Колумнa – Христо Петрески – ЧИИ СЕ ЗАБОРАВЕНИТЕ УЧИЛИШТА И ДОМОВИ?!

143

Во речиси сите македонски села има напуштени и запуштени основни училишта и задружни домови. Ако се заинтересирате и запрашате чии се тие и кој се грижи денес за нив, ќе добиете најразлични одговори од кои најповеќето ќе се поклопат и ќе гласат дека сега веќе никој точно не ја знае ниту поранешната ниту сегашната сопственост и дека веќе никој не се грижи за нив. Со ретки исклучоци каде има времени корисници кои регуларно и правно влегле во нивните простории, повеќето од нив се или узурпирани од индивидуи и фирми, или сосема се препуштени на забот на времето и пропаѓаат секој ден пред очите на ретките жители во иселените села и јавноста која е незаинтересирана, индолентна и на одреден начин немоќна.

Но, за да не воопштуваме и премногу и да не говориме меѓу редови и во шифри, овојпат ќе го посочиме примерот и случајот со селото Растојца, Демирхисарско, каде има и училишна зграда и задружен дом кои се и сечии и ничии и чија иднина е неизвесна, ни малку розова и оптимистичка.

Зградата на училиштето немилосрдно пропаѓа, иако му бела отстапена на користење на Републичкиот сојуз на резервните воени старешини, кој за неколку години користење нема ставено ни една ќерамида на покривот, нема варосано ни внатрешен ни надворешен ѕид, нема поправено ни еден прозорец, нема ставено ни една штица, нема закачено ни една шајка… Она што можело да се изнесе и однесе од училиштето веќе е направено во непознат правец и од непознати сторители, оградата е срушена и непостоечка исто како и влезната порта, па сега останува Општина Демир Хисар час поскоро објектот да го отстапи на користење на посериозен и поодговорен корисник, или да го продаде на некој поединец или институција кои ќе ја реновираат старата училишна зграда и истата ќе се користи за екскурзии, излети, работилници и слично. Повторно да биде наменета за децата и учениците, зашто во спротивно полека но сигурно ќе исчезне исто како и да не постоела, доколку уште есенва пред да паднат дождовите и снеговите не се промени покривот кој е најбитен и предвестува крај на една убава, полезна и ретка зграда.

Исто така, во селото постои и задружен дом, кој го користеше Тутунскиот комбинат Нико Доага од Крушево, а сега го користат само некои ловџии од Крушево, без точно да се знае кој е сопственик и корисник.

Но, до кога вака ќе се поигрува некој со заедничкиот, државен и полезен имот. Државата под итно треба да најде начин и да донесе закон и мерки за сите основни училишта и задружни домови во селата, но и за другите објекти кои биле и се заедничка (колективна) сопственост, а сега не се користат и одржуваат, руинирани се и се распаѓаат…

Ова е актуелна и горлива тема и за министерствата за локална самоуправа, образование, култура, економија, земјоделие, правосудство, народна одбрана, па и внатрешни работи, но и народниот правобранител кој секогаш па и сега во овој случај треба да ги заштитува правата, сопственоста и интересите на граѓаните…

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.