ОД МОЈ АГОЛ: Така ни раскажуваше Марин Бабиќ…

30

Незаборавниот Марин Бабиќ трагата што ја остави зад себе, ќе остане трајна вредност за сите (сценски) времиња. Да, “Глумците пеат”.

Нема кој не памети каква магија значеше енергијата со која се напојуваше публиката, што во Универзална сала, а понатаму и преку малиот екран, доживувајќи го целиот тој весел креативен сценски гламур и музичка надареност на самите уметници, кои долги години ни пееја и тоа и подобро од самите пејачи. Само небото беше граница, а и тоа го пробиваа, рака на срце.

Најубавата музичко- сценска манифестација што некогаш се случила овде беше квалитетно и достоинствено музичко уметничко шоу во кое сите уживаа. Без ниедна грешка.

За среќа глумците кои со години не пееја вечерва и утревечер повторно ќе запеат, откако ќерките и внукот на Бабиќ наголемо ја оживуваат овој спектакуларна настан.

А нам ни останува пријатна должност, проследена со голема носталгија, што е неизбежно, да ѕирнеме во инбоксот и да видиме што некогаш ни раскажа неповторливиот Бабиќ.


(Фото ФБ профил Глумците пеат)

Па, да ѕирнеме:

-Години не памтам ама со сигурно знам дека соседите во Капиштец се “виновни” што кај мене се разбуди инаетот прилепски. Една вечер пред да тргнам за на претстава еден сосед гледал некоја српска емисија, знам која е- тоа е онаа новогодишна емисија во која глумците од Атеље 212 служат како келнери цел ден и ги забавуваат гостите пеејќи, и ми вели: “Гледај ги бе Марин српскиве глумци пеат растураат а вие ништо”.

Блиску ми беше Драмски и тргнав пеш и по пат се роди идеата да се собереме на сцена и да пееме. Прв ми падна на памет Димче Мешковски. Дојдов во театар и со Дац бидејќи бевме во иста гримиорна му ја раскажав приказната, тој се воодушеви и само рече:

-Супер ги правиме ГЛУМЦИТЕ ПЕАТ!

Така наивно почна, за три месеци направивме сѐ. Идејата се роди во јануари се собравме Дац, Сабина, Таше (Анастас Тановски), Зоран Јовановиќ- Лима и тргнавме во реализација, додуша наивна ама ентузијастичка. Бевме сигурни во себе, работевме ден и ноќ, никој пари не спомнуваше сите беа воодушевени. Дојде 26.03 ден во очи Светскиот ден на Театарот (кој се прославува на 27 Март н.з), завесата се крена, ависото на Чаплин “Светлините на сцената” тргна, Силви и јас се појавивме, кажавме што кажавме и го најавивме Владимир- Дади Ангеловски со “Стариот Пјер” од Ивица Перцл. Дади пееше, ние зад сцена се тресевме, кога Дади заврши и кога пукна експлозијата на аплауз со солзи го дочекавме Дади.

(Фото ФБ профил Глумците пеат)

Таа вечер беше незаборавна бидејќи имаше и транспаренти во сала и сѐ пукаше од позитивна енергија.

Немаше тематски избор на песни секој што сакаше испеа, првите години беше по принципот “Поклони се и почни!” (понатаму низ годините манифестацијата беше тематска н.з.).

Е, дури по петтата година сакавме нејќевме моравме да се надградиме, МТВ снимаше и емитуваше одложена снимка по една недела.

Вежбавме. Пробите се правеа речиси 24 часа. Нешто во Драмски, нешто во студиото М2 во МРТВ.

Плевнеш беше зад синтисајзер.

Пари немаше. Имаше нешто ситно, повеќе трошарина, бидејќи глумците купуваа гардероба и на некој начин тоа им беше компензација.

-Не знаевме како се викаме од среќа и продолживме на коктел во Клубот на пратениците каде покровител беше Бранко Црвенковски. Бранко долги години беше најредовниот гостин и тој првите пет години нѐ подржуваше и финансиски, поточно владата со него на чело.

-А од анегдоти, па онаа со Диме на почетокот. Излезе Диме, ја пееше “Che sara” и почна фалш. Веднаш отрчаа на сцена Бедија и Перихан да му бидат придружни вокали, ама пак не ја биваше. Тогаш ѝ реков на Силви: Силви “трк” на сцена, и бутни му ги твоите женски атрибути в грб, и така го вративме Димо на вистински пат” знаеше, раскажувајќи ни анегдоти, да се пошегува Марин.

-Направивме 13 регуларни, две “партизански”, банкротиравме и толку…!, беше неговиот заклучок, и за жал не дочека да го види продолжението на славната приказна.

Таа сега продолжува онаму каде што запре, во некоја понова своја форма.

Вечер и утревечер (29 и 30 Март 2024) сите патишта ќе водат кон Македонска опера и балет, а таму од 20 часот: нѐ чека спектакл!

Марин, кој никогаш не запеал ништо туку само бил во улога на водител, сигурно овој пат ќе се смешка и ќе аплаудира од некое свое почесно место. Ова е секако негова ноќ, кога Глумците ќе пеат, затоа што реши(л), ги направи(л) и ги остави во траен аманет, да бидат вознесувачка сценска енергија и славје во име на уметноста и добрата забава.

А уметноста, без да ја нахрани душата со забава и веселие, не би била биде тоа за што е: создадена заеднички од човекот и од Боговите!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго,

колумнистка и уредничка во КулАрт

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.