ОД МОЈ АГОЛ: “Бизнисот на задоволството”, филм за сите будали на светот!

260

20.09.2024

“Не е добар филм, ако не заболи”, заклучив на крај откако го изгледав филмот кој мислев ќе ме натера на двочасовна опуштеност во киносалата, а наеднаш ме скрши. Ем бизнис, ем задоволство се спомнува во самиот наслов, па очекував во најмала рака “бесни риби” кои мотаат околу себе опасни момци и дека ќе биде нешто како фурање урбан скопски живот или мултиплицирана “убава жена”, знаејќи дека во него станува збор за проститутки, и на крај сепак ќе завршат среќно и барем некоја од нив ќе се усреќи на холивудски начин. Како онаа Вивијан Ворд (Џулија Робертс).

Е, не било тоа, затоа што во меѓувреме во тие 97 минути ми се случи да го видам “бизнисот” на тоа задоволство и од страна на лицето и од страна на опачината, и моето задоволство исчезна уште веднаш.
“Бизнисот на задоволството” е филм на Гоце Цветановски, кој само досега освои преку десеттина награди на светски фестивали.

Па се запрашав: дали таму каде е прикажуван навистина го разбрале целосно, затоа што верувајте ми- почнува на светски, а завршува на типично македонски начин, ако веќе треба површно да го опишам неговиот облик.

Автентично и комплетно на македонски. Со печат.

Најмакедонски- што може (ама, не славно македонски!).

Инаку- ова е храбар филм! Храбар со тоа што отвори една тема за која никогаш ама никогаш се нема проговорено кај нас. А и пошироко, нешто слабо. Освен во црна хроника повремено, со “пар” иницијали и двоцифрени бројки кои треба да послужат во архива како нечија возраст. Невидливо, ко да е и сосема небитно.

А кога има добра и конкретна тема, ти понатаму не си во состојба стетоскопски да го наслушуваш делото и да го гледаш како кино продукт, туку исклучиво како социолошки феномен.

Да, драги мои гледачи токму тоа ми се случи. Јас сум љубителка на американски филмови каде бизнисот и задоволството (bussiness and pleasure) речиси без исклучок одат заедно и каде сѐ тоа ја подразбира лесната и порелаксирана страна на животот, за разлика од европските каде сѐ нешто се филозофира, заплеткува, напнува, решава, и на крај завршува со некаква трагедија и нема хепиенд.

Ама тоа “и” (меѓу bussiness and pleasure) овојпат претворено во “на” (and=of) многу менувало. Менувало сѐ!

Јас често, по секој изгледан филм, се нервирам со прашањето- добро, зошто мора да прикажат успешни момци со убави автомобили како поминуваат низ “улицата на ноќните дами” и застануваат накратко и договараат секс? Па тоа не е битно за ниеден филм и сцената е одвишна. Сѐ додека синоќа на премиерата, таа, “одвишната сцена” не ја видов како цел филм, во поголема слика и во поширока рамка.

Со сета безизлезност и живот на раб на опасноста, за женските лица кои најверојатно немаат друг избор и им останува само темната страна на улицата…

А синопсисот вели вака: Откако ја изгубила својата најдобра пријателка како жртва на трговија со жени, една новинарка опсесивно работи на својата цел да ја открие и разбие мрежата на сексуално ропство. Но, како што нејзините двајца помагачи се приближуваат до шефот и до бандата, ситуацијата излегува од контрола, и нѐ води во дувлото на разулавениот макро кој си поигрува како што сака со своите проститутки, и таму се случува и разрешницата…

Ова ви звучи како доволна провокација само по себе да го гледате филмот? Мене не. Сѐ додека не го изгледате и не сфатите дека синопсисот пренесен на филм е нешто многу поинакво, многу послоевито, подлабоко и посуштински допира до дното на проблемот. А филмот е прикажан многу просто, едноставно, јасно, разбирливо, да ти е мерак да го впиваш.

Гледајќи како се одвива дејството, прво што ќе помислите е дека не е македонски и нема врска, бидејќи каде ќе најдете кај нас новинари или инспектори кои ќе се внурнат во мрежа на проституција со цел да стасаат до суштината и да ослободат некого, особено па жени?

-Сами излегле на улица, сами нека се снаоѓаат, кои ги терал, така ќе речат мнозинството.

Ама на крај ќе се изненадите ако мислите дека тоа е филм за гола проституција. На крај во само две три последни минутки сѐ се променува и сликата од толку мала наеднаш се раширува, што ви изгледа како цел мурал распослан на ѕидовите на некоја голема пештера.

И излегува вистинското лице на “бизнисот” и продира целосната “проституцијата” на едно општество, на еден систем- непреземањето системска и институционална грижа за никого и за ништо, па дури и кога имаш докази, дека главните поседувачи на жените се мажите, и најмногу продира подлоста, немилосрдноста на политичарите (овој пат претставени преку ликот на сурова и лицемерна жена) кои за “втор мандат” се спремни лесно да го жртвуваат најсветото, и своето дете и да грабат поени и од неговата смрт ако треба.

И најмакедонското- завршува со “случајот е затворен, а доказите мистериозно исчезнуваат”. И толку.

На здравје.

А мислите дека филмот нема врска со политика?

Има!

Токму тука го остава тајниот заклучок дека сите општествени слоеви од најдолу до најгоре и обратно, се инфицирани со желба за пари и моќ, преку која лесно се врши безмилосна трговија со човечки тела, со човечки души, во рамките на можностите на оној кој ги запоседнал тие души и тела.

А, сакале ние да си признаеме или не сѐ е во нивни раце и со нивната одлука се решаваат нашата судбина и нашите животи.

Разбирливо е дека и тука, во овој филм е видливо и она- покрај такви луѓе и околности, колку ти е намерата почиста толку повеќе стануваш поголем губитник и жртва.

Како гледачка се чувствував крајно испочитувана што филмот не се труди да е интересен, што филмот не ме заведува со финти, ниту со непотребно “зачинување” со дополнителни заплеткувачки филмски заплети и расплети, ниту со зголемување на напнатоста преку некакви драматични кадри.

Ма, филмов воопшто не се труди да биде интересен, да било така има и други женски теми на претек и би се занимавал со нив.

Филмот не се обидува да биде интересен туку вистинит!

Со ваквиот приказ на бандите испреплеткани меѓу себе кога се парите (и по некое задоволство) во прашање, а во општеството во кое живееме всушност не е ни филм, подобро речено ова е документарен филм или на крај на краиштата уште подобро речено- ова не е филм ова е целосна реалност! Која ја гледаме како ни се одвива пред очи.

А имате и хероина која покрај својата чесност во намерата, ризикот и себевложувањата кои ги прави на крај не успева. И- никому, ништо.

Што ви реков јас? Почнува светски, а завршува на македонски начин.

Затоа е многу храбар. Ја прикажува болната реалност.

А кога доаѓаме до човечката загуба, таа не е онаква каква што очекувате и ќе ви е криво на крај. Но тоа е тоа!

Да не ви раскажувам сѐ, гледајте го во Синеплекс. Особено ако сте заинтересирани за темите кои ги допираат жените.

Некако јас, откако заврши филмот како уште да сум со надеж, да очекувам второ продолжение и задоволување на правдата. Таа остана слепа и овој пат. Како и досега. Тоа малку ме изнервира. Правда барам, барем на филм. Ама ја нема.

Затоа што: Филмов не лага!

Ете затоа пак велам, храбар е!

И не не, не е како “Убава жена”. Иако и во овој филм цело време има една убава жена Елени “ала Бонд” која ќе ве натера од прва да сте со неа и да навивате да успее, и на која на крај откако ќе ѝ пропадне сета борба и надеж не ѝ останува ништо друго освен да наздрави со виски за “сите будали луѓе на светот”. А тоа е, главната хероина…

Изгледајте го, подобро, да не ви раскажувам! Ќе уживате во питката и природна глума на актерите, гратис ќе научите некоја реплика и на албански јазик, затоа што иако се зборува и на македонски и на албански, загубата и вистинита, исто болат, апсурдно е, нели, да го потенцираме ова, па дури и како клише…

Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.