Антикорупциска на естрада, веднаш !

7

Животот во едно општество нема право никој да го нарушува. И никој нема право на некому друг да му дозволи да го нарушува, да не превземе ништо против него. Што значи, заедно сме одговорни сите кон заедничкиот мир и поредок во една држава. И, доколку некој со своето професионално и лично однесување се одлее кон погрешната страна, веднаш треба да се вклучат механизмите на законот, кој е совршено и најпрецизно средство и алатка во рацете на државата.
Нема невозможна и нерешлива работа. Ни недопирлива личност, како бастион. Прашање на време е само кога тој бастион ќе стане кула од карти… Како рекле старите – “никој не успеал да ја излаже и да излезе на крај со државата”, се разбира, доколку се повикате на законот.
Прво правило е што никој не е над законот и прво правило е што тој подеднакво важи за сите!
Дали сите исто го почитуваме законот? Дали доколку забележиме неправилност или девијација нешто преземаме, или барем пријавувам? А, постои нешто што се нарекува “златна антикорупциска” и доколку забележите дека нешто не е во ред, можете анонимно или со вистински идентитет да пријавите на нивниот сајт, тоа се четири односно шест букви кои лесно се памтат Д-К-С-К-М-К, односно www.dksk.mk.
Ве убедувам дека од моментот кога нешто ќе пријавите понатаму професионалците од овие служби ќе сторат се што е во нивна моќ. Ваше е да се обратите.
Тоа го велам и овие денови, по не знам кој пат, кога повеќето автори, разочарани од досега шпекулации, а сега и објавени листи, реагираат и неретко само тивко “мумлаат” дека се оштетени и деградирани, дека некои автори со просечни песни си наместиле кај нив да стигнуваат милионски суми а нивните џебови да останат празни, а душите им навредени, повредени и осиромашени. Некои, богами, многу се залетале. Па, еве го начинот! Вчукајте ги шесте букви и пријавете! Токму за тоа постои службата и сајтот. Ако е потребно, пополнете и групна тужба против некој кој со “отровна стрела” го гаѓал еснафот. Намерно ве потценил, ограбил, фрлил во очај и јас.
А сознанието дека кај нас на естрадата се прават работи кои се спротивни на законот и етиката, како и на здравиот разум, одамна е познато и за жал прифатено “правило”. Еве накусо. За да пееш на фестивал ако си изведувач, наместо да добиеш пари, ти плаќаш за песна (а фискална не добиваш, значи некој не плаќа ни данок за своето дело), котизација или за стајлинг, превоз, често и за сместување. Авторите некогаш добиваат одреден надомест за своите песни, некогаш не, во зависност од фестивалот, што исто така е нерешено “правило”. Песната некако се разбира дека мора да ја земеш од автор кој има “врски” со фестивалот и да ја платиш по висока цена, која тој ќе ја определи, и да сними во студио кој тој ќе ти го посочи, или ќе ти го посочи дирекцијата на фестивалот.
Понатаму, за да бидеш на телевизија или на радио, се шпекулира, дека мора да бидеш во “пријателска или финансиска корелација” со некој битен од радиото или од телевизијата. Често пати има и доказ за тоа. Пејачи се жалат дека дури и плаќале пари за тв настап или радио емитување. А дали пријавиле во антикорупциска? Да ги прашаш, сигурно ќе речат не.
Дури и да се најдеш во весник или на портал мора да земеш песна од текстописец или композитор кој е во блиски или семејни релации со одреден новинар или новинарка, за да те форсира.
Сите тие кои земаат добри пари на овие начини и им е удобно на естрадата, се добро поврзани меѓу себе. Клиентелистички. По принципот “На ти го-дај ми го”
И доделуваните средства од страна на Министерството секогаш поминуваат скандалозно и со афери. И со куп сомневања. Секогаш! Згора на сево ова пред неколку години беа доделувани и субвенции за кое доделување се јавија низа сомнежи. Како и за големите суми од ЗАМП кои одат во рацете на мал број автори, чии песни не само што не се хитови, и не знам зошто би се вртеле на радио станиците, туку ретко кој и ги знае. (со исклучок на некои мега хитови, од типот какви што континуирано еднаш годишно или на две години прави да речеме еден Владо Јаневски, или Влатко Стефановски и лесно се прославуваат).
Всушност, најголем хит во изминативе години беше “Не си мој тип”, и ако одиме по редот на нештата, таа треба да е и најплатен песна.
Да не должам. Треба да се скине оваа пајакова мрежа, исплетена од концитете корупција, клиентелизам, местенки, дубари, нечесност и криминал. Ако ме прашувате зошто јас не пријавувам, затоа што парите како се распределуваат лично не ме засега, јас не сум официјална авторка на песни, а како новинар максимално сум си ја исполнила својата обврска, упорно пишувајќи за тоа, дури и со главата низ ѕид.
Сега на потег се оние кои се повредени и навредени. Авторите и изведувачите. Тие треба да се обратат до антикорупциска. И да си ја одбранат својата чест. Конкретно а не со “празни муабети” на маса. Затоа што, не заборавајте- никој не е над законот, а пред правото и законите сите сме еднакви. Никој нема право да ја деграфира, омаловажи и искористи фелата, особено не со нечисти раце и подла душа, ситно како маково зрно.

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредник на “Куларт”

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.