ОД МОЈ АГОЛ: No signal!

92

Петти октомври е веќе еден вид неформален национален празник празник на Ѕвезденото небо на(д) Македонија, доволно обнароден да не морам да објаснувам и опишувам за што станува збор.

Денот, кога во 2007 година македонската (интер)национална икона Тоше Проески го одржа својот последен, претопол, концерт на Градски стадион во Скопје, во присуство на бројна публика и само одреден број новинари, кои го следеа секој негов чекор. На прсти се бројат кои од новинарите / новинарките беа таму, зашто оние другите не знаеја дека ќе стане толку значен, инаку би дошле, познавајќи ги нивните “новинарски” страсти.
Ден, кога Тоше своеусно и по своја волја на светот му објасни дека негова песна е “Цреша” и никоја друга, која го отсликува неговиот живот, без оглед кој сега какви измислици и приказни да се плетат.
Ден, кога, сега самите ние рефлексно му светнуваме со мобилните телефони, во манир во кој тој тогаш посака да направиме ѕвездено небо додека нѝ пее(ше).
Неколку години потоа се правеа концерти во негова чест токму онакви какви што треба да бидат, со снимки од песни од Тоше, од негови настапи и негов лик и глас, за да се потсетиме и да се почувствуваме како тој да е тука, а не засекогаш заминат во вечноста.. Ги организираа неговите фанови на скопскиот градски плоштад.
Брзо згаснаа оние другите масовни концерти, иако Тоше и во отсуство ги наполна целосно до последно место и Градски стадион и сала Борис Трајковски и МОБ.
Мене најсоодветни ми беа “Ѕвездените” концерти, на кои исто можеа да се избројат на прсти или подобро речено на прст присутните новинари/ новинарки.
Во последно време, навистина не следам ажурно што сѐ се одржува во негова чест, младите генерации сакаат да го запознаваат и продолжуваат неговото дело преку разни настани во негова чест.
За мене останува единствено со Тоше да ме поврзуваат неговите песни и изведби, само неговите изјави и нашите заеднички спомени, а бидејќи сакав да е така пред неколку години сите видео материјали кои ги имав сочувано и во мојата приватна колекција (а ги немаше дури ни во архивите на телевизиски куќи), ги отстапив на фановите да ги објават на јутјуб.
Мојата врска со нив, секогаш ќе остане иста, онаква каква што ја имавме додека тој беше тука и заедно му одевме на концерти. Оние фанови кои доаѓаа и тогаш. Кои беа негов штит. За мене е валидна само таа историја, а не “историјата” која сега ја пишуваат разно разни раскажувајќи и раскажувајќи на свои верзии, некои и сосема “нови”, што напати ја иритира и јавноста, бидејќи добар дел од неа памети и знае како беше. Сакајќи да добијат некакви “поени”, кои не ми се јасни за што ѝм служат, освен за себелажење. Како и да е голема и со ништо ненадоместлива е празнина е што Него го нема. Нам важен нѝ е само Тоше….
И, така, светкајќи синоќа со мобилниот, звукот на пораките ме однесе до мојот инбокс, каде неговата најверна обожавателка Славица од Кратово ми се пожали “каде се камерите, зошто нема пренос од концертот ?”, кој синоќа во чест на Тоше се одржуваше во неговото Крушево.
И јас се прашувам, иако знам дека немаше да го гледам на Тв. Сигурно повторно ќе си пуштев негови оригинални снимки и така ќе си го чествував. Но и тоа, од тага, сѐ  уште не можам. Ќе ми повлечеш лавина од сеќавања и емоции, а Тоше сакаше да остави зад себе само ведрина и песна, и ќе му го нарушам принципот, а тоа не сакам и нема да си дозволам.

***
А, истово прашање, за камерите. многупати и јас си го поставив летово на Скопско лето, кога пред очи ни дојдоа светски уметници какви што немаш шанса да ги видиш и слушнеш, едно цело богатство од музика, од Јапонија, Израел, Америка, Грција. Уметници, Сара Ароести- Америка/ Израел, „ Тhe Harvard crocodiloes “ – САД, Роџерс & Харисон од Австрија, џезерот Ори Даган од Канада, “Џим Политис квартет” од Грција, пијанистот Тампеи Накамура од Јапонија, “Афион” од Хрватска кои нема шанси да ги видиш и слушнеш друг пат. Со врвни концерти, врвна музичка култура. Додека- ниедна телевизија. Немаше дури ни радио преноси. Не е сфатливо зошто сето тоа барем не се архивира за да идните генерации имаат од што да дознаат како се живеело овде, сега. Кој доаѓал, што донел, каков уметнички дар? Каков уметнички сигнал сме испратиле од сегашницава за во иднината?!
Можеби прашањево си го поставуваат безброј други посетители кои беа одушевени и вознесени од тие светски настани, но нема кого да прашаме. Телевизиите веројатно се зафатени со емитување и синхронизација на евтини серии, на репризи на некои емисии, на гостувања главно на истите луѓе и истите теми, преповторувања, правење јадења… Додека ние копнееме она што вреди да биде снимено и прикажано на телевизиските станици.

Еве, да не ја именувам само најодговорната Македонска национална радио и  телевизија, туку и сите други приватни станици, од најголема до најмала, и обратно.
Одговорот, како  сигнал од згасната тв , засега изгледа го нема и не знаеме кој е тој што се смета за одговорен, за да го прашаме и нѝ го одговори сево ова.

Валентина Ѓоргиевска Парго
Авторката е независен новинар и уредник на порталот “Куларт”

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.