Ако го погледнеме светот денеска и ако го перципираме само преку она што ни го пласираат медиумите, првата мисла би била дека светот се наоѓа во процес на распаѓање и неповратно се движи кон пеколот. Пред да и дозволиме да не завладее ваквата мисла, треба да сфатиме дека оваа перцепција не е реалност, туку само тренд кој се формирал како последица на нечии интереси. Ваквото гледање на светот неминовно води кон губење на надежта и верата.
На многумина им е јасно дека светот е во процес на трансформација, но многумина пак не знаат дека под површината постојат сили кои водат битка со егото, стравот и грижата како посредници меѓу стварноста и нагонот. И, тие го држат светот во таков страв и грижа. Ако редовно се следат настаните кои се пласираат низ медиумите, ќе согледате дека најчесто вестите изобилуваат со убиства, корупција, криминал, војни, материјализам итн.
Ретки се случувањата кои покажуваат дека во светот,некаде длабоко во луѓето сеуште може да се приметат траги на љубов, љубезност, сочувство, хармонија…
Како да се постигне оваа вистинска човечка природа да излезе на површина?
Луѓето живеат во заедница, тие се социјални суштества и имаат потреба од тоа, тие го градат светот заедно и ја развиваат цивилизацијата. Од друга страна, нема момент во познатата историја кога немало војна некаде на Земјата. Каков парадокс! Но, парадоксите го карактеризираат денешниот свет.
Во историјата, религиите го водеа светот. Денес тој примат и припаѓа на науката и технологијата. Луѓето денес веруваат во нив. Факт е дека науката ни кажува како да правиме работи за да добиеме одредени резултати. Но, науката не ни кажува што да правиме во животот, во која насока да се води нашиот развој. Затоа денес ни е потребен нов поглед на светот што ги опфаќа сите димензии на животот: духовна, научна, физичка, деловна, емоционална итн.
Сите религии, сите научни сознанија, па и оние метафизички, на крајот доаѓаат до сознанието дека љубовта, сочувството и мирот го имаат последниот збор. Тие се крајните добра на човечкиот вид што се издигаат во нашата свест. Ова не е идеализација. Ова се цивилизациски вредности признати во сите времиња и тие се апсолутни вистини, може да ги негираме или занемариме, но не можеме да ја промениме вистината. Времето ги покажува вистинските вредности и тие го сочинуваат квалитетот на животот. На крајот, станува јасно дека не можеме да го поништиме и да го вратиме животот наназад. Но, секако можеме да одиме напред.
Секој еден треба да манифестира работа, намера, учество, визија, но не треба да се плашиме од она што го гледаме во светот. Приоритет на секој еден треба да биде да го пронајде своето место во светот за да ги сподели своите таленти и капацитети. Не треба да се дозволи да се замине од овој свет прашувајќи се дали можеше да биде подобар. Не, додека не се реализира нашиот дел.
Смислата на животот за секој од нас е да го направиме овој свет барем за еден дел подобар отколку што сме го затекнале. Ако секој се најде во ситуација да може да си каже дека овој свет е малку подобар затоа што самиот тој бил тука. Тогаш целта е исполнета.
Мартин Матас





































