ЕКСКЛУЗИВНО СО ШИН ХАИ ЛИУ: За еден народ добро да живее во своја држава, прво треба да е многу безбеден!

172

Шин Хаи Лиу од кинеската провинција Џилин повеќе од 20 години е граѓанин на Скопје, со полно право може да го сметаме за одомаќинет во нашата земја. Тој е сопственик на кинески ресторани, кулинар по професија, со среќно семејство со Македонка и три деца.
Неговата сопруга Силвија неодамна со задоволство нѝ зборуваше за кинеската традиција и за Кинеската Нова година, а господинот Лиу нѝ раскажа и уште други интересни детали, кои досега сме немале можност да ги дознаеме, но и направивме интересни споредби. Поточно, со внимание го сослушавме тоа што тој нѝ го кажа со целосна пријателска искреност.
*Господин Лиу, како ја славете Новата година кај Вас во Кина кога бевте дете?
-Ја славевме топло, дома, сите заедно. Ги запазуваме сите традиционални обичаи. Секој дом, секоја куќа, пали петарди и огномет, а ние како деца за Новата година се радувавме дека пукаме петарди цела ноќ.
*Дома како декориравте? Имавте елки? Дедо Мраз?
-Дома декориравме во црвена боја. Елки немавме, а ни Дедо Мраз. Кинескиот симбол беше задолжителен, се разбира во црвена боја. Го стававме како декорација во домот и на вратата, потоа стававме и декорација на Човек како носи пари, што значи носи среќа, за во текот на годината во семејството да има и здравје и пари. Таа вечер сите седиме дома, цела фамилија седи на маса и задолжително се јаде дамплингс. Нова година со повеќе луѓе навистина е поинтересна.

*Немаше прослави во ресторани, за некој ако сака?
-Тогаш не, сега е помодерно, се слави и во ресторани. Порано никој не излегуваше од дома за Новата година. Сега почна да се слави и “градски”. Во Кина отсекогаш има многу ресторани и сега, особено младите, имаат навика да ги посетуваат. Секоја втора вечер можам да речам, Кинезите одат во ресторан. А и за дочек некои почнаа да одат во ресторани.
*Што се однесува до свадбите, на ист начин се прават како порано или има разлика?
-Има разлика, сега и свадбите повеќе се во европски стил. Кај нас обично традиционална свадба е од наутро. Подготовките почнуваат од 4-5 во зори, што порано тоа подобро. Не одиме во храм. Невестата носи фустан во црвена боја. Порано никако не со бела боја, само за покоен се носеше бело. И цвеќе никако. Ништо во бело. Сега повеќето невести се во бело. Црвено или сѐ во бордо боја е нашата традиција. Таа боја се употребува за свадба, за роденден. Асоцира на љубов, на среќа, на разиграност.
*Младите воопшто не влегуваат во храм?
-Не, не, во Кина не смее да се оди во храм. Има празници за одење во храм. Не се оди ни во недела. Има празник на 18 април, има и неколку други празници, а секој ден не може да влезе. Храмот не дава. За Кинеска нова година се влегува но пред самиот дочек.
*Кога ја славите Кинеската Нова година?
-Секоја година на различен датум, зашто таму годината има 13 месеци, по 30 дена. Годината е иста со цел свет, месеците не се исти. Иста е како и со старото сметање на ерите, и со календарот кој се води според животот на Исус пред нова ера и по нова ера. Тоа е чудо како се погодиле европската и азиската култура да имаат ист календар во однос на ерите.

*Медитираат ли Кинезите, што прават, на кој начин ја искажуваат својата духовност?
-Ние имаме комунистичка партија. Постои вера и религија и државата дава право да си ги почитуваш, но тоа го правеле постарите како баба ми дедо ми, а во “Брадр Луи” (жаргонски израз за Кина) сега тоа се практикува многу ретко. Има и будисти, католици и муслимани… Отсекогаш постоеле.
*Постои конфликт меѓу религиозните луѓе кај вас, на кој начин функционираат?
-На времето имало, сега не. Луѓето се комунисти во целата држава. Сега народот добро живее. И кога народот добро живее, нема проблем со партија ниту пак со верата.

*Што ѝм го носи таа удопство, што довело до тоа? Нема манипулации со пари, нема кражби, нема мразење? Затоа што, за да дојдеш до удобен живот, мора да има добри услови.
-Сега Кина моментално е најбезбедна држава, нема кражба, нема тепачки, и оружје не смее да носи, дури ни нож за јаболко. Не смее ни во автобус. Следува затвор 15 дена или парични казни. Сатар дома не може секој да има. На пазар не може да се купи, требаат посебни документи. Плус во Кина секаде има камера. Многу се дисциплинирани.
*Баш интересни информации нѝ давате. Популација која надминува милијарда, а таков ред.
– Во Кина живеат околу милијарда и четиристотини милиони, но оваа година бројката на наталитет малку се намалила. И покрај големиот народ, сѐ е безбедно.
*Каде Ви е Вам поубаво?
-Секаде има нешто убаво, но за мене нормално е поубаво во Кина, таму се моите, моите другари, начинот на животот кој сум го живеел.
*Одржувате релации со другарите?
-Си пишуваме, се гледаме на камера на витчет, тоа е нешто слично како Вибер. Во Кина нема фејсбук, гугл, твитер, вибер, има социјални мрежи кои се на кинеска програма и каде може да се објават и фотографии и статуси. Не смее да има лоши зборови, срамни. Со тоа може да се плаќа и казна.

*Од кое место потекнувате?
-Потекнувам од провинцијата Џилин, а градот се вика Мехако. Се наоѓа на североистокот. Брои 200.000 жители.
*Каде го научивте кулинарскиот занает. Дома?
– На училиште.
*Со каква идеја дојдовте во Македонија?
-За работа во Скопје. Сакав да одам во Бугарија, но не ми дадоа виза. Тука имав роднини, кои прво работеле во Бугарија па потоа дошле и отвориле кинески ресторан на Водњанска и јас дојдов да ѝм помогнам, и останав, а тие си заминаа назад.
*Прв пат кога дојдовте во Македонија посакавте да останете засекогаш?
– Не, не, немав никаков план. Кога дојдов во Скопје се чудев, мислев ова не е Европа. Ми изгледаше некако многу назад. И тоа 20- 30 години назад. Сега навикнав.
*Што треба да смениме ако нешто не забележуваме ние самите, еве Вие како најдобронамерен човек кој засакал, живее и има деца со Македонка, и од таа блискост, истовремено и од таа неизбежна мала дистанца пообјективно ги гледате работите.
-Прво безбедноста. За еден народ да живее во своја држава, треба да сме многу безбедни. Не може човек да биде добар ако има закани по однос на животот. Како ќе живее?
*Кај Вас во Кина имаше меѓусебно почитување на добро ниво? Знаат кога се нервозни да навредат, некому да нанесат некаква пакост, или Вашите животни правила не дозволуваат такво однесување?
-Има навреди, секаков народ живее, но не како овде. Таму не е дозволено така да се однесуваш, да си дозволиш таква слобода, има камера се снима и звук и може и на суд да одиш. Безбедноста што ја дава државата го штити граѓанинот од такви ситуации. Во Кина сега нема место кое не е опфатено со камера. Во цела земја 90 отсто фаќа камерата, дури и во секое село има камери. И сега нема многу тепачки и неред.
*Што мислите дали имаме доволно билатерална соработка со Кина, доволно настани, кинески гостувања кај нас или на наши кај нив? Можеби треба уште повеќе да се развие соработката.
-Кај нас многу малку има контакт со Кина. До пред 4- 5 години имаше повеќе, поради короната некои работи се намалија. Но сепак многу помалку, за разлика од Србија, Хрватска, и сите други европски земји, каде има повеќе соработка со Кина. Има повеќе заеднички бизнис. Но и тука се одржуваат курсеви по кинески јазик, понекогаш пристигнуваат донации, сепак се движат работите, а се надевам ќе биде и поинтензивно.

*Размислувате во некоја иднина кога ќе се пензионирате да се вратите во родното место?
-Да, сакам. Засега само патуваме. Сега лесно е, има доста Македонци во Кина. Лесно се зема виза од амбасада. Пред короната дури и не требаше виза за влез во Кина.
*Колку сте задоволни од нивото кое сте го постигнале во бизнисот и начинот на кој што ја испромовиравте својата храна за и Македонците да дојдат да ја пробаат. Дали го постигнавте максимумот од своја страна?
-Може уште повеќе. Задоволни сме од бизнисот и пазарот, а секогаш може многу повеќе. Постојано имаме гости, но малку македонски граѓани, претежно странци. Мислат дека е скапо и дека не може да си дозволат. Мислат дека е странски ресторан и дека цените се којзнае колкави. Но цените се пристапни не се повисоки од другите ресторани, дури некои јадења имаат и пониски цени. Нудиме 50-тина видови на специјалитети…

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.