ПРОФЕСОР Д-Р ВАНЃА РАДЕВСКА: Мојот научен пристап се базира на мајчинската љубов, и интерпретација на Богородица! 

114
smart
Методологијата на професорката по психолошки науки, д-р Ванѓа Радевска е сосема различна од онаа што сме научени да ја следиме- таа се темели на научни основи, но приспособена на конкретните потреби на една единка. Зашто, теоријата без примена останува непрактична и  “заглавена” на хартија.
Професорката восприма и анализира она што се случува наоколу, и потоа дава препораки како да ја подобриме реалноста. Најмногу, и првенствено, со креативна терапија.
Нејзините сознанија, како и животни искуства, и тоа како би биле добредојдени во практиката, доколку се искористи целосниот нејзин капацитет.
И, додека го правевме интервјуто, во неформална атмосфера пред Спомен куќата на Мајка Тереза, младо момче го ислуша разговорот и констатира дека останал да слуша затоа што професорката многу убаво зборува.
*Почитувана професорке, утревечер, 8 јуни, во Домот ” КО-РА” во 18 часот ќе имате предавање од областа на стручната психологија “Особености на мисловни операции кај човекот -личност”. Она што го најавивте дека покрај теоретско предавање ќе има и практичен дел. За што станува збор? 
-Предавањето  “Особености на мисловни операции кај човекот -личност” ќе биде во функција на тоа да ја покажам моќта на креативноста. Јас креативноста ја земам како особеност, најголем лек за негативните особености. Во контекст на тоа ќе покажам дела кои настанале како моја работна терапија, од плетено, од везено, таписерија, гоблени…Деновиве во моите работни складишта ја најдов  спакувана цртана Богородица, Дева Марија без Исус Христос, изработена како книга, како мозаик на стакло. Такви книги, со мозаик одоздола, имам изработени и за Света Недела, и со други мотиви, и ги имам презентирано  во влашка тв емисија.
*Сите овие наброени техники ги препорачувате како терапија? 
-Креација е ти што сакаш да работиш. Не мора да е мозаик, можеш ти различна креација да правиш, може цветови… меѓутоа овие јас што ги користам се различна техника имам и од стакло, но и со дрво. Јас имам придружни уште 12 дипломи, од кои црпам знаење, и сите тие завршуваат кај тоа – лекување со работна терапија! Веќе реков, неодамна дома најдов некои мои претходни изработки како книги, а да не ја пропуштам и книгата која е составена од два споени цртежи, “Кобила” се вика. Ја означува жената, таа е како коњ, трча, создава, меѓутоа не треба да си го заборави  образованието. Затоа што таа со образованието се ослободува од ропство. Јас велам дека незнаењето е голема сиромаштија. Пример мојата генерација, или ајде да речеме еве јас, во однос на техниката сум неписмена, тоа е точно, и тоа е голема сиромаштија за мене. Незнаењето е голема сиромаштија, затоа што зборуваш нешто кажуваш, не знаеш точно факти, и ти си сиромашен. И само негираш. На пример почнувам да те негирам без да те знам. Од каде јас, да речеме, те познавам тебе за да те негирам? Ама тоа надоаѓање на тие пориви,  јас аналитички го имам многу добро обработено, 15 години на тоа посветив, а  од 2005 година наваму го усовршував. И доаѓам до заклучок дека негативните особености не се само кај едни лице, тоа се и кај огромна популација.

*До што доведуваат негативните особености? 
-До нервози. Тоа е нешто страшно кај луѓето. Беспотребни нервози. На пример, нема плата. Па нема плата, но не треба да се нервираш, нема за сите. А што јас ако плачам и кукам, тоа ќе ја донесе платата? Сум имала и лични животни примери. Јас сум била без работа, а кога се израдував дека докторирав благодарение на тоа дека веќе 6-7 години патував до Романија и назад, по возови,  по евтин сообраќај бидејќи тој ни е стандардот, мене наместо унапредување  ми дадоа отказно решение. Е, сега, јас без работа, со хендикеп на раце (станува збор за нејзината ќерка, н.з.)… Кај мене, жените што работевме заедно се жалеа, и тоа оние жени што имаа дома приходи. Јас само ги слушав, не реагирав ништо. Дури им давав и по нешто во бавча што произведував. Ако, си велев, има Господ. А зошто се жалеа? Прво си мислев – сигурно се жалат за да не им барам на заем, знаеја дека не сум вработена. Но, мене ако ми треба јас имам фамилија, сопруг, друга ќерка, ќе побарам од нив. Ама не било до тоа дека сметале дека ќе им барам… Има такви луѓе, што барааат наместо да створат. Ама сум сретнала и луѓе со таков цврст карактер – што имам тоа ќе јадам. Дали ќе јадам пиперка, дали јадам патлиџани, дали месо мој проблем. Што има да кукам? Но, заклучив дека тие сакаа само да кукаат без соодветна причина. Порано и си позајмувавме во одредени ситуации некои мали сум, ама други времиња беа, верувавме на збор. Сега луѓето се плашат да позајмуваат. Постојат личности што ќе ти побараат илјадарка и не ти ја враќа. За илјадарка не можеш да ја тужиш и нема да ти ја врати. Од десет души така си влече и крпи… Е тоа мене ми даде поттик, да издржам во моите активности. А, што има јас да плачам или да се занимавам со политика поради тоа? Па јас сум гласала за тие луѓе, па нека ги боли нив глава, тие нека ја подобруваат општата ситуација, мое е да си ја вршам мојата работа.
*Но, како да се подобри релацијата со политичарите, треба и тие да се наши пријатели, и да си ја изведуваат својата задача, да ги притискаме…
-Јас не се согласувам со штрајкови. Зошто? Додека губите време да се соберете и додека губите време на улица,  земеме скопајте ја бавчата. Еве на пример, зошто да има воопшто социјален случај кај нас? Мариово е празно. Јас на многу места сум дала предлог – невработен не треба да има, со тие пари 3.000 денари што им ги дава државата  месечно, а не стигнуваат за ништо, собери ги работоспособните и право во Мариово. Таму има куќи празни, нека го сработат полето. Од друга страна со било која жена да разговараш ќе ти рече – “Леле линија ми треба, сум се здебелила” . Јас знам да им речам – “Знаеш што, да ти ја дадам Кате на гости два дена, таа ќе те шета тебе не ти неа” (ќерката, н з. ). Во општеството многу невработени на било кој да се обратиш и за пари нема кој да ми ја причува Кате. Тука се отвора нова тема. Никаде ги нема за да помогнат за хендикепирани личности, а со нив парадираат напред. На тие протести и штрајкови.

*Сега веќе зборуваме за оние протести кои се со пораки за подобрување на животот на лицата со посебни потреби… 
-На многу места имам изјавено, колку донации се влезени од надвор за таа популација? Колку 3-4 фабрики ” 11 Октомври” да се изградат. Каде отидоа тие донации? Каде? Дошле од провинција, од било каде, како просечни граѓани, за 10 години замок изградиле. Од каде? Знаеме кои примања ги имаме, ама тие се збогатиле од донациите што си ги приграбиле. Еве еден мал пример, кога го изгубивме Тоше, Фондацијата “Тоше Проески”  во Завод донираше новогодишни пакети за 140 деца, големи колку половина маса. И тоа на интернет сопругот го виде, па реагираше зошто до Кате немаше ни барем едно пакетче, а имаше над 10 силни донатори за пакетчиња. Сопругот мој се налути и отиде и ги пријави, а кога случајно на конференција кај нас се сретнавме со претставници од Европска заедница, тие велат: “Ние знаете ли колку средства им поделивме нив, на тие установи?”. Сопругот мој вели- “И пак пакетче до моето дете не е дојдено” . Да не зборувам дека многумина си имаат вили изградено со донации кои требало да ги наменат за хендикепираните. А се претставуваат за стручни лица. Дај, ако си вистинско стручно лице, земи едно дете дома, еве јас ќе земам две. Тоа е страшно, што сѐ се прави.
*Добивте ли пакетче?
-Не не, дури следната година за Нова година, едно ни дадоа.  Сѐ е тоа последица на системот, на уредувањето, но има политичари, платени луѓе, нека се борат. Сакам да речам, треба активно делување, а губење време е тоа со протестите. Ама има начини каде може да се решат, најмногу со писмено обраќање. Но, пред сѐ, креативен начин на решавање на нештата.
*Имате издадено книги? 
-Имам издавано книги преку научни конференции. Имам три капитални дела само немам финансии да ги објавам. Готови ми се за издавање, барав финансии преку Министерството за образование и гледав дека мајтап си играат, ме имаат многу навредено. Имам научна книга за Мајката, за Питагора, а мисловните процеси беше мојата докторска дисертација, која мислев да ја направам на 650 страни. Своевремено со познатиот професор Љупчо Ајдински зборувавме за моите книги, во три тома. Неговиот внук, професор Горан Ајдински, тогаш беше асистент, тој ме посоветува двата тома да ги спојам во едно, а книгата за Питагора, во која изработено од сите структурални елементи во општеството, од мајка- до целото општество, како посебен том. Тоа е уникатно нешто. Но, централно научно толкување ми е за Мајката.
*Да претпоставам дека Вашите искуствени моменти ги пренесувате во науката? 
-Не, во науката го изнесувам исклучиво моето видување. Исклучиво анализите што ги правев во Македонија и тоа на сто семејства што имаат лице со хендикеп и на сто што немаат, и тоа со лично анкетирање на формулар, со пополнување, со нивни потпис. Сите мои три дела се  капитални, со лични видувања. На теорија, само, реагирам. Јас еднаш реагирав при посета на професор од Болоња, на Факултетот за дефектологија, кој презентираше дете со агресија и ни раскажа дека медицинската сестра, помошен работник, како го изведувала тоа со ладна вода. Јас интервенирав: “Професоре, Вие ги презентирате Вашите излагања, го почитувам сето тоа, меѓутоа јас нигде Вас не ве видов, Вие бевте директен учесник или следач, или по кажување?”. Не ми одговори ништо. И сега, тие методи мене ми се познати во работење, меѓутоа јас сакам да го кажам она вистинито што сум го видела, што го слушам и што го гледам, и да го запишам.

*Во секој случај давате драгоцени совети, особено денес кога сме врзани за техника, компјутери и ни се наталожуваат многу проблеми и не знаеме како да ги канализираме. Со работната терапија давате еден многу вистински правец. Секој треба сам да си ја открие својата работна терапија?
-Способноста, секој што ја има, секој си знае сам. Може да праша, може да научи од друг, но секој знае што талент има. Ние не сме родени никој за ништо. Ама ако се потрудиме, ќе научиме која е нашата задача. Ќе ви кажам пример, кога студирав економија, меѓу колеги што другарувавме еден вели “Јас не ја сакам економијата”, а бевме трета година и памтам еден проофесор рече: “Видете деца, секоја работа што ќе ја започнете, завршете ја, а потоа ти одлучуваш како ќе ја усовршиш, а не да бегаш од работата”. Секое усовршено дело е подобро од несовршено. Моето прво дело на стакло мене ми е најубаво. Додека бев на едукација со професорката од Унгарија, чувствував сигурност од нејзиното присуство, затоа што знаев дека може да ми направи корекции. Подоцна дома прво што ја нацртав беше мојата десна рака, а со лева ја цртав на стакло, и ден денес ми е најубава, дека е прво дело.  Дури по неколку години јас дојдов до усовршување на правење на мозаик. Јас велам “Создавај максимално, додека го создаваш делото. Утре ти доаѓаат нови идеи и  ново остварување, и ако ти остане тоа нема да го завршиш” .
*Колку сето тоа помага во подобрување  на психолошката слика на еден човек? 
– Креативноста е еден голем, голем лек. Порано, ако направиме една анализа имаше продавница кај затворениците, јас сум купила рачно изработени корнизи, длабок рез, па сега зошто затворениците ги држиме бадијалџии? Па и психолошките болни? Не треба лекување само со медикаменти, јас сум против медикаменти… Да е болест тоа е друго, ама на психичка база што го смируваш, да спие? На пример ќе се напијам лексилиум од 10 милиграми, ќе спијам, ќе сум мирна, а што кога ќе се разбудам? Не е подобро. Полошо е, се разорува нервниот систем. Таков е животот што создава и згоди и незгоди, и затоа сега ти удри со мотиката, тоа ја исфрла негативната енергија, преку потта и преку мислите.  И ти веќе не размислуваш на омраза на гнев, на реваншизам, на нервоза. Мислите веќе ти одат таму дали убаво ископа, па ќе разговараш со растенијата… А кога ќе го видиш плодот од физичкото работење ти си среќен , чисто си среќен, твое дело е и го гледаш. Во својата  бавча може јаготката е помала, може овошките се криви, мали, меѓутоа твои се, се радуваш на сето тоа и таму ти ја губиш негативната енергија.

*Од кога ја користите креативната моќ? 
-Креативноста ја користам од многу мала. Кај нас во село Добршани, Кумановско, учителите до четврто оделение беа многу креативни. Ни наредија секоја од нас да почне да везе да плете, главно миленца. А ние живеевме во голема заедница, бевме 10 деца од тројца браќа во една куќа и во двор сме растеле, како цела градинка. И побарав на баба да ме научи да плетам. Таа  еден ден, како што си плетеше волнени чорапи,  почнува да ми кажува со пет игли како се плете. Јас следниот ден одам на училиште со плеталото на баба на гуша. А учителите, млада брачна двојка, ми велат – еве велат како Власите воспитуваат дете, од малечко да си знае чорапи да си исплете а потоа да знае миленца… Кога бев средно училиште и матурантка сама пиев, а на факултет веќе шиењето ми беше хоби.
*Вие сте и поетеса, имате неколку стотици песни, а по професија сте и дипломиран економист и доктор по психологија, често знаете да ги споите советите од овие две гранки во едно. Овој пат, предавањето за што конкретно ќе биде?
-За “Особености на мисловни операции кај човекот, личност”. Требаше да бидат повеќе предавања, меѓутоа од Министерството не ги одобриле. И сега, накусо ќе зборувам, за да дојдеш до особености мора да знаеш  што е психологија, па ќе дадам краток осврт на историски развој,  основните методи и принципите што јас ги применувам, зашто јас во мојот метод ја внесувам мајчина љубов. Го спомнав Питагора, ќе ја спомнам и Питагорејката што ја обработувам научно, учениците од генезата на Сократ, потоа Исус Христос,  голема аналитика е денеска развиена на база нивното учење. Кај мене прва особеност секогаш е мајчината љубов, и  Богородица. Таа ми е идол како претставничка  на “Мајката”, затоа што неа ако ја анализираш тоа многу зборува. И сето тоа на сликата што е на подот пред неа, има голем говор. Особеностите јас ги делам на позитивни и негативни, таа поделба ми е направена уште 2005 година, а потоа има и потподелби. Тука се страв, мрзеливост, омраза и агресија. Агресија во напад и агресија во одбрана. Има луѓе создавачи и уништувачи. Агресијата  во напад ја има уништувачот. И кај создавачот има агресија. Тој создава. Еве да објаснам. Ти  може произведуваш пиперки, јас производи со глина. И разменуваме. Меѓутоа ако ти создаваш, а јас не создавам ништо, кај мене се развива омразата да дојде до степен јас да те уништувам. Платон со својата академија владееше девет века со методите и принципите на работење, Јустинијан сѐ уништи, до темел. Велејќи дека- не можам да те создадам, ама можам да те уништам . Е сега тука се вкрстува омразата, јас се трудам да создавам, ти мене производот ми го уништуваш, еднаш, два пати, три пати ти простувам, те опоменувам, меѓутоа кај тебе се раѓа негативна енергија и тоа и на крајот преминува во омраза и агресија. Исто така давам пример со изработени психолошки триаголници кај Свети Ѓорги Победоносен, Свети Никола и Свети  Архангел Михаил, кои ги имам изработено дома и како мали комоди, со стакло, наменски стакло, дрво…

*Конкретни работи раскажавте, треба да ги научиме за подобро сфаќање на нештата… 
-Јас сум сретнала педагог која не слушнала за Марија Монтесори, не ја знаеше. Марија Монтесори е прва жена која прими дете со пречки во говорот, во природниот развој. Треба усовршување кај секој човек во сознанијата и предавање не треба да се однесуваш само како дистанциран професор. Кога предавав на Славјанскиот Универзитет “Державин” во Свети Николе, знаев во самиот ресторан да спојам маси и да разговарам со студентите, да држам предавање. Ти ако сакаш до децата да бидеш, ќе дознаеш сѐ од нив и таму ги решаваш нивните проблеми. Психологија  е убава гранка, треба да се изучува, меѓутоа во народот се развива и еден друг вид корисна психологија – советување! Сите си имаме по некој советник, во кругот на семејството, другарите… Ако некој бара совет кажи му го  правилно твоето мислење.
*Што беше Вашиот мотив да станете професор по психологија?
-Јас тргнувајќи од себе, ја барав вистината за Кате. Докторите ми даваа различни мислења. Па така почнав да читам дела од Аристотел, од библиотеки, од пазар на стари книги… Не ме интересирало политика, но, пример тогаш почна негација на Титова теорија, на Ленин и на Маркс, а јас во нивните дела најдов многу добри совети за овие деца и воопшто многу совети општо за деца и не се исплашив тие дела да ги кажам во литературата. Завршив економски факултет, па психологија, се отвори магистратура, па кога поднесов  документи еден од професорите ми рече “Што бараш во науката, како опасна мајка оди чувај деца дома”, и тоа ме навреди па уште позасилено се посветив на науката.
*Како докториравте?
-Во Романија имаше конкурс поднесов документи, не очекував да ме примат,  за среќа бев примена на тежок метод, сѐ или ништо, и од 1999 до 2006 година бев во класа на професор Емил Верза. На самата одбрана на докторската дисертација имаше петчлена комисија и секој професор си носи уште плус  свои два професори, тоа се фактички 15 а студенти и други професори тоа се башки. Тој ден имаше неколку одбрани, масите посавени, на нив имаше пијалок, кекси, како на свадба. Професорите од една страна,  а јас спроти нив, од страните се другите професори . Твојот став многу зборува. Не ми рекоа седи, јас бев со мојот братучед, на кому на претходните полагања не му дозволуваа да влезе, а сега му дозволија да седне.. Јас не седнав, ако седнев, готово губев. Автоматски губев. Без нивно одобрување нема седење. Од 12 до 16 часот беше конверзацијата, тие  и психолошки те испитуваат. При одбрана ти го излагаш материјалот, одговараш на сите нивни прашања. Ако мојот ментор не ги сопреше може и до 18,19 часот да беше испрашувањето. “Жената во 19 часот е на воз, треба да тргнува за Македонија ако сакате уште разговор, договорете некој друг ден, цел”, рече. На втора и трета комисија тој ти е како адвокат, заштитник. Комисијата ти е непозната. Таму доживеав успех кога се вратив во Македонија едноставно уште што не ме “утепаа”. Како на наш што не го прифаќа тоа,можеш да му објасниш? Потоа,  кога се вработив деканот ме прашува” кои предмети би сакале да ги предавате? “. Од областа на психологијата, му велам, колку сакате и како сакате. Само немој за авијатичар да ме праќате, не знам да летам. Тој почна да се смее.
* И, за крај, Вашата порака?
-Јас тоа и на студентите им го кажувам. Правете добро дело. А хуманост е да подариш твое дело. Ти што си го создал. Тоа донирај го. А не нешто од некој друг, како што најчесто гледаме на некои настани. Прави и добри услуги. Јас многу  подарувам. И Кате сака да подарува. Кате има голема божја ѕвезда да подарува и со тоа носи среќа.Тоа е божја сила…
Валентина Ѓоргиевска Парго




куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.