, се сменија улиците сега се полупразни, еве во Прилеп да одите полупразни се бидејќи сите се по дрвјата” и автоматски со настанот правиш хумор.
*Баш интересно. Ќе пишувате ли книга?
–  Имам понуда да напишам сега. Издавачот вели дека доволно е да ги прераскажам турнеите и ќе има книга која ненормално ќе се чита.
*Кога е најголема анегдота и гаф што ви се има случено?
-Има многу гафови кои не мене туку повеќе им се случувале на колегите околу мене. Еднаш бевме на концерт во Ќустендил во Бугарија. Тогаш беше криза тука немаше сирење, немаше шминки, бензин се добиваше во пар – непар таблици на автомобили. И одиме во Ќустендил да правиме концерт за нашите Македонци, јас Кочо Петровски, Јанко Узунов, Виолета Томовска, културно уметничко друштво и се враќаме вечерта по вечерата некаде кај 1 часот. Тој цариникот нивни и граничарите не нѐ пуштаат додека не запееме. Решивме да пееме, излегува Јанко Узунов им ја пее “Јанка низ гора врвеше”, по него Виолета Томовска, исто тројца излегоа играорци излегоа да поиграат и посвират на кавал. На Кочо Петровски му викаат “Ти ќе свириш ли сега на акордеона. К’де ти е акордеона, да ти ја подадам”. А долу кај хармониката Кочо носеше три канти сирење. И свика “Не, не, не, јас ќе ја земам”. А мене ми вели “Ти ште кажеш ли нешто?”. “Добро му велам ако треба”. “Не- треба- него ште кажеш”. Јас ми кажувам виц:  Некој на една пејка (на една клупа) нашол момиче. И всичко хубаво било, ајде ште почнеме љубов ама тој казва- знаеш какво, ами ште земеш да ме држиш за ушите. А таа му вика зашто то за ушите? Зато што преди тебе имах една па после гледам парите ми ги њама, картичките од банките. Ти ако ме држиш за ушите ште имам контрол” .Цариникот се одушеви и се смее и вели “е добро вие си завршивте работа сега јас треба да си завршам работа. Ајде да видам што имате долу”. Леле ние позеленавме. Нѐ гледа, за среќа се премисли и вели “Не, не ајде слободно поминувајте” и така не пушти. Еден друг гаф беше кога со КУД “Кочо Рацин” требаше да стигнеме во Германија со воз во осумдесетите. Со возови беше најисплатливо. Добро ама некако се преместувавме во Белград на друг воз, а куферите ни беа во гардероба. Ние се распрснавме по Белград, па кога дојде време се качивме на возот и кога треба да тргне и нас ни текна дека куферите ни останаа. Еден од нас оди го моли машиновозачот возот да тргне подоцна. Тој вели дека ќе ја откачи машината, и додека контролата ја прегледа, ние да одиме по куферите. Ги зедовме куферите, ги натоваривме и дојде машиновозачот му дадовме три штеки цигари и тргнавме. Е тоа беше страшен гаф, да ги заборавиш куферите.
*Имате да ни кажете некоја поголема анегдота со големите легенди?
– Оваа анегдота кога ја кажувам на пријатели  мислат дека е скеч. Одиме за еден Велигден неколку дена во битолски села и ни даваат луѓето, кој цвеќе, кој вапцани јајца а на Васка Илиева, една баба заљубена во Васка, ѝ даде жива кокошка. Јонче Христовски се запна да ја заколиме кокошката. Васка му вели “Не, ќе си ја носам во Скопје”. И ја чуваше кокошката неколку дена, абидејќи не ѝ даваше за јадење кокошката почна да му ги јаде чорапите на Јонче. Јонче ѝ вели: “Еј, абе смири ја таа кокошка, врзи ја, на што личи ова? Или ај да ја заколеме да ја јадеме!”. “Не, нема да ја колеме” му вели Васка. И влегуваме во една сала, а возачот на комбито ѝ вели “Да си ја земеш кокошката, в комбе не смее да ја чувам”. Ја зема Васка кокошката и влегува внатре во салата, а во близина на бината беше и вецето, и  таа ни пет, ни шест ја затворила кокошката во вецето. Јонче влегол во вецето и ја намокрил кокошката, а таа намокрена тргна кон публиката. Почнавме да се смееме сите. Абе Васке кокошката! “Кој ја намокрил?, прашува, Ти Јонче сигурно, сто пати влезе таму”. Утредента ја испекла кокошката и вели “Еве ви, јадете ја, а Јонче вели- “Ууу не, не, не, сега ваква кокошка не јадам, помокрена” хахаха.
*Оооо, многу необична ангедота.
– Тогаш ги поминувавме сите битолски села. И Могила и Кукуречани… Еднаш се сеќавам во Кукуречани еден човек се беше вратил од Австралија и сѐ што имал во Австралија со бродови му донесоа до Солун, и човекот ја викна цела естрада, да правиме концерт за него, цела битолска околија да знае дека се вратил. Бевме седум осум ѕвезди, огромна сала внатре, илјада души дури и се стоеше. И ни вели “Кога и да поминете одите кон Битола или било каде ќе, поминете кај мене на кафе”. По еден месец отидовме гледаме ништо, празно, никој жив нема во куќата. Тој беше донел и она големото за во двор за сушење алишта, што врти. Го нема ни тоа. Ги прашуваме соседите што се случи, ни рекоа “Аааа си замина човекот. Се разочара, треба ова да платиш, треба тоа да платиш, па чекај по шалтери, толку се изнервира што нареди сѐ пак да се натовари и прати назад и се врати”. Па разни случки имаше тогаш.
*Сега нема такви.
– Сега ако треба да одат некаде на концерт или на слава 5-6 души, секој со посебен автомобил  оди, затоа што не сакат да се видат. А порано одевме со автобуси, со комбиња и сите гледавме што поубаво да се претставиме. Сите гледаа да си помогнат, сега ако може едниот да нема успех, другиот да има повеќе. И порано се знаеше, тој што  е најдобар тој последен пее. Сега веднаш ќе се искарааат-  “еех што е па тој подобар од мене?!” Нема веќе другарување меѓу естрадата …
*Која е Вашата порака што сакате да ја упатите?
– Сакам да ја упатам пораката- што беше, како е сега, а што нѐ очекува утре. Тоа се трите работи. Првата беше со турнеи, со другарство, патуваш со денови и си како едно семејство. Тие беа поинакви концерти. Сега се гледа само да се земе некоја пара ако се можеџ ниту се гледа на квалитет, ниту има дружење. На пример, на било кој музички настан ако не се чека награда, ќе испее пејачот и си оди. Нема другарство, нема дружење, нема ништо, има многу суети. А иднината, ако вака продолжи, таа пак сосема ќе ја нема а ќе ја снема и естрадата. Гледам дека сите одат на некои комшиски телевизии горе, се преставуваат, па кога ќе дојдат тука мир немаат, секој ден ги викаат на разни телевизии, затоа што постигнале некој успех. А зошто не може ние самите ние да ги откриеме?
*А Вие сте голема тв ѕвезда во Србија, а имате и српска жичка, и имот во таа земја.
-Јас исто така на Пинк имам третман како ѕвездите од “Ѕвезде Гранда”. Еднаш ме викнаа да им ги имитирам сите репортери што го набројав на почеток на средбава, зашто во бивша Југославија тие беа мошне интересни. Фудбалските натпревари беа многу силни, тогаш не се пренесуваа на телевизија, оти што ако се пренесува на телевизија, публика нема да дојде и стадионот останува празен. И само радиорепортерот врши пренос и потоа има одложена снимка. И тогаш радиорепорите беа  многу популарни, па јас сум имал прилика Ивко Панговски да го имитирам. Народот тогаш носеше транзистори на стадионот за да гледа и него да го слуша. Значи, навикнале дома да слушаат и кога ќе дојде ред натпреварот да го гледаат во живо да видат дали е истото тоа што го слушаат. Ивко Панговски си пренесува на радио, а народот го гледа сето тоа во живо на стадион и вели: “Не е толку јак натпреварот колку тој што е коментирањето на репортерот штомпренесува”. Јас тоа го имитирав и поради тоа станав многу славен имитатор и овде и на ју- просторите што не е нималку лесно, но сум многу горд на сето тоа…
 
Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.