ОД МОЈ АГОЛ: Битката за секој млад човек ни припаѓа на сите !

33

Ноинарските предизвици не се мали, и како што општеството се трансформира и преобразува, така и новинарот постојано треба да се менува, доизградува, доинформира, доедуцира, преиспитува, да ги проширува своите хоризонти, да (вос)прима нови знаења…

Во рамките на таа новинарска доедукација деновиве и јас ѝм се приклучив на новинарите на еден тренинг во Велес, со малку специфична и сензитивна содржина- на кој, колегите од сараевски Ал Џезеира, Јасмина Кос и Аднан Рондиќ, и неколку домашни професори и стручњаци, зборуваа за процесот на превенција и борба против насилен екстремизам и рехабилитација и реинтеграција на повратниците од воените боишта во земјата.

Имајќи во предвид дека медиумите играат важна улога во процесот на превенција и секако во борбата против насилниот екстремизам и тероризам, семинарот, организиран од MCMS- Македонски центар за меѓународна соработка, го проследија повеќе новинари од разни места на земјава, Скопје, Прилеп, Тетово, Велес…

“Новинарското известување за странските терористички борци- повратници и членовите на нивните семејства, за насилниот екстремизам, радикализам и тероризам и за процесите на РРР”, гласеше називот.

Звучи комплексно, знам, но тоа и е толку комплексна тематика и проблематика, што никако не можеш крај да ѝ фатиш, ниту да ја анализираш правилно, ниту да донесеш некаков конечен заклучок. Кој, како, каде, дали, што, зошто…никако!

Најмногу што, да речеме, станува збор за млади луѓе кои тргнале по тие патишта, и кои по враќањето, повторно посегнуваат по опасни и незаконски работи.

Тие и се затворени за јавни искази, медумите многу тешко доаѓаат до нив, а најчесто и самите уредници се откажуваат, најмногу ми заради: да не се чепка во тие теми…

А со тоа, навистина, проблемот не се решава.

Се инсистираа да се поттикне идејата за прифаќање и ресоцијализирање на повратниците, и да ѝм се помогне во нивното справување со битка што ја имаат во себе, а која кај секој човек, воедно, е и најтешката битка. На младиот човек да се обиде да му помогне секој, и општеството и заедницата. Не би рекла дека тоа е само некое непишано правило, тоа е и долг.

Навидум сето тоа изгледа многу еднострано и лесно, а не е. Околината на него главно гледа како на некој престапник кој мора да биде казнет и никако поинаку…но доколку ги сослушате сите страни на приказната вклучувајќи ја најважната, неговата, и неговите лични мотиви, се отвораат поинакви гледишта… почнувате да барате некој друг виновник… се отвораат низа психолошки, социјални, правни, законски, безбедносни аспекти…и во решавање на ситниот неопходно е да се вклучени највисоки професионалци од овие области.

Зачудува, а можеби и не, фактот што најчесто тие по враќањето не се покајувале и се враќаат на ризичната страна на животот и завршуваат со обавување на недозволени работи, но дали е само некој чуден “адреналин” во нив кој станал навика или пак имале ли шанси за некакви поинакви, дали ѝм е понудено нешто друго, еве да речеме? Се чини за нив е стеснет кругот и обрачот…

Не знам колку и дали тие работи можеме да ги решиме, не верувам ни дека можеме и сосема да ги отстраниме, но да се бориме за подобро општество можеме, а секое подобрено општество значи и подобар и поквалитетен живот на граѓаните и понатаму и помалку преземање на лични ризици од страна на младите.

Затоа што млад човек секогаш е спремен на некој нов сон, за него во тие години предизвик е да проба нешто ново, дали ќе свири на гитара, дали ќе оди на концерти, дали ќе почне да игра фудбал, дали ќе замине некаде да испитува нови светови и да се бори за нови идеи кои смета дека се исправни и единствени… Сѐ му е ново и почнува да го запознава животот, по свои правила.

Некогаш самата животна ситуација, несоцијализираноста или немањето доволно финансии, средства и можности за вклучување во реалноста, ги тера младите да потпаднат под некоја таква идеја. Идеја со која секако дека не се согласува ни семејството, ни околината, но, младиот човек ќе најде начин како да го оствари тоа што го наумил по цена на тоа да тргне и пеш по светот.

Можеби е најдобро некој повратник (во Македонија ги имаме над 60 – тина) да се одважи и да ја раскаже отворено својата приказна, без оглед за какво искуство го смета тоа свое доживување… Кога сам ќе раскаже, и новинарите ќе знаат во која насока да ја насочат својата задача. Затоа што битката за секој млад човек не е само негова и на семејството, таа припаѓа на целото општество и целата заедница, во случајов и многу пошироко, ова е рековме под еднакво и локален и глобален проблем…

Многу подобро е да се превенира отколку отпосле да ги бараме начините за справување, а тие знаат да бидат сѐ потешки и потешки.

Несомнено, она што јас сметам дека ние како новинари мора да се залагаме да се подобрува општеството, тогаш превенирањето е неизбежно и доаѓа само под себе.

А доколку некој млад човек- повратник, сака да застане пред мојот диктафон или на колегите, со или скриен или со полн идендитет ние сме подготвени да го сослушаме и интервјуираме… Сепак, неговото раскажување ќе значи многу повеќе од само раскажување, и ќе биде многу поконкретно, отколку нашите претпоставки, размислувања и тези.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

Новинари и уредник во Kulart.mk

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.