ОД МОЈ АГОЛ: Народ кој сам си го пресекол сонот сладок…

98
 Да се седне да се прави интервју со наши славни музичари од “југословенско време”, по само пет минути од средбата ќе се дојде до заклучок дека вие тука може роман да напишете. Нивната историја, начин на кој се пробивале, пречки, сопки, дискриминација, условеност, нивната борба за докажување, нималку не била лесна, едноставна и брза- не била “песна” !
Да не зборувам за тоа дека мегдан од 24 милиони луѓе во кои многу таленти, не трпи импровизација и дека се знае дека таму преовладувала победа на квалитетот над трикови и измами.
Затоа тие песни и ремек дела од тогаш се нешто што и ден денес се слушат од сите генерации и се одушевуваме на нивната генијалност.
Но, понатаму, на следното ниво од разговорот, нема ниеден од тие наши живи легенди, кои прво нема да ти рече со носталгија и тага – “ќе постигнев многу повеќе, но услов беше да се снима на српско- хрватски, за цела Југославија да те разбере, и за да склучи договор со тие продукции како ПГП РТБ и Кроација рекордс” , не можело на македонски. Тие тргнувале од пазарната логика дека на тој начин им се стеснува заработката и пазарот и се сведува на само 2 милиони. Додека пак голем број од музичарите тргнувале од својата гордост за свој јазик, “а мене не ми се пееше на српско-хрватски” ќе додаде музичарот и така настанал еден “чвор” кој не било лесно да се реши.
Сонот на целата таа музичко уметничка фела се остварил кога со осамостојувањето на Република  Македонија, во 1991 година, се даде можност сите тие безусловно да снимаат на свој јазик без условување и да се докажуваат на свое поле, и најдобрите од нив (впрочем, тогаш само за такви имаше место) послободно да снимаат и издаваат официјално преку Музичко касета продукција на МРТВ. Тоа беше знак дека приемниот испит го положиле успешно и одат напред. Самото потпишување на договор со оваа институција, те сместуваше во орбитата на музички славни и сакани, обожавани дејци.
Но, како што обично бива со “неспретни” и збунети, полакомени луѓе, кога ќе добијат подарок не знаат што со него…така и: сонот набрзо си го пресекле самите тие,  разбудувајќи се  во кошмар, кој порано, кој подоцна.
Музичко касета продукција ја снема преку ноќ, за само неколку години од осамостојувањето, а приватни студија во подруми никнаа како печурки по дожд. Среќни, триејќи раце, дека сега, добивката од музичката ќе оди само кај нив, а не кај државата. Ја надитриле. Иако старо правило е дека никој не е над државата, никој не смее да си игра со држава и никој не е попаметен од државата. Џиш!
Не, нема да шпекулирам тука сега со имиња за кого точно се посочува дека ја има главната вина, ами ќе речам – некако  виновна е самата фела. Виновна, затоа што дозволи да дојде до тоа, по долги децении борба за комотно пеење на свој мајчин јазик, и на свое тло, уште повиновна што никогаш две децении наназад не го постави прашањето јасно и гласно “зошто ја нема и не функционира Музичката и касетна продукција на МРТВ, кога толку насушно ни е потребна?!”.
 Можеби доцна, со штети, но треба да се праша. Зашто, со неа ќе ги врзевме, се разбира, збор да нема, најдобрите, најталентирани и најквалитетни музичари, автори, изведувачи, образовани, “исшлифувани”, стабилни, со професионална гордост и непоткупливост. Ќе направеа јак сојуз и голема сила од спојот на своите умешности. Нивниот труд ќе беше најпрофесионално обработен и промовиран во јавност, ќе немаше место за монопол и “измислена ѕвезда ” (најчесто мафијашки поддршка ) и најважно, ќе немаше некој  квалитетен и добар да остане со празен стомак, очи полни со солзи, а глас на славеј…
ЗА, народ без своја официјална музичка и касета продукција – не  бидува!
А за приватните студија, тука не се мешаме. Тоа си е приватна работа. Како си решиле да си отворат, така нека си се снаоѓаат, каков квалитет вадат, колку работаат-нивно си е, пазарот е широко поле, нека си понудат што си имаат. Е, единствено може да им се замешаме доколку не биле одговорни и исправни  во поставување на критериуми, незаконско лобирање, уценување, злосторничко здружување, нелојална конкуренција, неплаќање кон државата на сите потребни давачки, без криење и прикривање, неплаќање даноци, и не само што ќе им се замешаме, туку ќе си побараме веднаш да исплатат се што должат, а ако треба и да понесат одговорност. Затоа што, тоа што  го споменав пред малку веќе не е музика, туку е криминал, и тука треба да се за мешаат Антикорупциска комисија и Основно јавно обвинителство, кои ја преставуваат  државата.
А државата, никој никогаш не успеал да ја наидтри, вели тоа златно старо правило!
Валентина Ѓоргиевска Парго 
Авторката е независен новинар и уредник на Порталот за култура  “Куларт” 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.