Ако сакаме да се обидеме да добиеме што е можно појасна слика за денешното општеството, ќе мораме, од критичка дистанца, да допреме до сè што негативно влијае на развојот на личноста и созревањето на личноста во духовна (карактеристична) смисла.
Во суштина, денес многу малку луѓе се способни да преземат одговорност за своите животи и да ја разберат целта и суштината на агресивното наметнување на духовниот отпад.
Денешното општество е во голема мера заразено од малограѓанштина.
Покрај суетата и зависта, лицемерието и интелектуалната мрзеливост се меѓу карактеристиките на малограѓанштината.
Иако често се користи, многу луѓе не знаат точно што всушност претставува терминот малограѓанштина или малограѓанин. Многумина имаат тенденција да го припишат овој термин на новодојденци од село во градот, кои не знаат како „културно“ да се однесуваат.
Некои за малограѓани ги нарекуваат оние кои фрлаат ѓубре од балконот, пушат цигари на тротоарот, паркираат на тревникот, пуштаат гласна музика во станот итн. Други ќе ги наречат малограѓани оние кои ги препознаваме како снобови, кои живеат над своите можности, кои влегуваат во високото општество, доаѓаат на културни настани (опера, театар, изложба), иако таму им е досадно до смрт и немаат поим за што станува збор.
Многумина сметаат дека малограѓанштината е карактерна црта на луѓето кои живеат во помалите места, каде што сите се познаваат и каде што постои меѓусебен натпревар.
Инаку, по дефиниција малограѓанин е човек кој сака да се претстави себеси како повреден отколку што е. Тој потекнува од општествен слој кој се појавил на историската сцена како ситна буржоазија (ситни трговци, занаетчии). Ситната буржоазија може да се гледа како општествена класа, но и како форма на однесување, определена од нејзиниот специфичен менталитет.
Квалитетите што можат да му се припишат на еден малограѓанин се: егоизам, омраза, завист, екстремни расположенија.
Меѓу најдобрите описи за малограѓанинот е оној што го дава Владимир Набоков, зборувајќи „За малограѓанштината…“
„Малограѓанинот е конформист. Тој се покорува на групата, но е типичен и на друг начин: тој е псевдоидеалист, односно тој е лажен, лажно мудар. Измамата е најблискиот сојузник на сите вистински малограѓани. Сите тие големи зборови, како „убавина“, „љубов“, „вистина“, „природа“ и слично, стануваат обични маски и измами кога вистинскиот малограѓанин ќе ги добие… Малограѓанинот, со својата инстинктивна потреба да припаѓа, да се придружи, се бори меѓу две желби: да прави што прават сите други, да го користи нештото затоа што милиони други го користат; но тој исто така страсно сака да припаѓа на некоја ексклузивна група, здружение, клуб, редовна клиентела на хотел или луксузен прекуокеански брод (со капетан во бело и целата таа прекрасна храна), да ужива знаејќи дека претседателот на компанијата или европски гроф седи таму, до него. Малограѓанинот често е сноб. Тој ужива во богатството и позицијата – „Драга, навистина разговарав со војвотката!“
„Вметнувањето нос“ во начинот на живот на другите е една од главните карактеристики на малограѓанинот. Криењето лоши нешта во сопственото семејство, а ископувањето и откривањето во туѓото, е една од значајните карактеристики на овие луѓе. Ова вклучува живеење според некакви непишани правила. Озборувања, предизвикување завист или завист кон другите, омаловажување на другите, или напротив прекумерно возвишување на другите, ласкање или суета… сето тоа се карактеристики на малограѓанштина.
Денешното општество е заразено со малограѓанштина. Таа е присутна во огромен процент од населението во градовите на ова поднебје. Таа повеќе не се препознава како лоша општествена особина, бидејќи во нашите градови и населби, луѓето без малограѓански особини станаа реткост, и тие често дури се нарекуваат и ексцентрици.
Малограѓанштината е тесно поврзана со снобизмот. Сите овие „квалитети“ одамна се препознаени па затоа беа и тема на многу познати литературни дела, од Крлежа („На работ на умот“), од Нушиќ (низа комедии како „Госпоѓа министерка“, „Тагувачкото семејство“, од Јован Стерија Поповиќ („Покондирена Тиква“) итн.
Денес, во согласност со модерната технологија, малограѓанштината го зазеде и интернетот, а социјалните мрежи се извонреден медиум за негување и ширење на малограѓанштина.
Тие се одлична слика за нашите двојни животи. Нашите „пријатели“, а и ние самите, често пати се фалиме со нашата трендовска облека, нашите станови и автомобили, успесите на нас самите и на нашите деца (нивните магистерски дипломи, докторати), насмеани лица од долги патувања, од плажи, од скијање… Нашите пријатели се восхитуваат на нашата облека, се восхитуваат колку добро изгледаме, како ништо не сме се промениле, колку се слатки нашите деца и внуци… Тие очекуваат истото од нас, во спротивно постои опасност да нè избришат од нивната листа на пријатели „поради неактивност“. Услуга за услуга, едно од правилата на малограѓанското однесување. Така се лажеме едни со други и живееме во свет на илузии.
На крај од сето ова, за жал, само преостанува да заклучиме дека денес во многу мал број се луѓето кои не се заинтересирани за туѓите мислења за нив, кои го водат својот живот и го уредуваат во согласност со својот карактер и темперамент, секако без да им наштетат на другите.
Мартин Матас



































