МАЈА ПАВЛОВСКА: На сон ми се појави Тоше, ми рече: “Ајде дојди да те носам во манастир Преображдение” …

1778

Задоволство е да се разговара со нашата прекрасна, а интернационална уметница Маја Павловска, позната и како Маја Ангел. Овој пат открива навистина интересни работи, за нејзиното големо пријателство со вечната легенда Тоше Проески, и нивната духовна конекција, која не е прекината до ден денес, но е на еден поинаков начин.
* Деновиве, празникот Преображение, беше повод да се потсетиме на македонската икона Тоше Проески, поводот е општопознат, неговото помагање во изградбата на манастирот Свето Преображение во Крушево. Како го прославивте овој празник, долги години живеете надвор од Македонија, но се уште во одлична врска со татковината и традицијата!
-* Празникот Св. Преображение е еден од нашите православни празници, кои особено ги почитувам, не само заради значењето на самиот прзник, симболиката, денот кога физичкото тело на нашиот Бог, Исус Христос се претвора во божествена светлина, со што ја покажува неговата божествена моќ, туку и заради еден сон, исто таков, полн со божествена светлина, заради кој, заедно со Тоше и неговото и моето семејство во 2006 година на овој ден го посетивме Манастирот Свето Преображение во Крушево. Од тогаш до ден денес, тој настан остана и ќе ми остане засекогаш во свежо сеќавање. Секоја година се потсетувам на секој детал од таа заедничка посета на Манастирот, емоциите кои не ги криевме сите, кои бевме присутни таму, очите полни солзи и молитвата на Тоше за мое оздравување. Тие моменти никогаш нема да ги заборавам, а голема благодарност и до Тони Бужаровски, кој несебично ја сподели снимката со нас, за која јас и Тоше не ни бевме свесни дека постои. Благодарност за трудот, да го овековечи тој момент. Иако поминаа речиси петнаесет години откако живеам во Холандија, се уште ги одржувам контактите со моето семејство и пријателите во Македонија, а често се случуваат средби и тука со некои од нив, кои доаѓаат на посета, како и оние, кои исто така решиле да се преселат тука, па знаеме да си направиме прекрасни дружби по разни поводи, како и настани, секогаш проследени со убава, традиционална софра.

*Неизбежно и оваа година, на тој ден на социјалните мрежи ја објавивте песната и спотот кои се посветени на Тоше, испеана од неповторливата Лидија Кочовска, а создадена на Ваш текст. Да се потсетиме на песната.
-Само неколку дена после 16. октомври, 2007, кога ја слушнав најлошата вест, иако скршена од болка, во момент дојде и од срце се “истури” на празен лист, текстот за ,,Златен клуч”, на музика на брат ми, Зоран Павловски – Зозо, аранжман Дамир Имери, а испеана со најдлабоки емоции од страна на нашата заедничка и исто така многу блиска другарка, Лидија Кочовска. Сите со најголема почит кон Тоше ја создадовме таа песна. Видеото е монтирано од страна на мојата пријателка и професор по уметност, Ратка Илиева – Лале, (која исто така не напушти, скоро после Тоше) со снимките од манастирот, кои ги добив од снимателот, а како моја најголема благодарност кон Тоше, кој покрај сите негови ангажмани, одвои време да го посетиме заедно манастирот, за чија изградба со љубов помагаше, да го испочитува секој детал од сонот што му го раскажав и да се помоли за мое оздравување. Никогаш не заборави да се јави или да ме посети и да ме праша како сум, да ми раскаже што се случува со него, да направи некакви консултации, без разлика дали е нешто од приватниот живот или од професионален аспект.

*Приказната на која е заснована песната и особено спотот и кадрите во спотот снимени со вистински материјали направени од Вашата посета на манастирот, се нешто на граница со реалното. Вие отидовте во манастирот на покана на Тоше. Потоа ни раскажавте дека тој се молел на неразбирлив, ангелски јазик…
-Сонот за кој станува збор беше поврзан со Тоше. Се случуваше на некое свето место. На една полјана, од каде во далечина можев да видам една градба, што личеше на црква, бев падната во Длапка. Не можев да станам, барав помош и во еден момент се појави Тоше, целиот облечен во бела свечена облека, со златни копчиња и целата аура му светеше. Ми подаде рака и рече “Ајде, дојди… Го прашав, “каде?” и од каде тој се најде тука, почна да ми објаснува, не се сетив на се што ми кажа, освен на крајот на сонот, кога со неговата специфична, блага насмевка, рече: “Ќе те носам во Манастирот Св. ПреображДение”… Ова намерно со Д стои и во песната, затоа што сакав да биде неговиот автентичен израз од сонот… Беше вечерта меѓу Први и Втори август, таа 2006 година, кога го сонував. Многу размислував дали да го оптоварувам дополнително на сите ангжмани што ги имаше во тој период. Сепак, му се јавив и му раскажав. Во моментот беше на Халкидики. Неговата реакција не можам да ја пренесам преку пишан збор. Беше сериозно изненаден и рече дека се ежи од секој збор што му го кажувам од сонот и ми рече: “Се сеќаваш ли кога ти реков дека нашата прва соработка за песната ,,Магија”, не е случајност? И се сеќаваш ли после промоцијата на “Ако ме погледнеш во очи” кога ти реков, кога ќе дојде вистинското време, ќе те носам на едно специјално место и дека ќе леташ? Тоа беше 2003 година… Знаеш ли дека манастирот за чија изградба помагсм се вика токму Свето Преображение? Е па, ете, дојде вистинскиот момент!”. Се стаписав! Бев изненадена што после се што му се случува, тој сепак памти некои стари разговори. Но, најчудно беше што јас никогаш пред тоа не знаев ништо за неговата несебична помош за изградба на Манастирот што го носи името што ми го кажа во сонот, Свето ПреображДение. Ми рече, на 18. август 2006 вечерта, “каде и да си, доаѓам, те земам и на 19.  одиме заедно горе, во Манастирот”. Ги праша и неговите родители, како да ја спроведеме целата процедура, според сонот. Вечерта на 18. не пречека во ,,Планет”. Беше многу сериозен и внимателно ме препрашуваше за секој детал од сонот. Сакаше да направи се како што треба. Двете семејства, неговото и моето, бевме горе на Манастирот на 19. август 2006 година. Заедно со Тоше го отворивме Манастирот со клуч. Навистина добив чувство, како да летам… ништо не е исто од тогаш. Откако заврши благословот од попот и сите придружни процедури, а луѓето се упатија кон традиционалната софра, поставена пред манастирот, останавме сами со Тоше пред олтарот. Јас седев на столче, а тој покрај мене, клекнат на колена, со солзи во очите, се молеше гласно за мое оздравување, а потоа продолжи на непознат јазик. Звучеше како навистина да комуницира со некого, стискајќи ја мојата рака во неговата. Секогаш велам, не разбрав што зборува, бидејќи зборуваше на некој непознат, “ангелски” јазик, неразбирлив за мене, но ја почувствував енергијата на неговата молитва, од срце уптена до Бог, сите светци и ангели… По завршената молитва, им се придруживме на сите посетители каде што продолживме со секојдневни разговори, дури се случи и договор за следна соработка, по негова нарачка, која требаше да биде дует за Тоше и Лидија, со наслов “Божји патеки”… За жал, пред да се оствари како дует, се случи 16 ти октомври… Датата што би сакала да не постоеше никогаш… Така, во 2011, Лидија ја испеа на Скопски фестивал, на мој текст, а музика и аранжман на Александар Чекреџи и ја доби наградата за интерпретција, насловена “Тоше Проески”. Ништо не е случајно кога се божјите патишта во прашање…

*Снимките од посетата на манастирот се создадени случајно, случаен посетител ве снимил.Тоа се драгоцени снимки.
-За нашата посета на Манастирот не знаевме дека постои снимка. Дури по една година, на нашиот последен телефонски разговор, само неколку дена пред кобната вест, Тоше ми рече дека ќе дојде да ми ги донесе мп3 снимките од студио од Лондон. Сакаше да ги чујам и да му го кажам моето мислење за новиот материјал, ми кажа дека ќе ми ја донесе и снимката од посетата, што ја снимил Тони Бужаровски, сограѓанин на Тоше, а и на раат, со кафе да го чуе најновиот сон што го сонував, во кој тој ми ја пееше “Зајди, зајди”. За жал тоа беше наш последен разговор…не се слушнавме и не се видовме повеќе… Потоа, снимателот ми го даде целиот снимен материјал, што беше искористен во видеото за песната ,,Златен клуч”, посветена на Тоше.
*Колку време не сте го посетиле манастирот, Крушево и вечното почивалиште на Тоше? Ретко доаѓате во Македонија, бисерот балкански, земјата во која меѓудругото оставивте и многу вредни авторски дела.
-* Последен пат во Македонија, како и во манастирот и на вечното почивалиште на Тоше бев во 2012 година… Причината е многу добро позната… Услови за влез и излез од мојот дом, немам, а како што стојат работите, тешко дека некогаш ќе ја добијам одамна бараната и потребна дозвола за изградба на лифт… неодамна ми е потврдено од страна на Државен архив дека и покрај архивските броеви и покрај потребата за лифт, заради последици од една од најретки болести во светот, предметот заедно со проектот што мајка ми го изработи и го поднесе уште во 2003, заедно со сите дополнителни документи, не можат да го најдат. А јас, лично, немам намера да почнувам повторно нова процедура и да губам време и нерви барајќи од “некои си несвесни луѓе” на одредени позиции да ми ги исполнат моите основни, граѓански права. Да имаше свест, до сега, 32 години откако секојдневно се борам со архитектонски бариери, овој мој проблем ќе беше решен, но очигледно дека не постои ни свест, а ниту совест. Затоа не се ни обидувам да дојдам, штом не можам да функционирам и да се движам самостојно, па моите посети се насочени кон други дестинации, во земји, во кои не знам дали свеста е на многу повисоко ниво, но ете мислеле и на нас, луѓето со посебни потреби и ни овозможиле достоинствено да излеземе, да се движиме секаде, па дури и до летни дестинации, плажи итн. и безбедно да се вратиме во нашите домови. Повеќе од 35 години сум на естрадната сцена во Македонија, (како што татко ми, Јован Павловски ја нарече во неговата легендарна, “Бисер балкански“). Додека живеев таму, но и сега, се појавувам како автор на текстови, некогаш и на музика, а и во уметноста, како самоук сликар. Среќна околност е што технологијата овозможува функционирање онлајн, така што знаеме со автори, кои исто така живеат во странство да направиме некоја соработка онлајн со некое од македонските студија и да создадеме некое ново музичко дело.


*Што работите во моментовво областа на пишувањето? Во ликовната уметност, отидовте предалеку, и тоа е за честитање.
-Во последните неколку години, се случија интересни соработки, со Ана Костовска за Макфест 2017 “Сега се, друго е…” на мој текст, музика и аранжман на Александар Чекреџи:

со Драган Трајковски за џез бладата со наслов “Странци” на мој текст, а музика и аранжман на Михаил Парушев – Мишко, ( линк овде) со Лидија Кочовска за најновиот сингл за кој ги напишав двете верзии, на македонски и англиски со наслов “Слатка слобода” или “Sweet freedom”

Во последните неколку месеци работам на еден детски проект, односно правам музика за холандски детски сликовници од познатиот автор Дик Бруна, така што истите би биле достапни и во музички, аудио формат. Звучат интересно, а најмеродавни ми се дечињата, кои штом ги слушнат, веднаш сакаат да ги пеат… Проектот е се уште на почеток, има доста работи да се завршат, но се надевам дека ќе го завршам успешно и што е можно поскоро. Покрај со музиката, слободното време го поминувам со четките, дали физички, или виртуелни, сеедно, бидејќи процесот е ист. Се почнува од празен лист, од раѓање на идеја, до завршна реализација. Кој ме познава, знае дека од многу одмна, уште од детски денови, цртањето и воопшто уметноста во секаква форма, ми е љубов… Во последните неколку години, откако станав и официјално член на Националната асоцијација на визуелни уметници на Холандија, почнав спонтано да ги постирам моите дела и на мојот фб профил и инстаграм и за кратко време почнав да добивам покани за учества на национални, како и интернационални натпревари, на саеми на уметност, во Холандија, но и на Интернационално ниво, како Мајами, Сан Диего, Њујорк експо, Токио, Барцелона, Париз, Рим, Палермо итн. Во меѓувреме соработувам со неколку светски галерии, каде што се изложени некои од моите слики, до неодамна, околу 4 месеци траеше изложбата “Butterfly effect”, каде што бевме поканети уметници од целиот свет, кои, според мислењето на некои светски познати историчари на уметност, на некаков начин сме влијаеле врз правецот по кој се движи и би се движела уметноста во иднина. Добив и признание за Амбасадор на уметноста за Холандија и Македонија, истовремено… Награда Леонардо Да Винчи, потоа награда Карваџо и многу други…. За повеќе детали околу настапите и наградите, како и да се видат моите музички и уметнички дела, може да се посети мојата официјална страница: www.majapavlovska.com или www.majaangel.com што е изработена и ја добив на подарок од страна на мојот син, Бобан. Есенва, следуваат две онтернационални награди за уметнички достигнувања, многу важни признанија, што со задоволство ќе ги додадам во моето портфолио, а чие доделување ќе се случува во музејот Лувр во Париз, Франција и во Европскиот музеј на современа уметност МЕАМ сместен во срцето на Барцелона, Шпанија (фотографии најдолу на страницата). .


*Тоше и неговото дело е неисцрпна тема, за Вас и многумина, незаборавен и како добар пријател и другар. Недостига, и тоа не може да се преболи. Но, дали доволно добро и достоинствено го чуваме споменот на него?
-Не сакам да навлегувам во тоа колку другите го чуваат споменот за него, или тоа траеше само додека траеше еуфоријата за некои од нив да бидат евентуално сликани, интервјуирани, видени и толку. Но, за мене, знам, дека нема година да помине, а да не му посветам некое мое дело, дали е тоа слика на која е нацртан неговиот лик, дали е слика поврзана повторно со него, како најновата дигитална апстракција ” Transfiguration” или во превод Преображение, дали е цела изложба, или е тоа текст што чекал да биде созреан и напишан… Мислам дека ликот и делото на Тоше никогаш не смее да падне во заборав. По толку години, вистинските пријатели, кои можеби не се толку многу експонирани во јавноста, не го преболеа Тоше и тој живее во спомените на луѓето не само од Македонија, туку и од целиот регион. Ја имам таа среќа да сум во контакт и со многу негови фанови.. Тоше, иако физички не е присутен, сепак успева да ги спои луѓето на чудесен начин… Секој текст поврзан со неговото име се уште го привлекува вниманието и изнудува солзи во очите на секој што вистински го почитуваше… Чувствата се исти како и во времето додека беше жив.
За најблиску да ги доловам моите чувства што ги имам за него, за неговиот роденден во 2020, му ја посветив мојата песна, “Тука си”.

ТУКА СИ…

(Посветено на Тоше Проески )
25.01.1981 – 25.01.2020
Текст: Маја Павловска – Маја Ангел

Во сон бар дојди ми,
Ко некогаш…
И подолго остани,
Низ истите полиња пространи…

Запри, бар на момент, да ти речам:
“Среќен роденден, Сонце мое”..,
Затворам очи,
да го видам пак, лицето твое…

Како ли изгледаш сега,
На триесет и девет?!
Како и да е,
Би те препознала, сет…
Во очите криеше, цел, еден свет…

Со милион прашалници,
Но, без одговори, стојам…
Пред и по тебе,
Времето го бројам…

Но,
Тука си

во капките утринска роса…
Тука си… во зракот, што ми милува коса…
Тука си… од првото “Добро утро”, до ноќта темна,
Тука си… Ти, ЉУБОВ СИ, земна…

25.01.2020
Утрехт, Холандија

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.