ОД МОЈ АГОЛ: Ламбе го сака цела Македонија! 

172
Десеттина години многу сум изненадена од еден факт, врзан за поп ѕвездата Ламбе Алабаковски. Секогаш кога ќе се потсетам, не можам да си го објаснам. Нашата поширока јавност го запозна пред речиси две децении, кога  слаткиот тинејџер молскавично блесна и стана вистинска ѕвезда на изборот М2 за потрага по нови ѕвезди. Од мој агол, тој беше најголемата ѕвезда, со сите нишани, затоа што баш народот го избра и тоа веднаш се препозна. Ја освои публиката во еден здив, ама неговата популарност јас ја сметав нешто кое му припаѓа на тинејџерите и некако сѐ ја ставав во таа рамка.
Го следев одблиску и на другите фестивалски настапи, па дури бев и во Будва кога ја испеа “Ех да можам да го вратам времето”. Но, дури и кога ги редеше сите тие меѓународни и секако домашни успеси, дури и кога “порасна”, оној 16 годишен ѕвезден тинејџер, повторно го сметав само за тинејџерска атракција…
 Сѐ до еден  Втори Август, Илинден, кога како преспанка, ја добив честа да бидам поканета да ја водам манифестацијата “Љубански средби” и фестивалот кој традиционално се одржува во Љубојно, селото од каде потекнува пејачот Ламбе. Всушност, тоа е најстарата илинденска прослава и слободно ќе речам трета по важност, по Крушево, кумановско Пелинце и тука некаде на исто рамниште со битолско Трново. Се одржува два дена, се собираат сите селани, и од околните сместа, печалбарите кои дошле на одмор, иселениците, многу музичари, писатели, поети, големи општествени фактори, и програмата тече на неколку места, на Полјана, кај Воденицата, по етнорестораните…
Во однос на фестивалот, “Преспа фест” , кој се случува на бината на сретсело,  со фолк и поп песни, и таа година како и секоја друга, настапуваа голем музички ѕвезди, оние кои се најпопуларни кај народот овде и во дијаспората. Едно дваесеттина, а уште толку и ставени на листа за следната година од страна на организаторот, зошто хронично нема место за сите заинтересирани.
Лесно беше сето тоа да се прочита и претстави пред публиката, таа беше многу срдечна и расположена кон секого, седната на неколку стотици столчиња и уште толку луѓе простум од страна. Ги исчитав имињата на настапувачите, а на крај стоеше името на Ламбе Алабаковски, за кого веднаш се запрашав “Како ли ќе пее пред своите соселани, тие што го знаат од самото раѓање,  луѓето се дојдени за овие другите ѕвезди а Ламбе е нивни и достапен секој ден?”
Не вели два пати. Се излажав.
И, тоа го сфатив на крај.
По секоја најава  од моја страна за одреден пејач или пејачка, група, и тоа прилично бомбастична најава, со оглед дека тоа беа селективно избрани ѕвезди, сѐ некој од публика ќе извикаше гласно “Ламбееее, Ламбееее, Ламбеее! “.
Или некој мене познат, од тој преспанскиот крај, или непознат, дојден специјално на таа вечер. Од разни генерации, од 7 до 77.
Кога по едно десеттина најави и исто толку извици “Ламбеееее”! “, јас зад сцена веќе му сугерирав на организаторот, Ламбе да пее побрзо, да не чека публика, на што тој не се согласи и упорно ми велеше “Не сега, Ламбе ќе дојде сосема на крај!”
Сѐ уште не можев да ја сфатам тактиката а и да сфатам зошто Ламбе е во стилот “ѕвездите доаѓаат последни” кога ова се неговите соседи, а тие упорно повторуваа ” Ламбеее, Ламбееее”, зар не го гледаат често?
Пред крај на програмата, малку возбудена од исчекувањето го прашав организаторот “Господине Бошко, каде е Ламбе, дојде неговиот ред, тој мора да се качи на бина за завршница на фестивалот”, но  само тивко ми рече : Во Крушево!
-Мора да се шегувате му реков, а немам време, треба да најавувам. Каде е Ламбе веднаш да се качи на сцена.
– Во Крушево, повтори погласно.
-Па како во Крушево? И сега? Јас цела вечер го најавувам, тие цела вечер го довикуваат, што да правам? Како може вака? Зар сега дознавте дека не е тука или знаевте цела ноќ?
-Знаев, Ламбе ми кажа дека годинава ќе биде во Крушево, но ако не го ставев во програма, кој ќе ми дојдеше? И ако на почеток откриевме дека не е тука, сите ќе си заминеа, тие него го очекуваат, зар не гледаш самата, ми рече.
Ми се свртеа ѕвездите пред очи.
-Како ќе се правдам пред публикава, ќе свирка, ќе пропадне еуфоријата, како сега да им кажам? – повторно пробав да му укажам дека е “зафркнато” , на што тој ми одговори дека неговото семејство всушност ја отпочнало целата таа манифестација пред неколку децении, и љубанци тоа многу го почитуваат.
Тогаш јас се досетив, се качив на бина и на сиот глас извикав” А сега, а сегааааааааа најглавното, шлагот на вечерта… А сега, дојдоа минутите за нашиот Ламбе… Сега сите најгласно  да аплаудираме за омилената музичка ѕвезда, кого вие уште утре ќе го сретнете на улиците на Љубојно, ќе го гушнете, ќе си го честитате празникот, а сега ќе ги слушнеме неговите хитови. Но, Ве молам најгласен аплауз, да го поздраваме, тој вечерва пее во Крушево, има обврска кон цела држава, зошто не го сакаме само ние овде, Ламбе го сака цела Македонијаааа! “
Поминав лесно, аплаузите беа громогласни, цеде плеерот си ја зврши работата со неговите песни, ја избришав потта која нагло ми бликна на чело, и останав да се прашувам како Ламбе е ѕвезда во своето место , кога проверената  поговорка за сите вели “Никој не може да биде пророк во своето село”… Пророк, а ни ѕвезда.
Но, Ламбе…
ПАРГО, новинарка и уредничка на “КулАрт”

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.